Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 18. јануари 2020

Тврдоглавоста, плод на гордоста

„Не лажете се: Бог не е за подигрување. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7).

„Фараонот сеел упорност, па морал тоа и да го пожнее. Самиот тој го посеал тоа семе, и немало повеќе потреба со некоја нова сила Бог да се меша во растењето и развојот на истото, како и кај растењето на житото“. – Коментари на библиските текстови, 50.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 257-265. 

Недела 12. јануари

1. ФАРАОНОТ СЕ СПРОТИВСТАВУВА НА БОГА

а. Кога Мојсеј и Арон излегле пред египетскиот цар, какво барање му пренеле, и како тој одговорил? Излез 5:1-3.

б. Кои предупредувања треба да ги прифатиме од гордоста и бунтот на фараонот? Галатјаните 6:7; Изреки 11:2.

„Оние кои ги издигаат своите идеи над јасно утврдената волја Божја, зборуваат како и фараонот: ‘Кој е Господ да го послушам Неговиот глас?’ Секое отфрлање на светлината го прави срцето уште потврдо, а разбирањето помрачно, и на тој начин луѓето сѐ потешко ја воочуваат разликата помеѓу доброто и злото и тие стануваат похрабри во спротивставувањето на Божјата волја”. – Коментари на библиските текстови, 50.

„Нека сите бидат предупредени од пораките испратени од небото дека секој кој ги воздига своите патишта и своето лично мислење како најважно ќе западне под власта на сатаната и дека слепо ќе го следи сѐ додека неговиот дух и неговите методи не се прилагодат со архиизмамникот, малку по малку, сѐ додека целиот негов ум не биде маѓепсан. Змијата го држи погледот фиксиран врз луѓето, за да ги маѓепса, сѐ додека не бидат целосно немоќни да побегнат од стапицата”. – The Publishing Ministry, p. 175


Понеделник 13. јануари

2. ФАРАОНОТ ДОДАВА УШТЕ ПОГОЛЕМИ ТОВАРИ

а. Какво обвинение изнел царот против Мојсеј и Арон? Излез 5:4,5. На каков „одмор“ мислел?

„ Во текот на своето мачно робување, Израелците во извесна мера го загубиле вистинскиот поим за Божјиот закон и отстапиле од неговите прописи. Саботата воопшто малку е почитувана, а притисокот и прекумерните барања на нивните надзорници привидно потполно го оневозможиле нејзиното празнување. Меѓутоа, Мојсеј му објаснил на својот народ дека прв услов за ослободување е послушноста кон Бога; и напорите што биле вложени во тоа повторно да се воведе почитување на саботата, не останале незабележани од страна на нивните угнетувачи”. – Патријарси и пророци, 258.

б. Која била целта на Бога да го изведе Израел од Египет? Псалм 105:43-45. Какво значење има ова за нас?

„Како што саботата била знак според кој се распознавале Израелците кога излегле од Египет за да влезат во небесниот Ханан, така таа и е денес знак по кој се распознава Божјиот народ кој излегува од овој свет за да влезе во небесната почивка. Саботата е знак на сродство кое постои помеѓу Бога и Неговиот народ, знак дека тој народ го почитува Неговиот закон. Таа прави разлика помеѓу Неговите верни поданици и престапниците... Саботата која му е дадена на светот како знак на Бога во својство на Творец, исто така е дадена и како Негов знак во својство на Посветител. Силата која создала сè е истата сила која повторно ја создава душата според Неговиот лик”. – 6. Сведоштво, 349,350.

„ Кога Божјиот закон така ќе се покаже со пример во животот, дури и светот ќе увиди дека оние кои се бојат од Него и му служат, се повозвишени од секој друг народ на земјата”. – 6. Сведоштво, 12.

в. Каков бил исходот од разговорот со фараонот? Излез 5:6-14.

