Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 25. јануари 2020

Злата во Египет

„И зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египќаните и фараонот? Нели, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, оние ги пуштија и овие заминаа” (1. Самоилова 6:6).

„Бог никого не го уништува. Секој што е уништен, се уништил самиот себе. Секој што ги отфрла опомените на совеста, сее семе на неверство, а тоа ќе донесе сигурна жетва”. ¬– Христовите очигледни поуки, 84.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 265–272. 

Недела 19. јануари

1. ПРОТЕСТ ПРОТИВ БЕСМИСЛЕНОТО БОГОСЛУЖЕНИЕ

а. Кое било првото зло, и зошто било испратено? Излез 7:14-21.

„За време на излевањето на злата на Египет, фараонот бил точен во своето суеверно обожавање на реката и ја посетувал секое утро, и додека стоел на нејзините брегови, и давал пофалби и благодарност на водата, раскажувајќи за големите добра кои таа ги донесувала и зборувајќи и на водата за нејзината голема моќ; дека без неа тие како нација не би можеле да постојат; зашто таа река ги наводнувала нивните земјишта и ги снабдувала со месо нивните трпези”. ¬– Spiritual Gifts, 4а, 54,55.

б. Кое било второто зло, и како Бог одлучил да ги отстрани последиците од ова зло? Излез 8:2-14.

„Египќаните и жабите ги сметале за свети животни и не ги уништувале, но таа лигава напаст станала неснослива....

Господ можел за миг сите да ги претвори во прав, но не постапил така за владетелот и неговиот народ да не кажат оти и тоа е резултат на вражање какво што знаат и нивните вражачи. Телата на мртвите жаби ги собирале на купишта”. ¬– Патријарси и пророци, 265,266.


Понеделник 20. јануари

2. БОГ СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЈОТ НАРОД

а. Како Бог ги разликувал оние, кои биле погодени со четвртото зло? Излез 8:20-24.

„Некој гаден вид мушички ги исполниле куќите и полињата така што ‘се во земјата се расипа од мушичките’. Тие ‘мушички’ биле големи и отровни и нивното каснување им задавало големи болки на луѓето и животните. Како што било однапред кажано, Гесемската земја не била зафатена со оваа казна”. ¬– Патријарси и пророци, 266.

б. Каква друга разлика направил Бог во петтото и деветтото зло? Излез 9:1-6; 10:22,23.

„Настапил уште еден пострашен удар помор на сиот добиток во Египет што се затекол во полето. Гинеле, како светите животни, така и запрежниот добиток: крави, волови, овци, коњи, камили, магариња. Било изрично нагласено дека Евреите ќе бидат поштедени од тоа; и кога царот пратил гласници во куќите на Израелците, се покажало дека е вистина она што го кажал Мојсеј: ‘Од Израелскиот добиток не загина ниту едно’. Царот и натаму останал упорен”. ¬– Патријарси и пророци, 267.

„Одненадеж над целата земја се спуштила толку густа и непробивна темнина, што им се чинело како да можат да ја ‘опипаат’. Не само народот што бил наполно лишен од светлината, туку и воздухот бил толку тежок што одвај можело да се дише. ‘Луѓето не се гледаа еден со друг три дена, и никој не се поместуваше од својата постела три дена. Но по местата каде што живееја синовите Израелови имаше виделина’. Сонцето и Месечината за Египќаните биле божества на кои им се клањале. Со ненадејната појава на оваа таинствена темнина биле поразени и поклониците и нивните божества пред Силата која се зазела за делото на нивните робови”. ¬– Патријарси и пророци, 272.

в. Каква грижа ветил Бог за својот народ? Второзаконие 32:43; Псалм 103:8. Како подоцна оваа грижа се проширила и на Египќаните за време на деветтото зло?

„Но колку и да била страшна, оваа казна претставува очигледен доказ за Божјата сомилост и за неговата несклоност кон уништување. Тој на Египќаните на овој начин им дал време за размислување и каење пред да го пушти на нив последното и најстрашно зло”. ¬– Патријарси и пророци, 272.


Вторник 21. јануари

3. ВРАЖАЧИТЕ ГО ПРИЗНАВААТ ПОРАЗОТ

а. Каква била реакцијата на вражачите на третото зло? Излез 8:18,19.

„По Божја наредба Арон ја пружил својата рака и сиот прав во целата египетска земја се претворил во вошки. Фараонот ги повикал вражарите да го сторат истото тоа, но тие не можеле. Со тоа било покажано дека Божјото дело е посилно од делото на сатаната. Сами вражарите признале: ‘Ова е прст Божји’. Но царот сепак останал упорен”. ¬– Патријарси и пророци, 266.

б. Како Бог го упатил Мојсеј да ги предизвика злите чиреви? Излез 9:8-10. Кое било значењето на пепелта што доаѓала од печката?

„Тогаш Мојсеј добил налог да земе пепел од печка и да ‘го фрли во небото пред фараонот’. Тој чин имал длабоко значење. Четиристотини години пред тоа, Бог на Аварама, угнетувањето што го очекувало неговиот народ во иднина, му го прикажал во симболот на печка која ‘се димеше’ и огнен пламен (Создавање 15:17). Тој тогаш рекол дека угнетувачите ќе ги казни со своите казни, а поробените ќе ги ослободи со големо богатство. Израелците во Египет долго чамееле во ‘печка’ на неволји. Оваа постапка на Мојсеја за нив била сигурен доказ дека Бог си споменал за своите заветни ветувања и дека настапило време за нивно ослободување”. ¬– Патријарси и пророци, 267.

