Back to top

Sabbath Bible Lessons

Животот во денот на помирувањето

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 12. октомври 2019

Жртви и свечени празници

„Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе.“ – Јован 1:29.

„Бог го избрал Израел. Тој го повикал за да го сочува меѓу луѓето знаењето за Својот закон и симболите и пророштвата што укажувале на Спасителот. Тој посакувал тие да бидат извор на спасение за светот.“ – Копнежот на вековите, 27.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 537-542. 

Недела 6. октомври

1. ЈАГНЕТО БОЖЈО ВО СИМБОЛИ

а. Во планот кој Бог им го дал на Евреите, што морало да се направи секој ден за очистување од гревот? Излез 29:38-41.

„Секојдневната служба се состоела од утринско и вечерно принесување на жртва паленица, од палење на темјан на златниот кадилен олтар и од посебни жртви за гревовите на поединците...

Секое утро и секоја вечер на олтарот се спалувало по едно едногодишно јагне. Освен тоа, принесувана е и храна што го претставувала секојдневниот дар што му го принесувал народот на Јехова и нивната постојана зависност од Христовата крв на помирување. Бог изрично заповедал дека секоја жртва што му се принесува нему мора да биде здрава и без мана (2. Мојсеева 12:5). Свештениците биле должни да прегледаат секое животно што било доведено за жртва и да вратат секое кај кое ќе најдат некаква фаличност. Само онаа жртва што била ‘без мана’ можела сликовито да ја претставува апсолутната чистота на Оној кој бил очекуван да го принесе својот живот на жртва ‘како простодушно и пречисто Јагне’ (1. Петрово 1:19).“ – Патријарси и пророци, 352,353.

„Големата вистина, олицетворена во жртвата во секое заклано животно чија што врела крв сѐ уште крварела, втисната во секоја церемонија – е вистината дека гревовите можат да се простат само преку Христовата крв.“ – Коментари на библиските текстови, 770.


Понеделник 7. октомври

2. СВЕТО НА ГОСПОДА

а. На кој начин Божјиот седми ден, сабота, се разликува од годишните празници кои го претставуваат Неговиот план за избавување од гревот? Левитска 23:1-3,37,38; Колосјаните 2:16,17; Излез 20:8-11.

б. Кое чудесно искуство Израелците ги разликувало од старите Египќани, бунтовна нација која пркосно го отфрлила Бога? Излез 12:3-13.

„Тоа било она што се барало од децата на Израел, она што морале да го направат од своја страна, да се докажат и да ја покажат својата вера преку дела, во големото избавување кое Бог го подготвил за нив. За да ги избегнат големите Божји казни кои Тој ги подготвил за Египќаните, на нивните куќи морал да се види знакот на крвта. Од нив се барало заедно со своите деца да се издвојат од Египќаните, и да се соберат во своите куќи; зашто ако некој од Израелците би се нашол во домовите на Египќаните, тој би пострадал од рацете на ангелот кој уништува... Кога ангелот уништувач тргнал во ноќта да ги убие првородените луѓе и првородената стока, тој поминал покрај нивните домови, и ниеден Евреин кој имал знак на крв на своите врати не бил убиен.“ – The Spirit of Prophecy 1, 200.

в. На кој начин требало да се сочува споменот на овој настан? Излез 12:14; Левитска 23:5.

„Четиринаесеттиот ден тој месец навечер празнувана е Пасха, чијашто свечена и убедлива церемонија го овековечила споменот на ослободувањето од ропство во Египет и однапред укажувала на жртвата што требало да ги ослободи од робувањето на гревот.“ – Патријарси и пророци,539.

г. Што следувало после Пасха? Излез 12:15-20; Левитска 23:6-8.


Вторник 8. октомври

3. СНАБДУВАЧ НА ЖЕТВА – И НАДЕЖ

а. Која жртва на Господ признавала дека Тој му го обезбедува на народот секој залак на храна? Излез 23:19 (прв дел); Левитска 23:9-14.

„Вториот ден на празникот пред Господа се донесувани првите плодови на жетвата. Во Палестина прво жито бил јачменот кој дозревал токму во првите денови на празникот. Свештениците пред Божјиот олтар би го обрнувале првиот сноп на житото за да се покаже дека сѐ му припаѓа на Бога. Дури кога била завршена таа церемонија, можела да почне жетвата.“ – Патријарси и пророци, 539.

б. Кој спомен се одржувал на педесеттиот ден? Левитска 23:15-22.

„Педесет дена по принесувањето на првите плодови настапувал празникот Педесетница, кој уште се викал и празник на жетвата или празник на седмиците. Во знак на благодарност за храната што се добива од житото, на Господа му се принесувани два леба испечени од тесто приготвено со квасец. Празникот Педесетница траел само еден ден и бил посветен на богослужение.“ – Патријарси и пророци, 540.

в. Кој празник, кој му претходел на свечениот уводен празник на Трубите, им донесувал надеж на луѓето дека нивните гревови повеќе нема да се паметат? Левитска 23:23-32.

„Само еднаш годишно, првосвештеникот можел да влезе во најсветото место, после најтемелна и свечена подготовка. Ниедно смртно око, освен на првосвештеникот, не смеело да ја гледа светата возвишеност на оваа просторија, затоа што била особено живеалиште на Божјата видлива слава. Првосвештеникот секогаш тука влегувал со трепет, додека за тоа време народот го чекал неговото враќање во свечена тишина и искрено се молел на Бога за Неговиот благослов. Бог разговарал со првосвештеникот кај престолот на милоста. Кога во светињата над светињите свештеникот останувал необично долго, народот често бил уплашен плашејќи се дека Божјата слава го убила поради нивните или некој негов грев. Но, кога го слушале звукот на ѕвоното на неговата облека, настапувало големо олеснување. Тогаш тој излегувал и го благословувал народот.“ – The Story of Redemption, 155,156.