„Царот бил мошне возбуден и вознемирен претпоставувајќи дека Израелците имаат намера со бунт да се ослободат од робувањето и од служењето нему. Според негово мислење, незадоволството било последица на безделничењето, па затоа сакал да им скуси секој миг од слободното време во кое би можеле да ги коват своите опасни планови. Веднаш презел мерки нивните окови уште повеќе да ги стегне за да се скрши и да се уништи нивниот независен дух”. – Патријарси и пророци, 258.


Вторник 14. јануари

3. БОГ ЈА ТЕСТИРА ВЕРАТА НА ИЗРАЕЛЦИТЕ

а. Со каква забелешка припадниците на синовите Израелови дошле кај Мојсеј и Арон? Излез 5:19-21.

б. Зошто Господ не ги избавил Израелците веднаш? Дела 14:22.

„Евреите очекувале да бидат ослободени без никакво посебно испитување на нивната вера или без какви и да е страдања и тешкотии. Но тие уште не биле подготвени за ослободување. Нивната вера во Бога била слаба и тие не биле готови стрпливо да ги поднесуваат своите неволји сѐ додека Бог не види дека се оспособиле за делото што ги очекува. Мнозина од нив побргу би се согласиле да останат во ропство, отколку да се изложат на тешкотиите поврзани со преселбата во една непозната земја; а и обичаите на многу Израелци веќе биле толку слични на обичаите на Египќаните, што повеќе сакале да останат во Египет. Затоа Господ не ги ослободил веднаш кога првпат ја покажал својата сила пред фараонот. Тој така ги водел настаните, за египетскиот цар да може во целост да го покаже својот тирански дух, а самиот Тој поцелосно да му се открие на својот народ. Кога ќе ја видат неговата правда, неговата моќ и љубов, тогаш ќе решат да го напуштат Египет и да и се посветат на неговата служба. Задачата на Мојсеја би била многу полесна кога меѓу Израелците не би имало толку заведени кои не биле подготвени да го напуштат Египет”. – Патријарси и пророци, 260.

„Децата на Израел биле зависници од развратот, идолопоклонството, ненаситноста и грубите пороци. Ова е последица на ропството. Но, Господ гледал на својот народ, и по неговото ослободување Тој ги воспитал. Тие не останале без Неговата грижа”. – The Southern Work, p. 43.

в. Кога Мојсеј му се пожалил на Господа на новите искушенија кои ги снашле Израелците, што ветил Господ дека ќе стори за својот народ? Излез 5:22,23; 6:1-8.

„Полн со милост кон нас, (Бог) не нѐ става секогаш во најлесна положба, зашто, ако тоа го направи, во нашата самодоволност ќе заборавиме дека Господ е наш помошник во време на потреба. Но, Тој копнее да ни дојде на помош во најтешките моменти, и да ги открие богатите резерви што ни се на располагање, без оглед на околностите; Тој дозволува да нѐ снајдат разочарувања и неволји за да можеме да ја сфатиме својата беспомошност, и да научиме да го повикаме Бога да ни помогне, како што детето, кога е гладно и жедно, го повикува својот земен татко”. – Reflecting Christ, p. 353.


Среда 15. јануари

4. НАРОДОТ Е МАЛОДУШЕН

а. Кога Мојсеј разговарал со синовите Израелови по втор пат, како тие ја примиле пораката Господова? Излез 6:9. Кои ветувања требале да бидат извор на надеж за сите Израелци? Создавање 15:13,14; 50:24.

„Израелските старешини настојувале да ја одржат верата на своите браќа, повторувајќи им ги ветувањата дадени на нивните татковци и пророчките зборови што ги изговорил Јосиф пред својата смрт, преткажувајќи го нивното ослободување од Египет. Некои тоа го слушале и верувале. Други, гледајќи ги околностите што ги опкружувале, ја губеле надежта. Кога Египќаните дознале за што се зборува меѓу нивните робови, ги исмевале нивните очекувања и подбивно ја оспорувале моќта на нивниот Бог. Укажувајќи им на фактот дека се само нација на робови, зајадливо им дофрлале: „Ако вашиот Бог е праведен и милосрден и ако има поголема моќ отколку египетските богови, зошто не ве стори слободен народ?“ Им ја истакнувале својата состојба. Тие се клањале пред божества кои Израелците ги нарекувале лажни богови, а сепак биле богата и силна нација. Се фалеле дека нивните богови ги благословиле со изобилство и дека тие им ги предале Израелците да им робуваат, и се расфрлале со својата сила што, оние кои му служат на Господа, можат да ги угнетуваат и уништуваат. Самиот фараон се фалел дека Евреите ни самиот нивни Бог не може да ги избави од неговите раце.

