Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 29. август 2020

Мачно време за Јаков

„О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јаков, но тој ќе биде избавен од него” (Еремија 30:7).

„Борете се во молитва како Јаков. Мачете се. Крвави капки пот капеле од челото на Исус во Гетсиманската градина; мора да направите напор. Не ја напуштајте просторијата сè додека не се чувствувате зајакнати во Бога; а потоа бдејте, и сè додека бдеете и се молите, можете да бидете сигурни дека ќе ги избегнете стапиците што ги поставил непријателот, и Божјата благодат може и ќе се открие во вас”. – Messages to Young People, pp. 131, 132.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 615-623, 629-631. 

Недела 23. август

1. ПОДГОТОВКА ЗА НАШИОТ ЗАВРШЕН ТЕСТ

а. Како маката на Јаков наликува на она што наскоро му претстои на Божјиот народ, и кој настан е поврзан со ова? Еремија 30:5,6; Откровение 22:11,12.

„Јаков таа ноќ, полна со страв и борба, ги преживеал маките и неволјите што го очекуваат Божјиот народ непосредно пред второто Христово доаѓање”. – Патријарси и пророци, 201.

б. Што мораме да разбереме за крајот на времето на милоста? Дела 1:7; Јован 9:4.

„Бог не ни го открил времето кога оваа порака ќе дојде кон својот крај, или кога ќе заврши времето на милоста. Оние работи кои ни се откриени треба да ги прифатиме како нешто што нам ни е наменето и за нашите деца; но да не бараме да го дознаеме она што се чува во тајност во советите на Семожниот...

Примав писма во кои ме прашуваа дали имам некоја посебна светлина во врска со завршувањето на времето на милоста; одговарав дека имам само една порака која треба да ја пренесувам: дека сега е време за работа, додека трае денот”. – Selected Messages, bk. 1, p. 191.


Понеделник 24. август

2. ПОТРЕБНА Е БУДНОСТ

а. Зошто ние, на кои ни е доверена голема светлина, треба да бидеме мошне будни во подготовката да го сретнеме нашиот Господ во мир? 1. Тимотеј 5:24; 1. Петрово 4:17.

„Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на секој што верувал во Исуса. Нашиот Застапник ќе почне прво со оние што живееле на земјата на почетокот, потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и најпосле ќе заврши со живите. Ќе биде споменато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец. Некои имиња ќе бидат примени а некои отфрлени”. – Големата борба, 483.

„Големата светлина и предностите што ни се дадени, бараат за возврат соодветна доблест и светост што соодветствуваат со дадената светлина. Сè што е помалку од ова, Бог нема да прифати”. – Testimonies to Ministers, p. 454.

б. Објаснете ја свечената сериозност и надежта поврзани со оваа реалност. Излез 32:33; Езекиел 18:24,27-30.

„Ако во книгите се најдат нечии гревови кои не се ниту признати ниту простени, нивните имиња ќе бидат избришани од книгата на животот, а извештајот на нивните добри дела ќе се избрише од ‘спомен книгата’...

Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано „простување”. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот”. – Големата борба, 483.

„Настаните што се поврзани со завршното дело на чистење се мошне свечени. Фактите во врска со нив имаат пресудно значење. Сега заседава судот во небесното Светилиште. Ова дело е во тек веќе многу години. Наскоро - никој не знае кога - ќе се премине на случаите на живите. Нашиот живот ќе се испитува во свето присуство на Бога. Во ова време, повеќе од кога и да е, секоја душа треба да ја прифати опомената на Спасителот: ‘Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот’ (Марко 13:33)...

А кога ќе заврши истражниот суд, тогаш судбината на сите ќе биде запечатена за живот или за смрт”. – Големата борба, 490.


Вторник 25. август

3. ГНАСНИОТ ПУСТОШНИК

а. На кое предупредување треба да внимаваме од реалното - но исто така и симболично - искуство што се случило во раното христијанство? Матеј 24:15,16.

„Спасителот ги предупредил Своите следбеници: „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел - кој чита нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините” (Матеј 24:15,16; Лука 21:20,21). Кога идолопоклоничките знамиња на Римјаните ќе бидат поставени на светата земја, која се простира неколку стотици метри надвор од градските ѕидини, тогаш Христовите следбеници требало да најдат сигурност во бегство. Кога ќе го видат знакот на ова предупредување, оние кои сакаат да избегаат не смеат да одлагаат”. – Големата борба, 25.

„Во уништувањето на Ерусалим ниту еден христијанин не загинал. Христос ги предупредил Своите ученици и сите кои верувале во Неговите зборови внимавале на ветениот знак”. – Големата борба, 30.

б. Со што гнасниот пустошник се споредува во последното време? Даниел 12:1.

„Како што опсадата на Ерусалим од страна на римската војска им била знак за бегство на јудејските христијани, така и заканата со сила од страна на нашата нација во декретот со кој присилно се наметнува задолжително празнување на папскиот ден за одмор ќе биде предупредување за нас”. – 5. Сведоштво, 464.

„Ми беше покажано дека Исус нема да ја напушти светињата над светињите сѐ додека случајот на секоја душа не се реши, за избавување или пропаст, и дека Божјиот гнев нема да дојде сѐ додека Исус не го заврши своето дело во светињата над светињите, додека не ја соблече Својата свештеничка облека и додека не облече одмаздничка облека. Тогаш Исус ќе го напушти местото на посредник помеѓу Отецот и човекот и Бог нема повеќе да молчи, туку ќе го излее Својот гнев врз оние кои ја отфрлиле Неговата вистина. Видов дека гневот на незнабошците, гневот Божји и времето на судењето на мртвите се различни и одвоени настани кои следат еден по друг, како и тоа дека Михаил, големиот Кнез сѐ уште не се подигнал и дека времето на неволјите какво што никогаш порано не било, сѐ уште не започнало. Народите веќе се гневат, но кога нашиот Првосвештеник ќе го заврши Своето дело во светилиштето, Тој ќе стане, ќе ја облече одмаздничката облека и тогаш ќе бидат излеани седумте последни зла”. – Рани списи, 36.