в. Какво влијание имале чиревите на вражачите? Излез 9:11.

„Пепелот фрлен во висина се растурил низ цел Египет во вид на фин прав и секаде каде што паднал ‘настанаа красти... на луѓето и на добитокот’. До тогаш свештениците и вражачите го храбреле и го поддржувале фараонот во неговата тврдоглавост, но сега настапил суд што ги погодил и нив. Нападнати од одвратната и мачна болест, пред која нивната фаленичка сила била немоќна и ги правела само уште повеќе презрени, не биле веќе во состојба да се борат против Израеловиот Бог. Цела нација морала да увиди колку е глупаво да им се верува на вражачите кога не се во состојба да се заштитат ниту самите себеси”. ¬– Патријарси и пророци, 267.


Среда 22. јануари

4. ЕГИПЌАНИТЕ СЕ ПЛАШАТ

а. Како Бог во својата милост ги предупредил Египќаните во врска со седмото зло, и какви биле резултатите? Излез 9:18-21.

„Дождот и градот во Египет биле ретка појава, а таква луна каква што е навестена сега никогаш овде никој не видел. Веста за тоа бргу се прочула и сите што му верувале на Господовиот збор, го собрале својот добиток додека оние што ја презирале опомената, оставиле сѐ свое надвор. Така, заедно со казната, се покажала и Божјата милост, народот бил ставен на проверка и се покажало колку од нив, благодарение на божествената сила што ја гледале, биле поттикнати да се бојат од Бога...

Уништувањето и пустошот ја обележувале патеката на ангелот извршител. Единствено Гесемската земја била поштедена. Така на Египќаните им било покажано дека со земјата управува живиот Бог дека и стихиите на природата му се покоруваат на неговиот глас и дека единствена сигурност се наоѓа во послушноста кон Него”. ¬– Патријарси и пророци, 269.

б. Откако Бог ги предупредил Египќаните за осмото зло на скакулци, што покажало дека слугите на фараонот се плашеле од Бога? Излез 10:7.

„Советниците на фараонот биле вџашени. Со уништувањето на добитокот, на нацијата и била нанесена огромна штета и загуба. Градот убил и многу народ. Шумите биле паднати, посевите уништени; така бргу го загубиле сето она што било стекнато со мачната работа на Евреите кои им робувале. На целата земја и се заканувал глад. Кнезовите и дворјаните го навалиле царот и налутено побарале: ‘До кога овие маки? Пушти ги луѓето нека му заблагодарат на нивниот Господ Бог. Зар уште не гледаш како Египет пропадна?’“ ¬– Патријарси и пророци, 271.

в. После сѐ што се случило дотогаш, како фараонот покажал дека тој сѐ уште не бил подготвен да го пушти целиот Израел? Излез 10:8-11.

„Фараонот настојувал Евреите со тешка работа потполно да ги уништи и децата им ги убивал, а сега се преправал како да се грижи за нив и за нивните деца. Вистинската намера всушност му била жените и децата да ги задржи како заложници, како гаранција дека луѓето навистина ќе се вратат”. ¬– Патријарси и пророци, 271.


Четврток 23. јануари

5. БУНТОТ Е ИЗБОР

а. Какво било влијанието врз фараонот на секоја следна Божја казна? Излез 9:7,35; 10:3.

„Бог им зборува на луѓето преку своите слуги, упатувајќи им опомени и предупредувања и осудувајќи го гревот. Тој на секого му дава можност да ги поправи своите грешки пред тие да се вгнездат во карактерот; но ако некој ја одбие понудената милост и не сака да се поправи, Божјата сила не посредува да го осуети она кон што се насочени неговите постапки. На таквиот човек му се чини дека е полесно да ја повтори истата грешка отколку да и се спротивстави: така срцето на грешникот се стврднува и се затвора пред влијанието на Светиот Дух. А натамошното отфрлање на светлината го доведува во положба во која многу посилни влијанија не можат да помогнат”. ¬– Патријарси и пророци, 268.

б. Бидејќи фараонот избрал да биде во бунт против Бога, на што е сличен овој грев, и кои се последиците на таквиот избор? 1. Самоилова 15:23 (прв дел); Изреки 28:14.

„Оној што покажува неверничка дрскост и тапа рамнодушност кон Божјата вистина, ќе го пожнее она што самиот го сеел. Оттаму илјадници луѓе потполно рамнодушно ги слушаат оние вистини кои некогаш ги трогнувале до срце и длабоко ги возбудувале. Тие сееле запоставување и опирање кон вистината и истото тоа мораат и да го жнеат”. ¬– Патријарси и пророци, 268.


Петок 24. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како се покажало дека боговите на Египет биле инфериорни во однос на небесниот Бог за време на првото и второто зло?

2. Како Бог, во текот на излевањето на злата, ја покажал својата грижа и за својот народ и за Египќаните?

3. Како вошките и чиревите ги поразиле вражачите?

4. Како Египќаните покажале дека поверувале во Божјата реч во врска со претстојното зло од град? Како ние покажуваме вера во Божјата Реч?

5. Кои два става водат кон неверување?

 <<    >>