Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 21. август 2021.

Несебична мисионерска работа

„Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека; сами знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце. Со сè ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господ Исус, зашто Тој Сам рече: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се прими’” (Дела 20:33-35).

„Ние не треба да му зборуваме на народот само со зборови, туку и со сето она што припаѓа на нашата личност; сето тоа треба да претставува проповед”. – 2. Сведоштво, 618.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апост., 296, 297, 389-407. 

Недела 15. август

1. ЧУДО ОД БОГА

а. Каде отишол Павле по Ефес? Дела 20:1-5.

б. Што се случило во сабота навечер кога Павле бил во Троада и проповедал во горната одаја со многу светилки? Дела 20:6-12.

„Последната вечер од неговиот престој таму, браќата се собрале да ‘кршат леб’. Бидејќи нивниот сакан учител се подготвувал да замине, се собрале многу повеќе браќа отколку обично. Биле собрани во „горна соба” на трети кат. И тука апостолот, полн со топла љубов и со татковска грижа за нив, проповедал до полноќ.

На еден отворен прозорец седело момче по име Ефтих. Во таа опасна положба тоа заспало и паднало долу во дворот. Наеднаш сите ги зафатила тревога. Завладеал метеж. Момчето го кренале од земја мртво, и мнозина се собрале околу него тажејќи и липајќи. Но Павле, пробивајќи се низ исплашената толпа, го зел момчето во прегратки и му се обратил на Бога со сесрдна молитва да го воскресне. Молитвата му била примена”. – Делата на апостолите, 391.


Понеделник 16. август

2. НА ЗАДАЧА ЗА ХРИСТА

а. Зошто Павле накратко се одделил од своите сопатници? Дела 20:13.

„Бродот со кој Павле и неговите сопатници планирале да го продолжат својот пат бил подготвен да исплови, а браќата побрзале да влезат во него. Меѓутоа, апостолот решил да појде по покус копнен пат од Троада до Ас, таму да се сретне со своите сопатници. Така на располагање имал малку време за размислување и за молитва. Предмет на неговите сериозни и неспокојни размислувања биле тешкотиите и опасностите што ги носело неговото претстојно доаѓање во Ерусалим, ставот на тамошната црква кон него и кон неговото дело, како и состојбата на црквата и интересите на евангелското дело во другите полиња; затоа оваа исклучителна прилика ја искористил со сесрдни молитви да му се обрати на Бога за сила и помош”. – Делата на апостолите, 391.

б. Каде се упатил Павле и што сторил на патот? Дела 20:14-17.

в. Која свечена порака Павле ја имал за Ефесјаните? Дела 20:18-27.

„Павле немал намера да го изнесе ова сведоштво, но за време на излагањето го поттикнал Светиот Дух, потврдувајќи го неговиот страв дека тоа ќе биде негова последна средба со браќата од Ефес”. – Делата на апостолите, 393.

г. Што треба да имаат во предвид црковните водачи? Дела 20:28.

„Оној кој ја држи вистината во неправда, што зборува дека верува во неа, но сепак секојдневно ја негира со својот недостоен живот се става во служба на сатаната и ги води душите во пропаст”. – 5. Сведоштво, 142.

„Божјата црква е купена со Христовата крв, и секој пастир треба да сфати дека за овците за кои се грижи е платена неизмерна цена... На оние овци кои се доверени на нивната грижа треба да гледаат како на непроценливо благо и да сфатат дека ќе бидат повикани да дадат строга сметка за нивната служба”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 125.


Вторник 17. август

3. СИЛАТА НА ВИСТИНАТА

а. Од кои сериозни опасности треба да се чува црквата? Дела 20:29,30.

„Никогаш, никогаш порано вистината не била толку погрешно претставена, омаловажувана и унижувана преку изопачени човечки спорови отколку во овие последни денови... Луѓето се фасцинирани со некои необични, нови работи и немаат доволно мудрост да го препознаат карактерот на идеите кои луѓето можат да ги прикажат и обликуваат како нешто на што треба да му се обрне внимание. Но, да се нарече тоа нешто од големо значење и да се поврзе со Божјите пророштва, не значи дека тоа е вистина. О, како ова го разоткрива нискиот стандард на побожноста во црквите! Луѓето кои сакаат да изнесат нешто оригинално, ќе измислат нови и чудни работи, и без размислување ќе преминат на овие нестабилни теории кои се вткаени како драгоцена теорија, и ќе ги претстават како прашање на живот и смрт”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1064.

б. Како примерот и зборовите на Павле ги одразуваат учењата на Самиот Христос? Дела 20:31-35.

