Back to top

Sabbath Bible Lessons

Lessons From the Book of Acts (2)

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 14. август 2021.

Ослободување од темнината

„И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела” (Дела 19:18).

„Многу искрени следбеници на Христос имале слично искуство (како учениците во Ефес). Појасно разбирање на Божјата волја го става човекот во нов однос со Него. Му се откриваат нови должности. Многу работи кои порано му се чинеле невини, па дури и за пофалба, сега се покажуваат како грешни”. – Sketches From the Life of Paul, 133.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Messages to Young People, pp. 271–282; 
  Делата на апостолите, 281–290; 
  5. Сведоштво, 191–199. 

Недела 8. август

1. НАПРЕДУВАЊЕ ДО ПОГОЛЕМА СВЕТЛИНА

а. Што можеме да научиме од чекорот што го направиле некои ученици во Ефес, кои дошле до поголема светлина во своето искуство? Дела 19:1-7.

„Кога (обратените Евреи во Ефес) го прифатиле крштвањето извршено со раката на Јована, тие не ја сфатиле потполно Исусовата мисија како Оној кој на себе ги зема гревовите на светот. Во нивното верување постоеле и сериозни заблуди. Но со појасна светлина тие радо го прифатиле и Христа како свој Откупител, а со тој исчекор настапувале и нови обврски. Бидејќи примиле почиста вера, настанала и соодветна промена во нивниот живот. Во знак на оваа промена и признание на нивната вера во Христа, тие повторно се крстиле во Исусово име“. – Делата на апостолите, 285.

„Ова прашање (повторно крштевање) треба да се третира како голема привилегија и благослов, и сите што повторно ќе се крстат, доколку имаат вистинска претстава за ова прашање, ќе гледаат на тоа на овој начин...

Господ повикува на одлучна реформа. И кога душата навистина повторно ќе се преобрати, нека се крсти повторно. Нека го обнови својот завет со Бога, и Бог ќе го обнови својот завет со него“. – Evangelism, p. 375.


Понеделник 9. август

2. ВИСТИНСКИ НАСПРОТИ ЛАЖНИ ЧУДА

а. Опишете ја работата на Павле за време на неговите две години поминати во Ефес. Дела 19:8-12.

„Кога Павле стапил во директен контакт со идолопоклоничките жители на Ефес, Божјата сила впечатливо се покажала преку него. Апостолите не биле секогаш во можност да прават чуда по своја волја. Господ им ја дал на своите слуги оваа посебна сила кога тоа било неопходно заради напредок на Неговото дело или честа на Неговото име. Како Мојсеј и Арон во дворот на фараонот, апостолот сега морал да ја брани вистината наспроти лажните чуда на волшебниците; затоа чудата што ги правел морале да бидат од поинаков карактер од оние што ги правел порано. Како што полите од Христовата облека ја пренеле лековитата моќ на жената која барала олеснување допирајќи се со вера, така и во овој случај облеката станала средство за лекување за сите што веруваа. ‘И болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив’. Сепак, овие чуда не го поттикнувале слепото суеверие. Кога Исус го почувствувал допирот на напатената жена, Тој рекол: ‘Излезе сила од Мене’. Така, Светото Писмо вели дека Господ чинел чуда преку рацете на Павле, и дека се прославило името на Господ Исус, а не името на Павле”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, pp. 1063, 1064.

б. Како била одбранета светоста на Христовото име, наведувајќи мнозина да преиспитаат некои лоши навики во својот живот? Дела 19:13-18.

„Нелагодноста и понижувањето на оние што го сквернавеле името на Исус наскоро станале познати низ Ефес, и од Евреите и од незнабошците. На сите им е даден непогрешлив доказ за светоста на ова име и за опасноста на која се изложени оние што го повикуваат, без да веруваат во божествена мисија на Христос. Ужас ги обзел умовите на мнозина и сите со стравопочит и восхит гледале на делото на евангелието.

