Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 1. август 2020

Непоминлива љубов

„И отслужи Јаков за Рахила седум години, и тие му се причинија како неколку дена, зашто ја сакаше” (Создавање 29:20).

„Додека чистата љубов ќе го вклучи Бога во сите планови и ќе биде во совршена хармонија со Божјиот Дух, страста е своеглава, избрзана, неразумна, пркосна кон сите ограничувања, правејќи предметот на нејзиниот избор да постане идол. Во сите однесување на оној кој поседува вистинска љубов, ќе се покаже Божјата благодат”. ¬– Ум, карактер, и личност, 213.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Адвентен дом, 99-113. 

Недела 26. јули

1. ПРИСТИГНУВАЊЕ ВО ХАРАН

а. Слушајќи го советот на својот татко, каде отишол Јаков, и што на неговото доаѓање му дало горчлив вкус? Создавање 29:1-4 (спореди со Создавање 24:10,34,35).

„Со нова и истрајна вера во Божјото ветување и убеден во присуството на небесните ангели, Јаков го продолжил својот пат во ‘источната земја’. Но колку се разликувало неговото доаѓање од доаѓањето на Аврамовиот слуга, речиси сто години пред тоа! Слугата водел цела толпа момоци на камили, а носел и богати златни и сребрени подароци. Синот на Ревека стигнал како осамен патник, бос и без ништо, освен еден стап во раката додека нозете му биле повредени од долгото одење пеш”. ¬– Патријарси и пророци, 188.

б. Што на Јаков тогаш му влевало надеж, додека се приближувал до местото каде живееле роднините на неговата мајка? Создавање 29:5,6.


Понеделник 27. јули

2. ПОВЕЌЕ НЕ Е ОСАМЕН

а. Што открива дека Јаков веднаш се заинтересирал за благосостојбата на семејството, и дека за возврат добил освежување и утеха? Создавање 29:9-14.

„Како и Аврамовиот слуга, Јаков застанал крај еден извор и тука ја сретнал Рахила, помладата ќерка на Лаван. Сега Јаков бил тој кој се понудил да направи услуга, подготвено го подигнал каменот од изворот за стадото да се напои. Откако се претставил и се открил како роднина, го примиле во куќата на Лаван. Иако дошол без придружба и без никаков имот, по неколку седмици се покажало колку чини неговата трудољубивост и вештина, па го молеле да остане”. ¬– Патријарси и пророци, 188.

б. Каков договор бил направен околу вработувањето на Јаков? Создавање 29:15-19.

„Во поранешни времиња постоел обичај младоженецот да му исплати на таткото на невестата извесна сума во пари, според неговите материјални способности. Ако немал пари, или нешто од вредност, било договорено да работи одредено време кај таткото на девојката, пред да ја добие ќерката за жена. Овој обичај се сметал како некоја врста на заштита на брачниот договор. Татковците сметале дека е несигурно среќата на своите ќерки да им ја доверат на луѓе кои не се погрижиле доволно за одржување на семејството. Ако не биле способни да ја водат работата, да стекнат добиток или земјиште, се плашеле дека нивниот живот може да се покаже како безвреден. Но, за оние кои биле навистина достојни, било предвидено нешто друго, за да не се обесхрабрат. Ним им било дозволено да работат кај таткото на девојката што ја сакале. Времето на траењето на таа работа било регулирано според вредноста на миразот кој бил баран за нивната ќерка. Преку оваа практика, браковите не се составувале набрзина, и постоела можност да се испита длабочината на чувствата на додворувачот. Ако се покаже верен во својата служба, и во секој поглед достоен, тогаш ја добивал ќерката за жена. И обично целиот мираз кој таткото го добил и го давал на ќерката при склопувањето на бракот”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 119, 120.

в. Како на овој начин се развивал карактерот на идниот брачен пар во духовен поглед? Евреите 10:36.


Вторник 28. јули

3. БРАКОТ НА ЈАКОВ

а. Што треба ние да научиме во нашите денови од длабочината на вистинската љубов која Јаков ја покажал кон Рахила? Создавање 29:20.

„Било договорено Јаков да му служи на Лавана седум години за да ја добие Рахила за жена”. – Патријарси и пророци, 188.

„Каква спротивност на курсот кој сега го спроведуваат родителите и децата! Многу бракови се несреќни затоа што се склопуваат набрзина. Двајца луѓе се обединуваат пред брачниот олтар, со најсвечени завети дадени пред Бога, без претходно да ја испитаат работата до крај, не посветувајќи време за трезвено размислување и сериозна молитва. Многумина се водат од нагони. Тие не се темелно запознаени со природните склоности на едните кон другите. Тие не сфаќаат дека среќата на целиот нивен живот е во прашање. Ако во овој поглед направат грешка, а нивниот брачен живот се покаже несреќен, тој не може да се поништи. Ако утврдат дека не можат да бидат среќни еден со друг, тие тоа мораат да го поднесат најдобро што можат. Во некои случаи ќе се покаже дека сопругот е премногу мрзлив да се грижи за семејството, а неговата сопруга и децата заради тоа ќе страдаат. Кога способностите на таквите луѓе би биле претходно проверени пред бракот, како што беше обичај во старо време, многу страдања би биле избегнати”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 120.

