Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 9. октомври 2021.

До црквите во Галатија

„(Исус Христос) се даде Себе за нашите гревови, за да нè избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Отец. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин!” (Галатјаните 1:4,5).

„Оние што го слушале (Павле) забележувале дека тој бил со Исуса. Надарен со сила озгора, тој можел за она што е духовно, духовно да расудува и да ги урне тврдините на сатаната. Неговиот приказ на Божјата љубов, која се открила во жртвувањето на единородниот Син, бил толку силен и впечатлив, што срцата на слушателите биле скршени и мнозина биле натерани да се запрашаат: ‘Што треба да правам за да се спасам?’” – Делата на апостолите, 208.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апост., 123-127, 386,387. 

Недела 3. октомври

1. ИЗБАВУВАЊЕ ОД ГРЕВОТ

а. Како Павле го започнал своето послание до Галатите? Галатјаните 1:1-5.

„Павле и неговите соработници проповедале оправдување со вера чиешто средиште е Христовата жртва за откуп. Христа го прикажувале како оној кој, гледајќи во каква безнадежна состојба се наоѓа паднатиот род, дошол да ги откупи луѓето живеејќи живот наполно сообразен со Божјиот закон и плаќајќи ја казната за непослушноста”. – Делата на апостолите, 207.

„Давајќи го Својот живот за животот на светот, Христос го премостил јазот што го направил гревот и ја поврзал оваа земја проколната со гревот како освоена провинција со остатокот од небесниот универзум. Бог го избрал овој свет да биде сцена за моќните дела на Неговата милост. И додека над Него надвивала осудувачката пресуда поради бунтот на нејзините жители, додека се собирале облаци на гнев поради престапот на Божјиот закон, на небото се слушнал мистериозен глас: ‘Еве, доаѓам... да ја исполнувам Твојата волја’ (Псалм 40:7,8). Нашиот Заменик и Гарант дошол од небото, изјавувајќи дека го донел со себе големиот и бесценет дар на вечен живот”. – This Day With God, p. 84.


Понеделник 4. октомври

2. ПРЕЧКИ, СЕНЗУАЛНОСТ, ОЗБОРУВАЊЕ

а. Кои настани во Галатија го загрижиле Павле? Галатјаните 1:6,7.

„Додека се наоѓал во Коринт, Павле со причина бил сериозно загрижен поради некои цркви кои веќе биле основани. Под влијание на лажни учители што се појавиле меѓу верниците во Ерусалим, и меѓу верниците во Галатија нагло се ширеле неслога, ерес и разузданост. Тие лажни учители еврејските традиции ги мешале со вистините на евангелието. Игнорирајќи ги одлуките на главниот собор одржан во Ерусалим, тие од преобратените незнабошци барале да се придржуваат кон церемонијалниот закон.

Состојбата била критична. Постоела опасност тие зла набргу да ги уништат галатиските цркви.

Павла тоа го заболело до срце и тој длабоко пател поради тој отворен отпад на оние што толку верно ги учел на начелата на евангелието. Веднаш им упатил писмо на заведените верници, укажувајќи им на лажните теории што ги прифатиле и мошне строго ги укорил тие што се одвоиле од верата”. – Делата на апостолите, 383,384.

б. Што може да доведе до појава на овие работи? Изреки 16:28; Амос 2:4.

„Речиси во секоја црква имало членови кои биле Евреи по раѓање и потекло. Еврејските учители биле подготвени да им се приближат на таквите обратеници и преку нив нашле упориште во црквите. Учењата кои Павле ги застапувал не можеле да се побијат со библиски аргументи, па затоа прибегнале кон најбескрупулозни мерки за да се спротивстават на неговото влијание и да го ослабат неговиот авторитет. Тие тврделе дека тој воопшто не бил Христов ученик и дека не добил никаков налог од Него, а сепак дрско се осмелил да шири учење што директно се коси со она што го застапуваат Петар, Јаков и другите апостоли. Така, пратениците на јудаизмот успеале да отуѓат многу христијански обратеници од својот учител во Евангелието. Успевајќи во ова, тие ги натерале да се вратат на држење на церемонијалниот закон како да е битен за спасението. Верата во Христа и послушноста на законот од Десетте заповеди се сметале за помалку важни. Несогласување, ерес и оддавање на сензуалност почнале нагло да фаќаат замав меѓу верниците во Галатија”. – Тhe SDA Bible Com¬mentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1108.


Вторник 5. октомври

3. ДА СЕ СЛЕДИ БОЖЈИОТ ПАТ

а. Зошто сите треба да обрнеме внимание на силните зборови што Павле бил принуден да ги упати до црквите во Галатија? Галатјаните 1:8,9.

„Многумина измислиле сопствено евангелие на ист начин како што го замениле Божјиот закон со свој закон”. – The Review and Herald, September 3, 1901.

„На непреродената природа и денеска, исто како и во времето на тие еврејски учители, ѝ одговара светоста на срцето и на животот да ја замени со надворешната форма на верата. И сега, како и тогаш, постојат лажни духовни водачи чиешто учење мнозина желно го слушаат. Сатаната вложува добро пресметани напори надежта на спасение, условена со вера во Христа и со покорување на Божјиот закон, наполно да ја истисне од човечкото срце. Архи-измамникот во сите векови своите искушенија ги прилагодувал кон предрасудите и склоностите на оние што сака да ги заведе. Во времето на апостолите Евреите ги наведувал да го издигнуваат церемонијалниот закон а да го отфрлат Христа; а денеска ги поттикнува божемните христијани под изговор дека го извишуваат Христа, да го презрат моралниот закон, учејќи дека неговите одредби можат неказнето да се престапуваат. Должност на секој Божји слуга е најрешително да му се противстави на таквото изопачување на верата и со речта на вистината бестрашно да ги разобличува таквите заблуди”. – Делата на апостолите, 387.