Среда 26. август

4. ФОКУСИРАЈЌИ СЕ НА НАШАТА ВЕРА

а. Со што се споредува времето на маките Јаковлеви во последните денови? Еремија 30:7 (прв дел); Откровение 13:11-17.

„Кога Христос ќе го напушти своето место како посредник на човекот пред Бога, тогаш ќе биде дадена свечена изјава: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште“ (Откровение 22:11). Божјиот Дух, кој го зауздува злото, тогаш потполно ќе се повлече од земјата. Како на Јакова што му се заканувал неговиот расрден брат со смрт, така и на Божјиот народ ќе му се заканува опасност од безбожниците решени да го уништат. И како патријархот што се борел сета ноќ за да се ослободи од рацете на Исава, така праведниците ден и ноќ ќе пекаат пред Бога да ги ослободи од непријателите со кои ќе бидат опколени.

Сатаната Јакова го обвинувал пред Божјите ангели, полагајќи право на тоа да го уништи поради неговиот грев; тој и Исава го насочил да појде против својот брат; и во текот на целата онаа долга ноќ на тешката борба на патријархот, сатаната се напрегал со сила да му наметне чувство на кривица за да го обесхрабри и да ја уништи неговата надеж во Бога“. – Патријарси и пророци, 201.

б. Додека сатаната се подбива за нашите гревови, на што треба да се потсетиме? Исаија 1:18; 26:3,4.

„Кога Јаков, совладан со својата болка, не пуштајќи го ангелот, се молел со солзи, и небесниот Весник, испитувајќи ја неговата вера, исто така го потсетил на сторениот грев и се обидел да го турне. Но Јаков не дозволил да биде оттурнат. Тој знаел дека Бог е милостив и се повикувал на неговата милост. Укажувал на фактот дека тој се покајал за своите гревови и барал ослободување. Кога размислил за целиот свој живот, речиси паднал во очај, но сепак цврсто се држел за ангелот и, плачејќи, ја повторувал својата сесрдна молба сѐ додека не победил.

Такво ќе биде и искуството на Божјиот народ во неговата последна борба со силите на злото. Тогаш Бог ќе ја испита нивната вера, нивната истрајност и доверба во неговата моќ да ги ослободи. Сатаната ќе настојува да ги заплаши со .мислата дека нивната состојба е безнадежна дека нивниот грев е премногу голем за да може да биде простен. Тие ќе бидат длабоко свесни за својата недостојност и кога ќе си споменат за својот живот, ќе загубат речиси секоја надеж. Но помислата на големината на Божјото милосрдие и искреноста на нивното покајание ќе ги охрабрат да се повикуваат на ветувањата што им ги упатувал Христос и на безнадежните грешници кога се каеле“. – Патријарси и пророци, 201,202.


Четврток 27. август

5. РЕВНОСТА НА ЈАКОВ

а. Која е најголемата причина за загриженост во времето на маките Јаковлеви, и која охрабрувачка вест ни е дадена во врска со тоа? Исаија 44:22; Еремија 30:7 (последен дел).

„Кога Јаков не би се покајал порано за својот грев што првенечкото право го стекнал со измама, Бог не би ја примил тогаш неговата молитва, ниту толку милосливо би му го поштедил животот. Така, и во времето на неволјата, припадниците на Божјиот народ би биле совладани доколку би имале уште непокајани гревови што би излегувале пред нив додека ќе ги мачи страв и неизвесност; очајот би ја уништил нивната вера и тие не би имале смелост ниту сигурност да се молат на Бога за ослободување. Но, Иако длабоко свесни за својата недостојност, тие не ќе имаат да откријат ниту еден скриен грев. Нивните гревови со Христовата откупителска крв веќе ќе бидат избришани и тие не ќе можат да се сетат за нив“. – Патријарси и пророци, 202.

б. Опишете ја страста со која сега треба да го бараме Бога. Матеј 11:12.

„’Царството небесно насила се зема и силните го грабаат’ (Матеј 11:12). Насилството на кое овде се мисли е светата ревност, каква што покажал Јаков. Ние не треба да се присилуваме на интензивни чувства, туку своите молби пред престолот на милоста треба да ги праќаме мирно и упорно. Наша должност е да ги понизиме нашите души пред Бога, да ги исповедаме нашите гревови и со вера да му се приближиме на Бога“. – That I May Know Him, p. 272.

„Праведниците во нивната неволја ќе имаат длабоко чувство за нивната недостојност и со многу солзи ќе ја признаат нивната крајна недостојност, и, како и Јаков, ќе се повикаат на Божјите ветувања преку Христа наменети за беспомошните грешници кои се каат“. – The Spirit of Prophecy, vol. 1, pp. 121, 122.


Петок 28. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог мудро одлучил да не го открива точниот час за крајот на времето на милоста?

2. Како можам да дојдам во опасност да бидам премногу немарен во врска со мојата духовна состојба?

3. Што се случува кога Исус ќе го заврши своето дело како наш Посредник?

4. Кои две меѓусебно спротивни заблуди се опасни во врска со нашето признавање на гревовите?

5. Како можам уште поревно да развијам ревност слична на Јаковлевата?

 <<    >>