Back to top

Sabbath Bible Lessons

Животот во денот на помирувањето

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 28. декември 2019

Да се биде запечатен како невин

„А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! Верен е Оној, Кој ве повикува. Тој и ќе го направи тоа. Браќа, молете се за нас!“ – 1. Солунјаните 5:23,24.

„Никој од нас нема да го прими Божјиот печат сѐ додека на својот карактер има барем и една дамка.“ – 5. Сведоштво, 214.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages 2, 367-375; 
  5. Сведоштво, 207-216. 

Недела 22. декември

1. ИСКУСТВО НЕОПХОДНО ЗА СПАСЕНИЕ

а. Што им ветил Христос на сите кои ќе здобијат победа над гревот? Откровение 3:5.

б. На што мора да ги насочиме нашите чувства како би ја задобиле оваа победа? Колосјаните 3:1-3.

„Христос вели за победникот: ‘Неговото име нема сигурно да го избришам од книгата на животот’. Во книгата на животот запишани се имињата на сите оние кои некогаш се предале на Бога, а нивните карактери сега поминуваат на разгледување пред Него. Божјите ангели ги мерат моралните вредности. Тие го следат развојот на карактерот на оние кои сега живеат, за да видат дали нивните имиња можат да бидат зачувани во Книгата на животот. Дарувано ни е време на проба во кое треба да ги измиеме и избелиме во крвта на Јагнето облеките кои го претставуваат карактерот. Кој ја извршува оваа работа? Кој се одвојува од гревот и себичноста? ‘Зашто вие умревте’, им вели апостол Павле на вистинските Христови следбеници ‘и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога’. Кога сме живи за Бога, ние сме мртви за своето ‘јас’. Бог нека ни помогне да умреме за своето ‘јас’. Чии имиња нема да бидат избришани од Книгата на животот? Само имињата на оние кои го сакаат Бога со сета сила на своето битие, а своите ближни како самите себе.“ – Historical Sketches, 138.


Понеделник 23. декември

2. ДЕЛО ЗА ОВА ВРЕМЕ

а. Наведете кое судбоносно дело го извршуваат четирите ангели во денот на очистувањето. Откровение 7:1-4.

„Четири моќни ангели ги задржуваат силите на оваа земја додека не бидат запечатени Божјите слуги на нивните чела. Народите на светот се желни за конфликт; но овие ангели сѐ уште ги држат под контрола. Кога оваа ограничувачка сила ќе се отстрани, ќе дојде време на неволја и маки.“ – Мараната, 257.

„Ни претстои еден ужасен судир. Битката на големиот ден на Бога Седржителот е сѐ поблиску. Сѐ што било држено под контрола, ќе се земе. Ангелот на милоста веќе ги склопува своите крилја и се подготвува да слегне од престолот, препуштајќи го светот под сатанска контрола. Поглаварствата и силниците на оваа земја се наоѓаат во огорчен револт против небесниот Бог. Тие се полни со омраза против оние кои Му служат на Бога, и набргу, многу набргу, ќе дојде до отворен судир помеѓу доброто и злото. Земјата ќе биде поприште и театар на последната борба и на конечната победа.

Кога рацете на овие ангели веќе почнале да попуштаат, а четирите ветра само што не дувнале, Христовото милостиво око внимателно гледало на припадниците на Својот остаток кои сѐ уште не биле запечатени; и Тој ги подигнал Своите раце кон Таткото, повикувајќи се на Својата крв која ја пролеал за нив. Тогаш на друг ангел му било наредено бргу да одлета до овие четворица со налог сѐ уште да ги задржуваат тие пустошни ветрови, сѐ додека Божјите слуги не бидат запечатени со печатот на живиот Бог на челата свои.“ – Мојот живот денес, 308.

б. Што го одредува исходот од претстојниот судир за секој од нас? Римјаните 8:6. Кои се доказите за телесен ум или срце? 1. Коринтјаните 3:3,4.

„Сѐ уште четирите ветра се задржуваат сѐ додека Божјите слуги не бидат запечатени на нивните чела. Тогаш земните сили ќе ги организираат своите сили за последната голема битка. Колку грижливо треба да го користиме ова малку преостанато време на проба!

Умот кој се предал на блудни мисли треба да се промени... Мислите мора да бидат насочени кон Бога. Сега е време да се вложат сериозни напори за да се совладаат природните склоности на телесното срце.“ – Мараната, 243.


Вторник 24. декември

3. СВЕЧЕНА ЗАДАЧА

а. Објаснете на кој начин и ангелот од Откровение 14 е вклучен во делото на запечатување. Што покажува колку е свечена важноста за целосно посветување? Откровение 14:9-12; 1. Солунјаните 5:23,24.

„Тогаш го видов Третиот ангел. Мојот ангел придружник рече: ‘Страшно е неговото дело. Ужасна е неговата мисија. Тој е ангелот кој што ќе ја одвои пченицата од каколот и ќе ја запечати, или ќе ја врзе за небесната житница. Тоа треба да ги обземе сите мисли, целото внимание.’“ – Рани списи, 118.

„Видов дека мнозина не разбираат какви мораат да бидат во времето на неволјите, за да живеат пред Бога, без првосвештеник во светилиштето. Кај оние што ќе го примат печатот на живиот Бог и кои во времето на неволјите ќе бидат заштитени, мора потполно да се огледа Исусовиот лик.

