Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 26. септември 2020

Надеж за остатокот на Израел

„Нека те слушне Господ во тежок ден, да те заштити името на Бог Јаковов” (Псалм 20:1).

„Борете се истрајно во молитва и во душевна болка како што тоа го правел Јаков.” – 1. Сведоштво, 158.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   1. Свед., 158-160; 3. Свед., 540-544. 

Недела 20. септември

1. ЗАВРШНО СВЕДОШТВО

а. Која последна порака им ја дал Јаков на своите синови? Создавање 49:1,2.

„Додека неговите деца чекале да го примат неговиот последен благослов, него го обзел дух на пророштво и јасно му се прикажала иднината на неговите потомци. Го изговарал името на еден по еден од своите синови, му го опишал карактерот и накратко го прикажал идниот развиток на неговото племе”. – Патријарси и пророци, 235.

„(Јаков) не чувствувал огорченост кон своите тажни синови. Но, Бог преку Духот на пророштвото го воздигнал умот на Јаков над неговите природни чувства. Во неговите последни часови ангелите биле насекаде околу него и силата на Божјата благодат блескала врз него. Неговите татковски чувства би го навеле во своето посмртно сведоштво да им упати само изрази на љубов и нежност. Но, под влијание на вдахновението тој ја изговарил вистината, иако таа била болна”. – Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 172, 173.

б. Како последната молба на Јаков го открива начинот на кој моќната Божја благодат чудесно го допрела срцето на патријархот во однос на неговата прва сопруга која некогаш ја мразел? Создавање 49:28-31.


Понеделник 21. септември

2. ОГАН ШТО РАСТОПУВА

а. Опишете го крајот на Јаковлевиот живот и длабокото влијание што тој го оставил на своите ближни, вклучувајќи ги и Египќаните. Создавање 49:33; 50:1-3. Какво вдахновено наследство тој ни оставил и нам?

„Јаков грешел и многу страдал. Морале да поминат многу години на мака, грижи и тага од оној ден кога поради големиот грев морал да ги напушти шаторите на татка си како бегалец. Бил дојденец и без родно место далеку од мајка си која никогаш веќе не ја видел; седум години работел за својата избраница што ја сакал, но сепак, само затоа за најпосле на безочен начин да го измамат; дваесет години поминал во тешка служба кај дрчниот и среброљубив роднина; видел како богатството му се намножува и како синовите околу него растат, но малку радост можел да најде во семејството што го разјадувале завист, љубомора и неслога; тешко го растажил и го тиштел срамот на единствената ќерка, па одмаздата на нејзините браќа, смртта на Рахила, неприродното злосторство на Рувима, гревот на Јуда, свирепата измама и злосторството кон Јосифа колку долга и темна низа на зла што се надоврзувале едно на друго и што морал да ги гледа. Постојано морал да ги жнее плодовите на својот прв погрешен чекор. Често забележувал дека неговите синови ги повторуваат гревовите за кои самиот тој бил виновен. Но дисциплинирањето, колку и да било горчливо, ја исполнило својата задача. Тоа поправање, иако болно донело ‘мирен плод на правдата’ (Евреите 12:11)”. – Патријарси и пророци, 237,238.

б. Како ние во својот живот, како и Јаков, можеме да донесеме мирен род на праведност? 1. Петрово 4:12,13.

„Бог е Тој Кој те повел низ тие тешки искушенија. Негова намера е преку неволјите во тебе да изгради трпение, преку трпението искуство, а преку искуството надеж. Бог дозволил да те снајдат сите тие искушенија за, минувајќи низ сето тоа, спокојно да донесуваш мирољубиви плодови на правдата”. – 3. Сведоштво, 416.

„Сите неволи и искушенија што нѐ снаоѓаат, Тој ги дозволил од љубов кон нас, за да ги спроведе Своите намери, ‘да станеме учесници во Неговата светост’, а со тоа и соучесници во радоста што ја дава Неговото присуство”. – 5. Сведоштво, 742.

„Сите искушенија кои ги примаме како воспитно средство ќе ни донесат радост”. – 6. Сведоштво, 365.


Вторник 22. септември

3. ПОВИК ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА РОДОВИ

а. Колку е моќна Божјата посветеност кон наследството на Јаков? Левитска 26:42; Второзаконие 32:9,10.

„Бог на Израел му ги дал сите можности, му ги дал сите предимства за да може да му биде на чест на Божјото име и на благослов на соседните народи. Тој им ветил дека ќе ги ‘возвиши со чест, со име и со слава над сите народи’ ако одат по патот на послушноста”. – Воспитување, 40.

„Кога ќе имаме луѓе кои, свесни за своите недостатоци, во најсесрдна вера и молитва ќе се борат со Бога како Јаков, ќе ги видиме истите резултати”. – 4. Сведоштво, 402.

б. Опишете ја длабочината на Божјата љубов кон неговиот грешен народ. На какво размислување тоа треба да нè наведе? Еремија 31:18-20; Осија 11:8,9.

„Сепак, во својата голема милост Бог сè уште не те пресекол. Тој не те посматра студено; не се одвраќа рамнодушно од тебе ниту те препушта на уништување”. – Христовите очигледни поуки, 217.

в. Објаснете ја привилегијата на Христовите следбеници? 2. Тимотеј 1:8-10; Псалм 20:1,2.

