Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од животот на Јаков

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 12. септември 2020

Плодови во семејството

„Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец” (Јован 12:26).

„Преку откривање на (Божјата) благодатта срцата што некогаш биле рамнодушни или отуѓени можат повторно да бидат обединети”. – God’s Amazing Grace, p. 115.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 206–212. 

Недела 6. септември

1. ПОКАЈАНИЕ И ОБНОВА

а. И покрај намерата на Јаков да го следи Бога, какви околности долго време владееле во неговиот дом, и зошто? Изреки 26:21; 27:15.

„Гревот на Јакова и целата низа настани што ги предизвикал тој, имале и свое неизбежно влијание влијание кое своите горчливи плодови ги открило во карактерот и во животот на неговите синови. Кога тие синови стапиле во зрели години, покажувале сериозни недостатоци. Во семејството се појавиле последиците на многуженството. Тоа страшно зло се заканувало да ги задуши и самите извори на вистинската љубов, а со своето влијание ги заслабувало и најсветите врски. Љубомората на одделни мајки го загорчувала семејниот живот. Децата израснале како кавгаџии и неподложни на контрола, што животот на таткото го затемнувале со страшна загриженост и болка”. – Патријарси и пророци, 208,209.

б. Зошто начинот на кој Господ ја удостоил цврстата реформација на Јаков во семејството може да нè инспирира и нас денес? Создавање 35:9-15; Јован 12:26.

„Отфрлете го гревот, а потоа потпрете се на Семожниот, кој е во состојба да ја измие секоја дамка од гревот. Ова е дело на понизност во ова време, и ние мораме да ги признаеме своите гревови и да се приближиме до Бога за да може да напише ‘простување’ покрај нашето име”. – Manuscript Releases, vol. 9, p. 252.


Понеделник 7. септември

2. ПАТУВАЊЕ НАПРЕД

а. Како времето на смртта на Рахила ја покажало Божјата моќ да ја направи победничка? Создавање 35:16-20 (спореди Создавање 31:30,32,34; 35:4).

б. На кое предупредување и денес треба да обратиме внимание во поглед на сериозниот духовен недостаток – како гревот на Рувим, првенецот на Јаков, поради кој ги изгубил благословите на првородството? Создавање 35:21,22: Изреки 6:32,33.

„На патот кон Ефрат уште едно мрачно злосторство го извалкало семејството на Јакова, поради што најстариот син Рувим ги загубил привилегиите и почестите на првородството”. – Патријарси и пророци, 206.

„Немам вистинска основа за надеж за оние кои стоеле како пастири на стадото и кон кои милостивиот Бог со години имал трпение, им праќал предупредувања, укори и закани, но тие ги криеле своите зли патишта и продолжиле и понатаму да одат по нив, пркосејќи му на законот на небесниот Бог со својот блуден живот. Можеме да ги оставиме со страв и трепет да се борат за своето спасение, после сето она што е направено за да се реформираат, но во никој случај не смееме да им довериме грижа на душите! Лажни пастири!” – Testimonies to Ministers, p. 428.

в. Спротивно на тоа, со оглед дека Јаков ја почитувал Божјата волја како свој најголем приоритет, како тој бил благословен и со мир и напредок? Создавање 35:27-29; 36:6,7.

„Јаков и Исав се сретнале крај претсмртната постела на татка си. Некогаш постариот брат тој настан го предвидувал како можност за одмазда, но од тогаш неговите чувства значително се измениле. Потполно задоволен со духовните благослови на првородството, Јаков се откажал од своето право на богатото наследство на татка си во полза на постариот брат. Така тоа наследство му припаднало на Исава, што тој, впрочем, единствено го барал и го ценел. Нив меѓусебно не ги отуѓувала веќе никаква љубомора или омраза, но сепак се разделиле и Исав заминал во планината Сир. Бог, кој е пребогат со благослови, му дал на Јакова, покрај повисоките духовни добра за кои жеднеел, и земни благослови. Богатството на двајцата браќа „беше мошне големо, та не можеа да живеат заедно, ниту пак земјата каде што беа дојденци можеше да ги носи од мноштвото на нивниот добиток“. Таа разделба била во сообразност со намерите што ги имал Бог за Јакова. Бидејќи браќата меѓусебно многу се разликувале според своите верски убедувања, било подобро да живеат одвоено”. – Патријарси и пророци, 207.


Вторник 8. септември

3. ИЗБОРОТ Е НАШ

а. Кои предупредувања треба повторно да ги нагласиме во разгледувањето на Исавовото отфрлање на Божјиот повик на милост? Римјаните 9:13.

„ Исав и Јаков добиле потполно исто воспитание и сознание за Бога и обајцата слободно можеле да живеат според Божјите заповеди и да заслужат негова наклоност, но не постапиле обајцата на ист начин...

Затоа што имал можност да бира, Бог не го отфрлил тирански Исава лишувајќи го од правото на благословите на спасението. Даровите на неговата милост преку Христа слободно му се достапни на секого. Човекот се запустува единствено ако сам, со сопствен избор, јури во пропаст. Бог во својата Реч ги изнел условите под кои секоја душа може да биде избрана за вечен живот послушност на неговите заповеди со вера во Христа. Бог го избрал карактерот кој е во целосна хармонија со неговите закони, и на секого што ќе ја постигне мерката поставена во неговото барање ќе му биде дозволено да влезе во царството на славата. Сам Христос рекол: ‘Кој верува во Синот, има живот вечен, а кој не верува во Синот, нема да види живот’ (Јован 3:36). ‘Не секој што ми вели: Господе, Господе, ќе влезе во царството небесно, но оној што ја исполнува волјата на мојот Отец небесен’ (Матеј 7:21). А во Откровението Тој изјавува: ‘Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат низ портите во градот’ (Откровение 22:14). Тоа е единствена можност на избор изложена во Божјата реч во врска со конечното спасение на човекот.

