Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 25. јули 2020

Ветил

„Се уплаши (Јаков) и рече: ‘Колку е страшно ова место! Ова е дом Божји, ова е вратата небеска’” (Создавање 28:17).

„На крајот ќе се спасат само оние кои ќе се држат за Исуса како стопалото што стои на скалите”. ¬– 5. Сведоштво, 539.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   4. Сведоштво, 464–469, 471. 

Недела 19. јули

1. БЕГАЊЕ ОД СМРТТА

а. Што решил Исав да стори откако разбрал дека го изгубил правото на првородство од неговиот брат? Создавање 27:41.

б. За да го заштити својот помлад син од бесот на Исав, што Ревека била принуден да го советува Јакова да направи – и како тој временски период завршил поинаку од она што таа очекувала? Создавање 27:42-45.

„Ревека горко се покајала поради погрешниот совет што му го дала на Јаков, бидејќи тоа довело до нивно трајно одвојување. За да го спаси својот живот, тој бил принуден да побегне од гневот на Исав и неговата мајка никогаш повеќе не го видела неговото лице”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 115, 116.

в. Како Исак на крајот созреал во разбирањето на првородство?

„Откако му го дал благословот на Јаков, Исак живеел уште многу години и бил убеден, гледајќи го животот на Исав и Јаков, дека благословот со право му припаднал на Јаков”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 116.


Понеделник 20. јули

2. ТРЕЗВЕНОСТ И ОСАМЕНОСТ

а. Неволно терајќи го Јаков од домот, како наследник на првородството, каков мудар, духовен совет му дале неговите родители? Создавање 27:46, 28:1-5.

„Бидејќи разјарениот брат му се заканувал со убиство, Јаков морал да го напушти огништето на татка си како бегалец и изгнаник, но не без татков благослов. Исак му го повторил ветувањето на заветот и, како на наследник на ветувањето, му наредил да се ожени со девојка од родот на својата мајка во Месопотамија”. ¬– Патријарси и пророци, 183.

б. Зошто вакви духовни совети се мошне потребни и денес? Матеј 24:37,38.

„Што е со брачната врска денес? Зар не е изопачена и осквернета, како што била во деновите на Ное?” ¬– Manuscript Releases, vol. 7, p. 56.

„Сатаната ќе се служи со сите средства како би ги навел младите луѓе да склопуваат брачни врски кои ќе бидат спротивни на Божјите намери. Тој ќе се обиде да ги спушти стандардите на духовност и светост, за да црквата не биде жива, и нејзините членови да мислат дека се подесни за Божјото дело”. ¬– Manuscript Releases, vol. 12, p. 283.

в. Опишете го искуството низ кое Јаков поминал кога бил принуден да патува далеку од сигурноста на домот? Создавање 28:10; Псалм 102:6-8.

„Јаков сепак на пат пошол осамен, мошне загрижен и со длабоко вознемирено срце. Стотици километри морал да патува само со стап во рака, низ предели населени со диви племиња. Оптоварен со грижа на совеста, засрамен и во постојан страв налутениот брат да не му влезе во траг, одбегнувал секоја средба со луѓето. Се плашел дека засекогаш го загубил благословот што Бог имал намера да му го даде, а сатаната бил готов да го мачи со искушенија.

Вториот ден навечер веќе бил мошне далеку од татковиот шатор. Чувствувал дека е изгнаник и знаел дека сите тие маки му ги донеле само неговите погрешни постапки. Темнина на очај му ја притискала душата и тој одвај се осмелувал да му се моли на Бога”. ¬– Патријарси и пророци, 183.


Вторник 21. јули

3. ОЧАЈ, А ПОТОА НАДЕЖ

а. Како Јаков ја поминал ноќта? Создавање 28:11.

„Но, останувајќи наполно сам, (Јаков), повеќе од кога и да е порано, чувствувал потреба од Божја заштита. Плачејќи и во длабока понизност го признал својот грев и најсесрдно се молел за некаков видлив доказ дека не е потполно напуштен. Но сепак неговото потиштено срце уште не нашло олеснение. Загубил секаква доверба во самиот себе, а се плашел дека го отфрлил и Бог, Бог на неговите татковци”. ¬– Патријарси и пророци, 183.

б. Кога нашата иднина ни изгледа темна и мрачна, зошто можеме да бидеме охрабрени од Богот на Јаков?

„Но Бог не го напуштил Јакова. Тој сѐ уште бил милозливо наклонет кон својот заблуден и недоверлив слуга”. ¬– Патријарси и пророци, 183.

„Во сите времиња и на секое место, во сите страдања и во секоја болка, кога изгледите се мрачни, а иднината неизвесна, кога се чувствуваме беспомошни и осамени, Утешителот ќе биде испратен како одговор на молитвата со вера. Околностите можат да не одвојат од сите земни пријатели, но никакви околности, никаква оддалеченост не може да не одвои од небесниот Утешител. Каде и да сме, каде и да одиме, Тој секогаш ни е од десната страна за да не поддржува, помага, да нè подига и охрабрува”. ¬– Копнежот на вековите, 669,670.

в. Што се случило додека Јаков спиел, и со каква цел? Создавање 28:12.

