Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 18. септември 2021.

Вера среде олуја

„Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено” (Дела 27:25).

„Со Павловото патување по морето била исполнета посебна Божја цел. Бог имал намера бродската посада да се осведочи преку Павле за Божјата сила”. – Рани списи, 207.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 439-445. 

Недела 12. септември

1. ОКОВАН НА БРОД

а. Каква била сцената на следното искушение на Павле кој, покрај Лука, сепак бил тука да го утеши? Дела 27:1,2; Колосјаните 4:10 (прв дел).

„Римските војници биле одговорни со своите животи за безбедноста на нивните затвореници, а тоа довело до обичај на врзување на затворениците со ланци од десниот зглоб на левиот зглоб на војниците кои наизменично се менувале едни со други. На овој начин апостолот не само што не можел слободно да се движи, туку бил во постојан и близок контакт со луѓе со најнепријатен и апсолутно одбивен карактер; луѓе кои не само што биле необразовани и прости, туку кои под деморализирачкото влијание на нивната околина станале брутални и деградирани”. – Sketches From the Life of Paul, p. 262.

„Морнарите правецот на пловидбата го одредувале главно според положбата на сонцето и ѕвездите, а кога не се појавувале ниту сонце ниту ѕвезди, а претстоеле предзнаци на бура, сопствениците на бродовите не се осмелувале да тргнат на отворено море. Во текот на извесен период од годината безопасна пловидба била речиси неможна.

Сега апостолот морал да помине низ тешко искуство што му паднало во дел како заточеник во окови да издржи долга и истоштувачка пловидба по море до Италија... Меѓутоа, Аристарх по своја слободна волја го делел Павловото заточение за да може да му послужи во неговата неволја”. – Делата на апостолите, 439,440.


Понеделник 13. септември

2. ОПАСНО ПАТУВАЊЕ

а. Што ја открива заслужената доверба која Павле набргу ја стекнал од Јулиј, кој го држел во притвор на патувањето за Рим? Дела 27:3.

„Бидејќи во тоа време здравјето му било нарушено, на апостолот оваа дозвола (да оди кај своите пријатели) му била добредојдена и тоа го примил со голема благодарност”. – Делата на апостолите, 440.

б. Како поминало патувањето, и на што ги предупредил Павле? Дела 27:4-10.

„Меѓутоа, ветровите си уште биле неповолни и бродот тешко пловел...

(Во местото Добри Пристаништа) биле присилени да се задржат извесно време очекувајќи поволен ветер. Бргу се приближувала зима ‘и пловењето веќе беше опасно’, па оние на кои им бил доверен бродот морале да ја напуштат надежта дека ќе стигнат на својата цел пред да помине времето погодно за пловидба. Сега единствено останало да се реши дали да се остане во местото „Добри Пристаништа” или да се направи обид да се дојде до некое поповолно место за зимување.

За ова прашање најсериозно се дискутирало, и капетанот најпосле го прашал за мислење и Павла, кој во меѓувреме се здобил со почит и кај морнарите и кај војниците. Без премислување апостолот советувал да останат тука каде што се затекле”. – Делата на апостолите, 440,441.

в. Што конечно било одлучено, но со какви резултати? Дела 27:11-17.

„Капетанот решил да го прифати мислењето на мнозинството...

Гонет од ветерот, бродот се приближувал кон малечкиот остров Кавда, и додека морнарите биле во неговото засолниште, се приготвувале за најлошото. Чамецот за спасување, нивното единствено средство за излез и спас во случај да доживеат бродолом, се наоѓал приврзан за бродот и бил изложен на опасност во секој миг да се скрши во парампарчиња, па прва работа била чамецот да го подигнат на бродот. Потоа ги презеле сите мерки на претпазливост бродот да го зацврснат и да го оспособат да ѝ преодолее на бурата. Незначителната заштита што им ја давал малечкиот остров не траела долго и набргу тие биле изложени на сета жестокост на бурата”. – Делата на апостолите, 441,442.


Вторник 14. септември

3. НАДЕЖ ЗА ОЧАЈНИТЕ

а. Опишете ги борбите што се случиле на морето. Дела 27:18-20.

„Бурата беснеела цела ноќ и бродот почнал да пропушта вода. Следниот ден, сите што биле на бродот – војници, морнари, патници и затвореници – се собрале да исфрлат од бродот сè што било излишно. Ноќта повторно дошла, но ветерот не стивнувал. Од бура носениот брод, со неговиот уништен јарбол и искинати едра, бил фрлан напред назад од бесот на невремето. Во секој момент се чинело дека стенкачките греди мора да попуштат, бидејќи бродот се нишал и треперел под ударите на невремето. Водата сè посилно продирала, така што и патниците и екипажот постојано работеле на пумпите. Никој на бродот не можел ниту еден миг да здивне... Мрачната апатија ги зафатила овие триста луѓе, кои четиринаесет дена лутале беспомошно и безнадежно под небото без сонце и ѕвезди. Немале средства за готвење; не можеле да запалат оган, приборот водата го однела во море, а повеќето резерви биле натопени со вода и расипани. Всушност, додека нивниот добар брод се борел со бурата, а брановите зборувале за смртта, никој не сакал храна”. – Sketches From the Life of Paul, p. 265.

б. Што направил Павле во тој момент, и како можел наскоро да им влее надеж на сите што се наоѓале на бродот? Псалм 55:22; 56:3; Дела 27:21-26.

