Недела
2. февруари
ПОДГОТОВКА ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ
а. Што барале Израелците за нивната напорна работа и страдањето во Египет, и зошто Египќаните го исполниле нивното барање? Излез 12:33,35,36.
б. Опишете ја групата која го напуштила Египет. Излез 12:37-39.
„Имало прилично голем дел на Египќани, кои благодарение на манифестациите на знаците и чудата прикажани во Египет, признале дека Еврејскиот Бог е единствениот вистински Бог... Тие се обврзале дека отсега израелскиот Бог ќе биде нивен Бог. Тие решиле да го напуштат Египет и да одат со синовите на Израел да Му служат на нивниот Бог”. – Коментари на библиските текстови, 53.
„Така тргнале ‘околу шестотини илјади мажи, не сметајќи ги тука децата. И многу други придојдени отидоа со нив’. Во таа огромна маса се нашле не само оние што биле поттикнати со вера во Израеловиот Бог, туку и еден поголем број такви кои сакале само да ја одбегнат казната, или кои се придружиле кон оваа огромна поворка од просто љубопитство. Тие за Израелците биле само пречка и стапица”. – Патријарси и пророци, 281.
Понеделник
3. февруари
2. СЕЌАВАЊЕ НА ПРИВРЕМЕНИОТ ПРЕСТОЈ
а. Колку долго Аврам и неговите потомци живееле меѓу странците, и во која генерација завршил нивниот престој во Египет? Излез 12:40,41; Создавање 15:13-16.
б. Што сме и ние на оваа земја? Евреите 11:13-16.
„Со своите дела (учениците) постојано сведочеле дека овој свет не е нивниот дом; нивното државјанство било погоре; тие бараа подобра земја – небесна. Нивните разговори и чувства биле врзани за небесните работи. Тие беа во светот, но не и од светот; во духот и праксата тие биле одвоени од световните размислувања и обичаи. Нивниот секојдневен пример сведочел дека тие живеат за слава Божја. Нивниот голем интерес, како и оној на нивниот Господар, беше за спасување на душите”. – Lift Him Up, 325.
в. Во знак на сеќавање на Пасхата, кој услов го поставил Бог во врска со првенецот на луѓето и животните? Излез 13:2,11-15; Броеви 3:13. Каква поука нудел овој закон?
„Освен тоа, секој првенец меѓу луѓето и меѓу добитокот требало да му се посвети на Господа и истиот можел само да се откупи за да не се заборави дека при убивањето на првенците во египетската земја, првенците на Израел милосливо биле поштедени од таа судбина благодарение единствено на жртвата на помирувањето”. – Патријарси и пророци, 274.
„Кога била воспоставена службата во шаторот за состанок, наместо првенците од цел Израел, Господ го избрал Левиевото племе да служи во светилиштето. Меѓутоа, сѐ уште се сметало дека првенецот му припаѓа на Господа и затоа морал да се откупи.
Затоа законот за посветување на првенците бил мошне значаен. Тој бил спомен за Господовото чудесно избавување на израелевите деца и истовремено го претскажувал уште поголемото избавување, кое требало да го изврши единородниот Божји Син. Како што крвта со која бил попрскан довратникот го спасила првенецот на Израел, така Христовата крв има моќ да го спаси светот”. – Копнежот на вековите, 51.
Вторник
4. февруари
3. СЛЕДЕЊЕ НА БОЖЈОТО ВОДСТВО
а. Која желба на Јосиф ја исполниле Израелците кога заминале од Египет? Создавање 50:25; Излез 13:19.
„При напуштањето на Египет, Израелците не ги заборавиле коските на Јосифа кои, како драгоцено завештание толку долго чекале да се исполни Божјото ветување, и за време на мрачните години на израелското робување го потсетувале народот на ослободувањето”. – Патријарси и пророци, 281.
б. Зошто тие тргнале по подолгиот обиколен пат наместо да одат директно во ветената земја? Излез 13:17,18.
„Наместо да тргнат по патот што водел директно во Ханан, но преку филистејската земја, Господ правецот на нивното движење го насочил малку јужно, кон брегот на Црвеното Море. „Зашто Бог рече: Да не се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет”. Да се обиделе да поминат низ Филистеја, би наишле на отпор, зашто Филистејците, сметајќи ги за робови што бегаат од своите господари, не би се притеснувале да ги нападнат. Израелците не биле добро опремени да го прифатат судирот со тој силен и воинствен народ. Тие не знаеле многу за Бога и нивната вера во него била слаба па би се уплашиле и би ја загубиле храброста. Не биле вооружени и не навикнале на војна; храброста им била ослабена од долгото робување, а освен тоа, со себе воделе жени деца и добиток. Со тоа што ги повел кон Црвеното Море, Господ им се открил не само како Бог на суд, туку и како Бог на сочувство и сомилост”. – Патријарси и пророци, 282.
в. Кога понекогаш се чини дека Бог нѐ води на начин кој ние не го разбираме, како што тоа го правел со децата на Израел, на што треба да се сетиме? Јован 13:7.