„Кога Павле на своите слушатели им ги покажал своите раце кои носеле знаци на напорна работа, тоа било сведоштво дека тој за своето издржување на никого не му бил на товар. Сметал дека тоа не ја намалува силата на неговите трогателни апели, неговата чувствителност, разумност и елоквентност, повеќе од било кој друг човек кој учествува во христијанската служба...

Ние не сметаме дека секој проповедник е обврзан во секој поглед да работи како што Павле работел. Сепак, на сите им кажуваме дека Павле бил христијански господин (џентлмен) од највисок тип. Неговиот пример покажува дека механичката работа не мора да му го намали влијанието на никого, дека работата со свои раце во некои чесни занимања не треба да го прави човекот прост, груб и неучтив”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1064.

в. Што открива колку длабоко луѓето биле трогнати од срдечни апели на Павле? Дела 20:36-38.


Среда 18. август

4. БЕСТРАШЕН И ОДЛУЧЕН

а. Додека мисионерите патувале, какво предупредување добиле во Тир, и што направиле тие пред да заминат од таму? Дела 21:1-5.

б. Каде потоа отишле? Дела 21:6-9.

в. Опишете како дошло уште едно предупредување до Павле, и каков бил неговиот одговор. Дела 21:10-14. Како може неговата посветеност да нè инспирира?

„Каде и да одел, Павле ги привлекувал заинтересираните срца, а душата му била поврзана со душата на неговите браќа. Кога се разделувал од нив, знаејќи и уверувајќи ги дека повеќе нема да го видат неговото лице, тие се исполнувале со тага и толку сериозно го молеле да остане со нив, тој извикал: ‘Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое?’ Гледајќи како тие страдаат поради конечната разделба со нив, неговото сочувствително срце било растргнато од болка. Тие го сакале и сметале дека не можат да се откажат од него. Кој христијанин не му се восхитува на ликот на Павле? Цврст како карпа кога стоел во одбрана на вистината, тој знаел да биде сочувствителен и нежен како дете кога бил опкружен со неговите пријатели”. – The Review and Herald, September 8, 1885.

„Чувајте ја вашата душа во правда. Ова нека биде јазикот на вашата душа: Јас верувам во Бога, во Неговата промисла, во Библијата и во вистината и јасноста на целта. Не можам, и нема да отстапам ниту една јота од мојата должност и од она што Господ го бара од мене. Не можам, не се осмелувам ниту во најмала мера, својот витален интерес да го жртвувам за свети работи за да го скинам од себе притисокот на привремените непријатности. Секогаш ќе чекам, одејќи во понизност со Бога, во кротост, смерност и во едноставност на душата, сè додека Господ не ми подари успех и победа во Негово време и на Негов начин”. – Manuscript Releases, vol. 12, p. 107.

г. Кога Павле пристигнал во Ерусалим, какви вести му донеле? Дела 21:15 -21.


Четврток 19. август

5. ДОВЕДЕН ВО СЕРИОЗНА ОПАСНОСТ

а. Објаснете го советот, даден на Павле, и неговото покорување на истиот. Дела 21:22-26.

„Оваа отстапка не била во согласност (со учењето на Павле), ниту со цврстината и честитоста на неговиот карактер. Неговите советници не биле непогрешливи. Иако некои од овие луѓе пишувале под вдахновение на Божјиот Дух, сепак, кога не биле под Негово директно влијание, тие понекогаш грешеле”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1065.

б. Опишете ги катастрофалните последици од оваа постапка, и начинот на кој бил поштеден животот на Павле. Дела 21:27-32. Како се повторува историјата?

„Илија бил обвинет дека на Израел му донесува несреќа и немир, Еремија, дека е предавник; Павле дека го сквернави храмот. Од тоа време па сè до денес, оние што сакале да останат верни на вистината, жигосани се како бунтовници, како кривоверци или расколници. Мнозина што имаат премногу слаба вера за да можат да го прифатат сигурното пророчко слово, лесно ги прифаќаат обвинувањата против оние кои се осмелуваат да ги жигосаат омилените гревови. Тој дух ќе расте сè повеќе и повеќе. Библијата јасно нè учи дека се приближува време кога државните закони ќе дојдат во таква спротивност со Божјите закони, што секој кој ќе сака да ги држи сите Божји прописи, ќе мора да биде подготвен да претрпи срам и казна како злосторник”. – Големата борба, 458.


Петок 20. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога бил состанокот на првиот ден од неделата, и како ние тоа го знаеме?

2. Што ме учи апостол Павле за водење на душите во верата?

3. Објаснете го контрастот помеѓу Павле и многуте таканаречени проповедници денес?

4. Зошто Павле бил толку посветен мисионер и како можам да бидам сличен на него?

5. Како и зошто наскоро ваквиот прогон ќе се повтори против Павле?

 <<    >>