Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 23. октомври 2021.

Растење во слога

„Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање” (Дела 15:6).

„Централниот ѕид на поделбата меѓу Евреите и незнабошците бил срушен. Тие повеќе не биле во посебни одделенија; неверниот незнабожец се обединил со верниот Евреин. Незнабожецот не ги протерал Евреите од нивната првобитна положба, туку станал учесник во нивните благослови. На овој начин Христовата мисија била исполнета”. ¬– The Signs of the Times, August 25, 1887.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апост., 160–165, 188-200. 

Недела 17. октомври

1. ИСПРАТЕН НА ЗАДАЧА

а. Откако Павле и Варнава поминале една година во Антиохија, како локалната црква официјално го признала нивниот повик – храбрејќи ги да одат во нови полиња? Дела 13:1-3. На што треба да нè научи ова?

„Бог богато ги благословил напорите на Павле и Варнава во текот на годината што ја поминале со верниците во Антиохија. Меѓутоа, ниту еден од нив уште формално не бил именуван за служба на евангелието...

Пред да бидат пратени како мисионери во незнабожечкиот свет, тие апостоли со пост, со молитва и со ракополагање, на посебен начин му биле посветени на Бога”. ¬– Делата на апостолите, 160,161.

„Одете од место до место, основајте црква по црква. Оние што се определиле за вистината треба да бидат организирани во собранија, а проповедникот потоа да оди во полињата што се исто толку важни.

Штом се организира црква, проповедникот нека ги упати членовите во работата. Новоформираните цркви треба да се обучат. Проповедникот треба да посвети повеќе време на таквата обука отколку на држење на проповеди. Тој треба да ги научи членовите како да го прошират знаењето за вистината“. – Pacific Union Recorder, April 24, 1902.


Понеделник 18. октомври

2. ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ИСКУСТВА И СОВЕТУВАЊЕ

а. Што можеле да посведочат Павле и Варнава за нивните мисионерски напори? Дела 14:27. Како ние денес треба да копнееме за такво искуство? Захарија 10:1.

„Да вложиме одлучни напори да се отворат нови полиња на север и југ, исток и запад”. ¬– Evangelism, pp. 19,20.

„Нашите проповедници не треба да лебдат над црквите, сметајќи ги црквите во некое одредено место за предмет на своја посебна грижа. Исто така, нашите цркви не треба да се чувствуваат запоставени и да бидат незадоволни ако не добијат некого од проповедничкиот позив. Нејзините членови треба да го преземат товарот на себе и да работат најревносно за душите. Верниците треба во себе да имаат корен, цврст корен втемелен во Христа, за да можат да вродат со плод во Негова слава. Заедно тие треба да постигнат една цел - спасение на душите.

Секој што ја познава вистината, треба да го сподели тоа знаење со другите. Сега треба да ги обучиме луѓето и да ги испратиме на работа, оспособувајќи ги со секоја вештина за ширење на вистината. Денес се соочуваме со голем недостаток на работници. Десетици мажи и жени би можеле да бидат испратени на работа“. – Australasian Union Conference Record, August 1, 1902.

„Наскоро ќе помине времето за работа. Кој не сака да земе учество во овој завршен дел? Секој може да направи нешто”. ¬– Historical Sketches, p. 173.

б. Опишете го предизвикот со кој се во еден момент се соочиле Варнава и Павле и нивниот одговор на истиот. Дела 15:1,2; Галатјаните 2:1-5.

„Павле... овде ја опишува посетата што ја направил во Ерусалим за да се расправи и утврди едно важно прашање кое тогаш ги потресувало црквите во Галатија - дали и незнабошците мора да се обрезуваат и да го држат церемонијалниот закон”. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1108.

в. Што разгледало генералното собрание на верниците и каков пример тоа остава за нас? Дела 15:4-6.

„Браќата треба меѓусебно да се советуваат, бидејќи во сите делови на Божјото лозје ние сме еднакво под Негова власт“. – 8 Сведоштво, 232.


Вторник 19. октомври

3. СРЕДБА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ НА БОЖЈАТА ВОЛЈА

а. Во која насока се одвивало генералното собрание на верниците и што било одлучено? Галатјаните 2:7-10; Дела 15:7-14,19,20.

„(Прашањето за обрезување за време на посетата на Павле на Ерусалим) било единственото прашање во кое неговата позиција се разликувала од позицијата на другите апостоли кои биле постари од него. Тој сакал прво лично да поразговара со водечките апостоли, во потесен круг. Во тој разговор, тој работата во целосна смисла им ја претставил на Петар, Јаков и Јован. Со далекусежна мудрост, тој заклучил дека ако овие луѓе бидат наведени да заземат вистинска позиција - сè ќе биде придобиено. Ако веднаш го изнел ова прашање пред целиот совет, ќе имаше поделба на чувствата. Силните предрасуди, кои веќе постоеле затоа што тој не го спроведувал обрезувањето врз незнабошците, ќе наведат мнозина да заземат став против него. Така, целта на неговата посета би била осуетена, а неговата корисност во голема мера попречена. Меѓутоа, тројцата водечки апостоли, против кои не постоела таква предрасуда, откако самите биле придобиени за вистинската позиција, ја изнеле работата пред советот и добиле согласност од сите во одлуката за ослободување на незнабошците од обврските на церемонијалниот закон”. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1108.

б. Каков одговор потоа бил испратен назад во Антиохија? Дела 15:22-31.

в. Зошто сите верници треба да бидат внимателни додека со молитва ги проучуваат и ги споделуваат со другите вистините од Божјата Реч? 1. Петрово 3:15; 2. Тимотеј 2:15; 4:2-4.

