Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 1. февруари 2020

Пасха

„Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе” (Јован 6:53).

„Христовите следбеници мора да ги делат неговите искуства. Тие мора да ја прифатат Божјата реч и целосно да се прилагодат кон неа така што таа да стане движечка сила на нивниот живот и на нивните постапки. Со Христовата сила тие мора да се преобразат во неговиот лик и да ги отсјајуваат божествените особини. Тие мора да го земат телото и крвта на Божјиот Син, инаку нема да имаат живот во себе”. -– Патријарси и пророци, 277.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 273-280. 

Недела 26. јануари

1. МИЛОСТИВО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

а. Како Египќаните гледале на Мојсеј? Излез 11:3 (последен дел).

б. Која казна била претскажана пред десеттото зло, и што фараонот и неговите слуги направиле? Излез 11:1,4-8; 12:12.

в. Што можеме да научиме за Божјиот карактер од многуте предупредувања кои Тој им ги пратил на Египќаните пред да го прати десеттото зло? 2. Петрово 3:9.

„Казната што прва им била навестена на Египќаните, требало да ги снајде како последна. Бог е мошне стрплив и обилен со милосрдие. Тој нежно се грижи за суштествата што се создадени според неговиот лик. Египќаните да се покајале кога им биле уништени посевите и добитокот децата не би им биле погодени; но тој народ упорно и се спротивставувал на Божјата заповед и сега морал да падне и последниот удар”. ¬– Патријарси и пророци, 273.

„Господ не сака ниедна душа да загине. Неговата милост е безбројна”. ¬– The Upward Look, p. 150.


Понеделник 27. јануари

2. ПАСХАТА ВОСПОСТАВЕНА

а. На кого му било дозволено да јаде пасхално јагне? Излез 12:43,48,49.

б. Што им било наложено на Израелците да направат со крвта, и која била целта на таа наредба? Излез 12:7,13,23.

„Пред да добијат слобода, поробените морале да покажат вера во големото ослободување кое само што не настапило. Знакот на крвта морал да биде ставен на нивните куќи, а тие, заедно со сите членови на своите семејства, морале да се одвојат од Египќаните и да се соберат во своите станови. Кога Израелците и во најмала ситница би го занемариле даденото упатство, кога своите деца не би ги изделиле од децата на Египќаните, кога јагнето само би го заклале, а би пропуштиле со неговата крв да ги испрскаат своите довратници, или кој било од нив да излегол од својата куќа, тие не би биле сигурни. Тие би можеле искрено да веруваат дека сториле сѐ што било потребно, но нивното верување не би ги спасило. Сите оние што би пропуштиле да ги послушаат Господовите упатства, би ги загубиле своите првенци од раката на ангелот извршител.

Својата вера народот морал да ја потврди со послушност. Така и сите оние што се надеваат на спасение врз основа на заслугите на Христовата крв, треба да знаат дека и тие сами мора нешто да преземат за своето лично спасение. Иако само Христос може да нè спаси од казната за сторените престапи, наше е да се свртиме од гревот кон послушност. Човекот се спасува со вера, а не со делата; но својата вера човекот сепак мора да ја докаже со дела”. ¬– Патријарси и пророци, 278,279.

в. Кој требало да го заколе јагнето на Пасха и со крвта да го попрска надвратникот? Излез 12:21,22. Какво значење има ова за нас денес?

„Таткото требало да постапува како свештеник во домот, а ако него го нема, најстариот жив син би требало да го изврши свечениот чин на прскање на надвратникот со крв. Тоа е симболично дело кое треба да се изврши во секое семејство. Родителите треба да ги соберат своите деца во домот и да им го претстават Христа како нивна Пасха. Таткото треба да го посвети секој член во својот дом на Бога и така да го изврши делото прикажано со пасхалната свеченост. Опасно е кога се препушта свеченоста во туѓи раце”. ¬– Адвентен дом, 324.


Вторник 28. јануари

3. ЗНАЧЕЊЕТО НА ПАСХА

а. Како Израелците го јаделе јагнето и другите намирници во текот на празникот Пасха? Излез 12:8-11. Каква промена се случила откако тие се населиле во нивната земја?

„Во времето на своето ослободување од Египет, Израелевите синови го јаделе пасхалното јагне стоејќи, со опашани бедра и со стап во рацете, подготвени за патување. Начинот на кој Израелците ја празнувале оваа установа, во таа прилика бил во сообразност со постоечките услови; ним непосредно им претстоело брзо излегување од египетската земја и мачно и тешко патување низ пустината. Меѓутоа, во времето на Христа состојбата била поинаква. Тогаш на Евреите не им претстоело брзо излегување од некоја туѓа земја, бидејќи живееле во својата татковина. Во склад со почивката што им била дадена, јаделе Пасха во полулежечка положба”. – Копнежот на вековите, 653.

б. На кој начин чудесното ослободување на Израелците од Египет се чувало свежо во умот на нивните деца? Излез 2:26,27.

„Пасхата била воспоставена како спомен на ослободувањето на Израел од египетското ропство. Бог наредил од година во година, како што децата прашуваат за значењето на таа установа, историјата да се повторува. На тој начин чудесното ослободување требало да биде свежо во умот на секој Израелец”. – Копнежот на вековите, 652.

в. Каква е поврзаноста меѓу пасхалната служба и Господовата вечера? На кој дел ние се сеќаваме за време на светата вечера? Матеј 26:17-19,26-29; 1. Коринтјаните 11:26.

