Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 22. август 2020

Копнеж за благослов

„Но Јаков одговори: ‘Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш.’” (Создавање 32:26).

„Јаков, во големата криза на својот живот, се повлекол на молитва. Бил исполнет само со една мисла - да измоли преобразување на карактерот”. – Мисли од гората, 144.4

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   The Story of Redemption, pp. 91–99. 

Недела 16. август

1. ЕДИНСТВЕНАТА НАДЕЖ НА ЈАКОВ

а. Како се чувствувал Јаков кога слушнал дека Исав доаѓа со 400 луѓе, и во краен очај, што можел единствено да направи? Создавање 32:7 (прв дел), 9-12.

„На Јаков пред очи секогаш му бил гревот кој го направил мамејќи го својот татко. Знаел дека неговото долго прогонство е резултат на неговото отстапување од строгите начела на законот на правдата. Размислувал за тоа ден и ноќ, совеста го обвинувала, и го направила неговото патување многу тажно. Колку тој копнеел повторно да помине низ местото на кое се сопнал и ја извалкал својата душа со гревот! Пред својот престап го чувствувал Божјото одобрување кое го охрабрувало среде неволјите, и му давало радост во мракот на искушенијата. Тој длабок, постојан мир, сега веќе долго време му бил непознат. Сепак, со благодарност се сеќавал на Божјата наклонетост кон него, за визиите за светата скала и ветувањата дека Бог ќе го води и ќе му помогне. Во свеченото преиспитување на грешките кои ги направил во својот живот и Божјите постапки кон него тој понизно ја признал својата недостојност, големата Божја милост и напредокот кој ги крунисал неговите напори.

Кога пред него во далечина се појавиле ридовите на неговиот роден крај, срцето на патријархот било длабоко возбудено. Тој го искушал својот Бог, и пронашол дека Неговите ветувања се цврсти; тој верувал дека Бог ќе биде со него; сепак, додека се приближувал до Едом, чувствувал многу страв од Исав”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.


Понеделник 17. август

2. ВО САМОТИЈА СО СПАСИТЕЛОТ

а. Кој мудар, тактичен план Јаков одлучил да го спроведе? Создавање 32:13-21.

„Јаков го запрел своето патување како би смислил план за да го смири гневот на неговиот брат. Тој не брзал невнимателно во опасност, туку преку своите слуги испратил големи подароци на Исав, со порака добро пресметана да остави поволен впечаток. Тој ги испратил своите жени и деца, заедно со целиот свој имот напред, додека тој останал зад нив. Мислел дека сцената на тоа беспомошно мало друштво ќе ги допре чувствата на Исав, кој иако бил храбар и одмаздлив, сепак бил сожалив и нежен кон слабите и незаштитените. Ако неговиот поглед најпрвин застане на Јаков, тоа би можело уште повеќе да го предизвика неговиот гнев, и тие сите би загинале”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

б. Објаснете кој бил приоритетот на Јаков во тој момент. Создавање 32:22-24 (прв дел).

„Јаков посакал да биде сам со својот Бог. Беше полноќ. Сè што животот му го чинело убав и драг беше далеку, изложено на опасност и смрт. Најтешката капка на неговата чаша на болка била помислата дека неговиот сопствен грев ги довел во оваа голема опасност неговите жени и деца, кои биле невини за гревот за кој тој бил виновен. Одлучил да ја помине ноќта во понизност и молитва. Бог можел да го омекне срцето на неговиот брат. Бог му беше единственото прибежиште и сила. На едно пусто место, опустошено од разбојници и убијци, тој се поклонил во длабока неволја кон земјата; неговата душа беше исполнета со болка, и со сериозен плач измешан со солзи тој ги изнел своите молитви пред Бога”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

в. Како горливата молитва на Јаков треба да биде пример за идните генерации? Псалм 46:1-3,7.

„Јаков надвладеал затоа што бил истраен и одлучен. Неговото искуство сведочи за моќта на упорната молитва. Сега е време да ја научиме оваа лекција за истрајната молитва, на непоколебливата вера”. – Colporteur Ministry, p. 81.


Вторник 18. август

3. НОЌ НА БОРБА

а. Што одеднаш се случило додека Јаков се молел, и зошто е тоа значајно за нас? Создавање 32:24-26.

„(Јаков) одненадеж на своите рамена чувствува силни раце. Истиот момент почнува да се бори со напаѓачот, бидејќи чувствува дека животот му е загрозен, дека се наоѓа во раце на разбојник или убиец. Борбата станува тешка; никој не изговара ниту збор; сепак, Јаков се бори со сета своја сила, не попуштајќи ниту за момент. Така борбата продолжи, речиси до разденување, кога странецот со својот прст се допира до бедрото на Јаков, и веднаш почувствувал дека е осакатен. Патријархот сега ја препознава природата на својот противник. Тој знае дека се нашол во физичка борба со небесен гласник, и затоа неговите речиси натчовечки напори не му овозможиле победа. Сега тој е онеспособен и страда од најсилна болка, но нема да се откаже. Како победен противник, целиот скршен во покајание, тој му паѓа на ангелот околу вратот.

