Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 15. август 2020

Оставање на идолопоклонството

„Да не беше со мене Бог на мојот татко, Бог Авраамов, и страхопочитта Исакова со мене, ти секако би ме отпуштил празен.” (Создавање 31:42).

„Но Господ се сожалил на Јаков, и додека Лаван се подготвувал да го стигне, Тој му дал сон да не му зборува добро или лошо на Јаков. Односно, тој не треба да го присилува да се врати или со ласкави зборови да го поттикнува тоа да го стори”. – The Story of Redemption, p. 91.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 193-196. 

Недела 9. август

1. ОБИД ДА ГО НАПУШТИ ЛАВАН

а. Во која смисла Јаков се чувствувал присилен да замине од Арам, и како Лаван реагирал на тоа? Создавање 31:20-23.

„Набрзина ги собрал стадата добиток и ги пратил напред, а потоа, земајќи ги жените децата и слугите, ја преминал реката Еуфрат и итно се упатил кон гората Галад, на границата на Ханан. По три дена Лаван дознал за нивното бегство и пошол во потера по нив; ги пристигнал седмиот ден од нивното патување. Бил многу лут и решен да ги присили да се вратат, не сомневајќи се ниту малку во тоа дека ќе успее, зашто на своја страна имал многу повеќе свои луѓе”. – Патријарси и пророци, 193.

б. Што го спречило Лаван да му наштети на Јаков, а што сепак, како идолопоклоник, нагласил кога се сретнале? Создавање 31:24-30.

„Својата непријателска намера Лаван не успеал да ја оствари само затоа што се вмешал Бог да го заштити својот слуга.

Лаван... кон Јакова се однесувал секогаш лукаво и сурово; а сега со дволичност, толку својствена за него, го прекорувал што заминал тајно”. – Патријарси и пророци, 193.


Понеделник 10. август

2. ДА УЧИМЕ КАКО ДА ГО ЗАШТИТИМЕ СЕМЕЈСТВОТО

а. Зошто можеме да бидеме охрабрени од омразата на Јаков кон идолополонството, но исто така и предупредени од скриениот грев на Рахила кој сигурно влијаел врз семејството? Создавање 31:31-35; Изреки 15:3.

„Духот на незнабожечкото идолопоклонство постои и денес, иако под влијание на науката и образованието добил поубав и попривлечен облик. Секој ден донесува жални докази дека верата во непогрешливото пророчко слово опаѓа брзо и дека наместо неа суеверноста и сатанските маѓии го меѓепсуваат разумот на луѓето. Сите кои не го истражуваат Светото Писмо со ревност и кои секоја желба и план во животот не ја мерат со тоа непогрешливо мерило, сите кои не го бараат Бога молејќи се да ја дознаат Неговата волја сигурно ќе свртат од вистинскиот пат и ќе западнат во стапиците на сатаната”. – 5. Сведоштво, 192.

„Никако немојте пред другите да правите нешто што не би можеле да правите пред таткото и мајката или од што би се срамеле пред Христа и Неговите свети ангели...

Бидете претпазливи бидејќи ништо не може да се сокрие пред очите на Бога и Неговите ангели. Вие не можете да правите зло, а да не им наштетите на другите. Со вашите постапки вие не покажувате само каков е вашиот карактер, туку вршите силно влијание врз другите”. – 5. Сведоштво, 398,399.

б. Како Јаков го сумирал својот живот со себичниот Лаван и кој бил единствениот одговор што Лаван можел да го даде? Создавање 31:36-42,44,48-50.

„ Лаван не можел да ги побие наведените факти и затоа предложил да се помират и тоа да го потврдат со свечен завет”. – Патријарси и пророци, 193,194.

„Лаван знаел дека полигамијата е погрешна, иако само преку неговите лукавства го навел Јакова да земе две жени. Тој добро знаел дека токму љубомората на Лија и на Рахила ги довела до тоа тие да ги дадат и своите слугинки на Јакова, што внело хаос во семејниот однос и уште повеќе ја зголемило несреќата на неговите ќерки. И сега кога неговите ќерки отпатувале далеку од него, и кога нивните интереси биле целосно одвоени од неговите, тој сакал што е можно повеќе да ја сочува нивната среќа. Лаван не сакал Јаков уште повеќе да ја унесреќи Лија и Рахила, па и себеси, земајќи други жени”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 126.


Вторник 11. август

3. СООЧУВАЊЕ СО СЛЕДНИОТ ЧЕКОР

а. Како Јаков го завршил своето искуство во Месопотамија? Создавање 31:51-55.

„За да ја потврдат постигната спогодба двете страни приредиле гозба. Ноќта ја поминале во пријатно расположение, а взори се разделиле и Лаван со својата придружба се вратил дома. Со таа разделба и одвојување прекината е секоја врска што ги поврзувала Аврамовите деца со жителите на Месопотамија”. – Патријарси и пророци, 194.

б. Што е охрабрувачко во врска со благословот на добредојде кој дошол на Јаков кога го започнал патувањето кон своето родно место? Создавање 32:1,2.

„Иако Јаков го напуштил Падам-Арам (Месопотамија) затоа што Бог му заповедал така, сепак со страв и мошне загрижен се упатил по оној пат по кој пред дваесет години дошол како бегалец. Постојано пред очи му бил гревот што го сторил кога го измамил татка си. Знаел дека неговото долгогодишно изгнанство е непосредна последица на тој грев. Дење и ноќе размислувал за тие настани; во текот на целото патување совеста го мачела и го обвинувала...

