Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 25. септември 2021.

Во чесни окови

„Ни во староста, кога ќе обелам во косата, Боже, не ме оставај; за да раскажувам за Твојата мишка на идното поколение и на сите идни поколенија, за Твојата сила”. (Дела 28:28).

„(Силата на прогонството) не може да го попречи влијанието на зборот на вистината врз срцата и совеста. Павле може да биде врзан, тој може да биде затвореник во синџири, но зборот Божји не може да биде врзан. Тој ќе ја заврши работата за што е испратен, а човечките сили не можат да го спречат тоа”. – The Review and Herald, September 11, 1888.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апост., 445-454, 485-497. 

Недела 19. септември

1. НА ОСТРОВОТ МЕЛИТ

а. Како биле примени бродоломците на островот Мелит, и што му овозможило на Павле веднаш да ја открие Божјата моќ? Дела 28:1-6.

„(Павле) со свои раце носел дрва и го палел огнот за да ги стопли премрзнатите бродоломци и да ги спаси од грозница. Кога виделе дека змијата отровница цврсто му се обвиткала околу рацете, сите се исплашиле многу; но Павле мирно ја истресол и ја фрлил во огнот, знаејќи дека ништо не му напакостила, затоа што имал потполна доверба во Бога”. – My Life Today, p. 334.

б. Објаснете ги начините на кои Бог му дал можности на Павле да им служи на островјаните. Дела 28:7-10.

„Во текот на три месеци што ги поминале бродоломниците на Малта, Павле и неговите соработници користеле многу прилики да го проповедаат евангелието. Господ видливо работел преку нив. Благодарение на Павла, сите бродоломници биле пречекани со голема пресретливост”. – Делата на апостолите, 446.


Понеделник 20. септември

2. НЕЗАБОРАВНИ МОМЕНТИ

а. Како што продолжило патувањето, на каков благослов патниците наишле во местото Потиоли? Дела 28:11-14.

„Во тоа место имало неколку христијани кои го замолиле апостолот да остане кај нив седум дена, што капетанот великодушно дозволил”. – Делата на апостолите, 447.

б. Опишете го величественото доаѓање на Павле во Рим. Дела 28:15,16.

„Јулиј радо му давал на апостолот секакво одобрение што било во негова власт, но не можел да ја измени неговата положба како заточеник ниту смеел да го ослободи од оковите што го врзувале за неговиот стражар. Павле со тешко срце одел во пресрет на својата долго сакана посета на престолнината на светот. Колку многу се разликувале околностите од она што некогаш го очекувал! Како, вака окован и жигосан, ќе го проповеда евангелието? Неговите надежи дека во Рим ќе придобие многу души изгледале осудени на целосно разочарување.

Најпосле патниците пристигнале до Апиев Форум, околу шеесет и пет километри од Рим. Додека се пробивале низ густата толпа свет што се тискала на големиот крстопат, на седиот старец, окован заедно со група, очигледно окоравени злосторници, му биле упатувани многу презриви погледи и мноштво сурови, подбивни шеги.

Одненадеж се слушнал радосен извик, и еден човек се изделил од толпата поминувачи и паднал околу вратот на седиот заточеник, прегрнувајќи го со солзи радоснички, како син што би го пречекал долго отсутниот татко. Таа сцена се повторувала...

Бидејќи одушевените ученици со огнено срце и копнежливо се собрале околу својот татко во евангелието, групата се запрела. Војниците станале нестрпливи поради таквите задржувања, но сепак, немале срце да ја прекинат толку срдечната средба, зашто и самите научиле да го почитуваат и да го ценат седиот заточеник. Во тоа папсано и со болка скршено лице, учениците виделе отсјај на Христовиот лик. Го уверувале дека не го заборавиле ниту пак престанале да го сакаат, свесни оти му должат благодарност за радосната надеж која ги бодри во животот и им дава мир во Бога. Кога би им се дало предимство и кога би им се укажала чест, тие во својата топла љубов би го носеле на рамена сè до Рим.

