Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 15. февруари 2020

Преминување на Црвеното Море

„Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустина” (Псалм 106:9).

„Христовата моќна рака ги сопрела водите на Црвеното Море, така што тие стоело исправно како ѕидови. На тој начин Тој направил сув пат преку морето, а Израелците поминале без да ги натопат нозете”. – Коментари на библиските текстови, 53.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 284-290. 

Недела 9. февруари

1. УТЕХА НА УПЛАШЕНИТЕ

а. На кој начин Израелците го покажале својот страв кога пред себе го виделе морето, а зад нив војската на фараонот? Излез 14:10-12.

„Евреите се улогориле крај морето чијашто широчина им се чинела непремостива пречка за натамошното патување. Јужно од нив се наоѓале карпести планини низ кои исто така не можело да се помине. Наеднаш во далечината забележале сјајно оружје и воени коли како извидница на голема војска... Срцата на Израелците ги обзел страв”. – Патријарси и пророци, 283,284.

б. Со кои зборови се обидел Мојсеј да го смири нивниот страв? Излез 14:13,14.

„Мојсеј бил мошне вознемирен што неговиот народ има толку малечка доверба во Бога, Иако веќе толку пати биле очевидци на Божјата сила покажана во нивна полза. Како можеле за претстојната опасност и тешкотиите во кои се нашле да го обвинуваат него кога тој постапувал исклучиво според заповедта што му ја дал Бог? Точно било дека тие не би успеале да се извлечат кога Бог не би се зазел за нивното ослободување; но бидејќи во таа положба биле доведени следејќи ги божествените упатства, Мојсеј ниту малку не се плашел од последиците”. – Патријарси и пророци, 284.


Понеделник 10. февруари

2. БОГ ПОДГОТВУВА ПАТ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ

а. Какво упатство му дал Бог на Мојсеј во поглед на опасноста што доаѓала? Излез 14:15-18. Како Христос им дал на своите ученици слично охрабрување, кога ќе се најдат опкружени со тешкотии? Јован 16:33.

„Христос не потклекнал ниту се обесхрабрил и учениците морале да покажат исто толку истрајна вера. Нивна должност била, потпирајќи се врз Неговата сила, да работат онака како што работел Тој. Иако на нивниот пат ќе се појавуваат привидно непремостливи пречки, со Неговата милост тие морале да одат напред, во никој случај не очајувајќи и никогаш не губејќи ја надежта”. – Делата на апостолите, 23.

б. Како ангелот Божји направил пат за бегство за децата на Израел преку морето? Излез 14:19-22.

„Но сега, кога египетската војска им се приближила, надевајќи се дека лесно ќе ги претвори во свој плен, величествениот облак се подигнал кон небото, преминал над Израелците и се спуштил меѓу нив и египетските чети. Меѓу прогонетите и нивните прогонувачи се поставил непровиден ѕид. Египќаните не можеле веќе да го видат логорот на Евреите и биле присилени да застанат. Меѓутоа, како ноќната темнина станувала сѐ погуста, од тој ѕид на Евреите им доаѓала светлина што го осветлувала целиот логор”. – Патријарси и пророци, 284.

в. Каква поука треба да извлечеме од тоа искуство? Римјаните 8:31.

„Во секоја криза Божјиот народ може со доверба да рече: ‘Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?’ (Римјаните 8:31). Било какви заговори да коваат сатаната и неговите застапници, Бог ќе ги открие и ќе ги осуети. Верните и денес треба да одговорат онака како што одговорил Неемија: ‘Нашиот Бог ќе војува за нас’, затоа што Бог е присутен во делото и никој не може да го спречи неговиот конечен успех”. – Пророци и цареви, 645.


Вторник 11. февруари

3. НЕВОЛЈА ЗА ЕГИПЌАНИТЕ

а. Како Господ ја попречил Египетската војска? Излез 14:23-25 (прв дел); Псалм 77:15-18.

„Египќаните се осмелиле да тргнат по патот кој Бог го подготвил за својот народ, а Божјите ангели влегле меѓу нивната војска и ги отстраниле тркалата на нивните коли. Тоа ги погодило. Напредувале мошне споро и почнале да се грижат. Се потсетиле на несреќите кои еврејскиот Бог ги пуштил на нив во Египет, како би ги принудил да му дозволат на Израел да замине и помислиле дека Бог би можел да ги предаде сите во рацете на Израелците. Тие сфатиле дека Бог се бори за Израелците, и страшно се уплашиле”. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 235.

б. Кога Египќаните наишле на тешкотии во потера по Израелците, што зборувале еден на друг? Излез 14:25 (последен дел).

в. Што се случило штом Израелците безбедно поминале преку морето и кога Мојсеј повторно го испружил својот стап? Излез 14:26-30. Како Бог на сличен начин ќе го избави својот народ на границите на небесниот Ханан?

„Египќаните ги зафатила паника и вчудовиденост. Среде побеснетите стихии, во кои се слушнал гласот на разгневениот Бог, се обиделе да се вратат по своите траги и да побегнат на брегот од кој пошле. Но Мојсеј го подигнал својот стап и огромните маси вода, напластени од обете страни, рикајќи морничаво и бесно по својот плен, се урнале со писок и татнеж и во својата темна длабина ја проголтале египетската војска.

