Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 17. јули 2021.

Водени од Светиот Дух

„Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Дојди во Македонија и помогни ни’“ (Дела 16:9).

„Македонскиот повик доаѓа од сите страни“. – 5. Сведоштво, 86.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 201-213; 
  9. Сведоштво, 43-48. 

Недела 11. јули

1. СОЧУВСТВО КОЕ ЗАЈАКНУВА

а. Што направиле Павле и Варнава по делегацијата, и зошто се разделиле? Дела 15:35-39. Што можеме да научиме од начинот на кој довербата на Варнава му помогнала на Јован Марко? 2. Тимотеј 4:11.

„Тој (Павле) не бил наклонет да ја оправда слабоста на Марко што ја покажал кога го напуштил делото поради безбедноста и удобноста на домашниот живот. Сметал дека човек со толку малечка истрајност не е погоден за делото за кое се потребни трпение, самооткажување, храброст, преданост, вера и подготвеност да се жртвува дури и животот, ако е тоа потребно“. – Делата на апостолите, 202.

„Острата препирка помеѓу Павле и Варнава, слабостите и недостатоците на пророците и апостолите, сето тоа го разоткрива Светиот Дух кој го подига превезот на тајната од човечкото срце. Пред нас се отворени животите на многумина верници со сите нивни недостатоци и лудости, за тоа да послужи како опомена и поука на сите идни генерации. Ако биле без никакви недостатоци, тие би биле повеќе од луѓе, и ние во својата грешност очајно би се сомневале дека некогаш ќе се воздигнеме на такво ниво на совршеност. Но гледајќи како тие се бореле и паѓале, како повторно станувале и со Божја благодат стекнувале победа, и ние стануваме охрабрени да ја продолжиме борбата во совладување на препреките кои нашата изопачена природа ни ги става на патот“. – 4. Сведоштво, 12.


Понеделник 12. јули

2. ПАВЛЕ И ТИМОТЕЈ

а. Каде отишол потоа Павле, и кој бил вдахновен од неговата вера порано во Листра? Дела 15:40,41; 16:1,2.

„Меѓу оние што се обратиле во Листра и биле очевидци на Павловите страдања се наоѓал и еден човек кој подоцна станал истакнат работник за Христа и со апостолите ги делел искушенијата и радоста на мисионерската служба во тешко пристапните предели. Тоа бил младиот Тимотеј. Кога Павле го извле¬кле од градот, тој млад човек се наоѓал меѓу оние кои стоеле околу неговото навидум безживотно тело и кои виделе како се крева сиот во рани и облеан во крв, но со фалба на своите усни затоа што му било дозволено да страда за Христа“. – Делата на апостолите, 184.

б. Каков план имал Павле, и какви резултати тоа донело? Дела 16:3-5.

„Кога Тимотеј бил малку повеќе од момче, Павле го зел со себе како сопатник во работата. Оние, што го учеле Тимотеј во неговото детство, биле наградени кога виделе како синот на нивната грижа е поврзан во тесна заедница со големиот апостол.

Павле го сакал Тимотеј, затоа што Тимотеј го сакал Бога. Неговото интелигентно познавање на практичната побожност и вистината му овозможиле да се истакне и да има влијание. Побожноста и влијанието на неговиот домашен живот не биле вообичаен начин на надворешно љубезно однесување, туку производ на чисти, разумни и нерасипани чувства. Моралното влијание на неговиот дом било значајно, не непостојано, импулсивно или променливо. Божјата Реч била правило со кое се раководел Тимотеј... Неговите домашни учители соработувале со Бога во воспитувањето на ова младо момче да го носи товарот на одговорностите кој морал да го прифати уште од рана возраст”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 918.

„Преку Христовата благодат апостолите станале она што биле. Со искрена посветеност и понизна, сесрдна молитва тие стапиле во тесна заедница со Него. Седнале заедно со Него на небесните места. Ја сфатиле сета големина на долгот што Му го должат. Со сесрдна и истрајна молитва, тие се здобиле со дарот на Светиот Дух и тргнале, исполнети со бреме за да спасуваат души, ревно да ги прошируваат победите на крстот. Благодарение на нивниот труд, многу души биле изведени од мрак во светлина и биле основани многу цркви“. – 7. Сведоштво, 32.


Вторник 13. јули

3. ОДГОВОРЕТЕ НА ПОВИКОТ

а. Гледајќи како Светиот Дух постојано ги водел апостолите, што треба да разгледа секој верник трезвено и со молитва? Дела 16:6-10.

„Живееме во најсвечено време. На нас почиваат важни одговорности. Се отвораат нови полиња за нашата работа, а македонскиот повик доаѓа од сите страни. ‘Дојди... и помогни ни’. Некои молат барем еден ден да поминеме во работа со нив, ако не може повеќе. Божјите ангели ги подготвуваат ушите да слушаат, а срцата да ја примат предупредувачката порака. Меѓу нас живеат искрени души кои сè уште не ги слушнале причините за нашата вера. Луѓето умираат поради недостаток на знаење. Не се прави ниту стоти дел од она што може да се направи за да се пренесе пораката на третиот ангел. Постојат луѓе кои ќе бидат одговорни за душите кои никогаш не ја чуле вистината”. – The Review and Herald, October 22, 1914.

