Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 7. август 2021.

Самоиздржување при работа на терен

„Бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот... та верата ваша да не почива на човечката мудрост, туку на силата Божја” (1. Коринтјаните 2:2,5).

„Ако некогаш би попуштила неговата (Павловата) ревност кон должноста, само еден поглед на крстот и на големата љубов што се открила таму, бил доволен да го наведе да ги ‘опаше бедрата на својот ум’ и да продолжи по патот на самооткажување”. – Делата на апостолите, 246.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Дела на ап., 243–254, 272-274, 355-358. 

Недела 1. август

1. ПРЕТПАЗЛИВОСТ КАКО ПРИМЕР

а. Кога Павле ја напуштил Атина и стигнал во Коринт, каде заминал за да заработи за живот, и зошто? Дела 18:1-3.

„Кога Павле пристигнал во Коринт тој побарал работа од Акила. Апостолите се советувале и се молеле заедно и решиле да го проповедаат евангелието онака како што треба да се проповеда, не од некои себични побуди и материјални интереси, туку од љубов кон душите кои пропаѓаат поради недостаток на знаење. Павле работел на изработка на шатори и ги учел своите соработници да работат со свои раце, за да можат да се издржуваат во какви било итни случаи...

Павле бил високообразован и мошне ценет поради својата генијалност и елоквентност. Неговите соработници го избрале за член на Синедрионот, и тој бил рабин со исклучителни способности; но неговото образование не го сметал за целосно сè додека не научил некој корисен занает. Тој бил задоволен што може да се издржува со физичка работа, и честопати изјавувал дека неговите раце ги задоволувале неговите сопствени потреби. Додека како некој странец и минувач бил во некој град, на никого не му досадил. Кога своите пари ги потрошил за напредок на Христовото дело, тој прибегнувал кон својот занает за да заработи за живот”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, pp. 1062, 1063.


Понеделник 2. август

2. ВО КОРИНТ

а. Кој бил првиот чекор на Павле кога дошол во Коринт? Дела 18:4. Како можеме да бидеме инспирирани од неговиот пример? Лука 14:23.

„Како работник во евангелието (Павле) има полно право да живее од евангелието, а не сам да се издржува; но тој доброволно се откажал од тоа право, стравувајќи дека со таквото примање би му наштетил на своето дело и би ја ослабнал својата корисност. Иако со слабо здравје, тој во текот на денот работел на Христовото дело, а потоа и голем дел од ноќта, а често и цела ноќ, ја поминувал во напорна физичка работа за да ги подмири секојдневните потреби и за себе лично, а и за другите”. – 4. Сведоштво, 409,410.

„Мисионерите што сами се издржуваат, можат да делуваат успешно на многу места. И апостол Павле, ширејќи го по светот знаењето за Христа, делувал како мисионер, кој самиот се издржувал. Додека секојдневно го проповедал Евангелието во големите градови на Азија и Европа, истовремено работел и како занаетчија, за да се издржува себеси и своите соработници...

Кога би биле инспирирани од истиот дух на самопожртвуваност и денес, многумина би можеле на сличен начин да вршат некое добро дело. Нека двајца или повеќемина заедно започнат евангелска работа. Нека ги посетуваат луѓето, молејќи се, пеејќи, поучувајќи, објаснувајќи ги Списите и служејќи им на болните. Некои можат да се издржуваат себеси преку колпортерска работа; други, слично како апостолот, можат да работат некој занает или нешто слично на тоа. Тие ќе стекнат благословени искуства, движејќи се нанапред во нивната работа и скромно зависејќи од Бога, препознавајќи ја својата беспомошност. Господ Исус Христос чекори пред нив и тие ќе наидат на одобрување и поддршка и меѓу богатите и меѓу сиромашните.

Оние, кои биле обучувани за здравствено-мисионска работа во странски држави, треба да бидат охрабрени без одложување да одат онаму, каде што очекуваат да работат и да започнат работа меѓу луѓето и, работејќи ја својата работа, да го учат тамошниот јазик. Набргу, тие ќе бидат во состојба да ги поучуваат луѓето за едноставните вистини на Божјата Реч.

