Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 2. октомври 2021.

Павловото преобраќање и повик

„За да им ги отвориш очите нивни, та да се обратат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите.” (Дела 26:18, прв дел).

„Меѓу најогорчените и најнемилосрдните прогонители на Христовата црква се издигнал најспособниот бранител и најуспешниот гласник на Евангелието“. – Sketches From the Life of Paul, p. 9.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 112-124. 

Недела 26. септември

1. ВО ЖЕЖОК БЕС

а. Кој бил Савле од Тарс и која погрешно протолкувана задача ревносно ја извршувал? Филипјаните 3:5,6; Дела 26:4,5,9-11.

„(Савле) лично не го познавал Исуса од Назарет, ниту ја разбирал Неговата мисија, но тој лесно го апсорбирал презирот и омразата на рабините кон Оној кој бил толку далеку од исполнување на нивните себични стремежи; по смртта на Христос, тој со задоволство им се придружил на свештениците и водачите да ги прогонуваат Неговите следбеници како забранета и омразена секта“. – Sketches From the Life of Paul, p. 10.

б. Која сцена сепак го вознемирила умот на Савле? Дела 6:8-12; 7:57-60.

„Против Стефан не била донесена валидна пресуда; но римските власти биле поткупени со голема сума пари за да не го испитаат случајот. Се чинело дека Савле бил исполнет со страшна ревност за време на судењето и смртта на Стефан. Се чинело дека е лут на себе за неговите тајни убедувања дека Бог го почествувал Стефана во истиот момент кога луѓето го презирале“. – Sketches From the Life of Paul, p. 20.


Понеделник 27. септември

2. ОДЕДНАШ ЗАПРЕН

а. Објаснете го ставот на Савле и неговата цел на патот кон Дамаск. Дела 9:1,2.

„Саул бил многу почитуван од Евреите поради неговата ревност во прогонството на верниците. По смртта на Стефан, тој бил избран за член на советот на Синедрионот, земајќи ја предвид улогата што ја одиграл во таа прилика. Овој учен и ревносен рабин бил моќна алатка во рацете на сатаната за да изврши бунт против Синот Божји“. – Sketches From the Life of Paul, p. 20.

„Савле требало да оди во Дамаск од свои лични причини; сепак, тој бил решен да изврши двојна мисија со тоа што на тој пат ќе ги најде сите оние што верувале во Христа. За таа цел, тој добил посланија од првосвештениците, кои ќе се читаат во синагогите и кои го овластиле да ги фати сите оние за кои се сомневало дека веруваат во Исус и да ги испрати преку гласник во Ерусалим, со цел да бидат изведени пред судот и казнети“. – Sketches From the Life of Paul, p. 21.

б. Што одеднаш го запрело гневот на Савле и како во страв одговорил? Дела 9:3-5 (прв дел).

в. Кое откритие го шокирало Савле? Дела 9:5 (среден дел).

„Какво понижување било за Павле кога дознал дека постојано ја користел целата своја сила против вистината. Мислејќи дека му служи на Бога, тој го прогонувал Христа во личноста на Неговите светии. Кога Спасителот, во блескавиот сјај на Својата слава, му се открил на Павле, тој со гнасење се ужасил од она што го правел и од самиот себе. Моќта и сјајот на Христовата слава можеле да го уништат, но Павле бил ‘затвореник кој се надева’. Тој бил физички заслепен од блескавата слава на Оној на кого до тогаш хулел, но тоа било само за да може духовно да прогледа, да се разбуди од летаргијата што ја затапила и умтрвила неговата моќ на разбирање. Неговата разбудена совест сега тешко го осудувала. Неговата дотогашна ревност и срдечност во спротивставувањето на светлината што го осветлувала преку Божјите гласници, сега претставувала осуда за неговата душа“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1058.


Вторник 28. септември

3. РАЗБУДЕН КАКО ОД СОН

а. На што мислел Исус со својот завршен коментар? Дела 9:5 (последен дел).

„Спасителот ѝ зборувал на совеста на Павле уште преку Стефана, чиешто јасно излагање не можело да се побива. Учениот Евреин забележал како лицето на маченикот свети со светлината на Христовата слава и неговото лице ‘како лице на ангел’ (Дела 6:15). Тој бил сведок на Стефановата воздржаност кон своите непријатели и на неговото великодушно проштавање. Исто така бил сведок на цврстината и на ведрото спокојство на многу луѓе кои и самиот ги изложувал на измачувања. Видел дури како некои од нив со радост го даваат и својот живот за својата вера.

Сите овие факти силно му се наметнале на Савле и понекогаш во неговиот дух предизвикувале речиси непоколебливо осведочување дека Исус навистина е ветениот Месија. Во тие случаи Савле цели ноќи се борел против тоа сведоштво“. – Делата на апостолите, 116.

„Секој обид да се спречи напредокот на Евангелието ќе го повреди и ќе доведе до страдање оној што му се противи. Порано или подоцна неговото срце ќе го осуди; ќе види дека навистина се рита против бодило“. – The Review and Herald, March 16, 1911.

б. Како реагирал Савле кога сфатил дека бил во заблуда? Дела 9:6 (прв дел).

„(Савле) бил исполнет со горко каење. Во своите мисли, дух и постапки, тој повеќе не се чувствувал праведен, туку бил целосно осуден од законот. Без Спасителот, кого го прогонувал, се чувствувал како целосно изгубен грешник“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1058.

в. Што следувало во искуството на Саул? Дела 9:6 (последен дел), 9.

