Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 25. декември 2021.

Издигање на крстот

„А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот”. (Галатјаните 6:14).

„Висејќи на крстот, Христос бил евангелие... Дали членовите на нашата Заедница постојано ќе ги држат очите кон распнатиот и воскреснатиот Спасител, во кого се насочени сите наши надежи за вечен живот? Тоа е нашата порака, наш аргумент, наша доктрина, наша опомена за непокајаните, наше охрабрување до оние што тагуваат - надеж за секој верник”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1113.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 201-210. 

Недела 19. декември

1. ВАЖНОСТА НА СПОСОБНОСТА ВО СЛУЖБАТА

а. Што може да се забележи во службата на Павле? 2. Коринтјаните 3:2,6-9.

„Иако во денешно време има многу проповедници, мошне ретко се наоѓаат способни и свети луѓе, луѓе чиишто срца се исполнети со љубов каква што живеела во Христовото срце. Горделивост, самоувереност, љубов кон светот, изнаоѓање на грешки, горчина и пакост - тоа се плодови на мнозина што исповедаат Христова вера. Нивниот живот, во остра спротивност со животот на Спасителот, често претставува жално сведоштво за карактерот на проповедничката работа на оние преку кои тие се обратиле.

За човекот нема поголема чест отколку Бог да го прими како способен проповедник на евангелието. Но оние што ги благословил Господ со сила и со успех во своето дело не се фалат и не се истакнуваат себеси, туку ја признаваат својата целосна зависност од него, увидуваат дека сами во себе немаат никаква сила”. – Делата на апостолите, 328.

б. Што се случило во Галатија, откривајќи го недостатокот на вистинската служба кај лажните учители? Галатјаните 6:12,13.


Понеделник 20. декември

2. ОБЈАВУВАЊЕ НА РАСПНУВАЊЕТО

а. Објаснете што се случува кога ги фокусираме нашите срца и умови да размислуваат за Христовата жртва поднесена заради нас. Јован 1:29.

„Кога грешниците би можеле да бидат наведени да фрлат еден сесрден поглед на крстот и кога би стекнале вистинска претстава за распнатиот Спасител, тие би ја сфатиле длабината на Божјата милост и сета одвратност на гревот.

Христовата смрт претставува доказ за големата Божја љубов кон човекот. Таа е залог и гаранција на нашето спасение. Да се отстрани крстот од христијанинот би значело исто што и да се отстрани сонцето од небото. Крстот нас нè води поблизу до Бога, нè помирува со него. Со длабоко чувство на татковска љубов Јехова ги гледа патилата и маките што ги претрпел неговиот Син на крстот за да го спаси човечкиот род од вечна смрт и да нè прими ‘во љубениот’.

Без крстот човекот не би имал заедница со Отецот. Од него зависи целокупната наша надеж. Од него блескоти светлината на љубовта на Спасителот, и грешникот, пренасочувајќи го погледот од подножјето на крстот кон Оној кој умрел за да го избави него од вечната смрт, може со преполни гради да се радува, зашто гревовите му се простени. Кога грешникот со вера ќе клекне под крстот, тој го постигнал највозвишеното место до кое може човек да се издигне.

Со помош на крстот ние дознаваме дека нас небесниот Отец нè сака со бескрајна љубов”. – Делата на апостолите, 209,210.

б. Со што се соочил Павле при објавувањето на крстот? 1. Коринтјаните 1:22,23.

„Во мислите на безброј луѓе што живеат денеска крстот од Голгота е завиткан во свети спомени. За сцената на распетието се врзани најсвети мисли. Меѓутоа, во времето на Павле крстот предизвикувал чувство на одвратност и ужас. Тврдењето дека Спасителот на човечкиот род е еден кој умрел на крст, природно предизвикувало потсмев и противставување.

Павле добро знаел како ќе ја пречекаат неговата порака и Евреите и Грците кои живееле во Коринт. ‘Ние, пак, Го проповедаме Христос распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, признава тој, ‘а за незнабошците безумие’ (1. Коринтјаните 1:23). Меѓу неговите слушатели од еврејско потекло се наоѓале мнозина кои ќе ги разлути пораката што планирал да ја објави. Според мислењето на Грците, неговите зборови ќе бидат бесмислица и безумие. Сите ќе го сметаат за малоумен кога ќе се обиде да докажува дека крстот може да има некаква врска со издигнувањето на човечкиот род или со спасението на човештвото”. – Делата на апостолите, 245.


Вторник 21. декември

3. ПОМОЌЕН ОТКОЛКУ ШТО СФАЌАМЕ

а. Соочен со противење, што Павле не само што проповедал, туку и возвишувал над сè? Галатјаните 6:14. Зошто?

„Но за Павле крстот бил предмет на највозвишена почит. Откако бил запрен на својот пат како прогонувач на следбениците на распнатиот Назареќанец, Павле ниту за миг не престанал да ја воздига славата на крстот. Во тоа време му било дадено откровение за бесконечната Божја љубов како што се покажала во Христовата смрт; во неговиот живот настапила чудесна преобразба која сите негови планови и животни цели ги довела во хармонија со она што е небесно. Од тој миг Павле станал нов човек во Христа. Од лично искуство знаел дека грешникот, кога еднаш ќе ја сфати љубовта на Отецот, која се гледа во жртвата на неговиот Син, и кога ќе му се потчини на божественото влијание, се преобразува во срцето и од тој миг Христос за него станува сè во сè”. – Делата на апостолите, 245.

„Подигни го крстот... и при таа прилика ќе видиш дека всушност тој те подигнува и те поддржува тебе. Преку неволја, немаштија и тага тој за тебе ќе биде сила и поддршка. Ќе видиш дека сиот крст е украсен со милосрдие, сожалување, сочувство и неискажлива љубов. Тој ќе стане твој залог за бесмртноста”. – 2 Сведоштво, 47.

