Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 4. јануари 2020

Божјиот избран водач

„Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади” (Евреите 11:24,25).

„Силата на Мојсеј била во неговата поврзаност со Изворот на секоја сила, Господ Бог над војските. Тој високо се издигнал над секоја овоземна побуда, и целосно му верувал на Бога. Тој се чувствувал како дете Господово“. – Коментари на библиските текстови, 47.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 241-251. 

Недела 29. декември

1. САТАНАТА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА СПРЕЧИ БОЖЈАТА НАМЕРА

а. Бидејќи Израелците, живеејќи во Египет, бргу се множеле, што предложил фараонот да направат, плашејќи се дека еден ден тие ќе се свртат против него? Излез 1:15-17,22.

„Царот и неговите советници се надевале дека, подложувајќи ги Израелците на тешка и мачна работа, ќе го намалат нивниот број и ќе го скршат нивниот независен дух. Не успевајќи да ја остварат својата намера, примениле уште посвирепи мерки. Им била издадена наредба на оние жени чиешто занимање им овозможувало спроведување на истата сите еврејски машки деца да ги убиваат при самото раѓање. Поттикнувач на ова бил лично сатаната. Тој знаел дека меѓу Израелците треба да се роди еден кој ќе биди нивни Ослободител и се понадевал дека, поттикнувајќи го царот да им ги убива децата, ќе го оневозможи остварувањето на оваа божествена намера. Но овие жени се плашеле од Бога и не се осмелувале да извршуваат еден толку свиреп налог. Нивната постапка му била по волја на Господа и Тој за тоа ги благословил. Царот бил огорчен што неговата наредба не се извршува и затоа уште повеќе ја заострил и ја проширил“. – Патријарси и пророци, 242.


Понеделник 30. декември

2. ПОДГОТОВКА НА ВОДАЧ

а. Кое било наследството на Мојсеј? Излез 2:1; 6:20.

„Тогаш му заповеди фараонот на целиот свој народ, велејќи: ‘Секое машко што ќе се роди кај Евреите, фрлете го во реката; само женските деца оставајте ги во живот’ (Излез 1:22). Додека таа наредба била во полна сила, се родил синот на Амрам и Јохаведа, побожни Израелци од племето на Левие. Новороденчето било ‘убаво дете’ (Евреите 11:23) и родителите, верувајќи дека се приближило времето за ослободување на Израел и дека Бог ќе му подигне избавител на својот народ, решиле своето дете да не го жртвуваат“. – Патријарси и пророци, 242,243.

б. Што направила мајката на Мојсеј за да го спаси неговиот живот? Излез 2:2-4.

в. Како Бог ги анулирал плановите на сатаната да го уништи Божјиот планиран избавител? Излез 2:5-10. Што можеме да научиме од начинот на кој мајката на Мојсеј ја исполнила светата должност која и била доверена да го воспита својот син за Бога?

„Бог ги услишил мајчините молитви; нејзината вера била наградена. Длабоко благодарна, таа тогаш храбро и слободно ја прифатила својата среќна должност. Верно ја искористила дадената можност своето дете да го воспита и да го одгледа за Бога. Таа сигурно верувала дека детето е сочувано за некаква голема задача, а знаела дека наскоро ќе мора да и биде предадено на царската помајка, каде што ќе биде изложено на влијанија пресметани така за да го одвратат од Бога. Имајќи го во вид сето тоа, таа го воспитувала уште погрижливо и повнимателно отколку другите свои деца. Се трудела во неговата душа да всади Божји страв и љубов кон правдата и вистината, и најсесрдно се молела на Бога да го сочува од секое лошо влијание. Му ги разоткрила лудоста и гревот на идолопоклонството и од малечки нозе го учела да клекне и да се моли на живиот Бог кој единствено може да го чуе и да му помогне во секоја неволја...

Поуките примени од мајка му не можеле да бидат заборавени. Токму тоа го сочувало од гордоста, од неверството и од пороците што цутеле во сјајот на царскиот двор“. – Патријарси и пророци, 243,244.

„Секое дете родено во домот претставува света доверба. Бог им вели на родителите: ‘Земи го ова дете и израсни го за Мене, така што со својот живот ќе послужи на слава и чест на Моето име и канал преку кој Моите благослови ќе се излеваат кон светот“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 145.


Вторник 31. декември

3. ЕГИПЕТСКО ВОСПИТУВАЊЕ

а. По неговото рано воспитување кое го примил во домот, што вклучувала втората фаза од воспитувањето на Мојсеј? Дела 7:22. Што мислите, зошто Бог го сместил во палатата на фараонот?

„Од скромниот дом во Гесем, синот на Јохаведа преминал во палатата на фараонот, кај египетската принцеза која го дочекала како сакан и мил син. Во египетските училишта Мојсеј се здобил со највисоко граѓанско и војничко образование. Надарен со голема привлечност, со благороден изглед и става, со префинет дух и кралско држење и славен како војсководител, тој станал гордост на нацијата. Египетскиот цар бил припадник на свештеничката класа; и Мојсеј, иако одбивал да учествува во незнабожечкото богослужение, бил упатен во сите тајни на египетската религија“. – Воспитување, 62.

б. Под влијание на раното верно воспитување на неговите родители, каков избор подоцна направил Мојсеј во неговиот живот? Евреите 11:24-26.

„Мојсеј имал способности да заземе истакнато место меѓу големите луѓе на земјата, да блескоти на дворовите на тогаш најславното царство и во своја рака да го земе жезолот на неговата сила. Со својата интелектуална големина тој ги надминува големите луѓе на сите времиња. Како историчар, поет, филозоф, војсководител и законодавец е неспоредлив. Меѓутоа, иако сето тоа стоело пред него, тој сепак имал морална сила да ги одбие. Примамливите изгледи за богатство, чест и слава: ‘и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади’ (Евреите 11:25).

