Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 19. септември 2020

Резултат на истрајна молитва

„Како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него” (Псалм 103:13).

„Ниту еден земен родител не би можел да биде толку стрплив кон маните и грешките на своите деца како што е Бог, кон оние што сака да ги спаси”. – Патот кон Христа, 35.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 224-240. 

Недела 13. септември

1. ВРЕМЕ НА ЖАЛОСТ

а. Опишете ја длабочината на тагата на Јаков кога мислел дека Јосиф е мртов, и впечатокот што тоа го оставило врз неговите виновни синови. Создавање 37:33-35.

„Тие (синовите на Јаков) таа сцена ја очекувале со страв, но не се надевале дека ќе мораат својот татко да го гледаат потонат во тага и болка што му го кинеле срцето. ‘Облеката е на мојот син’, рекол Јаков, ‘го изел див ѕвер. Јосиф навистина е растргнат’ (Создавање 37:33). Попусто синовите и ќерките се обидувале да го утешат. Тој ‘ја раскина својата облека, па се препаша со покајнички кострет околу себе и тагуваше за сина си долго време’. Се чинело дека ниту времето не можело да ја олесни ниту да ја ублажи неговата болка. ‘Со тага за мојот син ќе легнам в гроб’ липал во очај. Вџашени со она што го сториле, но плашејќи се од прекор на татка си, синовите на Јакова сепак во своето срце ја криеле вистината за сопствената вина која сега дури и ним им изгледала многу голема”. – Патријарси и пророци, 212.

б. Што жалоста треба да развие во нас? Јаков 1:3,4.

„Бог дозволува да нè снајдат околности кои ќе нè тестираат, да ја зголемиме нашата љубов и да ја усовршиме нашата доверба во Него... Искушенијата ќе дојдат, но тие се доказ дека сме Божји деца”. – Gospel Workers, p. 441.


Понеделник 14. септември

2. РАСТЕЊЕ ВО МИЛОСТ

а. Како се развил карактерот на Јаков од онаа ноќ на агонија кога кај Ветил се молел за себе и за неговото семејство? Псалм 92:12-15.

„Јаков се определил за наследството на верата. Се потрудил до тоа да се добере со лукавство, со измама и со невистина, но Бог дозволил сторениот престап да го поттикне на поправање. И покрај сите горчливи искуства на своите подоцнежни години, Јаков никогаш не отстапил од својата цел ниту пак го напуштил својот избор. Искуството му покажало дека, обидувајќи се со човечка мудрост или со лукавство да се добере до благословот, всушност војувал против Бога. Самоувереноста била искоренета. Не се служел веќе со препреденост. Наместо со лукавство и со измама, неговиот живот сега се одликувал со едноставност и со вистина. Искуството го научило со искрена доверба да се предаде во рацете на Семожниот и во деновите на неволја и патила понизно да и се предаде на Божјата волја. Пониските елементи на неговиот карактер биле уништени во огнената печка на неволјите, вистинското злато е пречистувано сѐ додека кај Јакова не се појавила незатемнетата вера на Аврама и Исака”. – Патријарси и пророци, 208.

б. Кое наследство на Јаков Бог го наменил и за нашите семејства? Исаија 8:16-18; Второзаконие 29:29.

„Принесувајќи утринска и вечерна жртва на семејниот олтар, додека жената и децата му се придружуваат во молитвата и му благодарат на Господ, таткото е во извесна смисла и свештеник на семејството. Во таквото семејство Исус ќе пребива, и благодарение на Неговото влијание што оживува ќе се слушнат радосните извици на родителите во пославните места (на небото): ‘Еве, јас и децата што Господ ми ги даде’. Спасени, спасени, засекогаш спасени. Слободни од изопаченоста што го обзела целиот свет поради задоволувањето на телесните желби, и благодарение на Христовите заслуги достојни сме да бидеме наследници на бесмртноста! Но видов дека само мал број татковци ја сфаќаат големината на својата одговорност. Тие не научиле да владеат со себе, а сѐ додека не го научат тоа, тие не се во состојба да управуваат со своите деца и со своето семејство. Совршеното владеење со себе ќе делува како волшебен занес на целото семејство. Кога тоа ќе се постигне, задобиена е голема победа. Дури тогаш и децата можат да се учат да владеат со себе”. – 1. Сведоштво, 547.


Вторник 15. септември

3. РАНЛИВО ВЕРНО СЕМЕЈСТВО

а. Кога синовите на Јаков стоеле пред управителот на Египет (кој, иако тие тоа не го знаеле, всушност бил Јосиф), што ја открило промената на нивниот карактер? Создавање 42:21.

„Во текот на минатите години, откако Јосиф не бил меѓу нив, карактерот на овие синови на Јакова значително се изменил. Порано биле зависливи, незауздани, склони кон измама, сурови и осветољубиви. Но сега, откако ги снашла неволја, се покажале како несебични, верни еден кон друг и предани на својот татко, почитувајќи го неговиот авторитет, Иако и самите веќе биле средовечни луѓе”. – Патријарси и пророци, 225.

„(Јосиф) кај своите браќа видел плодови на покајание”. – Патријарси и пророци, 230.

