Back to top

Sabbath Bible Lessons

Талкање низ пустината (I)

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 29. февруари 2020

Леб од небото

„А синовите на Израел јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана сè додека не стигнаа до границата на хананската земја” (Излез 16:35).

„Во текот на четириесет години тие со ова чудесно снабдување секој ден биле потсетувани на постојаната Божја грижа и љубов. Според зборовите на псалмистот, Бог им давал ‘небесен леб... Човек јадеше ангелски леб’ (Псалм 78:24,25). Тоа била храна што ја приготвувале за нив ангелите”. – Патријарси и пророци, 297.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 294-297. 

Недела 23. февруари

1. ПОВТОРНО МРМОРЕЊЕ И ЖАЛЕЊЕ

а. Зошто Израелците повторно мрмореле кога стигнале во пустината Сур? Излез 16:1-3.

„Тие не гладувале, нивните природни потреби биле задоволени, но се плашеле од иднината. Не можеле да сфатат како толку голем народ ќе опстане одејќи низ пустина, а во својата вообразба веќе виделе како децата им гладуваат. Господ дозволил да ги снајдат тешкотии и дозволил да им се намали храната со цел тие со сето срце да му се обратат нему кој до тогаш ги избавувал од секоја неволја. Кога во случај на потреба би му се обратиле нему, Тој би им дал доказ за својата љубов и грижа. Тој ветил дека нема да пушти ниту една болест на нив ако ги држат неговите заповеди. Претпоставката дека тие или нивните деца ќе умираат од глад била само резултат на нивното грешно неверување...

Тие ги виделе и ги чувствувале само своите моментни незгоди и тешкотии и наместо да велат: ‘Бог направи големо дело за нас и од немоќни робови создаде голема нација’, зборувале само за тешкотиите на патувањето и се прашувале со недоумица кога најпосле ќе заврши нивното тешко лутање”. – Патријарси и пророци, 292,293.


Понеделник 24. февруари

2. УКОРУВАЊЕ НА ОНИЕ КОИ МРМОРАТ

а. Што им обезбедил Господ и како Тој го тестирал народот во снабдувањето со нивните секојдневни потреби? Излез 16:4,5.

б. Кој бил одговорот на Мојсеј и Арон на неразумното мрморење на народот? Излез 16:6-10.

„Мојсеј го уверувал народот дека неговите потреби ќе бидат задоволени: ,Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; оти го чу Господ вашиот вик, што го дигнавте против него’. Потоа додал: ‘Кои сме ние? Вашиот повик не е против нас, туку против Бога’. Потоа му наредил на Арона да им каже: ‘Пристапете пред Господа зашто го слушна вашиот вик’. И додека Арон им зборувал: ‘Тие погледнаа во пустината, а тоа славата Господова се појави во облак’. Божјото присуство претставувало сјај каков што до тогаш никогаш не виделе. Со помош на појавата која дејствувала врз нивните сетила, тие требало да стекнат претстава за Бога. Морале да бидат поучени дека нивниот водач не е само еден човек каков што е Мојсеј, туку Семожниот, за да се бојат од неговото име и да го слушаат неговиот глас”. – Патријарси и пророци 294.

в. Кое ветување ни е дадено во врска со нашите секојдневни потреби во исхраната? Филипјаните 4:19; Псалм 37:25. Како можеме во овој поглед да бидеме слични на децата на Израел кои мрмореле?

„Иако сите моментни потреби им се задоволени, сепак не се подготвени грижата за иднината да му ја препуштат на Бога, туку постојано се згрижени да не осиромашат и децата да не им бидат оставени да страдаат. Некои секогаш предвидуваат само зло, зголемувајќи ги претстојните тешкотии така што и не ги гледаат сите оние благослови за кои би требало да бидат благодарни. И наместо тешкотиите што наидуваат во животот да ги наведат за помош да му се обратат на Бога, на единствениот Извор на сила, тие уште повеќе ги оддалечуваат од него, зашто кај нив предизвикуваат незадоволство и нерасположение...

Не треба да бидеме недоверливи кон Бога и окупирани само со овој свет како нашата среќа да се состои само од материјалните богатства. Божја волја не е неговиот народ да биде притиснат со грижи”. – Патријарси и пророци 293,294.


Вторник 25. февруари

3. БОГ СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЈОТ НАРОД

а. Каква храна Бог им дал на Израелците во вечерните часови и наутро, а потоа со неа ги хранел цел месец? Излез 16:11-15. Зошто Бог бил толку специфичен во врска со храната што им ја давал?

„Ако на Израелците им се давала храна на која се навикнале додека биле во Египет, тие би покажале своеволен дух на непокорност, дух каков покажува и светот денес. Во исхраната на денешните луѓе се вклучени многу работи кои Господ не би им ги дозволил на синовите на Израел да ги јадат. Човечкото семејство, какво што е денес, претставува илустрација за тоа какви би станале синовите на Израел ако Господ им дозволил да јадат храна и да ги следат навиките и обичаите на Египќаните”. – Коментари на библиските текстови, 55,56.