Во срцето на многу Израелци ваквите и слични зборови уништиле секоја надеж. Им се чинело дека навистина е така како што зборуваат Египќаните. Било вистина дека се робови и дека нивните угнетувачи можат да прават со нив што сакаат. Децата им ги ловеле и ги убивале, а и на самите нив животот им бил во опасност. Но тие сепак го почитувале небесниот Бог и нему му ги упатувале своите молитви. Ако Јехова навистина е над сите други богови, Тој сигурно нема да ги остави така да им робуваат на идолопоклониците. Меѓутоа, оние што му останале верни на Бога, сфатиле дека до тоа дошло затоа што Израел се одвоил од Бога, што подлегнал на склоностите да стапува во брачни врски со идолопоклониците и со незнабожечките народи и така бил наведен да служи на лажни богови. Тие верувале дека тоа биле причините што Бог дозволил тие да станат робови и ги уверувале своите браќа дека Тој наскоро ќе го скрши јаремот на ропството и угнетувањето“. – Патријарси и пророци, 259,260.

б. Со кој аргумент Мојсеј се обидел да се оправда кога Господ му рекол повторно да разговара со фараонот? Излез 6:10-12.


Четврток 16. јануари

5. БОГ ПРАЌА ЗНАЦИ И ЧУДА

а. Кога Бог го охрабрил Мојсеја да се врати кај фараонот, што рекол Тој дека ќе умножи во Египет, и каква ќе биде реакцијата на Египќаните? Излез 7:1-5.

„Пред појавата на секое поединечно најавено зло, Мојсеј на фараонот би му ја опишал нивната природа и нивното дејствување за да може да биде поштеден ако се согласи да го пушти народот. По секое негово одбивање откако ќе поминела претходната казна, следела уште поостра и потешка додека гордото срце не му се скршило и додека не го признал Творецот на небото и земјата како единствен жив и вистински Бог... Бог решил да го прослави своето име за и другите народи да слушнат за неговата моќ и да затреперат пред неговите силни дела, и неговиот народ да се одврати од лажните богови и да му служи само Нему“. – Патријарси и пророци, 263.

б. Како Божјата и сатанската сила се соочиле пред фараонот? Излез 7:8-12. Која била намерата на сатаната во обидот да го имитира Божјото дело?

„Обидувајќи се да го имитира Божјото дело извршено преку Мојсеја, се надевал не само дека ќе го попречи ослободувањето на Израелците, туку и дека ќе прошири влијание кое со векови подоцна ќе ја поткопува верата во Христовите чуда. Сатаната постојано се труди да го имитира Христовото дело и да ја утврди својата власт на која упорно полага право. Тој ги наведува луѓето Христовите чуда да ги сметаат и да ги објаснуваат како последица на човечка вештина и моќ. Во срцата на мнозина тој на ист начин ја уништува верата во Христа како Божји Син и ги наведува да ја отфрлат понудената милост дадена во планот на откупувањето“. – Патријарси и пророци, 265.


Петок 17. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин и ние понекогаш ја покажуваме истата гордост како и фараонот?

2. На кој начин саботата се јавува како знак на разликување за Божјиот народ денес?

3. Зошто толку многу Израелци не сакале да го напуштат Египет? Зошто мнозина од нас денес не се подготвени да ги напуштат светските обичаи и идеи?

4. Зошто Бог дозволил Израелците да станат робови?

5. Зошто сатаната се обидел да ги имитира Божјите чуда?

 <<    >>