„Додека сите наоколу очекувале брзо уништување, овој Божји човек, во спокој на својата беспрекорна совест, ги излевал своите срдечни молби во нивно име”. – Sketches From the Life of Paul, p. 266.

„Со вера се фатил за раката на Семоќната сила и во своето срце исцело се потпрел врз Бога. Не се плашел за себе, зашто знаел дека Бог ќе го сочува со цел и во Рим да ја посведочи вистината за Исуса Христа. Но неговото срце било полно со сочувство кон несреќните души на оние што се наоѓале околу него - грешни, изопачени и неподготвени за смрт. И додека од длабината на душата го молел Бога на сите да им го поштеди животот, му било откриено дека неговата молитва е примена”. – Делата на апостолите, 442.

„Иако од сите нив физички најмногу страдал, (Павле) им упатувал зборови на надеж во најмрачниот час, и им подавал рака во секоја итна ситуација”. – Sketches From the Life of Paul, p. 266.


Среда 15. септември

4. НЕПОСРЕДНА ОПАСНОСТ

а. Каков лукав трик смислиле себичните морнари во обид да ги спасат само своите животи (но не и животите на другите)? Дела 27:27-30.

„(На патниците и екипажот) сега им се заканувала нова опасност, нивниот брод да заврши на карпестиот брег. Тие веднаш фрлиле четири сидра, што било единственото нешто што можело да се направи. Во текот на преостанатите часови од таа ноќ чекале, знаејќи дека секој момент може да биде последен. Водата сè повеќе навлегувала во бродот, кој можел да потоне во секој момент, дури и ако сидрата се прицврстени.

Конечно, низ дождот и бурата паднала светлина врз нивните измачени и ужаснати лица. Контурите на карпестиот брег можеле слабо да се видат, но не можеле да видат ниту едно познато обележје. Себичните безбожни морнари одлучиле да го напуштат бродот и екипажот и спас да побараат во чамецот кој со толку маки го подигнале на бродот. Преправајќи се дека можат да направат нешто повеќе за да ја осигурат безбедноста на бродот, тие го одврзале чамецот и почнале да го спуштаат во морето”. – Sketches From the Life of Paul, p. 267,268.

б. Како Павле го неутрализирал нивниот заговор кој не би успеал? Дела 27:31.

„Доколку (себичните, безбожни морнари) успеале во својата намера, тие би биле распарчени на карпите, додека сите на бродот би настрадале бидејќи не биле способни да се справат со бродот што тоне.

Во тој момент, Павле го препознал подлиот план и ја спречил опасноста. Со својата вообичаена брза енергичност и храброст им се обратил на капетанот и војниците: ‘Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите’. Верата на апостолот во Бога не се поколебала; тој не се сомневал во сопствената безбедност, но ветувањето за безбедноста на екипажот било условено со исполнување на нивните должности”. – Sketches From the Life of Paul, p. 268.

в. Објаснете како, дури и сега, апостолот ги орасположил сопатниците. Дела 27:32-38.


Четврток 16. септември

5. ТОКМУ КАКО ШТО Е ПРЕТСКАЖАНО

а. Опишете го конечниот бродолом. Дела 27:39-41.

б. Како Бог на чудесен начин ги сочувал сите на бродот? Дела 27:42-44.

„Павле и другите заточеници сега се нашле во опасност да доживеат судбина полоша од бродоломот. Војниците виделе дека, додека ќе вложуваат крајни напори да се доберат до брегот, ќе биде наполно неможно да ги чуваат заточениците што им биле доверени. Секој поединец морал да ги напрегне сите свои сили за да се спаси, а ако некој заточеник би исчезнал, оние што биле одговорни за него би морале да платат со својот живот. Затоа војниците сакале сите заточеници да ги убијат. Римскиот закон дозволувал ваква свирепа постапка, и тие тоа би го сториле кога не би бил човекот на кого сите му должеле длабока благодарност. Капетанот Јулиј знаел дека Павле најмногу придонел за спасувањето на животот на сите што се наоѓале на бродот. Освен тоа, бил осведочен дека Господ е со него и не се осмелил да му стори никакво зло. Затоа тој ‘заповеда најнапред да скокнат оние што знаат да пливаат и да излезат на копно, а другите, кој на штици, кој на каков годе предмет од коработ. Така сите излегоа на копното’. И кога бил извршен прозив, никој не фалел”. – Делата на апостолите, 445.

„Кога е извршена прозивката, ниеден не недостасувал од пописот. Скоро триста луѓе, морнари, војници, патници и затвореници, стоеле во тоа бурно ноемвриско утро на бреговите на островот Мелит. Меѓу нив имало и такви кои им се придружиле на Павле и неговите браќа за да му се заблагодарат на Бога, кој им ги спасил животите и ги донел безбедно на копно низ сите опасности од огромните длабочини”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1067.


Петок 17. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Бог ги олеснува моите товари, како што тоа го направил за окованиот Павле?

2. Како можам да бидам во опасност да го одбијам непријатното предупредување?

3. Што можам да научам од грижата на Павле за незнабошците на бродот?

4. Зошто себичниот заговор со чамецот за спасување никогаш не можел да успее?

5. Што треба да научам од тоа како точно се исполнило пророштвото на Павле?

 <<    >>