Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 11. декември 2021.

Тело наспроти Духот

„Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите” (Галатјаните 5:24).

„Условите за спасение дадени во Библијата се разбирливи, јасни и позитивни, бидејќи се во совршена согласност со Божјата волја во поглед на чистотата на срцето и животот. Сопственото ‘јас’ и сите телесни желби мораме да ги распнеме. Мораме да се очистиме од секоја нечистотија на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв”. – 1 Сведоштво, 440.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   2 Сведоштво, 133-136. 

Недела 5. декември

1. БОРБА

а. Опишете ја борбата на природното човечко срце кое има потреба од ослободување од осудата со целосно, постојано предавање на Христа. Галатјаните 5:17,18.

„Нашата љубов кон Христа ќе биде пропорционална со длабочината на нашето убедување за гревот, а познавањето на гревот доаѓа преку законот. Гледајќи се себеси какви што сме, да го свртиме погледот кон Исуса, кој се даде Себеси за нас, за да нè откупи од секакво беззаконие. Со вера искористете ги предностите на Христовите заслуги и нашите души ќе бидат исчистени со Неговата крв. Колку појасно ги гледаме злата и опасностите на кои сме изложени, толку повеќе ќе бидеме благодарни за спасението преку Христа. Христовото евангелие не им дава дозвола на луѓето да го кршат законот, бидејќи преку престапот се отворени портите на несреќите врз нашиот свет”. – Faith and Works, p. 96.

„Посветувањето е секојдневна работа. Никој да не се лаже со верувањето дека Бог ќе ги прости и благослови оние кои газат една од Неговите заповеди. Доброволното попуштање на еден познат грев го стишува сведоштвото на Духот и ја одвојува душата од Бога. Какво и да е восхитувањето од религиозната воодушевеност, Исус не може да живее во срцето кое не го почитува Божјиот закон. Бог ќе ги почитува само оние кои Го почитуваат Него”. – Посветен живот, 92.


Понеделник 6. декември

2. ДЕЛАТА НА ТЕЛОТО

а. Наведете ги делата на телото што ги спомнал Павле, и објаснете зошто треба сериозно да бидеме предупредени против нив. Галатјаните 5:19-21.

„(Христос) ја поднел вината на престапот и бил лишен од присуството на лицето на Отецот додека Неговото срце не се скршило и Неговиот живот не згаснал... Секоја душа што одбива да има удел во толку скапо платеното помирување мора сама лично да ја сноси вината и казната за својот престап”. – Големата борба, 540.

б. Зошто прељубата (сексуален однос помеѓу оженет маж и жена која не е негова сопруга, или мажена жена и маж кој не е нејзин сопруг) е престап на Божјиот закон? Излез 20:14; Евреите 13:4.

в. Што треба да знаеме за блудот (слично на прељуба, но вклучува лица кои не се во брачна заедница) и за нечистотијата и сладостраста која води до тоа? 1. Коринтјаните 6:18; Матеј 5:27,28.

„На овој народ му е доверена најсериозната вест која некогаш им е доверена на смртните луѓе и тој може силно да делува на другите ако сака да се посвети преку неа. Тој народ зборува дека стои на возвишен став на вечната вистина и дека се покорува на сите Божји заповеди. И затоа, ако луѓето се оддаваат на гревот, ако прават прељуба или блуд, нивното злосторство е десет пати поголемо отколку кога тоа го прават оние луѓе за кои зборував, кои не ја признаат задолжителноста на Божјиот закон”. – 2 Сведоштво, 450.

„(Седмата) заповед ги забранува не само валканите дела, туку и неморалните мисли и желби и секоја навика што би ги поттикнувала. Чистота се бара не само во надворешниот живот, туку и во тајните намери и побуди на срцето”. – Патријарси и пророци, 308.

г. На кој начин Бог е подготвен да ни помогне да победиме? Матеј 5:8; Псалм 51:5-7,10.

„Со силата на Светиот Дух срцето се чисти од гревот”. – Копнежот на вековите, 671.


Вторник 7. декември

3. ДЕЛАТА НА ТЕЛОТО (ПРОДОЛЖЕНИЕ)

а. Зошто е погрешно да се обожава нешто како идол? Излез 20:1-6.

„Под идолопоклонство апостолот го подразбирал не само клањањето пред идоли, туку и себичноста, љубовта кон угодноста, задоволувањето на апетитот и страстите. Само исповедањето на вера во Христа и фалењето со познавање на вистината не го прават човекот христијанин. Религијата што настојува само да биде пријатна за окото, за увото и за вкусот, или која го одобрува самозадоволството, не е Христова религија”. – Делата на апостолите, 317.

б. Што треба да сфатиме за Божјата омраза кон сите видови гатања и магии? Излез 22:18; Малахија 3:5; Откровение 21:8.