б. После толку години на искушенија во животот на Јаков и неговите синови, каде конечно бил повикан да оди истрајниот патријарх? Создавање 45:9,25-28.

в. Како само Јаков знаел со сигурност дека ова е чекор кој треба да го преземе, и зошто Господ тоа така го уредил? Создавање 46:1-5; Псалм 103:13.

„На Аврама му било ветено потомство многубројно како ѕвездите, но до тогаш избраниот народ многу бавно се множел. А хананската земја, тогаш понудена, не претставувала поволна почва за развиток на таква нација каква што била претскажана. Тогаш таа земја ја држеле во посед силни незнабожечки племиња од кои требало да биде одземена дури во ‘четвртото колено’... ако се измешаат со Хананците, би се изложиле на опасност да бидат заведени со идолопоклонството. Меѓутоа, Египет давал услови неопходни за исполнување на божествената намера. Така им било ставено на располагање едно добро наводнувано и плодно земјиште, што давало големи можности за нивно брзо размножување. А бидејќи имале специфично занимање, морале во Египет да наидат на антипатии, ‘зашто за Египќаните сите пастири се нечисти’ па поради тоа можеле како народ да останат потполно изделени и заштитени од учеството во идолопоклонството на Египќаните”. – Патријарси и пророци, 232.


Среда 16. септември

4. БЛАГОСЛОВЕНИ МОМЕНТИ

а. Опишете го повторното обединување на Јаков и Јосиф. Создавање 46:28-30.

„Кога пристигнале во Египет, веднаш сите се упатиле во Гесемската земја. Во тој правец во пресрет им се упатил и Јосиф со својата државничка кола, придружуван со владетелска придружба. Опфатен со една единствена мисла додека срцето му било длабоко возбудено со непреодолив копнеж, тој потполно заборавил на достоинството на својата положба и на сјајот на својата околина. Забележувајќи ги патниците како се приближуваат, не можел веќе да ги совлада чувствата чиишто копнежи во текот на толку многу години биле задушувани. Скокнал од колата и потрчал да го прегрне татка си и да му изрази добредојде”. – Патријарси и пророци, 233.

б. Раскажете ја средбата помеѓу Јаков и царот. Создавање 47:7-10.

„Царските дворови за патријархот биле непознати и тој тука бил само странец и гостин. Меѓутоа, среде величествените сцени на природата одржувал врска со многу посилниот Владетел отколку што се земните цареви, па тогаш свесен дека е повисок од фараонот ги подигнал рацете и го благословил”. – Патријарси и пророци, 233.

в. Какво било искуството на Јаков во Египет? Создавање 47:27,28.

„При својата прва средба со Јосифа, Јаков изјавил дека радо би го завршил својот живот со тој радосен крај на сите грижи и таги. Но Бог му дал уште седумнаесет години да поживее мирно и повлечено во Гесемската земја. Тие години му поминувале во среќна спротивност со оние што им претходеле. Тој кај своите синови видел докази за нивно вистинско каење. Видел дека неговото семејство располага со сите услови потребни да се развие во голема нација и цврсто верувал во ветувањето дека тие еден ден ќе се населат во Ханан. Бил опкружен со сите знаци на љубов и внимание што можел да му ги укаже првиот министер на Египет. Така среќен и задоволен што пак се нашол крај својот одамна загубен син, чесно и на мир легнал во гроб”. – Патријарси и пророци, 233.

г. И покрај фактот дека Јаков поминувал пријатно време во Египет, кое сериозно барање открило колку силна била неговата намера да верува во Божјите ветувања? Создавање 47:29-31.


Четврток 17. септември

5. ФОКУСИРАЊЕ НА ИДНИНАТА

а. Што покажува пророчкото расудување на Јаков во врска со Јосифовите синови? Евреите 11:21; Создавање 48:8,9,17-19.

б. Како ова пророштво наскоро требало да се исполни? Броеви 1:33-35; 2:21,24; Второзаконие 33:16,17.

в. Како искуството на Јаков и неговите синови треба да нè мотивира и нас денес? Римјаните 12:1,2.

„Силата на злото во неговата сопствена природа била скршена. Неговиот карактер бил преобразен...

Размислувајќи за својот изминат живот, тој признал дека Божјата рака го одржувала – „Бог, Кој ми беше Спасител откако сум настанал, па сѐ до денешен ден, Ангелот, кој ме избавуваше од секое зло” (Создавање 48:15,16).

Истото искуство се повторило во историјата на синовите на Јаков - гревот предизвикал одмазда, а покајанието донело плод на праведноста за живот.

Бог не ги укинува Своите закони. Тој не работи спротивно од нив. Не ги поништува последиците од гревот, меѓутоа Тој преиначува. Преку Неговата благодат, проклетството се претвора во благослов”. – Воспитување, 147,148.


Петок 18. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која може да биде вистинската цел на искушенијата со кои се соочувам моментално?

2. Опишете го Божјиот план за татковците денес?

3. Зошто Египет било погодно место за Божјиот народ, но само привремено?

4. Што треба да научам од гледна точка на Јаков, во текот на неговиот краток престој во Египет?

5. Како своеволните членови на моето семејство можат да се променат, како што тоа го сторил Јаков?

 <<    >>