б. Објаснете ја положбата на Павле како Божји слуга - и како тоа потсетува на Христовите зборови изречени во проповедта на Гората на блаженствата. Галатјаните 1:10; Лука 6:26,22,23 (прв дел).

„Божјата вистина никогаш не била популарна во суетниот свет. Телесното срце дури и се противи на вистината. Му благодарам на Бога што мораме да се откажеме од љубовта кон овој свет, од суетата на срцето и од сè што води во идолопоклонство за да можеме да бидеме следбеници на Човекот од Голгота. Светот никогаш нема да ги сака ниту почитува оние кои се покоруваат на вистината. Божествениот Учител, одејќи во понизност меѓу човечките синови, ги изговорил овие зборови: ‘Кој сака да биде Мој ученик, нека го земе својот крст и нека појде по Мене’. Да, да тргнеме по својот Пример. Дали Тој барал слава од луѓето? О, не! Дали тогаш ние треба да бараме слава или пофалба од суетниот свет?” – 2 Сведоштво, 491.


Среда 6. октомври

4. ОСНОВАНА НА КАРПА

а. На кој начин е утврдена верата на Павле во Исус - и на што треба да биде цврсто втемелена и нашата вера, иако лично не сме го сретнале Христа, како апостолите? Галатјаните 1:11,12; Римјаните 16:25-27.

„Врз основа на упатствата што ги добил лично од Господа, Павле сериозно и решително ги предупредил и ги укорил Галатјаните. Тој не пишувал со премисла и со сомнеж, туку со цврста осведоченост и со целосна јасност”. – Делата на апостолите, 386.

„Творечката сила, која ги создала световите, се наоѓа во Божјата Реч. Таа Реч дава сила; таа раѓа живот. Секоја заповед е и ветување. Прифатена со волја, примена во душата, таа со себе го донесува животот на Бесконечниот. Таа ја преобразува природата и повторно ја создава душата според Божјиот лик.

Животот даден на ваков начин, на истиот начин и се одржува. Човекот ќе живее ‘од секој збор, што излегува од устата на Бога’ (Матеј 4:4)”. – Воспитување, 126.

б. Зошто Павле ја истакнувал промената на животниот стил што го придружувала неговиот повик? Галатјаните 1:1,13-16.

„Трудејќи се повторно да ја задобие довербата на своите браќа во Галатија, Павле упорно го бранел своето звање на Христов апостол. Тој за себе рекол дека е апостол „не од луѓе ниту со посредство на човек, туку преку Исуса Христа и Бог Отецот кој го воскресна од мртвите”. Својата служба не ја примил од луѓе, туку од највисокиот Авторитет на небото. А неговата положба била призната и од страна на главниот собор во Ерусалим, чиишто одлуки ги почитувал во текот на целиот свој живот додека работел меѓу незнабошците.

Кога им нагласил на оние кои не го признавале неговото апостолство: ‘во ништо не сум помал од надапостолите’ (2. Коринтјаните 11:5), Павле тоа не го правел за да се извиши себеси, туку да ја истакне Божјата милост. Оние што се труделе да го потценат неговото звање и неговото дело, се бореле против Христа чијашто милост и сила се манифестирале преку Павле. Отпорот на непријателот го натерал апостолот да заземе решителен став во одбрана на својата положба и авторитет”. – Делата на апостолите, 387,388.


Четврток 7. октомври

5. САМ СО БОГА

а. Објаснете го Божјото водство кратко време по преобратувањето на Павле и како таа поука може да биде корисна за нас. Галатјаните 1:17; Јов 22:21.

„Додека своите изненадени слушатели ги повикувал ‘да се покаат и да се обратат кон Бога, правејќи дела достојни за покајание’ (Дела 26:20), Павле „стануваше сè посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос”. Но срцата на мнозина се стврднале и не ја прифатиле неговата порака, и нивното чудење во врска со неговото преобратување набргу се претворило во огорчена омраза, слична на онаа што ја негувале и спрема Исуса.

Отпорот се разгорел толку жестоко, што на Павле не му било дозволено да ја продолжи работата во Дамаск. Еден небесен весник му наредил да го напушти тоа место за извесно време, и тој заминал ‘за Арабија’ (Галатјаните 1:17), каде што нашол сигурно прибежиште.

Тука, во самотијата на пустината, Павле имал доста време за спокојно размислување и проучување. Мирно размислувал за своето минато и темелно се преобратил. Го барал Бога со сето срце и немал мир додека не се осведочил оти неговото покајание навистина е примено и дека гревот му е простен. Сакал да се осведочи дека Исус ќе биде со него во неговата идна служба. Ја исчистил својата душа од предрасудите и традициите кои до тогаш биле пресудни за неговиот живот и ги примил упатствата упатени директно од Изворот на вистината. Лично Исус одржувал духовна врска со него и го зацврстил во верата, надарувајќи го богато со мудрост и благост”. – Делата на апостолите, 125,126.


Петок 8. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто е важно за сите луѓе да ја знаат главната цел на Христовата мисија?

2. Како денес често се повторува начинот на кој бил третиран Павле во Галатија?

3. Кој е често скриениот мотив на критизерство меѓу Божјиот народ?

4. Зошто и на кој начин Павле го бранел својот авторитет како Христов апостол?

5. На кој начин можам да се организирам да имам подолги временски периоди кои ќе ги поминам сам со Бога?

 <<    >>