„Во близина на нашите врати, како и во странски земји, постојат полиња што созреваат за жетва. Господ сега ги повикува волонтерите. Излезете, работници за Бога, носете го драгоценото семе плачејќи; бидејќи несомнено ќе се вратите со радост, носејќи ги своите снопови со себе. Вашите молитви и солзи мораат да ги пратат вашите напори, за да не можат несветите црти на вашиот карактер да го извалкаат светото Божјо дело. Помалку се потпирајте на она што можете да го направите, дури и со вашите најдобри напори, а повеќе на она што Бог може да го направи за вас во секој обид да се прослави Неговото име”. – The Review and Herald, December 15, 1885.

„Македонскиот повик допира од сите страни. Треба ли луѓето да одат ‘по прописи’ за да видат дали ќе им биде дозволено да работат, или ќе излезат и ќе работат најдобро што можат, во зависност од своите способности и помошта на Господ, почнувајќи скромно и создавајќи интерес за вистината на места каде што не е сторено ништо за да се пренесе предупредувачката порака?

Господ ги охрабрил оние кои почнале да работат за Него на сопствена одговорност, чувствувајќи во своето срце љубов кон душите подготвени да пропаднат. Вистинскиот мисионерски дух ќе им биде даден на оние кои искрено сакаат да го познаваат Бога и Исуса Христа, кого Тој го испратил. Бог живее и царува. Млади момци, излезете на местата во кои ве упатува Духот Господов. Работете со рацете за да можете да се издржувате, и кога ќе имате можност, проповедајте ја предупредувачката порака”. – Medical Ministry, p. 321.


Среда 14. јули

4. ПРИДОБИВАЊЕ НА ДУШИ ВО МАКЕДОНИЈА

а. Каде бил главниот фокус на апостолите во Македонија? Дела 16:11,12.

б. Опишете како дошло до првите обратувања во таа област, и што можеме да научиме од ова. Дела 16:13-15; Псалм 25:9.

„Вистинската кроткост го омекнува и го покорува срцето и му дава на разумот способност да ја вреже Речта. Таа ги води мислите во покорност кон Христа. Го отвора срцето за речта Божја, како што срцето на Лидија било отворено за зборовите на Павле”. – The Sanctified Life, p. 14.

„Лидија со радост ја прифатила вистината. Таа и нејзиниот дом се обратиле и се крстиле, па најсесрдно им понудила на апостолите да живеат во нејзината куќа како во свој дом“. – Делата на апостолите, 212.

в. Објаснете ја ситуацијата во која некој дава вистинска изјава, но сепак нанесува штета на влијанието на Авторот на сета вистина. Дела 16:16,17.

„Оваа жена била посебно орудие во рацете на сатаната и со своето вражање им носела голема добивка на своите господари. Со својата дејност и влијание таа во значителна мера придонесувала за засилување на идолопоклонството. Сатаната знаел дека евангелието навлегува во неговото царство и затоа прибегнал кон ова средство за да го спречи Божјото дело, настојувајќи своите измамнички заклучоци да ги помеша со вистината што ја објавувале весниците на евангелската порака. Пофалните зборови што ги изговарала оваа жена претставувале навреда за делото на вистината, зашто ги одвлекувале мислите на народот од апостолското учење и фрлале сенка на зол глас врз евангелието, што мнозина наведувало да веруваат дека луѓето кои зборуваат исполнети со Божји дух и со Божја сила се инспирирани со истиот дух како и овој пратеник на сатаната“. – Делата на апостолите, 212.

в. Што бил принуден Павле да стори во нејзино име? Дела 16:18.

„Кога била ослободена од лошиот дух и кога ѝ е вратена здравата памет, оваа жена решила да стане Христов следбеник“. – Делата на апостолите, 213.


Четврток 15. јули

5. СТРАДАЊЕ СО ХРИСТОС

а. Кога гаталката била чудесно избавена од сатаната, и како непријателот го насочил својот гнев против Павле и Сила? Дела 16:19-22.

„(Господарите на жената) виделе дека дошол крајот на секоја нивна надеж за заработка од нејзините гатања и предвидувања, и дека ако им биде дозволено на апостолите да продолжат со својата работа, нивниот извор на приход наскоро ќе биде целосно прекинат“. – Sketches From the Life of Paul, p. 74.

„Во тој град и многу други заработувале пари со помош на измамувачките вештини на сатаната и тие луѓе, плашејќи се од влијанието на онаа Сила која можела наполно да ја прекине нивната работа, подигнале страшен вик против Божјите слуги...

Исполнети со бес и горчина, мноштво луѓе станале против учениците. На слепата страст на џганот ѝ оделе на рака и поглаварите“. – Делата на апостолите, 213.

б. Опишете ја неверојатната суровост со која апостолите биле принудени да се справат, и нивната реакција. Дела 16:23-25.

„Апостолите биле оставени во мошне тешка состојба. Нивните расечени и крвави грбови биле во контакт со грубиот камен под, додека нивните нозе биле подигнати и цврсто врзани во окови. Во оваа неприродна положба тие многу страдале; но сепак тие не стенкале ниту се жалеле, туку разговарале еден со друг и меѓусебно се храбреле, и со благодарни срца го фалеле Бога што се нашле достојни да носат срам за Неговото драго име“. – Sketches From the Life of Paul, p. 75.


Петок 16. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кого можам да поддржам, како Варнава Марко?

2. Кого можам да го подготвам да носи товари, како што било направено со Тимотеј?

3. На кој начин можам да учествувам во одговорот на македонскиот повик денес?

4. Каде можам да најдам кротки души отворени за вистината како што била Лидија?

5. Зошто проучувањето на тешкото искуство на Павле и Сила е корисно за мене?

 <<    >>