Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 5. септември 2020

Реформација во домот

„Тогаш Јаков им рече на своите домашни и на сите, кои беа со него: ‘Исфрлете ги туѓите богови, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се’” (Создавање 35:2).

„Бог сака родителите да расудуваат како разумни суштества и да живеат така што секој на своето дете ќе му го даде потребното воспитание”. – Адвентен дом, 163.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Совети за детето, 555-559. 

Недела 30. август

1. НОВА ОБЛАСТ – НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

а. По состанокот на Јаков со Исав, како Бог му помогнал во неговиот следен потег? Создавање 33:17-20.

„Така молитвата на патријархот упатена во Ветил, Бог на мир пак да го врати во неговата земја, била услишена”. – Патријарси и пророци, 204.

б. Што треба да имаме на ум размислувајќи за Јаковлевото занемарување во управувањето со семејството кога се населил во нова област? Создавање 34:1; Матеј 6:13 (прв дел).

„Татковци и мајки, дали сфаќате колку е голема важноста на одговорноста која почива врз вас? Дали на вашите деца им дозволувате да се дружат со други деца во ваше отсуство без да знаете какво воспитување тие примаат? Не им дозволувајте да бидат насамо со други деца...

Еве еден тест и избор за вас: или ризикувајте да ги навредите соседите со тоа што ќе ги испратите нивните деца во нивниот дом, или ќе им угодите и ќе им дозволите да преспијат со вашите деца и на тој начин ќе дозволите да примат знаење кое за нив би било доживотно проклетство”. – Совети за детето, 114,115.


Понеделник 31. август

2. ДИНА ОСРАМОТЕНА

а. Што се случило кога ќерката на Јаков, Дина, излегла со навидум безопасен план да ги види девојките во таа област, и како оваа трагедија претставува предупредување за нас денес? Создавање 34:2; 1. Коринтјаните 15:33.

„Секој што бара задоволства меѓу оние кои не се бојат од Бога навлегува во областа на сатаната и се изложува на искушенија”. – Патријарси и пророци, 204.

„На секој чекор ќе ве пресретнат слики и звуци на злото. Насекаде стојат заведувачи кон патот на телесните уживања или распуштеноста”. – Здравје и среќа, 363.

„Градовите станаа како Содом, а нашите деца секојдневно се изложени на многу зла. Оние што учат во државните училишта, честопати се дружат со други уште позапоставени од нив, со такви кои, освен времето поминато во училницата, постојано примаат улично воспитување. На срцата на младите лесно се влијае, и ако оние кои постојано ги опкружуваат немаат коректен карактер, сатаната ќе ги искористи тие запоставени деца за да влијае врз оние што се повнимателно воспитани. Така, пред да дознаат родителите што ја празнуваат саботата што се случило, тие ги научиле лекциите на развратност, а душите на нивните деца се расипале”. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 173.

„Сензуалните задоволства ја угасиле желбата за светост и го уништиле духовниот напредок”. – Совети за детето, 446.

б. Што треба да нè држи подалеку од таквите стапици? 1. Солунјаните 5:22.

„Оние коишто имаат надлежност над Божјата своина, над душите и телата на децата создадени според Неговиот лик, треба да постават бариери против современите сетилни задоволства на овој век, којшто на илјадници им го уништува физичкото и моралното здравје. Доколку би се согледала вистинската причина за многуте зла на ова време, ќе сфатиме дека причината е во незнаењето на татковците и мајките кои се рамнодушни во врска со овој предмет”. – Совети за детето, 115.

„Има такви што ќе речат: ‘О, не требате да бидете толку посебни. Малку безопасно флертување нема да ви наштети’. Меѓутоа, телесното срце поттикнува на искушение и практично покажува дека ги одобрува уживањата кои водат во грев. Ова е ниско ниво на морал, непочитување на високиот стандард на Божјиот закон”. – Medical Ministry, p. 143.


Вторник 1. септември

3. ПОДГОТВЕН НА ЗАВЕТ

а. Како неверниот Сихем гледал на својата обврска кон Дина? Создавање 34:3,4,6,8,11,12. Која итна одредба подоцна Бог им ја дал на Евреите за ваков вид ситуација? Второзаконие 22:28,29.

б. Иако не ги познавал Божјите принципи за Неговиот народ, се чинело дека љубовта на Сихем кон ќерката на Јаков била искрена – сепак каква опасност била на хоризонтот со предлогот на неговиот татко? Создавање 34:9,10.

„Господ преку Мојсеј му кажал на Израел како треба да постапува кон соседните народи. ‘Не се фаќај со нив во верата, ниту да се смилуваш над нив; ниту да се спријателуваш со нив... зашто тие ќе го оттргнат синот твој од Мене и ќе им служи на други богови, па Господ ќе се разгневи на вас и ќе ве сотре набрзо’. ‘Ти си народ посветен на Господа, својот Бог; Господ те избра тебе меѓу сите народи на земјата за да бидеш Негов народ, Негова сопственост’ (Второзаконие 7:2-4; 14:2).

