Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 11. јули 2020

Купување на првородството

„Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти” (Галатјаните 5:16).

„Наша должност е нашите апетити и животните навики да ги доведеме во сообразност со законот на природата”. – The Sanctified Life, p. 29.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   2. Сведоштво, 37-50. 

Недела 5. јули

1. ПОТРЕБЕН Е РАЗВОЈ НА КАРАКТЕРОТ

а. Што треба да сфатиме кога имаме силна желба за нешто – дури и ако не станува збор за нешто што сметаме дека е лошо? Изреки 19:21.

„За тој предмет (предноста на првородениот) мислел (Јаков) ден и ноќ сѐ додека истиот не го опфатил целокупното негово животно интересирање Меѓутоа, иако вечните благослови ги ценел повеќе отколку привремените земни добра, Јаков за Бога, на кого му оддавал толкава почит, сепак немал знаење стекнато од искуство. Неговото срце не било преродено со божествената милост. Мислел дека ветувањето што му било наменето нему не може да се исполни сѐ додека Исав го задржува правото на првородство, па постојано размислувал на кој начин би се добрал до благословот што неговиот брат толку малку го ценел, а кој за него бил толку драгоцен“. – Патријарси и пророци, 178,179.

б. Што требало да стори Јаков во оваа фаза од неговиот живот и на што ние треба секогаш да се сеќаваме? Псалм 37:5-7.

„Понекогаш изгледа многу тешко трпеливо да се чека сè додека сам Бог не застане во одбрана на правдата. Но ако го загубиме трпението, ќе ја загубиме и неминливата награда”. – 3. Сведоштво, 327.


Понеделник 6. јули

2. ЦЕЛОСНО ЗАВЕДЕН

а. Како Јаков ја искористил слабоста на Исав? Создавање 25:29-31.

„Еден ден, кога се вратил од лов уморен и папсан, Исав посакал од јадењето кое Јаков штотуку го зготвил, а овој, имајќи ја на ум секогаш онаа, за него најважна мисла, подготвено ја искористил приликата”. – Патријарси и пророци, 179.

„Јаков ја искористил приликата да ја сврти Исавовата потреба во своја сопствена корист, и му предложил дека ќе го нахрани со вариво ако се откаже од сите права на првородството”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 114.

б. Иако идејата на Јаков била мудра, зошто неговиот лукав заговор против неговиот брат во искушение не бил идеален план во очите на Бога? Изреки 3:29.

„Библијата нè учи во деловните односи со луѓето да се ставиме во нивна положба, да не водиме сметка само за својот, туку и нивниот интерес. Оној што ја претвора несреќата на другиот во своја предност или на некој друг начин ја искористува слабоста и неспособноста на другите, ги престапува принципите и прописите на Божјата Реч“. – Здравје и среќа, 187.

в. Што Исав решил да направи, и зошто? Создавање 25:32,33.

„Исав особено го сакал тоа јадење и до таа мера навикнал да си угодува на себе, така што не можел да се воздржи од таа примамлива, посакувана храна. Тој мислел само на јадењето не трудејќи се да ја совлада својата желба, сè додека таа не го совладала разумот и сосема преовладала со него; сметал дека ќе умре ако не го добие тоа јадење. Колку повеќе мислел на тоа, толку повеќе желбата станувала посилна, додека најпосле неговото свето првородство не изгубило секаква вредност и светост во сопствените очи. Тој размислувал: ако го продадам сега, можам лесно повторно да го откупам. Така го продал своето свето првородство за едно омилено јадење, залажувајќи се дека може со него да располага по своја волја и да го врати тогаш кога ќе посака“. – 2. Сведоштво, 38.


Вторник 7. јули

3. МНОГУ СКАП ЗАЛАК

а. На кое предупредување треба да внимаваме од избрзаната одлука на Исав кога Јаков му понудил храна во замена за неговото првородство? Создавање 25:34.

„И за една чинија на некаква црвена чорба му го препуштил своето право на првородство и спогодбата ја потврдил со заклетва. Секако, во шаторите на татка си би добил храна за најкусо време, колку што било неопходно таа да се приготви, но, за да ја задоволи моментната желба, лекомислено го дал во замена славното наследство кое на неговите татковци им го дал лично Бог. Сето негово внимание и интереси биле насочени кон сегашноста. Бил готов небесното да го жртвува за земното, во замена за моментното задоволување да ги даде доброто и среќата на иднината.

‘Така Исав не држеше до своето првородство’. Кога се ослободил од првородството, му се сторило како да почувствувал некое олеснение. Сега ништо не му стоело на патот можел да прави што сака. Колку има такви и денеска кои за пустото задоволство, лажно наречено слобода, го продаваат своето право на првородство што им дава чисто, неизвалкано и вечно наследство на небото”. – Патријарси и пророци, 179.

б. Што мора да разбереме за Божјото предупредување во поглед на наследството на Исав? Малахија 1:2,3; Римјаните 9:13,14.

„Затоа што имал можност да бира, Бог не го отфрлил тирански Исава лишувајќи го од правото на благословите на спасението. Даровите на неговата милост преку Христа слободно му се достапни на секого. Човекот се запустува единствено ако сам, со сопствен избор, јури во пропаст. Бог во својата Реч ги изнел условите под кои секоја душа може да биде избрана за вечен живот послушност на неговите заповеди со вера во Христа. Бог го избрал карактерот кој е во целосна хармонија со неговите закони, и на секого што ќе ја постигне мерката поставена во неговото барање ќе му биде дозволено да влезе во царството на славата...