б. Што му се случило на Јаков по седумгодишна напорна работа за да ја добие раката на Рахила во бракот? Создавање 29:21-26.

„(Јаков) склопил договор за брак со Лаван за неговата ќерка Рахила, која ја сакал. Откако седум години служел за Рахила, Лаван го измамил и му ја дал Лија. Кога Јаков сфатил дека е измамен и дека Лија учествувала во таа измама, тој не можел да ја сака. Лаван сакал да го задржи Јакова во верна служба уште неколку години, па го измамил давајќи му ја Лија наместо Рахила. Јаков го прекорил Лавана заради тоа што давајќи му ја Лија, која не ја сакал, се поиграл со неговите чувства. Сепак, Лаван го замолил Јакова да не ја остави Лија, зашто ова се сметало за голем срам, не само за жената, туку и за целото семејство”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 117, 118.


Среда 29. јули

4. МЕШАЊЕ ВО БОЖЈИОТ ПЛАН

а. Какво решение имал лукавиот Лаван за незгаснатата љубов на Јаков кон Рахила – и како ова сепак на сите им нанело несреќа? Создавање 29:27-30.

„Јаков се нашол во најтешка позиција, но тој решил да ја задржи Лија, и исто така да се ожени и со нејзината сестра. Лија ја сакал многу помалку од Рахила. Лаван бил себичен во своите односи со Јаков. Користејќи се со верните напори на Јаков, мислел само на своја корист. Јаков одамна би го напуштил подмолниот Лаван, но се плашел од средбата со Исав”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 118.

„Рахила повеќе ја сакал, па тоа предизвикало љубомора и завист кај Лија, и затоа животот му бил загорчен со постојано соперништво меѓу сестрите”. ¬– Патријарси и пророци, 189,190.

б. Бидејќи Јаков морал да се справи и со Лија и со Рахила, кој бил неговиот најголем проблем кој внесувал хаос во домот на Јаков? Песна над песните 8:6.

в. Што се случува секогаш кога ќе се обидеме да смислиме различни алтернативни решенија на Божјиот план за бракот како доживотна обврска помеѓу еден маж и една жена? Создавање 2:21-24; Проповедник 7:29.

„Бракот е света установа, но во ова изопачено време тој прикрива секакви нискости. Тој се злоупотребува и денес станува зло кое сега претставува еден од знаците за последните денови, какви што тоа беа и браковите пред потопот“ ¬– 2. Сведоштво, 252.

„Кога демоните би си поставиле себеси цел да уништат сѐ што е чесно, убаво и трајно во семејниот живот и да воспостават зло што ќе преминува од поколение на поколение, не би можеле да пронајдат подобар план отколку да му ја одземат честа на бракот“. ¬– Големата борба, 270.


Четврток 30. јули

5. ЧИСТЕЊЕ НА СРЦЕТО

а. Кое е главното, основно наследство на паднатиот Луцифер, кој ја затрул целата наша планета? 1. Коринтјаните 3:3; 2. Коринтјаните 10:12.

„Зависта, љубомората и злите претпоставки претставуваат пеколна сенка со која сатаната се обидува од вашиот видик да го сокрие Христовиот карактер, така што – посматрајќи го само злото – вие целосно ќе станете слични нему“. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1163.

б. Како можеме да ја победиме оваа ужасна природна склоност да се натпреваруваме со другите и да им завидуваме? Галатјаните 5:25,26.

„Треба да се потчинат во понизност, да ја отфрлат секоја завист, сомневање, омраза, злобност и неверство. Некои го загубиле од вид нашиот Пример, Страдалникот од Голгота. Во Неговата служба не треба да очекуваме удобности, чест и големина во овој живот, бидејќи ниту Тој, Царот на небото, не го имал тоа. ‘Беше презрен и отфрлен помеѓу луѓето, страдаше и беше подложен на болките’. ‘Но Тој беше ранет за нашите престапи, биен за нашето беззаконие; беше укорен поради нашиот мир и со раната Негова ние се исцеливме’ (Исаија 53:3,5). Дали кога имаме таков пример пред себе и понатаму ќе бегаме од крстот и ќе дозволиме на нас да влијаат околностите?...

Зар не сме во состојба да бидеме со Бога, колку и обесхрабрувачки да делува нашата околина?“ ¬– 2. Сведоштво, 517.


Петок 31. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Иако Јаков бил сиромашен, што открива дека Бог се грижел за него?

2. Наведете некои добри работи кои можеме да ги научиме од старите обичаи во врска со бракот?

3. На кој начин Јаков преку болно искуство научил колку е сурово да се практикува измамата?

4. Што можам да направам, преку моето влијание, за да ја подигнам светоста на бракот?

5. Како може зависта, најподмолното наследство на Луцифер, да ме расипе?

 <<    >>