Фактите што претходно биле скриени сега излегувале на виделина. Прифаќајќи го христијанството, некои од браќата не се откажале целосно од своите пагански суеверија. Магијата сè уште се практикувала до одреден степен меѓу нив. Осведочени во својата заблуда од неодамнешните настани, тие дошле и му признале сè на Павле и јавно признале дека нивните тајни вештини биле измамнички и сатански”. – Sketches From the Life of Paul, pp. 136, 137.


Вторник 10. август

3. ЦЕЛОСНО ПРЕДАВАЊЕ

а. Кои чекори го откриваат вистинското преобратување во животот? Дела 19:19,20.

„Кога Ефесјаните се преобратиле, тие ги смениле своите навики и практики. Под убедување на Светиот Дух, тие бргу дејствувале и ги откриле сите тајни на своето вештерство. Дошле и ги признале своите гревови, ги откриле своите дела, а нивните души биле исполнети со света огорченост затоа што се предале на магијата и толку високо ги ценеле книгите полни со правила на сатанско вештерство. Тие биле решени да ја напуштат службата на злобниот и ги донеле своите скапи количини и јавно ги запалиле. На овој начин тие ја покажале својата искреност во обраќањето кон Бога.

Ефесјаните претходно со воодушевување ги читале книгите кои сега ги фрлиле во огнот. Тие книги ја контролирале нивната совест и ги воделе нивните умови. Можеле да ги продадат, но на тој начин злото уште повеќе би се проширило. Тие сега ги мразеле тајните на сатаната, магиските вештини и биле згрозени од знаењето што го добиле од нив. Јас ги прашувам младите кои ја запознале вистината: ‘Дали ги запаливте вашите магични книги?’...

Светот е преплавен со книги кои сеат семе на скептицизам, неверување и атеизам, а во поголем или помал степен вие црпете знаење од овие книги, а тоа се магиски книги. Тие го потиснуваат Бога од мислите и ја одделуваат душата од вистинскиот Пастир”. – Messages to Young People, pp. 275, 276.

б. Наведете некои древни небесни предупредувања против магијата и вражањето? Исаија 47:9-14; Малахија 3:5.

„Многу болни, ожалостени и љубопитни луѓе со помош на спиритизмот одржуваат врска со лошите духови. Сите што ќе се осмелат да прават така, се наоѓаат на опасна почва...

Вражарите од незнабожечките времиња имаат свои наследници во денешните спиритистички медиуми, во видовитите луѓе и во оние што ја погаѓаат иднината... Секаде каде што ќе се појави некоја сила што ги наведува луѓето да го заборават Бога, тоа значи дека таму сатаната ја покажува својата маѓесничка моќ”. – Делата на апостолите, 290.


Среда 11. август

4. „НЕМА НИШТО НОВО ПОД СОНЦЕТО“

а. Кои предупредувања против магијата (спиритизмот) и вражањето се особено нагласени во наше време? Ефесјаните 5:11; Откровение 22:14,15.

„Има луѓе кои со ужас ја отфрлаат помислата да се обратат на медиуми, но ги привлекуваат некои попријатни облици на спиритизам. Други отишле на застранет пат заради теориите на култот ‘Христијанска Наука’, и преку мистицизмот на теозофијата и другите источни религии”. – Пророци и цареви, 210.

„Мистериите на незнабожечкото идолопоклонство се заменети со тајни здруженија и спиритистички сеанси и разни таинствени чуда на магионичарите во наше време. Илјадници луѓе кои одбиваат да ја примат светлината на Божјата Реч или Неговиот Дух желно ги прифаќаат нивните откритија. Додека тие со потсмев зборуваат за гатачите во стариот век, големиот измамник се смее и триумфира што тие им подлегнуваат на неговите вештини со нов облик.

