Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 16. октомври 2021.

Напред кон Антиохија

„И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам далеку - кај незнабошците“ (Дела 22:21).

„Колкумина се оние кои се прифаќаат за работа кога ќе ја сфатат опасноста во која се наоѓаат грешниците? Колкумина се оние кои се залагаат за луѓето кои се во опасност, приведувајќи ги кон Бога во молитва, преколнувајќи го Него да ги спаси“. – 6 Сведоштво, 413.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апост., 128-130, 155-159. 

Недела 10. октомври

1. РЕВЕН ДА ГО СПОДЕЛИ ИСКУСТВОТОТО НА СВОЕТО ПРЕОБРАТУВАЊЕ

а. Какво искуство имал Павле кога се вратил во Дамаск? Дела 9:22-25.

„Евреите не можеле да се спротивстават на мудроста и доказите, (на Павле), па затоа заедно се советувале да го замолчат неговиот глас со сила. Тоа бил нивниот единствен начин да го решат проблемот што им излегувал од контрола. Тие одлучиле да го убијат. Но, апостолот бил запознаен со нивната намера. Градските порти биле внимателно и будно чувани дење и ноќе, со цел да го спречат неговото бегство. Загрижени, учениците се свртеле кон Бога во молитва. Малку спиеле затоа што биле зафатени со смислување начини и средства за да му овозможат на избраниот апостол да избега. Конечно смислиле план да го спуштат навечер низ прозорецот во кошница преку ѕидот. На овој понижувачки начин, Павле избегал од Дамаск“. – The Story of Redemption, p. 276.

б. Каде отишол потоа и зошто? Галатјаните 1:18.

„(Павле) потоа го продолжи своето патување за Ерусалим во желба да се запознае со апостолите, особено со Петар. Тој копнеел да го запознае галилејскиот рибар кој живеел, се молел и разговарал со Исус додека бил на земјата“. – The Story of Redemption, p. 276.


Понеделник 11. октомври

2. НЕВООБИЧАЕН ПРИЕМ

а. Објаснете го долгоочекуваното запознавање на Павле со учениците. Дела 9:26-28.

„(Павле) се обидел да им се придружи на своите браќа, Христовите ученици; но тој бил болно разочаран кога видел дека тие не го прифаќаат како еден од нивните членови. Тие се сеќавале на прогонот што го организирал порано и мислеле дека на овој начин ги измамува за да ги уништи. Вистина, тие слушнале за неговото чудесно преобраќање, но тој веднаш после тоа се повлекол во Арабија, и бидејќи не слушнале ништо повеќе за него, немале доверба во гласовите за неговата голема промена.

Варнава, кој великодушно ги поделил своите средства за да го помага Христовото дело и да ги ублажи потребите на сиромашните, го познавал Павле дури и кога им се противел на верниците. Сега му пристапил на Павле, го обновил своето познанство со него и го слушнал неговото сведоштво во врска со неговото чудесно преобраќање и неговите доживувања од тоа време. Тој целосно му поверувал на Павле, го фатил за рака и лично го довел пред апостолите. Тој им ги кажал неговите искуства кои штотуку ги сознал: како Исус лично му се појавил на пат за Дамаск, како разговарал со него, како Павле повторно прогледал на молитвата на Ананија и како потоа тврдел по синагогите во Дамаск дека Исус навистина е син Божји.

Апостолите повеќе не се воздржувале, не можеле да се спротивставуваат на Бога. Петар и Јаков, кои во таа прилика биле единствените апостоли што биле во Ерусалим, ја подале десната рака на Заедницата на поранешниот жесток прогонител на нивната вера и го примиле во членство; сега бил почитуван и сакан исто толку колку што некогаш се плашеле и го избегнувале.“ – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, pp. 1058, 1059

б. Како бил прифатен Павле од другите жители на Ерусалим? Дела 9:29.

„Павле бил уверен дека тие учители во Израел, со кои некогаш многу добро се сложувал, се исто толку искрени и чесни колку и тој. Но погрешно го проценил духот на своите еврејски браќа и горко се разочарал во надежта дека бргу ќе ги преобрати...

Неговото срце се исполнило со тага. Радо би го дал својот живот кога со тоа би можел некого да го упати на вистината“. – Делата на апостолите, 129.


Вторник 12. октомври

3. ВРЕМЕ ЗА ПОКРЕТ

а. Што му рекол Господ на Павле во визијата во Ерусалим? Дела 22:17-21.

„Павле... се двоумел да го напушти Ерусалим без да ги увери тврдоглавите Евреи за вистинитоста на неговата вера. Мислел дека дури и да го жртвува својот живот за вистината, тоа нема да биде ништо повеќе туку само ослободување од застрашувачкиот товар што го оптоварувал поради смртта на Стефан... Но, одговорот бил поодлучен од порано: ‘Оди! Јас те праќам далеку - кај незнабошците’.

Кога браќата слушнале за визијата на Павле и Божјата грижа за него, нивната загриженост за него се зголемила. Тие сфатиле дека тој е навистина од Бога избрано орудие за да им ја донесе вистината на незнабошците. Побрзале да го изведат тајно од Ерусалим од страв Евреите да не го убијат”. – The Story of Redemption, pp. 279, 280.

б. Што пишувал Павле за ограниченото време што го поминал со учениците, и каква била последицата од горенаведената ситуација? Галатјаните 1:19,20,22.