Одбрана е секоја душа која своето спасение го гради „со страв и трепет“. Избран е оној кој сака да се вооружи ‘со сето Божјо оружје’ и истрајно да се бори во борбата на верата. Избран е оној кој сака да стражари во молитва, кој го истражува Светото писмо и не дозволува да биде поттикнат или наговорен на зло. Избран е оној кој во верата ќе остане цврст и постојан, прифаќајќи го секој збор што излегува од Божјата уста. Благодетите и можностите на откупувањето му се достапни на секого; плодовите на откупувањето ќе ги уживаат оние што ќе ги исполнат поставените услови”. – Патријарси и пророци, 207.

б. Што треба да имаме секогаш на ум, исто како и Јаков? 2. Коринтјаните 4:18.

„Исав ги презрел благословите на заветот. Тој повеќе ги сакал поминливите земни уживања отколку духовните добра и го добил она што. го сакал. Изборот со кој засекогаш е одвоен од Божјиот народ тој го извршил сам и тоа со премисла. Јаков се определил за наследството на верата”. – Патријарси и пророци, 208.


Среда 9. септември

4. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА РОДИТЕЛСКА ПРИСТРАСНОСТ

а. Како Јаков немудро се однесувал кон неговиот син Јосиф? Создавање 37:3,4.

„Но сепак се нашол еден (од синовите на Јаков) чијшто карактер забележливо се разликувал од другите. Тоа бил Јосиф, постариот син на Рахила, момче чијашто ретка лична убавина како да била само одблесок на внатрешната убавина на душата и срцето. Чисто, вредно и весело, момчето покажувало и морална сериозност и цврстина. Ги слушало поуките на татка си и сакало да биде послушно на Бога... Срцето на Јакова било посебно врзано за тоа дете на неговата старост. ‘Израел го сакаше Јосифа најмногу меѓу сите свои синови’.

Но токму таа наклоност на таткото ќе стане причина за страдања и болки. Немудрото покажување на наклоност на Јакова кон Јосифа предизвикала љубомора и завист кај другите негови синови”. – Патријарси и пророци, 208,209.

б. Како нашиот личен став може да го олесни квалитетот на нежноста на карактерот кај нашите деца во текот на нивното растење? 1. Тимотеј 5:21; Јаков 3:17.

„Кај Бога нема фаворизирање и пристрасност, исто така не смее да се јави и негува никаква пристрасност ниту лицемерие и во нашите домаќинства, цркви или институции”. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 1821.

в. Јосиф бил верен и послушен, и во голема мера минувал низ страдања додека растел. Кои предупредувања им се упатени на сите кога станува збор за фаворизирање на одредени деца во однос на другите? Исаија 3:4,5.

„Вие двајцата во својата слепа и неразумна попустливост потполно сте му се потчиниле на своето дете. Сте дозволиле да ги преземе уздите на управувањето во своите слаби детски раце и таа господарела со вас уште кога не била во состојба ни да оди. Што, со оглед на таквото минато, може да се очекува во иднина... Со своите сегашни навики и склоности, вашето девојче никогаш нема да го види Божјото царство. А вие, како нејзини родители, ќе бидете оние кои пред него ја затвориле вратата на небото”. – 4. Сведоштво, 383.


Четврток 10. септември

5. ЗЛОБАТА НА ЉУБОМОРАТА

а. Колку длабоко синовите на Јаков паднале во замката на горчлива љубомора против нивниот најмлад брат, Јосиф? Создавање 37:13-18,24,28,31,32.

„(Јосифовите) браќа го виделе кога им се приближувал. Силината на нивната омраза не стивнала со помислата на неговиот долг пат преминат само затоа за да ги најде, на уморот и гладот ниту на нивната должност да му укажат должно гостопримство и братска љубов. Самиот поглед на онаа шарена облека доказот на татковата љубов, ги исполнувал со избезуменост. Подбивно извикале: ‘Еве го оној што сонува соништа!’ Зависта и одмаздата, одамна негувани и прикривани во нивното срце, сега наполно завладеале со нив”. – Патријарси и пророци, 210,211.

б. Што предизвикува љубомората, и која е најголемата илустрација во историјата за тоа? Матеј 27:17-23.

„Целиот Христов живот и учењето биле постојани поуки на понизност, добронамерност, доблест и самоодрекување. Ова претставувало постојан укор кон самоправедниот, строг дух што го покажувале Евреите. Сатаната управувал со нив сè додека не покажале бес само со споменување на прекрасните Христови дела, кои вниманието на луѓето го одвраќале од нив... Неговата добрина го направила предмет на нивната љубомора и омраза, и во нивниот слеп бес извикувале: ‘Распни Го! Распни Го!’”. – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 117.


Петок 11. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како животот на Јаков дава надеж за секое семејство што се бори?

2. Кои области од мојот живот можат да бидат променети со целосно предавање на Бога, иако тоа наизглед е невозможно?

3. И покрај грешките на Јаков, зошто треба да бидам сличен на него, отколку на Исав?

4. Зошто треба да внимавам да избегнам пристрасност, фаворизирање и завист?

5. Зошто е од клучно значење да се молам на Бога да искорени од мене секаков траг на љубомора?

 <<    >>