Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 13. ноември 2021.

Завет на милост

„Така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата” (Галатјаните 3:14).

„Пред да бидат поставени темелите на земјата, бил склучен завет дека сите што се послушни, сите кои користејќи се со изобилството на благодатта ќе изградат свет карактер и ќе бидат без недостатоци пред Бога, можат прифаќајќи ја таа благодат да станат Божји деца. Овој завет, склучен од вечноста, му бил даден на Аврам стотици години пред Христовото доаѓање”. – Fun¬damentals of Christian Education, p. 403.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 363-373. 

Недела 7. ноември

1. ХРИСТОС ВО ВРЕМЕТО НА ПАТРИЈАРСИТЕ

а. Обраќајќи им се на Галатите кои биле под влијание на Евреите, како Павле ја прикажал врската помеѓу Авраам - кого сите Евреи го сметале за свој татко по потекло - и Христос? Галатјаните 3:6-8.

„Во сите тие откровенија на божественото присуство се покажувала Божјата слава преку Исуса Христа. ‘Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос’ (2. Коринтјаните 5:19). Христос бил темел и центар на целокупниот жртвен систем како во времето на патријарсите така и во еврејскиот период. Од падот на нашите први родители во грев, Бог не комуницирал веќе непосредно со луѓето. Отецот светот го предал во Христови раце со цел Тој со своето посредување да ги искупи луѓето и да го оправда авторитетот и светоста на Божјиот закон. Секоја комуникација меѓу небото и паднатиот човечки род се одвивала само преку Христа”. – Патријарси и пророци, 366.

б. Кои се оние што се благословени за разлика од проколнатите? Галатјаните 3:9,10.


Понеделник 8. ноември

2. ХРИСТОС И ДВАТА ЗАКОНА

а. Објаснете ја врската помеѓу Христос и Неговиот вечен морален закон - Десетте заповеди. Исаија 42:21; Галатјаните 3:11-14.

„Божјиот закон постоел пред да се создаде човекот. Тој бил прилагоден на состојбата во која се наоѓале светите суштества; дури и ангелите се управувале според него. По падот, принципите на правдата останале непроменети. Ништо не се одзема од законот; ниту еден од неговите свети прописи не може да се подобри. И како што постоел од почетокот, така ќе продолжи да постои низ бескрајните времиња на вечноста...

Со овој закон, кој управува со ангелите, кој бара чистота и во најскриените мисли, желби и склоности, и кој е ‘утврден засекогаш’ (Псалм 111:8), ќе му се суди на целиот свет на Божјиот ден кој бргу се приближува”. – Selected Messages, bk. 1, p. 220.

„Христос и Отецот, стоејќи еден до друг на планината, со свечена величественост ги објавиле Десетте заповеди”. – Evangelism, p. 616.

„Кога Божјиот закон би можел да биде изменет или укинат, тогаш Христос не би морал да ги поднесува последиците од нашите престапи. Тој дошол да го објасни односот на законот кон човекот и да ги прикаже неговите прописи со Својот сопствен живот на послушност”. – Копнежот на вековите, 307,308.

б. Објаснете го контрастот кога е во прашање церемонијалниот закон кој укажува на жртвеното Јагне Божјо. Евреите 9:27,28 (прв дел); 10:1,4-10.

„Било дадено ветување за доаѓање на Спасителот и воведен е жртвен систем кој однапред укажувал на Христовата смрт како голема жртва за гревовите на светот. Меѓутоа, кога Божјиот закон никогаш не би бил престапен, не би имало смрт ниту потреба да се ветува Спасител, и воопшто не би било потребно да се принесуваат жртви”. – Патријарси и пророци, 363.

„Има многу луѓе кои се обидуваат да ги мешаат тие два система. Тие наведуваат стихови што зборуваат за церемонијалниот закон за да докажат дека моралниот закон е укинат. Но тоа е погрешно толкување на Светото писмо. Разликата меѓу овие два система е голема и јасна. Церемонијалниот систем се состоел од симболи кои укажувале на Христа, на неговата жртва и на неговата служба како свештеник. Тој ритуален закон со своите жртви и прописи, Евреите требало да го применуваат сè додека симболите не се исполниле во смртта на Исуса Христа - Божјото јагне - кое ‘ги зема гревовите на светот’. Тогаш сите жртвени приноси требало да престанат. – Патријарси и пророци, 365.


Вторник 9. ноември

3. МИЛОСТ

а. Кога за прв пат заветот на милоста станал неопходен, а веднаш потоа и воспоставен, укажувајќи на Спасителот кој ќе дојде? Создавање 3:9-11,14,15,21.

„Веднаш штом се појавил гревот, се појавил и Спасителот”. – Копнежот на вековите, 210.

„Заветот на милоста првпат е склучен со човекот во Едем, по сторениот грев, кога е дадено божествено ветување дека семето на жената ќе ѝ стапне на змијата на главата. Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон. На тоа патријарсите ја засновале својата надеж во врска со спасението”. – Патријарси и пророци, 370.

б. Како бил обновен овој завет со Авраам и кога бил ратификуван? Создавање 22:18; Галатјаните 3:14-18.