„Онаа вечер, кога со Своите ученици последен пат јадел Пасха, Тој наместо неа, воспоставил служба која требала да претставува спомен на Неговата голема жртва. Пасхата, како еврејски национален празник, требало засекогаш да ја изгуби важноста. Наместо тоа, Христовите следбеници во сите земји и низ сите векови требало да ја вршат службата што Тој ја воспоставил...

Службата Господова вечера е спомен на големото ослободување остварено со Христовата смрт. Овој обред треба свечено да се извршува сѐ додека по втор пат Исус не дојде во сила и слава. На тој начин Неговото големо дело треба да биде свежо во нашите умови”. – Копнежот на вековите, 652,653.


Среда 29. јануари

4. СИМБОЛ И ОСТВАРУВАЊЕ

а. Кого го симболизирало пасхалното јагне? Јован 1:29; 1. Коринтјаните 5:7.

„Бог сакал да ги поучи дека од Неговата љубов произлегува дар што ги помирува со Него”. – Копнежот на вековите, 112.

„Жртвеното јагне го претставувало „Божјото Јагне“ во кое се наоѓа нашата единствена надеж за спасение. Апостолот кажува: ‘Зашто и нашата Пасха се закла за нас, Христос’ (1. Коринтјаните 5:17). Не било доволно само тоа што пасхалното јагне било заклано, туку со неговата крв морале да се испрскаат довратниците; така душата мора да ги прифати заслугите на Христовата крв. Не е доволно да се верува дека Тој умрел за овој свет, туку мораме да веруваме дека Тој умрел лично за нас. Заслугите на жртвата на помирување мораме да ги прифатиме лично за себе”. ¬– Патријарси и пророци, 277.

б. Кој е симболично претставен со лебот и на која реалност тоа треба да нѐ потсетува? Јован 6:47,48,51.

„Дури и овој земен живот го имаме благодарение на Христовата смрт. Со раните на Своето измачено тело, Тој го откупил лебот што го јадеме. Водата што ја пиеме е откупена со Неговата крв, пролеана за нас. Земајќи ја својата секојдневна храна, секој од нас без разлика дали е верник или не се храни со Христовото тело и крв. Крстот на Голгота е втиснат на секој леб, неговиот отсјај може да се види на водата на секој извор. Христос го опфатил сето ова со поуката содржана во симболот на лебот и виното како симболи на Неговата голема жртва. Светлината што блеска од Светата вечера во горната соба ги посветува и намирниците за нашиот секојдневен живот. Семејната трпеза станува Господова трпеза, а секој оброк причест.

Колку вистинити се овие Христови зборови во поглед на нашата духовна природа! Тој вели: ‘Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен’. Ние можеме да живееме свет живот само ако го примиме животот кој заради нас е жртвуван на голготскиот крст. Тој живот го примаме ако ја прифатиме Неговата Реч и ги извршуваме оние нешта кои Тој ги заповедал. На тој начин стануваме едно со Него. Тој вели: ‘Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, пребива во Мене и Јас во него. Како што Мене ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене ќе живее преку Мене’. (Јован 6:54,56,57) Овие стихови посебно се однесуваат на Светата вечера. Кога со вера размислуваме за големата жртва на нашиот Господ, во својот духовен живот стануваме слични на Христа. Таквата душа на секоја Господова вечера ќе прими нова духовна сила. Така оваа служба претставува жива врска која ги врзува верниците со Христа, а преку Него и со Таткото. Во посебна смисла таа претставува врска меѓу зависното човечко суштество и Бога”. – Копнежот на вековите, 660,661.


Четврток 30. јануари

5. ДЕСЕТТОТО ЗЛО – СМРТТА НА ПРВЕНЕЦОТ

а. Опишете го последното зло. Излез 12:29,30.

б. Како Израелците биле истерани од египетската земја? Зошто? Излез 12:31-33.

„Од едниот до другиот крај на големото египетско царство, гордоста на секое семејство била уништена. Низ воздухот се пренесувале пискоти и редење. Царот и дворјаните стоеле со бледи лица и со треперливи колена, вџашени пред страшниот настан. Фараонот си споменал за она што еднаш го рекол: ‘Кој е Господ да го послушам неговиот глас и да го пуштам Израел? Не го познавам Господа ниту ќе го пуштам Израел’. А сега, кога неговиот дрски пркос против Небото е понижен и урнат во прав, тој ги повикал Мојсеја и Арона ноќе и им рекол: ‘Станете, одете си од мојот народ, како вие така и синовите Израелови, и послужете му на Господа, како што велевте. Земете ги и вашите овци и вашите говеда, како што велевте и одете си, па и мене благословете ме’. И царските советници и сиот египетски народ ги молеле Израелците да заминат од нивната земја, ‘зашто велеа: Изгинавме сите.’“ ¬– Патријарси и пророци, 280.


Петок 31. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Бог покажал милост во своите предупредувања пред секое зло, а особено пред десеттото зло?

2. На кој начин пасхалната служба покажува како треба да се комбинираат верата и делата? Како ова се однесува на моето лично искуство?

3. На кое избавување потсетува Господовата вечера? Зошто треба редовно да го извршуваме овој обред?

4. Како ние ја присвојуваме спасувачката Христовата крв?

5. Како и ние, како и фараонот, понекогаш чекаме Бог да нѐ понизи пред да го послушаме Неговиот глас?

 <<    >>