Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 22. февруари 2020

Поуки од Мара и Елим

„Извика Мојсеј кон Господ, и Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка. Таму му даде наредби и закони, и таму го подложи на проверка” (Излез 15:25).

„Барајте мудрост од Бога во секој итен случај. Во секое искушение молете го Исуса да ви покаже излез од вашите неволји, и тогаш ќе ви се отворат очите да го препознаете лекот и да ги примените на вашиот случај исцелителните ветувања кои се запишани во Неговата Реч”. – Selected Messages 2, 273.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 291-294. 

Недела 16. февруари

1. ВО ПУСТИНАТА СУР

а. Колку дена патувале Израелците во пустината без да најдат вода? Излез 15:22.

б. Како се нарекувало местото каде што нашле вода, и каква била водата? Излез 15:23. Што значи „Мара“? (Истиот стих) (Спореди со Рута 1:20).

„Но се случило на патот по кој оделе три дена да не можат да најдат вода. Резервите што ги понеле веќе биле потрошени. Немале ништо со што би ја утажиле својата огнена жед на мачното одење пеш низ жешката рамнина. Мојсеј, кој добро ја познавал таа околина, го знаел она што другите не го знаеле дека водата во Мера, најблиското место каде што имало извор, не е за пиење. Со најголема загриженост го посматрал облакот што ги води. Срцето му се кинело кога слушнал како низ колоната се пронесува радосен извик: ‘Еве вода, еве вода!’ Мажите, жените и децата почнале радосно да се тискаат околу изворот, кога наеднаш, сите очајно извикале водата била горчлива”. – Патријарси и пророци, 291.


Понеделник 17. февруари

2. ЗАБОРАВЕНИ БЛАГОСЛОВИ

а. Што направил народот кога започнал да страда од жед? Излез 15:24; Псалм 106:13.

„Со ужасен страв и очај му префрлале на Мојсеја што ги повел по тој пат, заборавајќи дека сам Бог од оној таинствен облак го водел и Мојсеја исто како и нив. Во својата болка поради неволјата што ги снашла, Мојсеј го сторил она што тие заборавиле да го сторат: тој сесрдно почнал да пека пред Господа за помош”. – Патријарси и пророци, 291.

б. Што им рекол Христос на оние што заборавиле на минатите благослови во нивната грижа за нивните идни потреби? Лука 12:29,30.

„Христијаните не треба да си дозволат себеси да бидат оптоварени со прекумерна грижа за животните потреби. Ако луѓето го љубат и му се покоруваат на Бога, и го прават она што е нивна должност, Бог ќе се погрижи за сите нивни потреби. Иако можеби за вашиот живот ќе заработувате со потта на лицето, не треба да ја губите довербата во Бога; бидејќи Тој во големиот план на својата промисла ќе ги задоволи вашите потреби од ден на ден”. – Counsels on Stewardship, p. 227.

в. Што покажува дека Бог никогаш нема да нѐ заборави? Исаија 44:21; 49:15,16.

„Исусовата љубов е нешто посебно, понежна дури и од љубовта на мајката кон своето дете. Најнежната љубов што ја знаеме е љубовта на мајката кон своето дете, но Исусовата љубов ја надминува и неа. Мајката може да ги промени своите чувства. Мајките можат да станат нељубезни, но Исус никогаш, никогаш нема да стане безгрижен или нељубезен или суров кон своите деца.

Затоа никогаш, никогаш не треба да покажеме недоверба и недостаток на вера. Толку е силна Неговата љубов која управува со сите чувства на Неговата природа, и (Тој) ги користи сите свои огромни ресурси за да му направи добро на својот народ. Неговата љубов е трајна, без промена или сенка од измена. Никогаш не дозволувајте да го обесчестите Бога обидувајќи се со сите сили да се одржите, управувајќи го својот поглед кон себе, и имајќи се себеси постојано пред очите”. – The Upward Look, p. 180.

„О, колку лесно ние го забораваме Бога, но Тој никогаш не нѐ заборава; Тој нѐ посетува со своите благослови секој час”. – Our High Calling, p. 314.


Вторник 18. февруари

3. ГОРЧЛИВОТО СТАНУВА СЛАТКО

а. Како водите во Мара станале слатки? Излез 15:25. Какви практични поуки можеме да научиме од ова?

„Бог обезбедил помош за секоја неволја. Кога Израелскиот народ во пустината наишол на горчливите води во Мера, Мојсеј повикал кон Бога. Бог не создал никакво ново средство за да ја подобри горчливата вода, туку го посочил вниманието кон она што веќе постоело. Во водата требало да бидат фрлени гранки од грмушката што Тој ја создал, за водата да стане чиста, слатка и питка. Кога го сториле тоа, луѓето пиеле од водата и биле освежени. Доколку Го побараме, Христос ќе ни притекне на помош во секоја неволја. Нашите очи ќе бидат отворени да ги запазиме спасоносните ветувања запишани во Неговата Реч. Светиот Дух ќе нè поучи како да го примаме секој благослов што ќе претставува лек против тагата и болката. Ние ќе најдеме лек за секоја горчлива голтка што ќе биде ставена на нашите усни.

Не треба да дозволиме нашето срце да го обземе страв, колената да ни затреперат, а рацете потклекнат, додека ја набљудуваме иднината со тешките проблеми и неповолните изгледи што таа ги донесува. ‘Ако прибегне кон Мојата заштита’ - вели Моќниот, ‘за да склучи мир со Мене; и тогаш нека склучи мир со Мене’ (Исаија 27:5) Оние што ги предаваат своите животи на Неговото водство и се посветуваат на службата за Него, никогаш нема да се најдат во положба, која Тој однапред не ја предвидел. Без оглед на околностите во кои се наоѓаме, ние ќе имаме сигурен Водич, кој ќе го управува нашиот пат, доколку сме извршители на Неговата Реч. Колку и да сме збунети, ние имаме сигурен Советник; какви и да се нашите таги, големи загубите или осаменоста, ние имаме Пријател, кој е полн со сочувство и љубов”. – Здравје и среќа, 248,249.