Неговите претставници сѐ уште тврдат дека лекуваат болести. Тие својата моќ ја препишуваат на електрицитетот, магнетизмот или на таканаречените ‘симпатетични лекови’. Всушност, сето тоа се одлични канали за сатанската електрична струја. Со тие средства тој ги заслепува и телата и душите на луѓето...

Не е мал бројот на оние од христијанскиот народ во христијанското време кои со поголема доверба им се обраќаат на злите духови отколку што се доверуваат на силата на живиот Бог. Мајката која бдее над постелата на болното дете извикнува: ‘Повеќе не можам да направам ништо. Постои ли лекар кој може да го излечи моето дете?’ Некој ќе ѝ раскаже за чудесното излекување на некој јасновидец или магнетичен исцелител и таа своето дете го доверува на негова грижа, ставајќи го токму во рацете на сатаната како тој да се наоѓа непосредно до неа. Во многу случи идниот живот на детето е под власт на сатанската моќ која е речиси невозможно да се совлада”. – 5. Сведоштво, 193,194.

б. Која била следната цел на Павле по Ефес, и каква компликација се појавила во меѓувреме? Дела 19:21-29.

„Изработката и продажбата на малечки олтари и кипови, направени според мострата на храмот и кипот на Артемида, во Ефес се развиле во разгранета и доходовна работа. Луѓето што имале полза од таа работа виделе како заработувачката им опаѓа, па сите се обединиле да ја осудат работата на Павле, наведувајќи го токму тоа како причина за таа за нив мошне непожелна промена”. – Делата на апостолите, 292.


Четврток 12. август

5. БОЖЈА ИНТЕРВЕНЦИЈА

а. Опишете ја опасноста настаната од толпата занаетчии. Дела 19:30-34.

„Местото каде што Павле бил скриен не било многу оддалечено и набргу тој дознал во каква опасност се наоѓаат неговите сакани браќа. Наполно заборавајќи на својата сопствена безбедност, тој сакал веднаш да отиде до центарот и лично да му се обрати на побунетиот народ. Но ‘учениците не му дозволија’. Гај и Аристарх не претставувале плен што го барала светината, па се сметало дека ним не им се заканува никаква опасност. Но, ако би го забележале бледото и загрижено лице на апостолот, во срцата на разјарениот џган би се разгореле најлоши страсти и, гледано со човечки очи, ништо не би можело да му го спаси животот”. – Делата на апостолите, 293.

б. Како Бог го искористил градскиот писар за да го запре бунтот? Дела 19:35-41.

„Во своето излагање Димитриј истакнал: „Не постои опасност само нашиот занает да биде презрен.” Тие зборови ја откриваат вистинската причина за бунтот во Ефес, а исто така во голема мера и причината за прогонството на апостолите во нивната работа. Димитриј и неговите истомисленици виделе дека проповедањето и ширењето на евангелието ќе ја доведат во опасност заработувачката од изработката и продажбата на киповите. Во прашање биле приходите на паганските свештеници и уметници и од таа причина тие станале најогорчени противници на Павле.

Одлуката на писарот и на други чесни луѓе од градската управа му покажала на народот дека Павле не направил никаква противзаконска постапка. Тоа била уште една победа на христијанството над заблудите и празноверието. Бог поттикнал еден висок службеник да го оправда неговиот апостол и да ја заузди разјарената светина (џган). Срцето на Павле било исполнето со благодарност кон Бога што му го сочувал животот и што бунтот во Ефес не му нанел никаков срам на христијанството”. – Делата на апостолите, 295.


Петок 13. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто повторното крштевање било соодветно за дванаесетте ученици во Ефес?

2. Зошто скитниците Евреи немале благослов при употребата на Исусовото име?

3. Од кои „магични книги“ треба да се ослободам?

4. Кои стапици на современиот спиритизам можат лично да ме загрозат?

5. Како Бог понекогаш користи неочекувани начини да го избави Својот народ?

 <<    >>