Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 11. јануари 2020

Вест за избавување

„А тој стап (што беше претворен во змија), земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда” (Излез 4:17).

„Настапило времето за ослободување на Израел. Но Божја намера била тоа да го изврши на начин на кој потполно ќе ја порази и ќе ја понижи човечката гордост. Ослободителот требало да се појави како обичен пастир и тоа само со еден стап во раката; но Бог имал намера тој стап да го направи симбол на својата моќ”. – Патријарси и пророци, 251.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 251-256 

Недела 5. јануари

1. СООПШТУВАЊЕ ОД БОГА

а. Додека Мојсеј ги пасел стадата на Јотор, што се случувало во Египет? Излез 2:23-25.

б. Какво искуство имал Мојсеј кај грмушката што горела? Излез 3:1-5.

в. Која важна поука можеме да ја научиме од ова искуство? Псалм 89:7.

„Однесувањето на сите оние што излегуваат пред Бога треба да го красат понизност и страхопочит. Во Исусово име ние можеме да излеземе пред Него со полна доверба, но не смееме да му се приближиме со дрска вообразба како Тој да е еднаков со нас. Има и такви кои на семожниот и свет Бог, кој се наоѓа во недосеглива светлина, му се обраќаат така како што би ословиле некој на себеси рамен или дури на понизок од себе. Има такви кои во своето однесување во Неговиот дом се чувствуваат послободни отколку што би се осмелиле да бидат во приемната просторија на некој земен властодржец. Тие би требало да имаат на ум дека се наоѓаат во присуство на Оној на кого му се клањаат серафими и пред кого ангелите ги засолнуваат своите лица”. – Патријарси и пророци, 252.


Понеделник 6. јануари

2. БОГ ГО ПОВИКУВА МОЈСЕЈА

а. Што сакал Бог да направи за својот народ? Излез 3:7-9.

б. Како Мојсеј се вклопил во Божјиот план да го постигне тоа? Излез 3:10; Дела 7:34,35.

в. Како Мојсеј одговорил на Божјиот повик и што сакал Господ тој да сфати? Излез 3:11-15.

„Вчудовиден и вџашен со оваа заповед, Мојсеј се повлекол велејќи: ‘Кој сум јас, та да одам кај фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израелови од земјата египетска?’ Одговорот гласел: ‘Ќе бидам со тебе, и ова нека ти биде знак дека Јас сум те пратил: кога ќе го изведеш мојот народ од Египет, ќе му укажете чест на Бога на оваа планина’.

Мислејќи на тешкотиите што требало да се совладаат, на заслепеноста, на незнаењето и неверувањето на својот народ, од кој мнозина немале речиси никакви претстави за Бога, Мојсеј рекол: ‘Еве, ќе појдам кај синовите Израелови и ќе им речам: Бог на вашите татковци ме праќа кај вас, и ако тие ме прашаат: Како му е името? што ќе им одговорам?’ Одговорот гласел: ‘ЈАС СУМ ОНОЈ КОЈ СУМ!’ ‘Така ќе им кажеш на синовите Израелови: ОНОЈ КОЈ Е, ТОЈ ме праќа кај вас’“. – Патријарси и пророци, 252,253.

„Мојсеј не очекувал дека ова е начинот на кој Господ ќе го употреби за избавување на Израелците од Египет. Тој мислел дека тоа ќе биде со војна. И кога Бог му соопштил дека ќе треба да застане пред фараонот, и во Неговото име ќе побара да ги пушти Израелците да си одат, тој не побегнал од задачата.

Фараонот пред кого Мојсеј требало да се појави, не бил оној кој донел одлука тој да биде убиен. Тој цар бил мртов, а на негово место дошол друг владетел. Речиси сите египетски цареви биле наречени со името Фараон. Мојсеј повеќе сакал да застане на чело на израелскиот народ како нивен генерал, и да тргне во војна против Египќаните. Но, тоа не бил Божјиот план. Било потребно Тој да биде возвишен пред својот народ, и да ги научи не само нив, туку и Египќаните, дека постои жив Бог кој има моќ да спаси и да уништи”. – Spiritual Gifts, vol. 3, pp. 189, 190.


Вторник 7. јануари

3. БОГ МУ ДАВА СИГУРНОСТ НА МОЈСЕЈ

а. Која порака Мојсеј требало да им ја пренесе на старешините на Израел? Излез 3:16-20.

б. Како Бог ќе го исполни своето ветување дека Неговиот народ нема да го напушти Египет со празни раце? Излез 3:21,22.

„Египќаните се збогатиле со плодовите на трудот неправедно изнудуван од поробените Израелци, и најпосле, кога настапил мигот овие да тргнат во својата нова татковина, имале право да бараат награда за својата долгогодишна тешка работа. Кажано им е да бараат скапоцености што лесно можат да се носат, а Бог сторил да најдат милост кај Египќаните. Големите чуда што ќе бидат сторени за нивно ослободување во толкава мера ќе ги исполнат со страв срцата на угнетувачите, што барањата на робовите веднаш ќе бидат исполнети”. – Патријарси и пророци, 253.

в. Бидејќи Мојсеј не бил волен да го прифати Божјиот повик, какви дополнителни докази му дал Господ во своето провидение? Излез 4:1-9. Како ние треба да одговориме на Божјиот повик денес?