Малку има такви кои го сфаќаат значењето на зборовите на Лука дека Павле, кога повторно ги видел своите браќа, ‘му заблагодари на Бога и се охрабри’”. – Делата на апостолите, 448,449.


Вторник 21. септември

3. ЗАЈАКНАТ ЗА ЗАДАЧАТА

а. Како подоцна Павле опишал колку бил утешен од начинот на кој го примиле во Рим? 2. Тимотеј 1:16,17.

„Наоѓајќи се така среде група верници кои плачеле, кои му укажувале љубов и не се срамеле од неговите окови, апостолот гласно го фалел Бога. Исчезнал облакот на тага кој заканувачки се реел над неговиот дух. Неговата христијанска работа и неговиот живот претставувале низа тешкотии, патила и разочарувања, но во тој миг почувствувал дека за сето тоа е богато награден. Со поцврст чекор и со радосно срце го продолжил својот пат. Не се жалел на минатото, ниту се плашел од иднината. Знаел дека го очекуваат окови и страдања, но исто така знаел дека му е должност да ги спасува душите оковани со неспоредливо потешки окови и се радувал со своите патила и страдања заради Христа”. – Делата на апостолите, 449.

б. Иако тоа можело да го доведе во опасност неговиот живот уште еднаш, што Павле веднаш направил во Рим во рок од три дена? Дела 28:17-20.

„Во Рим капетанот Јулиј своите заточеници му ги предал на заповедникот на царската стража. Поволниот извештај што го дал за Павле, како и писмото упатено од Фест, придонеле апостолот да се здобие со благонаклоност кај главниот заповедник така што, наместо да оди во затвор, дозволено му е да живее во куќа што самиот ја најмил. Иако сè уште бил врзан со окови за војник, тој можел слободно да ги прима своите пријатели и да се залага за напредок на Христовото дело.

На многу Евреи, кои пред неколку години биле протерани од Рим, им било дозволено да се вратат, така што во тоа време нивниот број во Рим бил прилично голем. Павле решил, пред сè , ним да им ги изложи фактите што се однесувале на самиот него и на неговата работа, додека на неговите непријатели не им се даде можност да предизвикаат огорченост и предрасуди против него. Затоа, три дена по своето пристигнување во Рим, ги повикал нивните раководни луѓе и на непосреден и едноставен начин им изложил зошто тој како заточеник дошол во Рим...

Ништо не зборувал за неправдата што морал да ја поднесе од страна на Евреите ниту за нивните многубројни заговори да го убијат. Неговите зборови биле полни со обѕир и добрина. Тој не се стремел да го придобие вниманието или наклоноста лично за себе, туку само да ја одбрани вистината и да ја издигне честа на евангелието”. – Делата на апостолите, 449,450.


Среда 22. септември

4. ПОВТОРНО СВЕДОЧЕЊЕ

а. Како Евреите реагирале на воведното излагање на Павле? Дела 28:21-23.

„Бидејќи (Евреите) самите сакале, Павле ги замолил да одредат еден ден кога би можел да им ги изнесе вистините на евангелието. Во закажаниот ден дошле мнозина од нив и тој ‘од утро до вечер им изнесуваше за Божјото царство со докази и ги уверуваше за Исуса од Мојсеевиот закон и од пророците’. Им го изнел своето лично искуство и многу докази од старозаветните списи им изложил едноставно, искрено и впечатливо.

Апостолот покажал дека религијата не се состои од обреди и церемонии, од изјави за верувања или од теории. Кога би било така, тогаш и световниот човек со помош на истражување би можел да го долови Бога, исто како и земните проблеми што ги решава со истражување. Павле учел дека верата е нешто практично, сила која спасува, начело кое целосно произлегува од Бога, лично доживување на дејствувањето на Божјата сила којашто ја обновува душата.

