Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 7. март 2020

Бог се грижи за својот народ

„Но рацете на Мојсеј му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор му ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце” (Излез 17:12).

„Среќен е оној проповедник кој ги има своите верни Арон и Ор да го крепат и јакнат кога ќе му се закани опасност да му се скрши духот, и неговите раце да бидат издигнати во вера и молитва. Таквата поддршка е голема помош на Христовиот слуга во неговата работа и често придонесува делото на вистината славно да триумфира”. – 4. Сведоштво, 531.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 297-300. 

Недела 1. март

1. НАРОДОТ ПОВТОРНО МРМОРИ

а. Како синовите на Израел мрмореле против Мојсеј кога пристигнале во Рефидим? Зошто? Излез 17:1-3.

„Господ ги водел по пат каде што немало вода, за да ги испита и да види дали, примајќи толку големи докази за Неговата сила, ќе научат Нему да му се обраќаат во неволја, и да се покајат за своето негодување против Него. Ги обвиниле Мојсеј и Арон дека ги извеле од Египет само за да ги погубат со глад нив и нивните деца и да го приграбат нивното богатство. Израелците на човекот толку многу му го препишувале она за што добиле непобитен доказ дека е од Бога, чија моќ е неограничена. Бог сакал тие, откако ќе увидат дека само Тој може да ги изврши сите тие чудесни дела, да го прослават Неговото име на земјата... Кога не Го прославиле Бога во своите неволји и проблеми на патот низ пустината кон ветениот Ханан, додека Бог постојано им давал докази за Својата сила и слава и грижа за нив, не би Го прославиле ниту величеле Неговото име ниту по доаѓањето во Ханан, опкружени со сите благодети и напредок”. – 2. Сведоштво, 107.


Понеделник 2. март

2. БОГ СЕ ГРИЖИ

а. Што направил Мојсеј откако ги чул нивните поплаки? Излез 17:4; Еремија 29:12.

„Господ кажува: ‘Повикај ме во тежок ден’ (Псалм 50:15). Тој нѐ повикува да ги изнесеме пред Него нашите тешкотии и неволји, нашата потреба од божествена помош. Тој ни заповеда да бидеме брзи во нашите молитви. Штом ќе се јават тешкотии, ние треба да му упатиме искрени и сериозни молитви. Со нашите упорни молитви даваме доказ за нашата длабока доверба во него. Свеста за нашата потреба не гони да се молиме сериозно и нашиот небесен Отец е трогнат од нашите молби”. – Христовите очигледни поуки, 172.

б. На кое место, и со кои одредени упатства Бог го испратил Мојсеј за вода? На кој начин водата чудесно била обезбедена? Излез 17:5,6.

„Со болка и тага Мојсеј пекал пред Господа: ‘Што да правам со овој народ?’ Му било наредено да ги земе со себе старешините Израелови и стапот со кој во Египет правел чуда и да излезе пред народот. Тогаш му рекол Господ: ‘А Јас ќе стојам пред тебе онаму кај карпата на Хорив; а ти тогаш удри во карпата и од неа ќе потече вода и народот ќе пие’. Тој послушал и постапил така и бликнал млаз жива вода која била доволна за целиот логор. Наместо да му нареди на Мојсеја да го подигне својот стап, како некогаш во Египет да повика некоја страшна казна врз оние што предводеле во тоа неоправдано мрморење, Господ во својата голема милост сторил тој стап да биде орудие на нивно ослободување”. – Патријарси и пророци, 298.

в. Кои други имиња му ги дал Мојсеј на тоа место, и зошто го преименувал? Излез 17:7 (прв дел)

„Во својата жед народот го искушавал Бога велејќи: ‘Дали е Господ меѓу нас или не?’ ‘Ако Господ не доведе ваму, тогаш зошто не ни дава и вода како што ни даде леб?’ Неверувањето покажано на ваков начин претставувало злосторство и Мојсеј се уплашил да не ги снајде Божја казна поради тоа. Затоа она место го нарекол Маса и Мерива, што значи ‘искушение’ и ‘кавга’, со цел тоа да ги потсетува на нивниот грев”. – Патријарси и пророци, 298.


Вторник 3. март

3. СИМБОЛИ НА ХРИСТА

а. Кого го претставува удрената карпа? 1. Коринтјаните 10:4.

„Мојсеј удрил во карпата, но Божјиот Син бил Тој кој, обвиен со облак, стоел крај него и Тој ја извел животворната вода од каменот. Славата Господова ја виделе не само Мојсеј и Израелските старешини, туку и сиот народ што стоел на извесна оддалеченост. Да не бил облакот, тие сите би загинале од страшниот сјај на Оној кој бил во облакот”. – Патријарси и пророци, 298.

б. Во која друга смисла Исус се нарекува карпа? Псалм 94:22; Марко 12:10.

„Во Својата бесконечна мудрост, Бог одбрал камен темелник и сам го поставил. Тој го нарекол „сигурен темел”. Цел свет може на него да ги стави своите товари и таги тој камен може сето тоа да го поднесе. Целосно е безбедно да се ѕида на него. Христос е „испробан камен”. Тој никогаш не ги разочарува оние што се надеваат во Него. Тој ги издржал сите проби. Тој го издржал притисокот на Адамовата вина и на целокупното негово потомство и бил повеќе од победник над силите на злото. Тој го носел товарот кој го префрлиле на Него сите грешници што се каат. Грешното срце во Христа наоѓа олеснување. Тој е сигурен темел. Сите, на кои Христос им е надевање, уживаат совршена сигурност...