„Мојсеј видел пред себе тешкотии што му изгледале непремостливи. Кои докази можел да изнесе пред својот народ дека тој навистина е пратен од Бога. ‘Но нема да ми веруваат’, рекол тој, ‘ниту ќе го послушаат мојот глас, зашто ќе кажат: Не ти се јавил Господ’. А тогаш му бил даден доказ што одговарал на неговото сфаќање. Му било наредено да го фрли својот стап на земјата, а кога тоа го сторил, стапот се претворил во змија, ‘и Мојсеј побегна од неа’. Потоа му било наредено да ја фати и таа пак се претворила во стап. Тогаш му било кажано раката да ја стави во пазувите. Послушал, ‘а кога ја извади од пазувите, раката му беше лепрозна, бела како снег’. А кога му било наредено повторно да ја стави во пазувите и да ја извади, видел дека пак станала чиста како и другата. Со овие знаци Господ го охрабрил Мојсеј и му дал цврсто ветување дека неговиот народ, и самиот фараон, ќе се осведочат дека пред нив стои Оној кој е посилен од египетскиот цар”. – Патријарси и пророци, 253,254.

„Кој е готов при повикот на Провидението да се откаже од своите омилени планови, од семејните и од другите интимни врски со друштвото? Кој се согласува да ги прифати новите должности и да стапи во непознати области и со непоколебливо срце и доброволно да работи во Божјото дело, сметајќи ги за добивка загубите поднесени заради Христа?“ – Патријарси и пророци, 127.


Среда 8. јануари

4. БОГ ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ОХРАБРУВА МОЈСЕЈА

а. Што покажува дека Мојсеј сѐ уште не бил волен да го прифати Божјиот повик? Излез 4:10-13.

„Но Божјиот слуга сѐ уште бил совладан со мислата за необичното и чудесното дело што се случило пред него. Така збунет и уплашен, се бранел дека не знае добро да зборува… Тој навистина во голема мера го заборавил египетскиот јазик, зашто долго бил отсутен од Египет и не можел веќе лесно да се служи со тој јазик како порано додека живеел во таа земја...

Тие изговори од почеток произлегувале од скромноста и притеснувањето; но откако Господ ветил дека ќе ги отстрани сите тешкотии и ќе обезбеди конечен успех, тогаш секое натамошно притеснување и жалење на својата неспособност се само израз на недоверба кон Бога. Тоа покажувало страв дека Бог не е во состојба да го оспособи за таа голема задача на која го повикува, или дека се измамил во изборот на вистинскиот човек”. – Патријарси и пророци, 254.

б. Каква помош Бог му обезбедил на Мојсеј додека трпеливо се обидувал да го охрабри својот слуга? Излез 4:14-17. Како Бог го охрабрува својот народ денес?

„Нека (членовите на Божјата црква) сфатат дека работата во која се ангажирани е работа врз која Господ го ставил својот потпис... Тој нѐ повикува да одиме напред, да зборуваме зборови кои Тој ни ги дава, чувствувајќи го Неговиот свет допир на усните”. – God’s Amazing Grace, p. 275.

в. Какво дополнително уверување Бог му дал на Мојсеј? Излез 4:18-23.

„Човекот ќе добие сила и делотворност ако ги прифати одговорностите што ги става Бог на него и ако со сета душа се труди да се оспособи за правилно извршување на задачата што му е доделена. Колку и да му е скромна положбата, а способностите ограничени, секој што има доверба во божествената сила и кој се труди својата задача да ја изврши верно, ќе постигне вистинска големина. Кога Мојсеј би се потпрел врз својата сила и мудрост и големата задача би ја прифатил дрчно, би се покажал целосно неспособен за таквото големо дело. Фактот што еден човек ја чувствува својата слабост претставува барем извесен доказ дека тој ја увидува големината на задачата што му е доделена и дека ќе се обрати на Бога за совет и помош”. – Патријарси и пророци, 255.


Четврток 9. јануари

5. МОЈСЕЈ СЕ ВРАЌА ВО ЕГИПЕТ

а. Кога Мојсеј го прифатил Божјиот повик, што се случило на неговиот пат за Египет? Излез 4:24-26. Која свечена паралела можеме да извлечеме од овој настан?

„(Мојсеј) не го исполнил условот под кој неговиот син требало да го стекне правото на благословите на заветот склучен меѓу Бога и Израел; а ваквиот пропуст од страна на избраниот народен водач можел само да ја ослаби силата на божествените прописи во очите на народот. Плашејќи се мажот да не и загине поради тоа, Сефора сама го извршила чинот на обрезанието, и ангелот веднаш го пуштил Мојсеја да оди по својот пат. Задачата што требало да ја изврши пред фараонот, Мојсеја го доведувала во мошне опасна положба; неговиот живот можел да биде сочуван само со заштитата на светите ангели.

Во времето на неволјата, непосредно пред второто Христово доаѓање, праведниците ќе бидат сочувани благодарение единствено на заштитата на небесните ангели, но за престапниците на Божјиот закон нема да има сигурност. Тогаш ангелите не ќе можат да ги штитат оние што занемариле макар една од Божјите заповеди”. – Патријарси и пророци, 256.

б. Кога Мојсеј и Арон пристигнале во Египет и ги собрале старешините, како луѓето реагирале на пораката за избавување? Излез 4:29-31.


Петок 10. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На што нѐ учи извештајот за Мојсеј кај грмушката што горела во врска со начинот на кој треба да пристапиме кон Бога во молитва и во светилиштето?

2. Како очекувал Мојсеј Бог да го избави Израел од Египет?

3. Зошто ние понекогаш не сакаме да го прифатиме Божјиот повик да работиме за Него?

4. Кој е знакот на вистинската величина кај оние што му служат на Бога?

5. Во времето на неволја кое е пред нас, што губат оние кои ќе занемарат само една од Божјите заповеди?

 <<    >>