„Веќе самото име ‘гатање’ денеска предизвикува презир. Тврдењето дека луѓето можат да стапат во контакт со злите духови се смета како приказна од мрачниот среден век. Но, спиритизмот, кој брои стотици илјади, па дури и милиони приврзаници, кој проникнал дури и во научните кругови, кој се вовлекол во црквите и наишол на наклоност кај законодавните тела, па дури и во царските дворови - оваа мамутска измама не е ништо друго туку само оживување, во нова маска, на гатањето, кое е осудено и забрането уште од античко време”. – Големата борба, 557.

в. Зошто омразата, непријателството (неслогата), ривалството (жестоките желби за супериорност предизвикани од конкуренцијата), гневот, расправиите, револтот (поттикнување на незадоволство или бунт), зависта и убиствата се толку зли? 1. Јованово 3:15.

г. Со кои моќни зборови Христос ги осудил ересите (учења спротивни на „така вели Господ“)? Матеј 15:9; Јован 8:44.

д. Со какви околности се поврзани пијанството и развратните забави? Даниел 5:1-6,26-28,30; Матеј 14:6-11.


Среда 8. декември

4. ПЛОДОВИ НА ДУХОТ

а. Спротивно на делата на телото, што открива Павле како плодови на Духот, и зошто не можеме да избереме кој плод полесно ќе го донесеме? Галатјаните 5:22,23.

„Ако живееме со вера во Божјиот Син, плодовите на Духот ќе се покажат во нашиот живот и ниту еден од нив нема да ни недостига”. – Копнежот на вековите, 676.

б. Каков вид на „љубов“ е овде наведениот плод? 1. Коринтјаните 13:4-8,13.

„Без оглед на тоа колку сесрдно ја исповеда верата, човекот, чиешто срце не е исполнето со љубов кон Бога и кон ближните, не е вистински Христов ученик”. – Делата на апостолите, 318.

в. За каква врста на „радост“ е овде споменатиот плод? Псалм 51:12; Јован 15:10,11; Евреите 12:2.

„Има души што треба да се оживеат; многумина треба да ја примат радоста на спасението во нивните души. Тие грешеле, не изградиле исправен карактер, но Бог ќе им ја поврати радоста, радоста на Неговите помазаници”. – The Upward Look, p. 287.

г. Зошто ни е потребен вистински мир, и како се добива? Римјаните 5:1; Јован 14:27.

„’А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети’ (2. Тимотеј 3:12). Сепак, ова не треба да заплаши ниту една душа. Што може да ја осветли душата со таква светлина како доказ за простените гревови? Што може да даде вистинско благородништво, ако тоа не е обновата на моралната слика за Бога кај човекот? Од каде доаѓа мирот, ако не од Кнезот на мирот? Од кој извор можеме да бараме помош, ако не од Оној кој може да ни даде светлина среде темнина?” – The Review and Herald, February 28, 1899.

„Радоста за која зборува Христос е радоста што ги гледа душите спасени со жртвување на Својата слава, честа и самиот живот. Спасението на човекот е Неговата радост”. – 2 Сведоштво, 686.


Четврток 9. декември

5. ПЛОДОВИ НА ДУХОТ (ПРОДОЛЖЕНИЕ)

а. Зошто долготрпеливоста (трпението) е толку драгоцена? Лука 21:19; Евреите 10:36; Откровение 14:12.

„Христијанинот, кој е полн со трпение и со ведрина за време на неволјите и страдањата, кој дури и смртта ја пречекува во мир и спокојство на непоколеблива вера, може за евангелието да стори многу повеќе отколку верно да работел во текот на целиот свој живот”. – Делата на апостолите, 465.

б. Зошто благоста, добрината, верата и воздржувањето се од суштинско значење за христијанинот? Псалм 18:35; Лука 7:50; Филипјаните 4:5.

в. Што треба да разбереме за кротоста, и како единствено можеме да ги манифестираме сите плодови на Духот? Матеј 5:5; Галатјаните 5:24; 1. Петрово 2:21-24.

„Кротоста е драгоцена особина, тоа е подготвеност мирно и без мрморење да се поднесуваат страдања и неволји, подготвеност да се издржат искушенијата. Кротоста е трпеливо настојување да бидеме ведри и среќни под сите околности. Оној кој ја поседува, кротоста го наведува секогаш и за сè да му биде благодарен на Господа. Кротоста го прави човекот подготвен да поднесе и разочарување и неправда, а сепак да не копнее по одмазда”. – 3 Сведоштво, 335.

„Исус, нашиот Откупител, одел по земјата со царско достоинство, а сепак Тој бил кроток и смирен по срце”. – Child Guidance, p. 141.


Петок 10. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Ние не се спасуваме со послушност на Божјиот закон, но што сепак треба да разбереме за него?

2. Која е цената на попуштањето во кршењето на Божјиот закон за бракот?

3. Која е цената на попуштањето во занимавањето со модерниот спиритизам/окултизам?

4. Споредете ја Христовата љубов, радост и мир со она што светот го нуди како нивна имитација.

5. Каде треба да гледаме за да го развиеме целосниот плод на Духот?

 <<    >>