б. Како псалмистот го објаснува што она се случило на крстот? Псалм 85:10.

„Кога грешникот го гледа Исуса таков каков што е, сочувствителен Спасител, неговата душа е исполнета со надеж и доверба. Беспомошната душа безрезервно паѓа пред Христовите нозе. Никаков сомнеж повеќе не ја замаглува претставата за распнатиот Исус Христос. Неверувањето го нема...

Оваа жртва била понудена со цел човекот да се врати во првобитното совршенство. Дури и повеќе од тоа, таа му овозможува на човекот целосна трансформација на карактерот, правејќи го повеќе од победник.

Христос изјавува: ‘И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе’. Ако нема влијание поволно во корист на крстот, тој го создава. Во текот на генерациите што доаѓале, вистината за ова време се откривала како сегашна вистина. Во Христа распнат на крстот се исполнило пророштвото: ‘Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат’. Ова е средството што треба да го придвижи светот”. – Тhe SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1113.


Среда 22. декември

4. ПЕРСПЕКТИВА КАКО НИЕДНА ДРУГА

а. Како размислувањето за крстот го менува нашиот живот? Јован 12:32.

„Кога умот ќе се сврти кон крстот на Голгота, несовршениот вид го забележува Христа на тој срамен крст. Зошто умрел? Како последица на гревот. Што е грев? Престап на законот. Тогаш очите се отвораат за да можат да ја видат природата на гревот. Законот е прекршен и тој не може да го помилува сторителот. Тој е нашиот учител кој нè осудува на казна. Каде е лекот? Законот нè упатува кон Христа, кој бил подигнат на крстот, за да може да ја пренесе својата праведност на паднатиот, грешен човек, и на тој начин да ги претстави луѓето пред својот Отец во Неговиот праведен карактер”. – Selected Messages, bk. 1, p. 341.

„Исус ја гледа вината од минатото и изговара зборови на простување; и ние не треба да Го обесчестиме сомневајќи се во Неговата љубов. Ова чувство на вина мора да се остави во подножјето на крстот на Голгота. Чувството на грешност ги отруло изворите на животот и вистинската среќа. Сега Исус вели: ‘Довери ми се. Ќе ти ги отстранам гревовите и ќе ти дадам мир. Не ја отфрлај повеќе твојата самодоверба, затоа што те купив по цена на Сопствената крв. Ти си мој. Јас ќе ја зајакнам твојата ослабена волја; ќе ги отстранам твоите грижи на совест поради гревот’. Тогаш, свртете го кон Него вашето благодарно срце кое трепери од неизвесност и држете се за надежта што ви се нуди. Бог го прифаќа вашето скршено, покајно срце и ви дава бесплатно простување. Тој ти предлага да те прими во Своето семејство, со Својата милост да ти помогне во твојата слабост, и драгиот Спасител ќе те води чекор по чекор кога ќе ја ставиш својата рака во Неговата дозволувајќи Му да те води”. – That I May Know Him, p. 241.

б. Како сето ова влијае на нашите ставови и духовно нè воздигнува? Јов 23:16.

„Погледни, о, погледни го крстот на Голгота; видете како страда царската жртва за вас...

Божјиот Син бил отфрлен и презрен наместо нас. Можете ли вие, имајќи го предвид крстот, гледајќи со очите на верата на Христовите страдања, да зборувате за вашите неволји, за вашите искушенија? Можете ли да негувате во вашето срце омраза кон вашите непријатели, додека Христовата молитва доаѓа од Неговите бледи и треперливи усни за оние кои Го пцујат, кои Го убиваат: ‘Оче, прости им, зашто не знаат што прават’ (Лука 23:34)?” – That I May Know Him, p. 65.


Четврток 23. декември

5. НОВО СОЗДАНИЕ

а. Како Павле го завршува своето послание до Галатјаните? Галатјаните 6:15-18. Какво влијание имало тоа врз нив?

„Кога Павле го примил евангелието на Исус Христос, тоа го направило ново создание. Тој бил променет; вистината всадена во неговото срце му дала таква вера и храброст како следбеник на Христос, така што никакво противење не можело да го попречи, ниту едно страдање да го заплаши”. – Faith and Works, p. 33.

„Павловите сесрдни зборови полни со совет и неговите преколнувања не останале празни. Светиот Дух дејствувал со голема сила и мнозина, чиишто нозе скршнале од патот, се вратиле на својата првобитна вера во евангелието. Од тогаш тие биле цврсти во слободата што им ја дал Христос. Во нивниот живот се откриле плодовите на Духот: ‘Љубов, радост, мир, трпение, доброта, милост, вера, кротост и воздржување.’ Божјото име се прославило и бројот на верниците се зголемил во целата таа област”. – Делата на апостолите, 388.

б. Што ова послание треба да втисне во нашите срца денес? Матеј 16:24-26.

„Можеме ли да се чудиме што Павле извикнал: ‘А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос’ (Галатјаните 6:14). Наше предимство исто така е што можеме да се фалиме со крстот и наполно да му се предадеме на Оној кој се дал себеси за нас. И тогаш, додека нè осветлува светлината што блескоти од Голгота, истата можеме да им ја откриваме и на оние кои сè уште се наоѓаат во темнина”. – Делата на апостолите, 210.


Петок 24. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Споредете ја службата на Павле со онаа на лажните учители во Галатија.

2. Како треба сцените од Голгота да влијаат врз мене на моќен начин?

3. Зошто е благослов секогаш да се има крстот постојано во мислите?

4. Кога гледам на крстот, што се случува со моите проблеми и маки?

5. Како може оваа порака да ме оживее, како што ги оживеала Галатите?

 <<    >>