„Преку печката за претопување мораме да поминуваме сè додека не согори секоја нечистотија и додека не бидеме така пречистени што во нас ќе се одразува божествениот лик. Оние кои се раководат според сопствените склоности и она што се гледа однадвор, не можат исправно да судат за она што Бог го прави. Тие се полни со незадоволство и гледаат промашување таму каде што всушност има триумф, голема загуба таму каде што има добивка; и подготвени се, како Јаков некогаш, да извикнат: ‘Сите овие нешта се против мене’, додека токму тие појави на кои тие се жалат придонесуваат заедно за нивно добро.

Без носење на крстот, нема ниту круна. Како некој може да стане силен во Господа ако не минува низ некоја неволја? За да имаме силна вера, мораме да дојдеме во ситуација да се покаже нашата вера”. – 3. Сведоштво, 67.


Среда 23. септември

4. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА СУДБИНАТА НА ИЗГУБЕНИТЕ

а. Објаснете како Бог се служи со својата Реч за да нè обликува, и сериозните последици од одбивањето да се потчиниме на овој процес. Евреите 4:12-14; Осија 4:17.

„Бог ги води припадниците на Својот народ, чекор по чекор. Тој ги доведува во различни положби и околности за да се покаже што им е во срцето. Таквата проверка некои успешно ја издржуваат во еден поглед, но паѓаат на друго место. При следната проверка срцето се изложува на посериозен испит. Но припадниците на Божјиот народ чувствуваат отпор во своето срце кон овој сосем оправдан процес, што треба да ги осведочи дека во тој поглед мора да извршат одлучна промена ако не сакаат да бидат изблуени од устата Господова. Според зборовите на ангелот: ‘Бог сѐ погрижливо ќе го проверува секој поединец во Својот народ’. Некои со задоволство прифаќаат една работа, но кога Бог ќе ги стави на проверка во нешто друго, тие застануваат и се враќаат назад, бидејќи тоа го погодува некој нивен омилен идол. Овде им се дава можност да увидат што е тоа во нивното срце што му ја затвора вратата на Исус. Тие нешто друго ценат повеќе од вистината, и не се подготвени да го примат Христос во своето срце. Поединци долго се испитуваат и се проверуваат за да се види дали ќе ги жртвуваат своите идоли и дали ќе го послушаат советот на Вистинскиот Сведок. За оние што не сакаат со послушност кон вистината да бидат очистени од своите гревови и да ја победат својата себичност, гордост и сите лоши склоности, Божјите ангели имаа налог: ‘Тие неразделно се приврзани за своите идоли, оставете ги’, и тие ќе ја продолжат својата задача препуштајќи ги таквите - заедно со нивните гревови и несовладани склоности – на контролата на злите ангели. Оние што успешно ќе ги поминат сите проверки, и ќе излезат како победници, без оглед на цената, значи дека го послушале советот на Вистинскиот Сведок, па ќе го примат позниот дожд и така ќе бидат подготвени за преобразување”. – 1. Сведоштво, 187.

б. Кој грев на племето на синот на Јаков, Дан, ќе спречи многумина да го примат печатот на Божјото одобрување? Создавање 49:17; Псалм 15:1-3.

„Клеветникот е исклучен од Господовото живеалиште (светињата) и не може да се насели на светата гора Сион. Оној што прима зол глас против својот ближен не може да наиде на одобрување кај Бога”. – 5. Сведоштво, 615.

„Да се чуваме да не изговориме зборови што обесхрабруваат. Да донесеме одлука никогаш да не се впуштаме во озборување и клеветење”. – Оur High Calling, p. 291.


Четврток 24. септември

5. ИСКУПУВАЊЕ НА ОСТАТОКОТ

а. Со кои предности и опасности се соочува духовниот Израел денес? Псалм 47:1-4; 46:11; Римјаните 13:11.

„Некои од тамошните членови се во постојана опасност грижите за земниот живот толку да им го обземат умот и срцето, така што не размислуваат ниту за Бога и небото, ниту за потребите на својата душа. Тие понекогаш ќе се пробудат од духовното мртвило, но потоа паѓаат во уште подлабок сон. Ако во потполност не се пробудат од своето мртвило, Бог ќе им ја ускрати светлината и благодатите кои им ги дал. Во Своето негодување, Тој ќе го тргне „свеќникот од неговото место”. Ако тие го отфрлат гревот, и со ревност во делотоворната побожност ја покажат својата постојаност и послушност кон прописите на Божјата реч, ќе придонесат свеќникот повторно да се стави на свое место и ќе се осведочат дека Господ над војските е со нив и дека Јакововиот Бог е нивна одбрана и засолниште”. – 4. Сведоштво, 286.

б. Зошто постои надеж само за остатокот од Јаков? Римјаните 11:5; Исаија 14:1; 41:14; 43:1.

„Што се однесува до големата вистина што имавме привилегија да ја примиме, би требало, а со силата на Светиот Дух тоа и го можеме, да станеме живи канали на светлината. Тогаш можеме да пристапиме до престолот на милоста; и гледајќи го виножитото на ветувањето, да клекнеме со понизно срце и да го побараме небесното царство со духовна ревност која ќе биде наградена. Ние ќе го земеме со сила, како и Јаков. Тогаш нашата порака ќе стане Божја сила за спасение”. – Sons and Daughters of God, p. 30.


Петок 25. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Бог може да се надева дека ќе го сменам мојот став како што Јаков направил во однос на Лија?

2. Што треба да имам на ум кога следниот пат ќе се соочам со необично искушение?

3. Кои привилегии што мене ми ги подарил Бог треба повеќе да ги ценам?

4. Наведете неколку суптилни замки кои народот на остатокот мора да ги совлада?

5. Која е најважната доблест на Јаков која треба да ја сфатиме од овие лекции?

 <<    >>