„Три дена и три ноќи додека бил слеп, тој (Савле) имал време да размисли за сè, и во својата беспомошност и безнадежност му се предал на Христа, кој единствен можел да му прости и да го облече во облеката на Својата правда“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1058.


Среда 29. септември

4. ДРАСТИЧНА ПРОМЕНА ВО ДАМАСК

а. Како Христос го благословил Савла во Дамаск? Дела 9:10,15-18; 22:13-16.

„Колку различно од она што (Савле) го очекувал било неговото влегување во градот! Со арогантно задоволство, тој се приближувал до Дамаск, очекувајќи при пристигнувањето да го поздрават со извици на пофалба поради честа што му ја покажал првосвештеникот и изразената ревност и продорност што ја покажал во пронаоѓањето на верниците, водејќи ги во заробеништво во Ерусалим за да бидат таму осудени и безмилосно казнети... Тој бил решен да не дозволи ниеден христијанин да му избега од неговото будно око; се распрашувал за мажи, жени и деца во врска со нивната вера; влегувал во домовите, овластен да ги уапси оние што живееле во нив и да ги испрати како заробеници во Ерусалим.

Но, колку била различна сцената од она што тој очекувал! Наместо да се фали со силата и да добива пофалби, тој практично бил затвореник и лишен од вид, зависел од водството на неговите сопатници. Беспомошен и измачуван од грижа на совест, се чувствувал како да е осуден на смртна казна...

Изгледал како да нема за него човечко сочувство; размислувал и се молел, со длабоко скршен и покајнички дух.

„За слепиот Евреин, кога го мачела грижа на совеста, овие три дена изгледале како три години”. – Sketches From the Life of Paul, pp. 25, 27.

„Верата на Савле била сериозно тестирана за време на тридневниот пост и молитва во куќата на Јуда во Дамаск. Тој бил целосно слеп и умот му бил целосно затемнет за тоа што се очекувало од него... Во својата несигурност и загриженост, тој искрено извикал кон Бога”. – Sketches From the Life of Paul, pp. 29.

„Савле станал оној кого учениците ќе го обучуваат. Во светлината на законот, тој се гледал себеси како грешник. Тој увидувал дека Исус, на кога во своето незнаење гледал како на измамник, бил основоположник и темел на верата на Божјиот народ уште од времето на Адам и завршител на верата која сега е толку јасна за неговиот просветлен ум...

Во светлината на моралниот закон, за кој тврдел дека го држи ревносно, Савле се гледал себеси како грешник над грешниците. Тој се покајал, умрел за гревот, станал послушен на Божјиот закон, покажал вера во Исус Христос како негов личен Спасител, се крстил и го проповедал Христа со истата ревност и срдечност со која некогаш Го прогонувал”. – Sketches From the Life of Paul, pp. 30,31.

„Ова прекрасно преобраќање на Савле на впечатлив начин ја отсликува чудесната Христова сила која го осведочува човечкото срце и ум”. – Sketches From the Life of Paul, pp. 27.

„Савле прогонителот се обратил и станал Павле, апостол на незнабошците”. – Пророци и цареви, 699.


Четврток 30. септември

5. БОЖЕСТВЕН НАЛОГ

а. Објаснете го посебниот повик на Савле - чие еврејско име со значење „побаран, измолен“ подоцна било сменето и тој станал познат како римски граѓанин, „Павле“, што значи „мал“ или „понизен“. Дела 26:16-18.

б. Која централна тема требало да ја истакне и зошто? Галатјаните 1:3.

„’Благодат и мир вам’ (Ефесјаните 1:2). Ние сè и должиме на Божјата бесплатна благодат. Благодатта во заветот го отворила патот за наше посвојување. Благодатта на Спасителот го издејствувала нашето откупување, нашето ново раѓање и нè издигна на положбата на Христови сонаследници. Бог не нè сака затоа што ние први Го засакавме Него; ‘додека сè уште бевме грешници’, Христос умрел за нас... Иако поради нашата непослушност го заслуживме Божјиот гнев и осуда, Тој сепак не нè отфрлил и не нè оставил да се бориме против силата на непријателот. Небесните ангели ги водат нашите битки и соработувајќи со нив, ние можеме да бидеме победници над силите на злото.

„Да не падневме, никогаш немаше да научиме што значи зборот ‘благодат’. Бог ги сака безгрешните ангели, кои Му служат и ги држат сите Негови заповеди, но Тој не им дава благодат. Овие небесни суштества не знаат ништо за благодатта; никогаш не им требала, затоа што никогаш не згрешиле. Благодатта е Божја особина покажана кон недостојните човечки суштества. Ние самите не ја баравме, туку беше испратена да нè побара. Бог радосно ја излева оваа благодат врз сите оние што копнеат за неа, не затоа што сме достојни, туку токму затоа што сме целосно недостојни. Нашата потреба е она што ни дава уверување дека ќе го добиеме овој дар.

„Бог чека секоја душа заболена од грев да го замоли да ги отвори ризниците на Својата благодат. Со нејзино делување ќе ја излечи секоја духовна болест. Со нејзино делување, срцето може да се исчисти од сите нечистотии. Тоа е евангелскиот лек за секој што верува”. – In Heavenly Places, p. 34.


Петок 1. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин Господ може да ми испрати бодило на совеста, како што направил со Савле?

2. Што се случува кога ги прифаќаме или отфрламе оние бодила на совеста?

3. На кој начин Бог сака Савловото рано искуство да биде корисно и за мене?

4. Зошто три дена слепило било од суштинско значење за иднината на Савле?

5. Како можам да бидам охрабрен од централната тема на Павловата порака?

 <<    >>