„Нашите искушенија често се толку тешки што ни изгледаат неподносливи. Ако не се потпреме на Бога, притиснати од мачниот товар на грижите и одговорностите, коишто ни донесуваат само тага и болка, ние сигурно ќе подлегнеме. Но доколку се надеваме на Христа, нема да подлегнеме ниту во едно искушение. Кога сѐ изгледа мрачно и необјасниво, токму тогаш треба да веруваме во Неговата љубов и да ги повторуваме охрабрувачките зборови кои Тој ни ги упатува на нашата душа: ‘Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш’ (Јован 13:7)”. – Мојот живот денес, 184.
Среда
5. февруари
4. ВИДЛИВИ ЗНАЦИ НА БОЖЈОТО ВОДСТВО
а. Од кое место синовите на Израел го започнале своето патување? Каде го направиле првото и второто запирање? Излез 12:37; 13:20.
б. На кој начин Бог го водел својот народ во текот на нивното патување дење и ноќе? Излез 13:21,22; Псалм 105:39.
„Знамето на нивниот невидлив Водач било секогаш меѓу нив. Дење облакот им бил патоводител или над нив се ширел како заштитна покривка; ги штител од сончевите горештини, а со својата сенка, свежина и влага, пружал пријатно освежување и им го олеснувал патувањето низ жешката и безводна пустина. Ноќе тој облак се претворал во огнен столб што им го осветлувал логорот и претставувал постојан доказ за Божјото присуство”. – Патријарси и пророци, 282.
в. Како Исаија ја опишува Божјата грижа за Неговиот народ во последниот конфликт, додека се приближува кон нивниот небесен дом? Исаија 4:5,6.
„На едно од најубавите и најутешни места на пророштвото на Исаија, се зборува за столбот од облак и за столбот од оган, со што се прикажува Божјата наклоност и неговата грижа за својот народ во последната голема борба со силите на злото. ‘И ќе создаде Господ над сета Сионска гора и над сите што ќе се собираат таму облак и дим дење, а ноќе блесок од пламнат оган; зашто слава ќе покрива сѐ. И ќе има шатор за сенка дење од припека и засолниште и заклон од лошо време’ (Исаија 4:5,6)”. – Патријарси и пророци, 283.
„Во времето на проба кое е пред нас, Божјото ветување за безбедноста ќе важи за оние кои ќе ја одржат Речта на Неговото трпение. Христос ќе им рече на Своите верни: ‘Ајде, народе Мој, влези во собите и затвори ги вратите за себе. Скриј се за миг додека не помине гневот’ (Исаија 26:20). Лавот од Јудиното колено, кој е толку страшен за оние кои ја одбиваат Неговата благодат, ќе биде Божје Јагне за послушните и верните. Столбот од облак, кој на престапниците на Божјиот закон им навестува гнев и ужас претставува светлина, милост и ослободување за оние кои ги држат Неговите заповеди. Раката која е доволно силна да го уништи бунтовникот, ќе биде доволно силна и да го ослободи верниот. Сите верни сигурно ќе бидат собрани. ‘И ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата’ (Матеј 24:31)”. – 6. Сведоштво, 404.
Четврток
6. февруари
5. ФАРАОНОТ ГИ ГОНИ ИЗРАЕЛЦИТЕ
а. Какво упатство и предупредување им испратил Господ на Израелците со оглед на нивната непосредна опасност? Излез 14:1-4.
б. Со каква голема сила фараонот ги гонел бегалците, и каде ги стигнал? Излез 14:5-9.
„Царот решил Израелците да ги заплаши со тоа што ќе им ја покаже сета големина на својата сила. Египќаните се плашеле дека другите народи ќе ги исмеваат што биле натерани да му се потчинат на Израелскиот Бог; но ако сега кренат со голема сила и ако бегалците ги вратат, можат да ја сочуваат не само својата чест и слава, туку пак да имаат робови што ќе им служат како и до сега”. – Патријарси и пророци, 283.
в. Во нашата лична борба за слобода од власта на сатаната, кое ветување треба да нѐ инспирира со увереност во избавување? Исаија 49:24,25.
„Духовите на темнината се борат за душата, која еднаш била под нивна власт, но Божјите ангели ќе се борат за таа душа со сила што ќе преовлада. Господ вели: ‘Може ли на јунакот да му се одземе пленот? Може ли на победникот да му побегне заробеникот?... Вака вели Господ: ‘На јунакот ќе му се одземе пленот, на победникот ќе му побегне заробеникот. Јас ќе се спорам со оние што ќе се спорат со тебе и Јас ќе ги избавам твоите деца’“ (Исаија 49:24,25)”. – Копнежот на вековите, 258.
Петок
7. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин ние можеме да бидеме слични на мешаното мноштво во нашите мотиви да му служиме на Бога?
2. Како можеме да покажеме дека сме само странци на оваа земја?
3. Зошто Израелците на почетокот на своето патување морале да го изодат подолгиот пат? Што треба да научиме од нивното искуство?
4. Како столбот од облак и огнот повторно ќе му послужат на Божјиот народ во претстојниот конфликт?
5. Што се обиделе да повратат Египќаните кога решиле да ги гонат Израелците?