„Во сите времиња, непријателот ги приспособува своите искушенија кон предрасудите и склоностите на луѓето. Во времето на апостолите, тој ги навел Евреите да го воздигаат церемонијалниот закон, а да го отфрлат Христа; денес тој поттикнува мнозина кои тврдат дека се христијани, под изговор дека му указуваат чест на Христа, да го презираат моралниот закон и да учат дека тој може неказнето да се престапува. Должност на секој верен Божји слуга е да застане цврсто и одлучно против оние кои на овој начин ја изопачуваат верата и бестрашно да ги разоткрие нивните заблуди со зборот на вистината“. – Sketches From the Life of Paul, p. 192.


Среда 20. октомври

4. НАПРЕДУВАЊЕ ВО ЗНАЕЊЕ

а. Што се случило кога Петар (доаѓајќи од Ерусалим, каде што требало да го решава проблемот со Евреите и нивните предрасуди) ја посетил Антиохија? Галатјаните 2:11-13.

„Ерусалим бил метропола на еврејството и тука се покажувала најголема исклучивост и ограниченост. Христијаните од еврејско потекло, кои живееле во близина на храмот, во своите мисли сосем природно се враќале на предимствата што ги уживале Евреите како посебен народ. Кога виделе дека христијанската црква ги напушта церемониите и традициите на еврејството и кога сфатиле дека во светлината на новата вера набргу ќе се загуби од вид неповредливоста на еврејските обичаи, мнозина биле незадоволни од Павле, сметајќи дека тој во голема мера придонел за таа промена. Дури ни сите ученици не биле подготвени доброволно да ги прифатат одлуките на овој собор. Некои ревнувале за церемонијалниот закон и негодувале против Павле, бидејќи сметале дека неговите начела во врска со задолжителноста на еврејскиот закон се премногу либерални.

Меѓутоа, значењето и далекусежните одлуки на соборот внеле доверба во редовите на верниците од незнабожечко потекло и Божјото дело напредувало...

Подоцна, кога ја посетил Антиохија, со својот внимателен однос кон верните од незнабоштво, Петар ја задобил довербата на многу верници. Извесно време постапувал според светлината што му била дадена од небото. Во толкава мера ги совладал своите природни предрасуди, што седел на заедничка трпеза со обратениците од незнабоштво. Меѓутоа, кога дошле некои Евреи од Ерусалим, кои ревнувале за обредниот закон, Петар несмасно го променил своето однесување кон обратениците од незнабоштво. Некои Евреи ‘со него се двоеја ... така што нивното лицемерство го заведе и Варнава’. Тој знак на слабост кај оние што биле сакани и почитувани како водачи оставил мошне мачен впечаток врз душите на верниците од незнабожечко потекло. На црквата ѝ се заканила опасност од отворен расцеп”. ¬– Делата на апостолите, 197,198.

б. Како Павле го решил овој проблем? Галатјаните 2:14.

„Но Павле, гледајќи дека штетата што ѝ ја нанела на црквата дволичноста на Петар врши разурнувачко влијание, отворено го укорил Петар што ги покрива своите вистински чувства”. ¬– Делата на апостолите,198.


Четврток 21. октомври

5. ПОУКА ЗА СИТЕ

а. Што треба да научиме од начинот на кој Петар го прифатил укорот на Павле и зошто корекцијата била направено јавно? Псалм 141:5; Изреки 27:5.

„Во Антиохија, Петар погрешил во начелото на чесност и интегритет. Павле морал да се спротивстави на неговото деструктивно влијание лице в лице. Ова е забележано за доброто на другите и претставува сериозно предупредување за луѓето на високи позиции да не ја жртвуваат чесноста, туку цврсто да се држат до начелата...

Нека Бог му даде на секој човек чувство на своја лична беспомошност да го насочи својот брод право и безбедно во пристаништето. Потребна ни е Христовата благодат секој ден. Само Неговата благодат, која не може да се спореди со ништо, може да нè спаси да не грешиме”. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, pp. 1108, 1109.

„Петар ја увидел заблудата во која паднал и веднаш, колку што било тоа во негова моќ, настојувал да го отстрани ова нанесено зло. Бог, кој од почеток го знае крајот, дозволил да се покаже таа слабост во карактерот на Петар со цел проверениот апостол да увиди дека во него нема ништо со што би можел да се пофали. Дури и најдобрите луѓе, ако се препуштени сами на себе, прават грешки во расудувањето. Бог исто така видел дека во свое време некои ќе бидат во толкава мера заведени, што на Петар и на неговите божемни наследници ќе им припишуваат возвишеност и прерогативи што му припаѓаат исклучиво на Бога. И тој запис за слабоста на апостолот останува како доказ за неговата погрешност и за фактот дека тој во никој случај не бил над другите апостоли...

Колку поголеми одговорности му се доверени на едно човечко орудие, колку е поголема неговата положба и можноста да заповеда и да контролира, толку поголеми штети ќе направи ако не се придржува внимателно кон Господовиот пат и ако не постапува сообразно со одлуките усвоени на соборот на верниците на црквата”. ¬– Делата на апостолите, 198,199.


Петок 22. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да научиме од навидум краткото време кое Павле го поминал во Антиохија?

2. Зошто Бог го советува својот народ понекогаш да се собира, а понекогаш и да се расејува?

3. Што можам да научам кога советот на верници за некоја работа носи одлука спротивна на моите очекувања?

4. Како можам да паднам во истата стапица како и Петар?

5. Што треба да имам на ум ако ме укоруваат како Петар, дури и ако тоа се случува јавно?

 <<    >>