„Искуството на Јаков како скитник од неговиот дом, кога му биле покажани мистичните скали, по кои ангелите се качуваат и слегуваат, имаше за цел да го научил на големата вистина во однос на планот на спасението. Божјите намери му биле откриени на обесхрабрениот човек, кој се чувствувал отфрлен од Бога и од луѓето. Со неискажлива љубов, Христос во сон му го претставил патот на животот. Вистината му била откриена во симбол, а нејзиното значење е исто толку значајно и во денешно време како што беше во неговото”. ¬– The Review and Herald, November 11, 1890.


Среда 22. јули

4. УВЕРУВАЊЕ ДАДЕНО НА КРОТКИТЕ

а. Кои милостиви ветувања ги излеал небесниот Бог врз неговите покајнички деца? Создавање 28:13-15.

„Светлината од Божјиот престол зрачела врз оваа скала и одразувала светлина со неопислива слава во насока на земјата. Оваа скала го претставувала Христа, кој воспоставил комуникација помеѓу земјата и небото.

Христос во своето понижување, воден од сочувство и сожалување кон паднатиот човек, се спуштил до најголемите длабочини на човечките страдања, што на Јаков му било прикажано со едниот крај на скалата кој почиваше на земјата, додека врвот на скалата, допирајќи до небото, ја претставувал Христовата божествена моќ која се држела до Бесконечниот, и со тоа ја поврзува земјата со небото и ограничениот човек со бесконечниот Бог. Преку Христа е воспоставена отворена комуникација меѓу Бога и човекот. Ангелите можат да слегуваат од небото кон земјата со пораки за љубов кон паднатиот човек и да им служат на оние што ќе го наследат спасението. Само преку Христа овие небесни гласници можат да им служат на луѓето”. ¬– Confrontation, p. 46.

б. Што го направило сонот толку значаен? Псалм 37:11; Филипјаните 2:5-7.

„Нека се весели земјата, нека се радуваат жителите на светот, бидејќи Христос го премости јазот што го направил гревот и на тој начин ја поврзал земјата со небото. Широкиот пат не е за оние што Господ ги откупил. Уморните и натоварените можат да дојдат кај Него и да најдат одмор за нивната душа. Патниците можат да патуваат кон становите кои Тој отишол да ги подготви за оние што Го љубат.

Со тоа што станал човек, Христос цврсто ја поставил скалата на земјата. Скалите допираат до највисоката точка на небото и Божјата слава од врвот ја осветлува преку целата должина, додека ангелите се искачуваат и слегуваат со пораки од Бога до човекот, и со молби и пофалби од човекот до Бога. Преку божествената природа, Христос бил едно со Отецот; а земајќи на себе човечка природа, Тој се идентификувал со човекот. ‘Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек’ (Филипјаните 2:6,7). Во визијата на Јаков било прикажано единството на човечкото и божественото во Христа.

Додека ангелите слегувале и се качувале по скалилата, Бог е прикажан како со благонаклоност гледа кон човечките синови заради заслугите на неговиот Син“. ¬– The Review and Herald, November 11, 1890.


Четврток 23. јули

5. СВЕЧЕНИОТ ЗАВЕТ НА ЈАКОВ

а. Како може заветот на Јаков во Ветил да биде инспирација за нас? Создавање 28:16-22.

„Со овие зборови Јаков немал намера да му поставува на Бога услови. Господ и онака веќе му ветил благослов и напредок, а ова свечено ветување претставувало излив на чувствата на срцето кое било преполно со благодарност за Божјата милост и доказ на неговата љубов кон Бога”. ¬– Патријарси и пророци, 187.

„Јаков го направил својот завет додека росата на божествената благодат ја крепела неговата душа и додека се чувствувал толку охрабрен од сигурноста на Божјата присутност. Меѓутоа, кога божествената слава исчезнала, тој имал свои искушенија, како што и денес луѓето имаат искушенија; но останал верен на својот завет и не ни помислувал на можноста да се ослободи од обврската која ја примил на себе. Можел да констатира, што всушност денес многумина прават, дека тоа откровение всушност било само еден сон, дека бил претерано возбуден и дека затоа нема потреба да се држи за тоа; но тој не подлегнал на тоа искушение...

Јаков дал десетти дел од сè што имал, а потоа пресметал и камата од десетокот кој го користел за себе сè додека живеел во земјата на идолопоклонство каде што не можел да го исполни својот завет. Тоа количински било навистина многу, но тој не се притеснувал: она што го заветувал на Бога тој не го сметал за свое, туку за Господово”. ¬– 4. Сведоштво, 466,467.

„Но колку е залудно да се обидуваме со математички бројки да го пресметуваме времето, парите и љубовта возвратени за онаа љубов која е безмерна и за дарот чијашто вредност е несфатлива. Десетти дел за Христа! О, сиромашна милостињо и незначителна наградо за сѐ она што е толку скапо платено! Од крстот на Голгота Христос бара неограничено пожртвување, потполна посветеност. Сѐ што имаме и што сме, треба да му го посветиме на Бога”. ¬– Патријарси и пророци, 188.


Петок 24. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да го избегнам горчливото искуство низ кое поминала Ревека?

2. Што треба да имаме на ум кога страдаме од осаменост, исто како и Јаков?

3. Што ми открива мојот небесен Отец преку сонот на Јаков?

4. Што се случува додека ангелите се искачуваат и слегуваат по скалилата?

5. Како можам јас да бидам подлабоко трогнат од заветот на Јаков со Бога?

 <<    >>