б. Каде и во која друга прилика постоел сличен проблем, и како е решен? 2. Цареви 2:19-22.

„Исцелувањето на Ерихонската вода не е извршено со човечка мудрост, туку со чудотворното Божјо посредство...

Фрлајќи сол во горчливиот извор, Елисеј им ја дал на луѓето онаа иста поука која многу векови подоцна Спасителот им ја дал на своите ученици, велејќи им: ‘Вие сте сол на земјата’ (Матеј 5:13). Фрлена во загадениот извор, солта ја исчистила водата и донела живот и благодат таму каде што владееле болест и смрт. Споредувајќи ги своите деца со солта, Господ сакал да им каже дека Неговата цел во тоа што ги прави субјекти на Неговата благодат е за тие да станат инструменти за спасување на другите”. – Пророци и цареви, 231.


Среда 19. февруари

4. ВЕТУВАЊА ЗА ПОСЛУШНИТЕ

а. Што Господ ветил дека ќе стори за својот народ, и под кои услови? Излез 15:26. Дали постојат слични услови и денес?

„Постојат одредени услови кои мораат да ги исполнат сите што сакаат да го сочуваат своето здравје. Сите треба да знаат кои се тие услови. Непознавањето на божествените закони, било во природен или во духовен поглед, не му е по волја на Господа. Ние треба да соработуваме со Бога во обновување на здравјето на телото како и на душата.

И ние треба да ги поучуваме и другите како да го сочуваат или повратат здравјето”. – Копнежот на вековите, 824.

б. Која сигурност им се дава на оние што се болни? Псалм 103:2-5; Јаков 5:15,16.

„Парализираниот, во Христа нашол исцелување за душата и телото. Нему му било потребно духовно здравје, за да може да го вреднува здравјето на телото. Пред да може да биде излекувана телесната болест, Христос мора да донесе ослободување на умот и да ја исчисти душата од гревот. Оваа поука не смее да се изгуби од вид. Денес има илјадници, кои страдаат од некоја физичка болест, кои како парализираниот копнеат за пораката: ‘Ти се простуваат гревовите’. Токму товарот на гревот, со својот немир и незадоволени желби е темел на нивните болести. Тие не можат да најдат олеснување, сè додека не дојдат кај Лекарот на душите. Само мирот што Тој може да го даде, ќе ги обнови силата на умот и здравјето на телото”. – Здравје и среќа, 77.

в. Зошто ние треба да бидеме посебни во тоа, како се грижиме за нашите тела? 1. Коринтјаните 6:19,20; 10:31.

„Светиот храм на телото мора постојано да се одржува чист и неопоганет, за Светиот Божји Дух да може навистина да пребива во него. Мораме верно да го чуваме тој Божји имот, затоа што со секоја злоупотреба на своите сили го скратуваме времето на животот што сме можеле да го употребиме на слава на Бога. Треба да имаме на ум дека сме должни сè да Му посветиме на Бога, духот, душата и телото. Сето тоа е Негова откупена своина и мора да биде употребена мудро, за да го зачуваме животот како драгоцен талент којшто ни е доверен. Со правилната употреба и потполното искористување на своите сили во најкорисни активности, одржувајќи го секој свој орган здрав, така што сите сили на умот и телото функционираат складно, ние всушност вршиме најдрагоцена служба за Бога”. – Мојот живот денес, 134.


Четврток 20. февруари

5. ИЗВОРИТЕ ВО ЕЛИМ

а. Откако Израелците ја напуштиле Мара, на кое место бил следниот логор? Опишете ја оазата која таму ја нашле. Излез 15:27.

б. Како што Бог им обезбедил храна и вода на Израелците при нивното патување низ пустината, како Тој ветил дека ќе се погрижи и за потребите на својот народ, непосредно пред нивниот влез во небесниот Ханан? Исаија 33:16; Псалм 37:19.

„Господ во повеќе наврати ми покажа дека создавањето на залихи за подмирување на нашите земски потреби во времето на неволјите е спротивно на учењето на Библијата. Всушност светиите и да сочуваат нешто од намирниците во својата куќа или поле, видов дека во времето на неволјите, кога на земјата ќе наиде меч, глад и помор, насилничките раце сето тоа ќе го однесат, и туѓинци би ги жнееле нивните полиња. Тоа ќе биде момент во потполност да се надеваме на Бога и Тој ќе нѐ прехрани. Видов дека во тоа време ќе биде обезбеден леб и вода, дека нема да трпиме ниту немаштија ниту глад, зашто Бог е во состојба во пустина да ни постави трпеза. Кога би било неопходно Тој би пратил гаврани да нѐ хранат, како што тоа го стори за Илија, или би ни пуштил мана од небото, како што направи за Израелците”. – Рани списи, 56.


Петок 21. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто местото каде што синовите на Израел нашле вода било наречено Мара?

2. Како Израелците реагирале на Божјото провидение кое ги довело на ова место? Како и ние понекогаш сме слични на нив? Што треба да правиме наместо тоа?

3. Бог ветил дека никогаш нема да се најдеме во ситуација кога Тој нема да се погрижи за нашите потреби. Под кои услови е ова точно?

4. Зошто е толку важно да се чуваат Божјите закони на здравјето денес?

5. Што ветил Бог дека ќе обезбеди за својот народ непосредно пред нивниот влез во небесниот Ханан?

 <<    >>