Гласниците на милоста треба да одат по целиот свет. На христијанските семејства им е упатен повик да одат во заедници, кои се во темнина и заблуда, да одат во странските полиња, за да се запознаат со потребите на своите ближни и да работат за делото на Учителот. Колку благородна работа може да биде извршена доколку такви семејста се населат во места, каде што народот е обвиткан во духовна темнина и со својот живот претставуваат светлина на христијанската вера”. – Здравје и среќа, 154-156.


Вторник 3. август

3. БОЖЕСТВЕНА ЗАШТИТА

а. Зошто службата на Павле вродила со плод среде искушенијата? Дела 18:5-8.

„Неговите зборови биле изговорени со свечена сериозност и неговите слушатели морале да почувствуваат дека тој со сето срце е врзан за распнатиот и воскреснат Спасител. Виделе дека неговите мисли се сосредоточени на Христа и дека целокупниот живот му е поврзан со Господа. Неговите зборови биле силно впечатливи, така што нетрогнати можеле да останат само оние што биле исполнети со огорчена омраза кон христијанската вера.

Но Евреите од Коринт ги затвориле очите пред доказите кои апостолот толку јасно ги изложувал и одбиле да ги прифатат неговите апели. Истиот дух, кој ги инспирирал да го отфрлат Христа, ги исполнувал со гнев и со омраза кон неговиот слуга; и кога не би го заштитил лично Бог, за да може да го продолжи проповедањето на евангелската порака на незнабошците, тие би го убиле...

Одбегнувајќи премногу сложени објаснувања, весниците на крстот најмногу зборувале за карактерните својства на Творецот на небото и земјата како возвишен Владетел на вселената. Нивните срца гореле од љубов кон Бога и кон неговиот Син и тие ги повикувале незнабошците да ја увидат и да ја сфатат безмерната жртва принесена за човекот. Знаеле дека оние што долго талкале во темнината на незнабоштвото ќе бидат привлечени кон Откупителот штом ќе ја видат светлината што блескоти од крстот на Голгота“. – Делата на апостолите, 247-249.

б. Што го зајакнало Павла во Коринт? Дела 18:9-11; 1. Коринтјаните 2:2,5.

„Иако Павле имал извесен успех во Коринт, сепак порочноста што ја гледал и ја слушал во тој расипан град речиси наполно го обесхрабрила. Изопаченоста што била толку очевидна кај незнабошците, како и презирот и навредите што ги примил од Евреите, кај него предизвикале тешка душевна болка. Се прашувал дали воопшто е мудро и да се обиде да се гради црква од материјалот што го нашол тука.

Кога планирал да го напушти овој град и да замине во некое поле што повеќе ветува, сесрдно трудејќи се да сфати што му е должност, Господ му се јавил и му рекол: ‘Не плаши се! Туку зборувај и не замолкнувај, зашто јас сум со тебе! И никој нема да те нападне за да ти направи некакво зло, зашто јас имам многу свои луѓе во овој град.’ Павле ова го сфатил како налог да остане во Коринт и како гаранција дека Бог ќе даде да израсне семето што е посеано тука. Окрепен на овој начин и охрабрен, тој продолжил да работи уште поревносно и поистрајно “. – Делата на апостолите, 250.


Среда 4. август

4. БОЖЈА ГРИЖА ЗА НЕГОВИТЕ РАБОТНИЦИ

а. Во склад со Неговото ветување до Павле, како Бог го користел Галион за да пропадне следниот заговор против апостолот? Дела 18:12-17.

„Првпат откако Павле почнал да работи во Европа, едно мноштво преминало на негова страна. Пред очите на намесникот и без никаква интервенција од негова страна, толпата огорчено ги нападнала најистакнатите тужители на апостолот“. – Делата на апостолите, 253.

б. Со која служба Павле продолжил и кого Бог го употребил во подигање на Аполос за да стане уште едно орудие во проповедање на евангелието? Дела 18:22-28.