Кога осамнало утрото, Израелскиот народ ги видел остатоците од нивниот силен непријател оклопени лешеви што ги исфрлило морето на пустиот брег. Една единствена ноќ била доволна да им донесе потполно спасение од најужасната опасност”. – Патријарси и пророци, 287,288.

„Небесните битија, ангели кои се одликуваат со голема сила, чекаат, послушни на Неговата заповед, да се обединат со човечките орудија; и Господ ќе интервенира кога работите ќе дојдат до онаа точка каде на делувањето на сатанските орудија може да се спротивстави само божествената сила. Кога Неговиот народ ќе биде во најголема опасност, навидум немоќен да застане против силата на сатаната, Бог ќе делува во нивно име. Човековата потреба е можност за Бога”. – Selected Messages, bk. 2, p. 373.


Среда 12. февруари

4. ГОЛЕМО ИЗБАВУВАЊЕ

а. Како Псалмистот го опишал преминот на Израелците преку Црвеното Море? Псалм 77:19,20; 106:8-11.

б. Што Израелците морале да направат како Бог би го отворил Црвеното Море пред нив? Евреите 11:29.

„Во своето провидение Бог ги довел Евреите во таа клисура крај морето со цел во нивното ослободување да ја покаже својата моќ и во значителна мера да ја понижи гордоста на нивните угнетувачи. Тој можел да ги спаси и на друг начин, но го одбрал токму овој за да ја испита нивната вера и да ја засили нивната доверба во него. Тие биле папсани и вџашени, но да не послушале кога Мојсеј им наредил да тргнат напред, Бог не би го отворил патот пред нив. ‘Со вера го преминаа Црвеното Море како по сува земја’ (Евреите 11:29). Слегувајќи до водата, тие покажале дека веруваат во Божјите зборови изговорени преку Мојсеја. Сториле сѐ што било во нивна моќ, а потоа Семожниот го разделил морето за да им создаде премин”. – Патријарси и пророци, 290.

в. Како реагирале Израелците на прекрасното избавување кое Господ го подготвил за нив? Излез 14:31; Псалм 106:12. Која поука можеме да ја научиме од ова искуство?

„Големата поука што може да се извлече од ова важи за сите времиња. Животот на христијанинот често е полн со опасности, и должноста што треба да се изврши изгледа многу тешка. Вообразениот често создава слика според која пред нас се наоѓа сигурна пропаст, а зад нас ропство и смрт. А сепак Божјиот глас јасно зборува: ‘Само напред’. Ние треба да ја прифатиме таа заповед дури тогаш кога со свои очи не сме во состојба да проникнеме низ темнината на неизвесноста и кога под нозете веќе ги чувствуваме студените бранови. Колебливиот дух, кој вечно се сомнева, никогаш нема да се ослободи од пречките што го попречуваат нашето напредување. Оние што одложуваат да го послушаат овој глас сѐ додека не исчезне секоја сенка на неизвесност и додека нема веќе никаква опасност од неуспех или пораз, воопшто никогаш нема ни да послушаат. Неверувањето дошепнува: ‘Да почекаме додека не се отстранат сите пречки и додека не го видиме јасно патот пред себе’; но верата храбро гони напред ‘сѐ верува, на сѐ се надева’“. – Патријарси и пророци, 290.


Четврток 13. февруари

5. ПЕЕЊЕ НА ПЕСНАТА НА ПОБЕДАТА

а. Како народот ја изразил својата среќа? Кои се некои од клучните мисли од песната на Мојсеј? Излез 15:1-21.

„Оваа песна и големото ослободување што е опеано во неа оставиле неизбришлив впечаток и спомен што никогаш не е заборавен кај еврејскиот народ. Од столетие во столетие ја повторувале Израелските пророци и поети како доказ дека Јехова е сила и спасение за оние што му се доверуваат Нему”. – Патријарси и пророци, 289.

б. Кога, каде и од кого повторно ќе се пее слична песна? Откровение 15:2-4.

„Таа песна не му припаѓа само на еврејскиот народ. Таа однапред укажува на уништувањето на сите непријатели на правдата, и на конечната победа на Божјиот Израел”. – Патријарси и пророци, 290.

„Тие „пееја нова песна“ пред престолот, песна што не може никој да ја научи, освен оние сто четириесет и четири илјади. Тоа е песната на Мојсеј и на Јагнето, песна на ослободувањето. Никој, освен овие сто четириесет и четири илјади не може да ја научи таа песна, зашто во неа се внесени нивните искуства - такви искуства какви што немала ниту една друга група”. – Големата борба, 648,649.


Петок 14. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Мојсеј не се плашел кај Црвеното Море?

2. Како Бог направил пат за бегство за Израелците? Како Тој понекогаш и за тебе направил пат за бегство?

3. Кога Бог ќе интервенира за да му помогне на својот народ кој се наоѓа на самата граница на небесниот Ханан?

4. Зошто Бог одлучил да ги доведе Израелците во оваа тешка ситуација? Зошто понекогаш и ние се наоѓаме во тешкотии?

5. Зошто песната на Мојсеј и Јагнето ќе може да ја пее само посебна група?

 <<    >>