Среда 9. октомври

4. ПРАЗНИКОТ СЕНИЦИ

а. Што се случувало во текот на последниот празник во еврејската година, и зошто тоа бил радосен настан? Левитска 23:33-36,39-43.

„Празникот Сеници бил празнуван за да се одбележи времето кога Евреите живееле во шатори за време на нивниот престој во пустината. Додека траел овој голем фестивал, од луѓето се барало да ги напуштат своите домови и да живеат во шатори направени од зелени гранки од бор или мирта. Овие лиснати структури понекогаш биле подигани на врвовите од куќите и на улиците, но почесто надвор од градските ѕидини, во долините и по ридовите. Распрснати во сите насоки, овие зелени шатори претставувале мошне живописна сцена.

Празникот траел една недела, и во текот на целиот тој период храмот бил празнична сцена со голема радост. Тука имаше и раскош на жртвените церемонии; и звукот на музиката, мешајќи се со хосана, го правел ова место радосно. Со правите мугри на денот, свештениците со своите сребрени труби се огласиле со долг, продорен звук; а одговорот и радосните извици на народот од нивните шатори, одекнувајќи преку ридовите и долините, го поздравувале празничниот ден. Тогаш свештеникот од потокот Кедрон зафатил сад со вода и, кревајќи го високо, додека трубите одекнувале, се качувал по широките скалила на храмот, одејќи во ритамот на музиката, со бавни и одмерени чекори пеел: ‘Ете, нозете наши стојат во твоите дворови, Ерусалиме’.

Тој го однел садот до олтарот кој се наоѓал во средиштето во дворот на храмот. Тука се наоѓале две сребрени корита, покрај кои стоеле двајца свештеници. Садот со вода бил истурен во едното корито, додека другото корито било наполнето со вино; содржината на обете корита се слевала во цевка која била поврзана со Кедрон, па потоа понатаму до Мртвото Море. Оваа сцена на осветена вода го претставувала изворот кој течел од карпата за да ги освежува Евреите во пустината. Потоа се слушнале свечени извици: ‘Господ Бог е мојата сила и песна! Затоа со радост ќе црпиме вода од изворот на ова спасение’. Сиот огромен збор се приклучил во триумфален хор со музички инструменти и трубите кои одекнувале со длабоки тонови, додека учените хорски пејачи го воделе свечениот концерт на пофалби.

Веселбата продолжила со исклучителна величественост. Во ноќта храмот и неговиот двор така светеле со вештачка светлина така што целиот град бил осветлен. Музиката, мавтањето со палмови гранки, радосните хосани, огромниот број на луѓе кои ги осветлувала светлината од висечките светилки, блескавата облека на свештениците и величественоста на церемониите, сето тоа заедно ја сочинувале сцената која ќе остане длабоко врежана во умот на сите кои ја посматрале.“ – The Spirit of Prophecy 2, 343-345.


Четврток 10. октомври

5. СИМБОЛ НА СПАСЕНИЕТО

а. Што треба да сфатиме додека размислуваме за празниците во стариот Израел? Римјаните 15:4; Јован 1:29.

„Невозможно е да се набројат предностите кои Господ му ги наменил на светот со тоа што еврејската нација ја направил да биде чувар на Неговата богата ризница на знаење. Тие биле предмет на Неговата посебна наклоност. Како народ кој го познавал и обожавал вистинскиот Бог, требало и на другите да им ги пренесат начелата на Неговото царство. Нив ги поучувал самиот Господ. Тој не ги закинал во ништо што им било од корист во изградба на карактер кој би ги направил достојни претставници на Неговото царство. Преку нивните празници, Пасха, Педесетница и празникот Сеници, заедно со церемониите кои ги пратиле овие собири, требало да се објават вистините кои Бог им ги доверил на својот народ. На овие собири народот требал да покаже радост и веселба, изразувајќи благодарност за нивните привилегии и милостивото постапување на нивниот Господ кон нив. Со тоа тие требало да му покажат на светот кој не знаел за Бога дека Господ не ги напушта оние кои веруваат во Него. Со радосен глас требало да пеат: ‘Зошто тагуваш душо моја, и зошто си вознемирена! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го прославувам Него, мојот Помошник, мојот Бог’ (Псалм 43:5)...

Историјата на децата на Израел е напишана за наше предупредување и поука на кои доаѓа крајот на светот. Оние кои ќе стојат цврсто во верата во овие последни денови, и конечно ќе влезат во Небесниот Ханан, мора да ги слушаат зборовите на предупредување коишто Христос им ги кажал на Израелците. Овие поуки и беа дадени на црквата во пустината за да Божјиот народ ги чува и проучува и во сите идни генерации засекогаш.“ – The Upward Look, 232.


Петок 11. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто било потребно да се принесе јагне на жртва секое утро и вечер?

2. Што ги сочувало децата на Израел во ноќта на Пасха?

3. Која церемонија е воспоставена како би го признала Господарот на жетвата?

4. Зошто Денот на очистувањето бил толку важен?

5. Која била општата цел на празничните денови?

 <<    >>