Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 3. јули 2021.

Неволји и надеж

„Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.” (Дела 14:22).

„(Павле) не пропуштал ниту една прилика да зборува за Спасителот или да им помогне на оние што биле во некоја неволја. Одел од место до место, проповедајќи го евангелието за Христа и основајќи цркви“. – Делата на апостолите, 367.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 180-187. 

Недела 27. јуни

1. РЕЗУЛТАТ НА ВЕРАТА

а. Откако Христовите ученици биле принудени да побегнат од Иконија заради верско прогонство, со што се сретнале во Листра? Дела 14:8.

„Мораме секогаш да бидеме подготвени да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош и да ги олесниме страдањата на оние кои се во неволја“. – 6. Сведоштво, 360.

б. Додека човекот го слушал Павле како зборува, што разбрал апостолот за него – и што се случило како последица на тоа? Дела 14:9,10.

„Еднаш, додека така му зборувал на народот за Христовото дело како исцелител на болните и жалосните, Павле меѓу своите слушатели забележал еден сакат човек кој втренчено гледал во него, ги слушал неговите зборови и очигледно верувал во нив. Павле во срцето почувствувал сожалување кон тој унесреќен човек и во него препознал лице кое ‘верува дека ќе оздрави’. Во присуство на мноштво идолопоклоници, Павле му наредил на немоќниот сакат човек да стане и цврсто да застане на своите нозе. До тогаш овој маченик можел само да седи, но сега, истиот миг тој ја послушал заповедта на Павле и станал на нозе, првпат во својот живот. Силата дошла заедно со напорот на верата“. – Делата на апостолите, 181.


Понеделник 28. јуни

2. СЕТА СЛАВА МУ ПРИПАЃА НА БОГА

а. Како реагирале жителите на Листра на чудото што го виделе? Дела 14:11-13.

„А толпата, кога виде што направи Павле, го подигна својот глас велејќи на ликаонски: ‘Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!’ Тие зборови биле сообразени со една нивна традиција според која се верувало дека боговите понекогаш доаѓаат на земјата. На Варнава, поради неговата достоинствена појава и однесување, како и поради благоста и добрината што се гледале на неговото лице, го нарекле Јупитер, татко на боговите. За Павле верувале дека е Меркур ‘зашто тој беше главниот говорник’, бидејќи бил сериозен, делотворен и речит во опомените и поуките“. – Делата на апостолите, 181.

б. Што открива дека апостолите биле цврсто решени да му ја дадат целата слава на Христа? Дела 14:14-18.

„Со желба да ја покажат својата благодарност, жителите на Листра го наговориле свештеникот на Јупитера на апостолите да им укаже чест и тој ‘доведе бикови и донесе јунци пред портите и, заедно со народот, сакаше да принесе жртва’. Павле и Варнава, кои штотуку се повлекле за малку да си починат, не знаеле за тие подготовки. Но набргу нивното внимание го привлекле звуците на музиката и одушевените повици на големата маса луѓе што дошле пред куќата каде што отседнале.

Кога апостолите сфатиле која е вистинската причина за таа масовна посета и за таа возбуда, ‘ги раскинаа своите облеки и се втурнаа меѓу народот’ со надеж дека ќе го спречат нивниот потфат... И покрај тоа што апостолите енергично тврделе дека немаат божествено потекло, и покрај напорите на Павле мислите на собраните да ги насочи кон вистинскиот Бог како единствено Суштество достојно за обожавање, речиси било неможно да се одвратат тие незнабошци од нивната намера да принесат жртва. Нивното убедување дека овие луѓе навистина се богови било толку цврсто, а одушевувањето толку големо, што во никој случај не сакале да ја признаат грешката...

Тие отстапиле од својата намера дури по подолго уверување и внимателно објаснување на Павле за тоа од што се состои нивната мисија како претставници на небесниот Бог и на неговиот Син, големиот Исцелител“. – Делата на апостолите, 181,182.


Вторник 29. јуни

3. ВОЗНЕМИРЕНИ ОД СТРАНА НА ЗЛОНАМЕРНИ ГЛАСИНИ

а. Објаснете што ги спречило луѓето во Листра да го прифатат евангелието и како се сменил нивниот став. Дела 14:19.

„Противниците на Евреите од Антиохија, со помош на чие влијание апостолите биле протерани од овој регион, се обединиле со некои Евреи од Иконија и тргнале по стапките на апостолите. Чудото извршено врз сакатиот, и неговото влијание врз оние што биле сведоци на тоа, ја разгорело нивната завист и ги натерало да одат на местото на делувањето на апостолите и лажно да сведочат за тоа дело. Тие негирале дека Бог има некакво учество во тоа и тврделе дека тоа чудо е направено преку демоните на кои им служеле овие луѓе.

Истата група претходно го обвинувала Спасителот дека изгонувал демони преку моќта на кнезот на демоните; тие го осудиле како измамник; и сега го покажале истиот неразумен гнев кон Неговите апостоли. Со помош на лаги, тие ги инспирирале луѓето во Листра со горчина на духот, со кој и самите биле водени. Тие тврделе дека биле темелно запознаени со историјата и верата на Павле и Варнава и толку погрешно ги претставиле нивните карактери и дела, така што овие незнабошци, кои биле подготвени да ги обожаваат апостолите како божествени суштества, сега ги сметале за полоши од убијците и сметале дека секој што ќе ги отстрани од светот ќе му направи добра услуга на Бога и на човештвото“. – Sketches From the Life of Paul, p. 59.