Бидејќи се приближувал кон целта на своето патување, самата помисла на Исава го вознемирувала со мрачни наслутувања. По заминувањето на Јакова, Исав себеси се сметал за единствен наследник на целокупниот татков имот и богатство. Веста за враќањето на Јакова сигурно кај Исава ќе поттикне страв дека брат му доаѓа затоа за да го бара своето право на наследство. Сега Исав можел многу да му наштети на својот брат; да сакал, би можел да му се противстави со сила, и тоа не само со желба да му се одмазди, туку да се обезбеди себеси, никој да не му пречи во уживањето на богатството што толку долго го сметал за лична своина.

И во оваа пригода Господ на Јакова му дал знак дека ќе го штити. Кога поминувал јужно од гората Галад, му се сторило дека гледа две групи небесни ангели кои оделе пред и зад неговата придружба движејќи се заедно со неговата поворка како нејзини заштитници. Јаков си споменал за визијата што ја имал во свое време на сонот кај Ветил и му олеснило на срцето, зашто во тоа видел доказ дека при враќањето го пазат истите оние небесни весници што му влевале храброст и надеж кога бегал од Ханан. ‘И Јаков рече: Ова е Божји логор. И тоа место го нараче Маханаим‘, ‘Две војски или два логора’”. – Патријарси и пророци, 195.


Среда 12. август

4. ПРИЧИНА ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ

а. Какви мудри мерки на претпазливост презел Јаков за својата безбедност? Создавање 32:3-5.

„Сепак Јаков чувствувал дека нешто мора да преземе заради својата безбедност. Поради тоа на својот брат му пратил гласници со помирлив поздрав. На тие гласници тој точно им кажал со кои зборови треба да го ословат Исава. Уште пред раѓањето на браќата близнаците било претскажано дека постариот ќе му служи на помладиот, и сеќавањето на тоа да не даде повод за горчина, Јаков на овие слуги им нагласил дека ги праќа ‘кај својот господар Исав’. А кога ќе бидат изведени пред Исава, треба својот господар да го прикажат како „слугата Јаков“. За Исав да не помисли оти Јаков се враќа како сиромашен патник со цел да ја бара оставнината на татка си, Јаков се погрижил да ја дополни пораката: ‘А имам волови, магариња, овци и слуги и слугинки; затоа пратив да го известат мојот господар Исав, не би ли нашол твојот слуга милост пред тебе’ (Создавање 32:5)”. – Патријарси и пророци, 195,196.

„(Јаков) не се повикувал на своето првородство, туку учтиво му се обратил на својот брат како на господар, во надеж дека ќе го смири гневот кој го предизвикал со своето однесување во минатото”. – The Signs of the Times, November 20, 1879.

б. И покрај тактиката на Јаков, како одговориле гласниците? Создавање 32:6.

„Но слугите се вратиле со извештај дека Исав се приближува со четиристотини луѓе, а не му донеле никаков одговор со пријателска порака”. – Патријарси и пророци, 196.

в. Опишете ја ситуацијата во која се нашол Јаков во овој момент. Создавање 32:7,8.

„Да се врати назад не можел да продолжи напред не се осмелувал. Неговите невооружени и незаштитени луѓе не биле приготвени за никаков непријателски судир. Затоа ги поделил во две групи до колку едната биде нападната другата да може да се спасува со бегство”. – Патријарси и пророци, 196.


Четврток 13. август

5. НА ВИНОВНИКОТ МУ Е ПОТРЕБНА НАДЕЖ

а. Слично на Јов, какво искуство доживеал сега Јаков? Јов 7:6,20.

„Тоа се случило во осамен планински предел каде што се криеле диви животни и каде што често се задржувале разбојници и убијци. Осамен и без заштита, Јаков во длабока болка се наведнал кон земјата. Полноќ! Сѐ што му било најмило во животот било одвоено од него, изложено на опасност и смрт. Најтешко му паѓала мислата дека токму тој е крив што тие невини суштества се изложени на опасност”. – Патријарси и пророци, 196,197.

б. Опишете ја природната состојба на секој од нас, и објаснете ја нашата единствена надеж. Исаија 1:5,6, 18-20.

„По својата природа ние сме далеку од Бога. Светиот Дух ја опишува нашата состојба со зборовите: ‘Мртви во престапи и гревови’; ‘сета глава е болна и сето срце изнемоштено’; ‘од петиците до главата никаде здраво место’. Ние сме заробени во мрежата на сатаната, кој ‘нè улови живи по своја волја’ (Ефесјаните 2:1; Исаија 1:5,6; 2.Тимотеј 2:26). Бог сака да нè излекува, да нè ослободи. Но, бидејќи тоа бара целосна промена, обновување на целата наша природа, ние во целост мора да му се предадеме Нему.

Борбата против самиот себе е најголемата борба што кога и да е се водела. Откажувањето од самиот себе, комплетното прифаќање на Божјата волја, не оди без борба; но душата мора да му се покори на Бога пред да може да се препороди и да стане света”. – Патот кон Христа, 43.


Петок 14. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Без оглед на неговите зборови, зошто Лаван се налутил поради заминувањето на Јаков?

2. Кои лоши навики ги научила Рахила очигледно од нејзиниот татко?

3. Како Господ го утешил Јакова во неговиот стресен час на заминување?

4. Што сфатил Јаков во поглед од неопходноста од промена на ставот додека му се приближувал на Исав?

5. Кога проблемите се придружувани со грижа на совест, каде единствено можеме да побараме помош?

 <<    >>