„Во Египет нивниот вкус бил изопачен. Бог имал намера преку процесот на обнова нивниот апетит повторно да стане нерасипан и здрав, за да можат со уживање да уживаат во едноставните плодови кои им биле дадени на Адам Ева во Едем. Тој имал намера да ги смести во друг Едем – во добра земја, каде што ќе уживаат во плодовите и житарки што Тој ги обезбедил за нив. Тој имал намера да им ја скрати трескавата храна на која тие живееле во Египет; бидејќи сакал да бидат во совршено здравје и крепост кога ќе влезат во убавата земја во која Тој ги водел, за да можат околните незнабожечки народи да бидат принудени да го слават Богот на Израел, Бог кој направил толку прекрасно дело за својот народ. Ако народот кој го признавал Него како небесен Бог не би бил во совршено здравје и кондиција, Неговото име не би можело да се прослави”. – Коментари на библиските текстови, 55.

б. Опишете ја маната и начинот на кој таа била подготвувана? Излез 16:31; Броеви 11:7,8.

„А изутрината ‘беше паднала роса околу таборот, и ете, кога се крена росата, а тоа по пустината лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата’. Мојсеј рекол: ‘Тоа е лебот што ви го даде Господ да го јадете’. Народот собирал мана и се видело дека собрале токму толку колку што било неопходно да се задоволат потребите на сите. ‘Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачни мелници или ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки’ (Броеви 11:8). А по вкус била ‘како медни слатки’“. – Патријарси и пророци, 295.


Среда 26. февруари

4. СОБИРАЊЕ НА МАНА

а. Какви упатства добил народот за собирање мана? Излез 16:16-26. Како маната ја покажала потребата од почитувањето на саботата пред давањето на законот на Синај?

„Во текот на своето долго патување низ пустината Израелците секоја седмица биле очевидци на тројно чудо што требало во нивната душа да ја вреже свеста за значењето и за светоста на саботата. Шестиот ден паѓало двојно количество мана, а седмиот ден воопшто не паѓала. Освен тоа, само оној дел што бил наменет за сабота не се расипувал преку ноќта додека инаку маната оставена за утредента редовно се расипувала.

Околностите во врска со давањето на мана даваат убедливи и непобитни докази дека празнувањето на саботата не било воведено дури кога е даден законот на Синај, како мнозина што тврдат. За задолжителноста на празнувањето на саботата Израелците знаеле уште пред да стигнат на Синај. Светоста на денот за одмор постојано им била предочувана на тој начин што секој петок морале да соберат двојно количество мана за да имаат за сабота, кога таа воопшто не паѓала“. – Патријарси и пророци, 296.

б. Колку долго траеше секојдневното снабдување со мана? Излез 16:35. Зошто Бог го прекинал тоа?

„’Четиринаесеттиот ден тој месец, навечер’, празнувана е Пасха во ерихонското поле. ,И на вториот ден по Пасха почнаа да јадат од пченицата на таа земја бесквасни лебови и печени зрна во истиот ден; и маната престана да паѓа во тој ден, откако почнаа да јадат од житото на таа земја; и веќе немаше мана кај синовите Израелови; во таа година тие јадеа од плодовите на хананската земја’. Долгите години на нивното лутање низ пустината биле приведени кон крај. Најпосле Израел стапнал со своја нога на почвата на ветената земја”. – Патријарси и пророци, 486.

в. Зошто садот со мана бил чуван во ковчегот на заветот? Излез 16:32,33; Евреите 9:4.


Четврток 27. февруари

5. ЈАДЕЊЕТО МАНА ДЕНЕС

а. Која е маната што треба да ја собираме и јадеме денес? Еремија 15:16; Јован 6:63 (втор дел). Колку често треба да го правиме тоа?

„(Божјите) зборови се мана од небото која како духовна храна и дава сила на душата. Библијата е голем стандард за утврдување на јасната разлика помеѓу доброто и злото, помеѓу гревот и светоста. Нејзините животни начела, протегајќи се како златни жици низ нашиот живот, претставуваат наша единствена заштита во напаст и искушенија”. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 422.

„Секој сам мора да дојде кај Христа со својата глад во душата, секој мора да стекне сопствено убедување, да ја чувствува потребата на својата душа и самиот да учи од Христа.

Исполнети со Лебот на животот, повеќе нема да бидеме гладни за земните привлечности, светските возбудувања и земните величества. Нашето верско искуство ќе биде како и храната со која се храниме.

Храната што ја јадеме во еден оброк нема да ја задоволи нашата глад засекогаш. Секојдневно мора да земаме храна. Исто така, секој ден мора да ја јадеме Божјата Реч, за да може да се обновува животот на душата. Кај оние кои постојано се хранат со Речта, се формира Христос, надеж на славата. Занемарувањето на читање и проучување на Библијата доведува до духовно гладување”. – Our High Calling, p. 209.


Петок 28. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. За какви работи се жалеле децата на Израел? Како ова го открива недостатокот на вера?

2. Што јас заборавам кога се фокусирам на тешкотиите и на злото околу мене?

3. Што се случува кога јадам храна и ги следам обичаите на Египет? Зошто треба да водам сметка за своето здравје?

4. Како снабдувањето со мана на Божјиот народ му ја предочило светоста на саботата?

5. Што се случува со мене, додека се хранам со Лебот на животот, преку проучување на Словото? Зошто е важно да го јадам овој Леб секој ден?

 <<    >>