Мојсеј бил поучен дека наградата на крај ќе им биде доделена на понизните и послушни Божји слуги, па во светлината на тоа знаење, земната добивка загубила секаква вредност. Нему примамливо му ја истакнувале сјајната фараонова палата и владетелскиот престол, но тој знаел дека во тие господствени одаи се кријат уживања поради кои човекот го заборава Бога. Преку велелепноста на раскошниот двор и над владетелската круна, неговиот поглед бил насочен кон повисоките почести што ќе им бидат укажани на светците на Севишниот во неговото царство неопогането со валканост на гревот. Тој во вера ги видел круните и венците на непоминливата слава што ќе ги стави небесниот Цар на главите на победниците. Таа вера му дала храброст да ги напушти горделивите великодостојници на египетскиот двор и да му се придружи на сиромашниот, понизен и презрен народ кој, наместо да му служи на гревот, решил да му служи единствено на Бога“. – Патријарси и пророци, 245,246.


Среда 1. јануари

4. ОД ПРИНЦ ДО ПАСТИР

а. Кога Мојсеј се обидел да го изврши Божјиот план за Израел на свој начин, какви биле резултатите? Излез 2:11-15; Дела 7:23-29.

„Мојсеј претпоставувал дека неговото образование стекнато на египетскиот двор, во потполност ќе го оспособи да ги изведе Израелците од ропство. Зарем не бил упатен во сѐ што било потребно за еден војсководец? Зарем не ги имал предностите да заврши највисоки школи во таа земја? Да, тој навистина се чувствувал способен да го ослободи својот народ. Тој ја започнал својата работа обидувајќи се со отстранување на постојните неправди да ја придобие нивната доверба. Убил Египќанец, кој злоставувал еден Израелец. Во тоа тој го манифестирал духот на оној кој е крвник и убиец од самиот почеток, и се покажал како несоодветен да го претставува Бога кој е олицетворение на милоста, љубовта и нежноста.

Во својот прв обид, Мојсеј направил жалосна грешка; и слично на мнозина други, тој веднаш ја изгубил доверба во Бога и, бегајќи од гневот на фараонот, се свртел од задачата која му била наменета. Дошол до заклучок дека, поради големиот грев што му го одзел животот на Египќанецот, Бог нема да му дозволи да има било какво учество во ослободувањето на Израелците од нивното тешко и свирепо ропство. Но Господ дозволил да се развиваат работите така што Мојсеј може да се научи на благост, добрина, долготреливост – доблести кои се толку неопходни да ги поседува секој работник за Учителот, за да биде успешен работник во својата работа”. – Counsels to Parents, Teacher, and Students, p. 407.

„Не била Божја волја Неговиот народ да се ослободува со војна, како што замислувал Мојсеј, туку со Божја сила, така што славата да му припадне единствено Нему. Па сепак, и таа предвремена постапка Бог ја искористил за да ја оствари својата намера. Мојсеј уште не бил подготвен за големото дело што го очекувало. И тој требало уште да ја учи лекцијата на верата што во свое време морале да ја учат и Аврам и Јаков за исполнувањето на Божјите ветувања да не се потпира врз човечка сила и мудрост, туку само врз Божјата сила”. – Патријарси и пророци, 247.

б. Како Мојсеј нашол дом во мадијанската земја, и кој станал негово семејство? Излез 2:16-22; 18: 2-4.

в. Со што се занимавал Мојсеј во мадијанската земја? Излез 3:1.


Четврток 2. јануари

5. ОБУКА ВО ШКОЛАТА НА ЛИШУВАЊЕ

а. Што било кажано подоцна за Мојсеј, кој покажал големи промени, остварени по годините на обука во пустината? Броеви 12:3. Какви поуки научил во пустината?

„Образованието што го добил Мојсеј, како внук на царот, било многу темелно. Ништо што било предвидено да го направи мудар, според египетското сфаќање на мудрост, не било запоставено. Ова образование му било од корист во многу погледи; но најзначајниот дел од неговата подготовка за животното дело бил оној што го примил додека служел како пастир. Додека ги водел своите стада преку планините и во зелените пасишта на долините, Богот на природата го учел на најголемата и највозвишената мудрост. Во школата на природата, со самиот Христос како учител, тој размислувал и ги учел поуките на понизност, кроткост, вера и доверба, за скромниот начин на живот, и сето тоа ја довело неговата душа поблиску до Бога. Во осаменоста на планините тој го научил сето она што образованието во царскиот дворец не можело да му го понуди – едноставна, непоколеблива вера и постојана доверба во Господ”. – Fundamentals of Christian Education, p. 342.

„Во школата на самооткажувањето и тешкотиите требало да се научи на трпение и на контрола над своите страсти. Неговото срце морало да биде во потполна хармонија со Бога за да биде во состојба да ги поучува Израелците на познавање на Неговата волја. Морал низ лично искуство да биде подготвен да покажува татковско настојување и грижа за сите на кои ќе им затреба негова помош”. – Патријарси и пророци, 247.


Петок 3. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како сатаната знаел дека треба да се подигне избавител меѓу Израелците, и што направил за да го спречи тоа?

2. Како мајката на Мојсеј го обучувала детето, за кое таа била уверена дека пред него е значајна иднина? За која цел треба да ги обучуваме децата денес?

3. Што го навело Мојсеј да ја избере сиромаштијата пред световните придобивки?

4. Зошто на Мојсеј му било потребно превоспитување во пустината?

5. Што научил Мојсеј во годините додека бил пастир? Кои работи можеме да ги научиме од искушенијата кои нѐ снаоѓаат во животот?

 <<    >>