Апостолот ги потсетил како Мојсеј однапред на Израелците им укажал на Христа како пророк што треба да го послушаат; како сите пророци сведочеле за него како за божествен исцелител од гревот, како за безгрешен кој ќе ги носи гревовите на грешниците. Тој не ги критикувал што се придржуваат кон обредите и церемониите, но им покажал дека тие, иако со најголема точност ја извршуваат церемонијалната служба, го отфрлаат Оној кој претставува суштина на целиот обреден систем”. – Делата на апостолите, 451,452.

б. Како завршил состанокот во корист на Павле? Дела 28:24-29.

„Од Павловото пристигнување во Рим поминале многу месеци пред ерусалимските Евреи да се појават лично да ги изнесат своите обвиненија против заточеникот. Тие во своите обиди повеќепати претрпеле неуспех и сега, кога на Павле требало да му се суди пред највисокиот суд на Римската империја, не сакале да ризикуваат уште еден пораз. Лисие, Феликс, Фест и Агрипа изјавиле дека тој е невин. Неговите непријатели можеле да се надеваат на успех само ако со интриги и со поткажувања би успеале да го привлечат императорот на своја страна. Одлагањето исто така би им било добредојдено, зашто би добиле време што подобро да се подготват и да ги изведат своите намери. Затоа извесно време чекале пред да ги изнесат своите обвиненија против апостолот”. – Делата на апостолите, 453.


Четврток 23. септември

5. БОЖЈАТА ВИСТИНА ОДБРАНЕТА

а. Пред да умре Павле со маченичка смрт, што тој успеал да направи, и што можел да изјави? Дела 28:30,31; 2. Тимотеј 4:6-8.

„И така апостолот, иако привидно изолиран од активната работа, всушност вршел пошироко и подалекусежно влијание отколку поранешните години кога можел слободно да ги посетува црквите”. – Делата на апостолите, 454.

б. Што треба да нè зајакне во деновите што доаѓаат? Псалм 76:10; 119:126.

„Бог секогаш го штител Својот народ во најголемите неволи и тогаш кога се чинело дека нема ниту најмала надеж да се избегне пропаста. Намерите на безбожните луѓе, непријателите на црквата, се потчинети на Неговата сила и Неговото провидение кое управува со сѐ. Тој може да го трогне срцето на државникот; гневот, разбрануваноста и омразата на оние што го мразат Бога, Неговата вистина и Неговиот народ Тој може да ги сврти на друга страна како што ги свиткува водените потоци, ако така намисли. Молитвата ја придвижува раката на Семожниот. Тој што го одредува патот на ѕвездите на небото, чиишто зборови владеат со брановите на длабокото море - истиот бесконечен Создател ќе го заштити Својот народ кога тој ќе Го повика со вера. Тој ќе ги заузда силите на темнината додека на светот не му се даде опомена и сите кои ќе ја прифатат ќе бидат подготвени за борба.

‘Зашто и преку човековиот бес Ти ќе се прославиш, а и остатокот од нив ќе Те прославува’ (Псалм 76:10), кажува Псалмистот. Божја намера е вистината да се изнесе на виделина и да стане предмет на испитување и проучување, дури ако тоа биде и со помош на презирот на кој е изложена. Мора да се пробуди интересот на народот. Секоја

расправија, секоја клевета и срам на кои се изложува едно Божјо дете се средства со кои Бог ќе ги натера луѓето на подлабоко испитување и ќе ги пробуди луѓето на тие што инаку би спиеле”. – 5. Сведоштво, 452,453.


Петок 24. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можат ситуациите во кои можете да се најдете во ќорсокак да ви создадат можности?

2. Што ја открива моќта што ја имале Павловите посланија врз верниците?

3. Како Бог ги користи настаните како што е доаѓањето на Павле во Рим за да нè воздигне?

4. Кое искуство на Павле нè потсетува дека времето на Бога е совршено?

5. Како Бог може да ме искористи за да ја ширам на вистината во тешки околности?

 <<    >>