„Основните поими за вистинитиот Бог, стравопочитувањето и честа што Му ја должат луѓето, биле втиснати во нивните умови; но додека тие сѐ уште го слушале Павле, сатаната ги поттикнувал необратените Евреи од другите градови да одат по нив, настојувајќи да го уништат доброто дело направено преку него... Чудењето и восхитот кај народот сега се претвориле во омраза“. – Рани списи, 203.

„Разочарани со тоа што им било оневозможено на апостолите да им принесат жртва, жителите на Листра веќе биле подготвени против Павле и Варнава да се нафрлат исто толку страстно како што ги поздравиле како богови. Подбуцнувани од страна на Евреите, тие решиле против апостолите да применат насилство. Евреите барале да не му се дозволи на Павле да зборува, тврдејќи дека тој, ако му се даде таква можност, ќе успее речиси да го маѓепса народот.

Убиствените намери на непријателите на евангелието набргу биле спроведени во дело. Следејќи го ова лошо влијание, жителите на Листра паднале во вистински сатански бес, па го фатиле Павле и без милост почнале да го каменуваат“. – Делата на апостолите, 183,184.


Среда 30. јуни

4. ЧУДЕСНО ОХРАБРЕНИ

а. Што Исус му прорекол на Својот народ однапред, и што може да се види од начинот на кој жителите на Листра се свртеле против Павле? Јован 16:1-3, 4 (прв дел).

„Оние кои веруваат и ги проповедаат вистините на Божјата Реч во овие последни денови се соочуваат со сличен отпор (како Павле во Листра) од страна на непринципиелни луѓе кои не сакаат да ја прифатат вистината, и не се двоумат да ја извртуваат, па дури и да шират најсрамни лаги, за да го уништат влијанието и попречат патот на оние што Бог ги испратил со порака да го предупредат светот. Додека едната група измислува и шири лаги, другата група е толку заслепена од заблудите на сатаната што ги прима како зборови на вистината. Тие паѓаат во стапиците на најголемиот непријател, додека себеси си ласкаат дека се деца Божји. ‘И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата’“. – Sketches From the Life of Paul, p. 60.

б. Како Господ чудесно го зајакнал Павле – телесно и духовно – во неговото исклучително болно искушение во Листра? Дела 14:20,21 (прв дел). Како Тој, исто така, преку апостол Павле ги зајакнал и тамошните нови верници?

„Во тој мрачен час на искушение, малобројните верници во Листра, на кои Павле и Варнава им помогнале да ја прифатат верата во Исуса, останале предани и верни. Неразумното противење и свирепите прогони уште повеќе ја зацврстиле верата на тие предани браќа. Иако самите изложени на опасност, на омаловажување и презир, тие покажале верност, собирајќи се со тага и болка околу телото на Павле, мислејќи дека е мртов.

Меѓутоа, колку силно се изненадиле кога апостолот, опкружен со нивното болно липање, наеднаш ја подигнал главата и застанал на нозе со фалба за Бога на усните. Ова неочекувано враќање во живот на Божјиот слуга за верните се чинело како некакво Божјо чудо и тие го примиле како небесна потврда на нивната новопримена вера. Се радувале со неискажлива радост и го славеле Бога со обновена вера“. – Делата на апостолите, 184.


Четврток 1. јули

5. ГРИЖА ЗА ВЕРНИЦИТЕ

а. На кој начин е откриен Павловиот дух на простување? Дела 14:21 (последен дел), 22.

„Павле и Варнава не сакале да почнат да работат на некое друго место пред да ги зацврстат во верата обратениците кои биле присилени да ги остават сами извесно време во градовите каде што неодамна работеле. И така, и покрај опасностите, ‘се вратија во Листра, Иконија и Антиохија; ги закрепнуваа душите на учениците и ги поттикнуваа да бидат постојани во верата’”. – Делата на апостолите, 185.

б. Што можеме да научиме од начинот на кој апостолите работеле? Дела 14:23-28.

„Верниците во секое ново место, кои со негова помош го прифатиле Христа како Спасител, во погоден миг биле организирани во локална месна црква. Тоа се правело дури и во случај кога имало само неколку верници. Така христијаните се учеле да си се помагаат едни со други, имајќи го на ум ветувањето: ‘Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив’ (Матеј 18:20). Павле никогаш не ги заборавил тие организирани цркви. Грижата за нив претставувала сè потешко бреме што го притискало неговиот дух. Колку и да била малечка некоја група, сепак таа претставувала предмет на негова постојана грижа. Нежно бдеел токму над тие помали групи, свесен дека ним им е потребно поголемо внимание со цел верниците добро да се утврдат во вистината и да научат несебично и сесрдно да работат за луѓето околу себе“. – Делата на апостолите, 185,186.


Петок 2. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто на човекот немоќен во нозете му било овозможено да оди?

2. Како реагирале учениците кога жителите на Листра сакале да ги обожаваат?

3. Опишете ја тактиката која непријателот ја користел за да го спречи Божјото дело во Листра?

4. Зошто можам да се охрабрам од начинот на кој Павле се справувал со своите искушенија во Листра?

5. Објаснете ја вредноста на малите цркви во Божји очи?

 <<    >>