„Аврам... од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност. Заветот склучен со Аврама исто така ја поддржувал важноста на авторитетот на Божјиот закон. Господ му се јавил на Аврама велејќи: ‘Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен’ (Создавање 17:1). Божјото сведоштво за неговиот верен слуга гласело: ‘Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои’ (Создавање 26:5). А нему Бог му рекол: ‘И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам завет вечен, и ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе’ (Создавање 17:7).

Иако тој завет бил склучен со Адама и обновен со Аврама, сепак не можел да биде потврден сѐ до Христовата смрт. Според Божјото ветување, заветот постоел откако било дадено првото навестување за откуп; бил прифатен со вера; сепак, откако е потврден од Христова страна, се вика нов завет. Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон”. – Патријарси и пророци, 370,371.


Среда 10. ноември

4. ДВА ЗАВЕТА

а. Кој завет се нарекува „стар“ завет, кој го прекршил, и зошто не може да му се верува? Излез 24:6-8; 32:1,31.

„Друг договор - во Библијата наречен ‘стар’ завет - е склучен на Синај меѓу Бога и израелскиот народ и потоа потврден со крв на жртви...

Израелскиот народ за време на своето робување во голема мера го загубил поимот за Бога и за начелата на аврамовскиот завет.

Бидејќи живееле среде идолопоклонство и расипаност, тие немале вистинска претстава за Божјата светост, за тежината на грешноста на сопственото срце, за целосната неспособност само со своја сила да му се потчинуваат на Божјиот закон. А и не чувствувале колку им бил потребен Спасителот. На сето тоа требало да се научат.

Бог ги довел под Синајската гора и им ја открил својата слава. Тука им го дал својот закон и, под услов да бидат послушни, им ветил големи благослови: ‘Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој... ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ’ (Излез 19:5,6). Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ,„да ја утврдат својата правда”, изјавиле: ‘Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’ (Излез 24:7). Тие присуствувале при објавувањето на законот во величественост што бара најдлабока страхопочит и стоеле под гората тресејќи се од страв, а сепак, само по неколку седмици го раскинале својот завет со Бога и се клањале пред делкан кип. Не можеле веќе да се надеваат на Божја милост врз основа на заветот што го раскинале”. – Патријарси и пророци, 371,372.

б. Како Господ милостиво го обновил првичниот завет даден на Авраам, нарекувајќи го „нов“ завет? Еремија 31:33,34; Псалм 40:8.

„Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух ги врежал на плочите на срцето. Наместо нашето јалово настојување да ‘утврдиме’ некоја своја правда, ние треба да ја прифатиме Христовата праведност. Неговата крв е средство за измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух донесува ‘духовен плод’. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што живеел Тој”. – Патријарси и пророци, 372.


Четврток 11. ноември

5. ХРИСТОС СЈАЕ ОДВНАТРЕ

а. Како Новиот Завет го објаснува истиот завет на милоста кој ни се нуди и нам денес? Евреите 8:10-13; Јаков 2:18-23.

„Авраам му верувал на Бога. Како знаеме дека тој верувал? Неговите дела сведочат за карактерот на неговата вера, а неговата вера му се смета за праведност.

Денес ни е потребна верата на Авраам, за да ја осветли темнината што се собира околу нас, прикривајќи ја прекрасната светлина на Божјата љубов и задушувајќи го нашиот духовен раст. Нашата вера треба да изобилува со добри дела, зашто верата без дела е мртва. Секоја извршена должност, секоја жртва направена во името на Исус, носи исклучително голема награда. Во исполнувањето на самата должност, Бог ни зборува и ни го дава својот благослов”. – Reflecting Christ, p. 79.

„Преобразувачката сила на Христовата благодат го преобразува човекот кој ќе се посвети на Божјата служба. Исполнет со Духот на Откупителот, тој е подготвен да се откаже од себе, подготвен да го понесе крстот, подготвен на секаква жртва за Учителот. Тој повеќе не може да биде рамнодушен кон душите кои пропаѓаат околу Него. Тој е воздигнат над служењето на себеси. Тој станал нов човек во Христа и во Неговиот живот нема веќе место за самослужење...

Дали толку длабоко ја цените жртвата направена на Голгота, за да ги потчините сите свои интереси на делото на спасување на душите? Истата силна желба за спасување на грешниците која го карактеризирала животот на Спасителот треба да го карактеризира и животот на Неговиот вистински следбеник. Христијанинот не копнее да живее за себе. Тој наоѓа задоволство во сè што има и сè што е да го посвети во служба на Господа. Него го поттикнува неискажана желба да придобива души за Христа. Оние што не чувствуваат ваква желба, подобро нека се загрижат за своето сопствено спасение. Тие нека се молат за дух на служба”. – 7 Сведоштво, 10.


Петок 12. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каде бил Христос во времето на Стариот Завет?

2. Која е разликата помеѓу моралните и церемонијалните закони?

3. Колку долго постои Новиот Завет и зошто се нарекува „нов“?

4. На кој начин ни е овозможено да го држиме моралниот закон на светиот Бог?

5. Што ќе му објасните на некој што ве обвинува дека сте „под закон“?

 <<    >>