Во вдахновениот историски запис на овој настан, оној што се бореше со Јаков се нарекува човек; Осија го нарекува ангел (Осија 12:4); додека Јаков вели: ‘Бога го видов лице в лице’. За него, исто така, се вели дека тој во своја сила се борел со Бога. Величеството Небесно, Ангелот на заветот, во форма и изглед на човек, дошол на Јаков. Божествениот гласник користи одредена сила за да се ослободи од стисокот на Јаков; тој го моли; ‘Пушти ме веќе, зора е’. Но Јаков се повикува на Божјите ветувања; тој му верува на Неговиот даден збор, кој е сигурен и непоминлив како и Неговиот престол; и сега, преку понизност, покајание и само-предавање, овој грешен, заблуден смртник, прави спогодба со Исуса Христа: ‘Нема да те пуштам, додека не ме благословиш’. Каква храброст е покажана овде! Каква возвишена вера, каква истрајност и света доверба! Дали Јаков овде покажал дрскост или непочитување? Да беше така, тој не би преживеал. Тој ова барање не го изнел самоуверено, фалбаџиски и дрско, туку тоа било уверување на човек кој ја сфаќа својата слабост и недостојност и Божјата моќ да го исполни своето ветување”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

б. Како Исус ни налага да бидеме истрајни во молитвата како Јаков? Лука 18:1-8.


Среда 19. август

4. МИЛОСТА НА СЕМОЌНИОТ

а. Зошто моќниот Ангел на заветот не го совладал обичниот човек? Јов 23:6; Лука 11:13.

„’И кога виде дека не може да го совлада’ (Создавање 32:25) – Величието на небото не го совладало човекот од земен прав, грешен смртник! Причината е таа што човекот, со треперлива рака на верата се фатил за Божјото ветување, и божествениот гласник не можел да го остави оној кој, во покајание, плачејќи, беспомошно паѓа околу вратот. Неговото големо срце на љубов не може да се сврти од молителот без да ја исполни неговата молба. Христос не сакал да го остави без благослов во часот кога неговата душа била исполнета со очај”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

„(Јаков) грчевито се држел за Божјото ветување, а срцето на бесконечната Љубов не можело да се оглуши на молбите на грешникот”. – Патријарси и пророци, 197.

б. Објаснете го исходот на борбата на Јаков и зошто неговото име е изменето? Создавање 32:27-32.

„Заблудата што довела до гревот на Јакова при добивањето на правото на првородство, сега отворено му била прикажана. Тој немал доверба во Бога и во Неговите ветувања, како што требало. Станал нестрплив, и се обидел со свои напори да го изврши она што Бог изобилно би го направил во свое време и на свој начин.

Ангелот го прашал Јаков: ‘Како се викаш?’ Кога Јаков одговорил, тој рекол: ‘Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израел; зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи’ (Создавање 32:28). Јаков го добил благословот за кој копнеела неговата душа; неговиот грев како узурпатор и измамник бил простен. Кризата на неговиот живот поминала. Бог, во справувањето со Јаков, покажува дека нема да одобри ниту најмал грев кај неговите деца; исто така нема да ги отфрли и препушти на очај оние што се измамени и искушани и предадени на грев. Сомнежот, збунетоста и грижата на совеста на Јаков му го огорчиле животот; но сега сè беше поинаку, и колку е сладок одморот и мирот во Бога, во уверувањето дека Тој повторно му е наклонет”. – Historical Sketches, pp. 131, 132.


Четврток 20. август

5. МИСИЈАТА НА ВТОРИОТ АНГЕЛ

а. Што се случило кога Исав и Јаков се сретнале и зошто? Создавање 33:1-4.

„Додека Јаков во таа судбоносна ноќ се борел против ангелот, еден друг ангел, еден од мноштвото кој патријархот ги видел како го чуваат на патот, бил испратен да го допре срцето на Исав, додека тој спиел. Во сонот го видел својот брат кој дваесет години поминал во егзил од татковиот дом, во страв од неговиот гнев; тој бил сведок на неговата тага што неговата мајка не ја нашол во живот; го видел опкружен со војска од Божји ангели. Овој сон Исав им го раскажал на своите четиристотини вооружени луѓе и им наредил да не му чинат никакво зло на Јаков, бидејќи Богот на неговиот татко бил со него...

Потпирајќи се на својот стап, патријархот тргнал напред да се сретне со таа група на војници, поклонувајќи се постојано до земја како знак на почит, додека неговата малобројна придружба со најдлабока вознемиреност го посматрала развојот на настаните. Виделе како Исавовите раце го гушкаат Јакова, притискајќи го во пазувите оној на кого толку долго му се заканувал со најстрашна одмазда. Одмаздата сега е сменета во нежна љубов, и оној што некогаш жеднеел за крвта на неговиот брат, пролеал солзи на радост, неговото срце се стопило од љубов и нежност. Војниците во Исавовата војска го виделе резултатот на онаа ноќ на плач и молитва; но ништо не знаеле за борбата и победата. Тие ги разбирале чувствата на патријархот, татко и сопруг, кон неговото семејство и неговиот имот; но не можеле да ја видат врската што ја имал со Бога, која го придобила срцето на Исав преку влијанието на Оној што ги има сите срца во раката”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

б. Како завршила средбата? Создавање 33:10,11,15-17.


Петок 21. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како и Јаков, на кои знаци на Божја наклоност мора да се сетам кога се наоѓам во криза?

2. Освен што пратил подароци, на кој начин Јаков се подготвувал да се сретне со својот брат?

3. Како може мојот молитвен живот да стане сличен како оној на Јаков?

4. Објаснете ги духовните резултати од ноќта на борењето на Јаков?

5. Каков потенцијал имаат ангелите да го променат срцето на некој што го познавам?

 <<    >>