На Израел јасно му било предочено какви последици би настапиле кога би почнал да склопува сојузи со соседните народи“. – Пророци и цареви, 568,569.

в. Како Божјото предупредување против брак со неверници продолжува да одекнува и до нашето време? 2. Коринтјаните 6:14-18.

„Ако не сакаш да имаш дом, во кој никогаш не се креваат сенките, немојте да се обединувате со оној кој е Божји непријател”. – Messages to Young People, p. 440.

„Од Христовите следбеници се бара да се одвојат од светот, да не се дофаќаат до ништо нечисто, а дадено им е и ветување дека ќе бидат синови и ќерки на Севишниот, членови на царското семејство. Меѓутоа, ако не ги исполнат условите, нема да доживеат исполнување на ова ветување”. – 2. Сведоштво, 441.


Среда 2. септември

4. ПОСЛЕДИЦИ ОД ЛУКАВСТВОТО

а. Каков предлог изнеле синовите на Јаков за решение на состојбата, и каков одговор добиле? Создавање 34:7,13-24.

б. И покрај постигнатиот пријателски договор, каков ужасен чин извршиле двајцата синови на Јаков, и како и ние сме предупредени против начинот на кој тие се обиделе да го оправдаат своето предавство? Создавање 34:25-29,31; Матеј 5:13.

„Престојот на Јакова и на неговите синови во Сихемската долина завршил со насилство и со крвопролевање. Една ќерка на семејството била осрамотена и ожалостена, и двајца браќа вплеткани во убиство. Цел еден град бил опустен со колеж извршен во знак на одмазда поради незаконската постапка на еден непромислен младич...

Свирепата вероломност на Симеон и Левие била предизвикана; сепак нивната постапка кон Сихемците претставува тежок грев”. – Патријарси и пророци, 204.

„Побожноста без живи начела нема никаква вредност, како и солта без своите добри особини. Еден христијанин кој не живее според начелата на верата го обесчестува Христа и го срами Неговото име”. – 2. Сведоштво, 443.

в. Што сфатил Јаков за сериозните недостатоци во управувањето со семејството, и каков зрак на надеж го осветлил неговото срце? Создавање 34:30; 35:1.

„Јаков почувствувал дека постои причина за длабока понизност. Во карактерот на неговите синови се покажале свирепост и лага. Во неговиот логор имало лажни богови, а во извесна мера идолопоклонството нашло упориште дури и во неговото семејство. Дали можеби Господ, постапувајќи според нивната заслуга, ќе ги препушти на одмазда на околните народи?

Додека Јаков така бил притиснат со грижа и со страв, Господ го упатил да замине јужно оттаму, кон Ветил. Помислата на тоа место го потсетувала патријархот не само на неговиот сон за ангелите и на Божјото ветување, туку и на заветот што го дал тука дека Господ ќе му биде Бог”. – Патријарси и пророци, 205.


Четврток 3. септември

5. ВРАЌАЊЕ НА БОЖЈИТЕ ПАТИШТА

а. Објаснете го пресудниот чекор што Јаков го презел во реформа на семејството и неверојатните резултати. Создавање 35:2-5.

„Оживувањето на спомените на Божјото чудесно постапување со него уште повеќе го разнежило неговото срце; неговите деца биле трогнати и ги обзела некаква смирувачка сила; тој тогаш на најуспешен начин ги приготвил да му се придружат во молитвата и во оддавањето чест на Бога кога ќе стигнат во Ветил”. – Патријарси и пророци, 205.

„Јаков бил понизен, и барал и членовите на неговото семејство да покажат понизност и да го скинат од себе сиот накит, зашто тој на Бога требало да му принесе жртва на помирување за нивните гревови, да се помоли за нив, и да не ги остави да бидат уништени од другите народи”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 137.

б. Како верниците од сите времиња можат да бидат вдахновени со свежо, ново искуство, кое Јаков го доживеал во Ветил? Создавање 35:6,7; Дела 19:18-20.

„Бог ги прифатил напорите на Јаков да го отстрани злото од своето семејство, и му се јавил, го благословил и го обновил својот завет со него, зошто пред очите му бил Божјиот страв”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 137.

„Изгорете ги магичните книги, изгорете ги сите до една; изгорете сè – да, нека огнот уништи сè она што би ве поврзувало со силите на темнината. ‘Затоа излезете од нивната средина и одделете се!’ вели Господ, и ‘Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам’ (2. Коринтјаните 6:17). Тоа е она што ние треба да сакаме да го направиме. Сакаме со почит да се поклониме пред небесниот Бог”. – Sermons and Talks, vol. 2, p. 68.


Петок 4. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто родителите треба да бидат мошне будни кон децата и младите денес?

2. Колкава е веројатноста дека денес може да се случи трагедија како во случајот на Дина?

3. Што не било во ред со начинот на кој Симеон и Левиј се справиле со гревот на Сихем?

4. Зошто за мене е толку важно да дадам вистински пример пред светот?

5. Каква реформа треба да извршам во моето семејство?

 <<    >>