Поврзувајќи се со Христа - живиот Камен - сите што ѕидаат на тој темел стануваат живи камења. Многу луѓе со својот личен труд се изделкани, измазнети и разубавени, но не можат да станат ‘живи камења’, бидејќи не се поврзани со Христа. Без таа врска никој не може да биде спасен. Ако во нас нема Христов живот, не можеме да одолееме на бурите на искушенијата”. – Копнежот на вековите, 598,599.

в. Што симболизирала водата која потекла од удрената карпа? Јован 4:10-14; 7:37-39.

„Оној што пие од живата вода, станува извор на животот. Примателот станува давател. Христовата благодат во душата е како извор во пустина што извира да ги освежи сите и кај оние што се близу до смртта да создаде голема желба да пијат од водата на животот”. – Копнежот на вековите, 195.


Среда 4. март

4. БИТКАТА СО АМАЛИКИЈЦИТЕ

а. Која следна опасност му се заканувала на Израелскиот народ? Излез 17:8.

„Заради својата непокорност и отпадништво од Бога било дозволувано Израелците да западнат во неволји; непријатели војувале против нив; за да се понизат и да го побараат Бога во својата неволја. ‘Тогаш дојдоа Амаликијците во војна против Израелот во Рефидин’. Тоа се случило веднаш откако Израел почнал да негодува и неразумно да се буни против оние коишто Бог ги оспособил и ги поставил за да го доведат народот преку пустината во хананската земја”. – 2. Сведоштво, 106.107.

б. Како Бог ги победил Амаликијците? Излез 17:9-12.

„Кога Амаликијците го нападнале израелскиот табор во пустината, Мојсеј знаел дека неговиот народ не е подготвен да се впушти во борба со нив. Го испратил Исус Навин со одреден број на војници да му се спротивстави на непријателот, додека тој сам, со Арон и Ор, зазел положба на еден рид од кој можело да се набљудува бојното поле. Тука овој Божји човек во својата молитва го изнел случајот пред Оној Кој единствено можел да им подари победа. Подигајќи ги своите раце кон небото, Мојсеј најсесрдно се молел за успех на израелската војска. И додека се гледало дека неговите раце се испружени кон небото, Израелците го потиснувале непријателот; но штом тој, заморен од таквата положба, би морал да ги спушти своите раце, победувале Амаликијците. Затоа Арон и Ор стоеле покрај Мојсеј држејќи ги неговите раце подигнати кон небото. Сè додека победата не била потполно на страна на Израел и додека непријателот не бил принуден да се повлече.

Овој пример претставува поука за сите кои се вбројуваат во новозаветниот Израел, и јасно зборува дека Бог е сила и одбрана на Својот народ. Израелците триумфално победувале додека Мојсеј ги држел своите раце издигнати кон небото и се молел за нив, а така и припадниците на духовниот Израел победуваат само затоа што семоќниот Спасител презел на Себе да ги штити нивните интереси и да се бори за нив. Мојсеј не барал од Господа ниту верувал дека Тој ќе ги победи нивните непријатели, а притоа Израелците ништо да не преземат од своја страна. Тој ги организирал израелските сили и ги испратил опремени со најдоброто што го имале во постоечката ситуација, а тогаш цел потфат го изнел пред Бога во молитва. Мојсеј Му се молел на Господа на ридот, додека Исус Навин долу со своите храбри војници направил сè што било во човечка моќ да ги одбие нападите на оние кои биле непријатели на Бога и на Неговиот народ”. – 4. Сведоштво, 530,531.


Четврток 5. март

5. АМАЛИКИЈЦИТЕ ПОБЕДЕНИ

а. Откако Амаликијците биле поразени, каква пресуда била изречена над нив? Излез 17:14; Второзаконие 25:17-19.

„(Амаликијците) ги исмевале чудата и знаците што ги сторил Бог преку Мојсеја пред Египќаните и им се подбивале на околните народи кои се плашеле од тоа. Се заколнувале пред своите богови дека ќе ги уништат Евреите, ниеден нема да им побегне, и дрско се фалеле верувајќи дека Израелскиот Бог е немоќен да им се спротивстави ним. Ним Израелците не им сториле никаква неправда ниту на кој било начин ги загрозувале. Нивниот напад со ништо не бил предизвикан. Обидот да го уништат Божјиот народ бил само излевање на омраза и пркос кон Бога... Кога се устремиле врз уморните, папсани и незатитени од крајните редови на Израел, тогаш ја запечатиле судбината на својата нација. Бог посебно им е наклонет на најслабите меѓу своите деца. Ниту една свирепа постапка во угнетувањето на слабите и незаштитените не останува на небото незабележана. Божјата рака се подава како штит над сите што го љубат и се бојат од него, и луѓето нека внимаваат да не ја удрат таа рака, зашто таа држи меч на правдата”. – Патријарси и пророци, 300.

б. На што треба да се сетиме кога на сличен начин нѐ прогонуваат денес како што Изрелците биле прогонувани од Амаликијците? Матеј 5:11,12. Како Бог гледа на оние кои ги прогонуваат своите браќа?

„Кога Господ ја казнил свирепоста на еден незнабожечки народ, како ќе гледа на оние кои велат дека се Негов народ, а војуваат против своите браќа кои се умориле служејќи во Неговото дело”. – 5. Сведоштво, 245.


Петок 6. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин неволјите и искушенијата претставуваат тест за нас денес, како што тоа било случај со Израелците?

2. Што покажуваат нашите сериозни молитви во тешки ситуации?

3. Како можеме да станеме жив камен?

4. Која е понекогаш причината за нашите потешкотии?

5. Кој грев ја запечатил судбината на Амаликијците? На кој начин и ние понекогаш сме виновни за истиот грев?

 <<    >>