в. Како Бог се грижел за Павле додека го подготвувал патот за развој на црквите во Јудеја, Галилеја и Самарија? Галатјаните 1:21; Дела 9:30,31.

г. Опишете ја историјата на подемот и напредокот на црквата во Антиохија, трговскиот центар на Сирија. Дела 11:19-26 (прв дел).

„Во густо населениот град Антиохија Павле нашол одлично поле за работа. Неговата ученост, мудрост и ревност имале силно влијание врз жителите и посетителите на тој центар на културата, и Павле бил во состојба да му ја укаже токму онаа помош која на Варнава му била толку потребна”. – Делата на апостолите, 156.

„Бог дал налог избрани, посветени и талентирани работници да престојуваат во големите центри и да го предводат Божјото дело, а исто така Божја намера е и верниците на црквата, кои живеат во тие градови, да ги користат своите од Бога дадени способности, залагајќи се за спасение на душите”. – Делата на апостолите, 158.


Среда 13. октомври

4. ЦРКВАТА ВО АНТИОХИЈА

а. Која била карактеристиката на црквата во Антиохија? Дела 11:26 (последен дел).

„Во Антиохија учениците првпат се наречени ‘христијани’. Тој прекар им е даден затоа што Христос бил главна тема на нивното проповедање, учење и разговор. Тие постојано ги прераскажувале настаните што се одиграле за време на земната служба на Спасителот, кога учениците биле почестени со неговото лично присуство. Тие неуморно ја изнесувале Неговата наука и неговите чудотворни исцелувања. Со треперливи усни и со насолзени очи зборувале за Христовите маки во Гетсиманија, за предавството, за судењето и погубувањето, за трпението и понизноста при поднесувањето на подбивите и маките на кои го изложувале неговите непријатели и за неговото божествено сожалување покажано во молитвата за оние што го распнувале. Христовото воскресение и вознесение, неговото посредничко дело на небото за паднатиот човек - тоа било предмет за кој тие со радост зборувале. Незнабошците навистина можеле да ги нарекуваат христијани, зашто го проповедале Христа и во негово име му упатувале молитви на Бога.

Бог бил тој кој им го дал името ‘христијани’. Тоа е царско име дадено на сите што ќе му се придружат на Христа“. – Делата на апостолите, 157.

б. Како Библијата ни открива дека називот „христијанин“ е симбол на укажана чест? Јаков 2:7; 1 Петрово 4:16,14.

в. Бидејќи живееме во свет каде што неверниците го сочинуваат мнозинството, како можеме да бидеме вдахновени од искуството на првите ученици? Дела 4:13.

„Живеејќи среде народ кој не се осврнувал многу на она што има вечна вредност, тие се труделе да го привлечат вниманието на искрените срца и јасно да сведочат за Оној кого го сакале и на кого му служеле. Во својата понизна служба тие научиле да се потпираат врз силата на Светиот Дух, Тој речта на животот да ја стори делотворна. И така во разни животни околности секојдневно сведочеле за својата врска во Христа“. – Делата на апостолите, 158.


Четврток 14. октомври

5. ПРОСЛАВУВАЊЕ НА БОГА

а. Како можеме да бидеме охрабрени и мотивирани од извештајот што го примиле црквите во Јудеја во врска со Павловото дело? Галатјаните 1:23,24.

„Апостол Павле вели за раната црква: ‘И Го прославуваа Бога за мене’ (Галатјаните 1:24). Зар не треба и ние да настојуваме да живееме така што и за нас ќе може да се каже истото? Господ ќе пронајде патишта и начини за оние кои ќе го бараат со сето свое срце. Тој сака да го при знаеме божественото врвно раководење кое се покажува во подготвување на полиња за работа и подготвувајќи го патот за тие полиња да бидат успешно работени.

Проповедниците и евангелистите треба често сесрдно да се молат со оние кои се уверени во вистината. Имајте на ум дека Христос е се когаш со вас. Господ е подготвен со најдрагоцено манифестирање на Својата благодат да го охрабри искрениот, понизен работник. Пренесувајте ја на други светлината со која Бог ве осветлил. Оние кои работат така, Му принесуваат на Господа најдрагоцен дар. Срцата на оние кои донесуваат добра вест на спасение светлат со дух на пофалба“. – 6 Сведоштво, 413.

„Денес на Божјото дело му се потребни живи претставници на библиската вистина. Ракоположените проповедници не се во состојба сами да им ја објават веста со опомена на жителите на големите градови. Бог ги повикува не само проповедниците, туку и лекарите, болничарите, колпортерите, библиските работници и сите други предани верници со разновидни таленти и способности, сите што ја познаваат Божјата реч, и на кои им е позната силата на Неговата милост, да мислат на неопоменатите градови. Времето бргу минува и мора да се свршат уште многу работи. Мора да се активира секоја движечка сила мудро да се искористат сегашните можности“. – Делата на апостолите, 158.


Петок 15. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да научам од причините на Павле за преселување од едно на друго место?

2. Во мојата сфера на влијание, како можам да бидам повеќе сличен на она што бил Варнава за Павле?

3. Што можам да направам за да и помогнам на мојата локална црква да заблеска како онаа во Антиохија?

4. Читајќи го излагањето на Павле во Галатјаните 1:11-24, на што треба да обрнам внимание, имајќи го предвид фактот дека тој не мрморел ниту се жалел за сите маки низ кои поминал?

5. Што би можело да дозволам да ме спречи да го прославам Бога поцелосно?

 <<    >>