Одбрана е секоја душа која своето спасение го гради ‘со страв и трепет’. Избран е оној кој сака да се вооружи ‘со сето Божјо оружје’ и истрајно да се бори во борбата на верата. Избран е оној кој сака да стражари во молитва, кој го истражува Светото писмо и не дозволува да биде поттикнат или наговорен на зло. Избран е оној кој во верата ќе остане цврст и постојан, прифаќајќи го секој збор што излегува од Божјата уста. Благодетите и можностите на откупувањето му се достапни на секого; плодовите на откупувањето ќе ги уживаат оние што ќе ги исполнат поставените услови”. – Патријарси и пророци, 207,208.


Среда 8. јули

4. ДА ВЛАДЕЕМЕ СО НАШИОТ АПЕТИТ

а. Иако Бог ни дал апетит за да можеме да ја цениме вредноста на храната, уште што друго треба да сфатиме за него? 1. Коринтјаните 6:19.

„Секој дел од човекот треба да се чува; ние треба да внимаваме она што го внесуваме во стомакот да не ги протера од умот возвишените и свети мисли.

‘Зарем не смеам со себе да постапувам онака како на мене ми одговара’, прашуваат некои, како ние да бараме да ги лишиме од големо добро, кога им ја објавуваме неопходноста на разумната исхрана и покорување на сите нивни навики на законите што Бог ги воспоставил...

Ниту самото наше тело не ни припаѓа нам, и затоа кон него не можеме да постапуваме според своја волја. Не можеме да го осакатуваме со деструктивни навики, така што не може да изврши совршена служба за Бога. Нашите животи и сите наши способности му припаѓаат на Бога”. – Reflecting Christ, p. 138.

б. Објаснете на кој начин умот на христијанинот останува здрав. Римјаните 8:1-6.

„Сè што ги намалува нашите телесни сили го ослабува и умот и го онеспособува да ја забележи разликата меѓу доброто и злото. Тогаш ние не сме во состојба да го одбереме доброто и се помалку имаме сила да го правиме она што и самите го сметаме за добро.

Злоупотребувајќи ги своите физички сили, ние си го скусуваме времето што би можеле во нашиот живот да го искористиме на слава на Божјото име и се онеспособуваме себеси да го довршиме делото што ни го доверил Бог. Дозволувајќи си себеси да стекнеме штетни навики, да остануваме будни доцна ноќе, да го задоволуваме апетитот на штета на здравјето, ние сами ги загрозуваме нашите сили. Занемарувајќи го телесното движење и занимавајќи се со прекумерна умна работа, ние ја нарушуваме рамнотежата на нашиот нервен систем. Оние што на овој начин си го скусуваат животот и се онеспособуваат за служба кршејќи ги природните закони, виновни се, зашто со тоа го поткрадуваат и Бога и своите ближни. Бог ги пратил во светот да им бидат на благослов на ближните, а тие со своите постапки се лишуваат од таа можност и себеси се онеспособуваат да го сторат дури и она што можеле да го сторат во преостанатиот дел од животот. Ние сме виновни пред Бога кога со нашите штетни навики светот предвреме го лишуваме од доброто што сме можеле да му го направиме.

Престапот на физичките закони е престап на моралниот закон, зашто Бог е автор и на физичкиот и на моралниот закон“. – Христовите очигледни поуки, 346,347.


Четврток 9. јули

5. ПОБЕДА ПРЕКУ ХРИСТА

а. Иако Јаков му понудил на Исав примамливо јадење, зошто сепак Исав бил одговорен за својот избор? Јаков 1:14,15.

б. Кои се клучевите на победата над стегите на нескротливиот апетит? Галатјаните 2:20; 5:16,24,25; 1. Коринтјаните 15:57.

„Чувствувајќи ја ужасната сила на искушението, неодоливата привлечност на желбата, која бара да биде задоволена, многу луѓе извикуваат во очај: „Јас не можам да се спротивставам на злото”. Кажете му дека може и мора да му се спротивстави. Може да се случи да биде повторно и повторно совладан, но не мора секогаш да биде така. Неговата морална сила е слаба, контролирана од навиките на животот во грев. Неговите ветувања и расудувања се како јаже од песок. Свеста за неисполнетите ветувања и прекршените завети ја ослабнува неговата доверба во својата сопствена искреност и заради тоа, тој чувствува дека Бог не може да го прифати, ниту да ги потпомогне неговите напори. Но тој не треба да очајува.

Оние, кои ќе ја положат својата надеж во Христа, не треба да бидат робови ниту на наследените, ниту на стекнатите навики и склоности кон злото. Наместо да ѝ робуваат на ниската природа, тие треба да господарат со апетитите и страстите. Бог не нè остава сами во борбата против злото, да се бориме со нашата ограничена човечка сила. Какви и да се нашите наследени или стекнати тенденции кон злото, ние можеме да ги победиме преку силата што Тој е подготвен да ни ја даде“. – Здравје и среќа, 174-175.

„За секоја душа, која се бори за да се подигне од животот во грев кон чистотата, голем извор на сила се наоѓа во единственото ‘Име под небото дадено меѓу луѓето, со кое ние можеме да бидеме спасени”. (Дела 4:12)’“. – Здравје и среќа, 179.


Петок 10. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Во која смисла планот на Јаков да го измами Исав открива недостаток на вера?

2. Наведете некои методи преку кои непријателот нè искушува онака како што тоа му го правел на Исав?

3. Зошто мнозина денес ја прават истата грешка како и Исав?

4. Зошто ние кои се подготвуваме за вечноста мораме внимателно да го контролираме нашиот апетит?

5. Како сите оние што се борат против апетитот можат да сфатат дека за нив постои надеж?

 <<    >>