„Тој на практичен начин покажал што можат да сторат посветените поединци, во многу места, без оглед на тоа што тие не се проповедници. Неговиот пример многу понизни работници инспирирал со желба да сторат сè што можат за напредок на Божјото дело, а едновремено да се издржуваат со својата секојдневна работа. Акила и Прискила не биле повикани сето свое време да го посветат на проповедање на евангелието, а сепак Бог ги употребил тие понизни работници на Аполо, кој подоцна станал прочуен поборник за христијанството, поцелосно да му го покажат патот на вистината. Господ употребува разновидни орудија за остварување на Своите намери, и додека некои луѓе со посебни таленти се избрани да ги посветат сите свои сили во поучување и проповедање на евангелието, многу други, кои никогаш не биле ракоположени од страна на луѓе, се повикани да одиграат значајна улога во спасувањето на души.

Пред евангелските работници, кои сами се издржуваат, се отвора широко поле на работа. Мнозина можат да стекнат драгоцено искуство во службата на евангелието, иако извесен дел од времето поминуваат во некоја физичка работа; така тие стануваат добри работници во значајната служба на оние полиња каде што за тоа се чувствува потреба.

Пожртвуваниот Божји слуга, кој неуморно се залага во речта и во науката, носи тешко бреме на своето срце. Таквиот работник својот труд не го мери со работни часови. Неговите примања немаат никакво влијание врз неговата работа, ниту пак тој ја напушта својата должност поради неповолните услови или околности. Тој својот работен налог го примил од небото и оттаму очекува награда кога ќе го заврши делото што му е доверено“. – Делата на апостолите, 355,356.


Четврток 5. август

5. ИНСПИРАЦИЈА ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ЦРКВАТА

а. Како може примерот на Павле за доброволна мисионерска работа да нè инспирира и мотивира денес? Дела 20:33,34; Псалм 126:6.

„Во понизно потпирање на Бога, семејствата треба да се населат на пустите места од Неговото лозје. Потребни се посветени мажи и жени кои ќе стојат во пустите места на земјата како плодоносни дрвја на праведноста. Како награда за својата пожртвувана работа во сеење на семето на вистината, тие ќе жнеат богата жетва. Како што одат од семејство до семејство, отворајќи го Светото писмо пред оние кои се во темнина, многу срца ќе бидат допрени.

Во полињата во кои состојбата е толку непожелна и обесхрабрувачка, така што многу работници не сакаат да одат во нив, со напорите на пожртвуваните членови може да се оствари значаен напредок. Овие скромни работници можат да постигнат многу, бидејќи работат трпеливо и истрајно, не потпирајќи се на човечка сила, туку на Бога, кој им ја дава Својата благонаклоност. Во овој свет никогаш нема да се дознае колку добра работа извршиле овие работници.

Самостојните мисионери често пати се многу успешни. Од мали и скромни почетоци, нивното дело се шири под водство на Светиот Дух. Нека двајца или тројца започнат заедно евангелска работа. Можеби луѓето кои се на чело на делото на никаков начин нема да им ветат парична помош; сепак, тие треба да тргнат напред со молитва и песна; поучувајќи и живеејќи ја вистина. Можат да се посветат на колпортажа и на тој начин да ја донесат вистината на многу семејства... Тие ја носат веста што им ја дал Бог и нивната работа ќе биде крунисана со успех. Многумина кои без овие понизни учители никогаш не би пришле кон Христа, ќе бидат доведени до познавање на вистината”. – 7. Сведоштво, 22,23.


Петок 6. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој пример им е даден на христијаните во поглед на материјалните добра?

2. Кои чекори можам да ги направам за да имам искуство слично на Павловото во Коринт?

3. Зошто може да ме охрабри сонот што Христос му го дал на Павле таму?

4. Кој од оние што ги познавам може да стане „Аполос“, што можам да го доведам до Исуса?

5. Наведете неколку ветувања за сите што сеат семе на Божјото Слово.

 <<    >>