Видов дека мнозина ја занемаруваат толку потребната подготовка очекувајќи дека ‘освежувањето’ или ‘позниот дожд’ ќе ги оспособи да опстанат во Господовиот ден и да живеат во Негово присуство. О, колку ли само сум видела од нив во времето на неволјите без Божја заштита! Тие ја занемаруваат потребната подготовка, па затоа нема да можат да го примат “освежувањето” кое сите мораат да го примат за да можат да живеат во присуството на Светиот Бог. Оние кои одбиваат да бидат ‘кастрени’ од страна на пророците, и не ја чистат својата душа покорувајќи се на целата вистина, и кои се наклонети да веруваат дека нивната состојба е далеку подобра отколку што навистина е, ќе се разбудат дури во времето на седумте зла и ќе увидат дека тоа ‘кастрење’ и обликување било неопходно за нив за да бидат подготвени за Божјата градба. Меѓутоа, повеќе нема да има време за каква и да е промена, повеќе нема да има Посредник да ги застапува пред Бога.“ – Рани списи, 71.

б. Кој конечен благослов Бог особено го излева за да ја подготви жетвата на душите за Неговото царство? Јоил 2:23; Захарија 10:1.

„Гревовите на Израел мора претходно да одат на суд. Секој грев мора да се признае во светињата, и тогаш делото ќе продолжи. Тоа мора да се направи сега...

Кога четирите ангели ќе попуштат, Христос ќе го воспостави своето Царство. Никој нема да го прими позниот дожд, освен оние кои прават сѐ што е во нивна моќ. Христос ќе ни помогне. Сите можат да станат победници преку благодатта Божја, преку крвта на Исуса Христа.“ – Spalding and Magan Collection 2а, 2, 3.


Среда 25. декември

4. УСЛОВИ ЗА ПРИМАЊЕ НА ПОЗНИОТ ДОЖД

а. Што ни е потребно за да го примиме позниот дожд? Исаија 43:25; 44:22.

„Некои имиња ќе бидат избришани од книгата на животот. Кој ќе биде тоа? Секој внимателно нека се испита за да види дали е во вера; да бидеме вредни за да се увериме дека работиме за вечноста. Исус вели дека имињата на победниците ќе ги признае пред Отецот и пред светите ангели.“ – Historical Sketches, 139.

„Оние што ќе го победат светот, телото и ѓаволот, ќе бидат Божји избраници кои ќе го примат печатот на живиот Бог. Оние чии раце не се чисти, чии срца не се чисти, нема да го примат печатот на живиот Бог. Оние што планираат грев и го прават, ќе бидат препуштени на самите себе. Само оние кои денес се каат и ги признаваат своите гревови како на големиот ден на помирување, ќе бидат признаени како достојни за Божја заштита.“ – Testimonies to Ministers, p. 187.

„Ниедно нарочно дело за Бога не може да се направи сѐ додека не се совладаат себичноста и нашето ‘јас’.“ – Historical Sketches, 140.

„Оние што успешно ќе ги поминат сите проверки, и ќе излезат како победници, без оглед на цената, значи дека го послушале советот на Вистинскиот Сведок, па ќе го примат позниот дожд и така ќе бидат подготвени за преобразување.“ – 1. Сведоштво, 187.

„Ние сакаме Божјиот Дух длабоко да делува во нашето срце, за да можеме да обезбедиме бели облеки не само за себе, туку да можеме да влијаеме на другите и нивните имиња да се најдат запишани во Книгата на животот и никогаш да не бидат избришани.“ – Historical Sketches, 140.

б. Што треба да сфатиме за позниот дожд? Осија 6:3; Дела 3:19.

„Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување. Тоа е ‘времето не одморање’ што апостол Петар однапред го најавил велејќи: ‘Покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување, и да Го испрати претскажаниот за вас Исуса Христа’ (Дела 3:19, 20).

Божјите слуги, со лица осветлени од небесното посветување, ќе брзаат од место до место да ја објават пораката на небото. Илјадници гласови, ширум земјата, ќе го објавуваат предупредувањето.“ – Големата борба, 611,612.


Четврток 26. декември

5. КОНЕЧНА ПОБЕДА

а. Кога Исус ќе ја заврши својата служба во светињата, каква охрабрувачка изјава ќе изрече за победниците? Откровение 22:11 (последен дел).

б. Како можеме да го разбереме прекрасното ветување дадено на сите оние кои задобиле победа со крвта на Јагнето? Откровение 22:14; Исаија 26:2-4.

„Мои браќа и сестри, ве повикувам да се подготвите за доаѓањето на Спасителот на небесните облаци. Од ден во ден искоренувајте ја од своето срце љубовта кон светот. Разберете преку искуство што значи да се има заедница со Христа. Подгответе се за судот, за во мир да се сретнете со Христа, кога Тој ќе дојде да се прослави во оние кои веруваат. Тој ден откупените ќе засветлат во славата на Таткото и Синот. Ангелите ќе свират со своите златни харфи поздравувајќи го Царот и трофеите на Неговата победа - оние кои ги испрале и ги избелиле своите облеки во крвта на Јагнето. Ќе се заори песна на победа која ќе ги исполни сето небо. Христос победил. Тој ќе влезе во небесните дворови, пратен од Своите откупени, како живи сведоци дека Неговата мисија на страдања и жртви не била напразно.“ – 9. Сведоштво, 285.


Петок 27. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Со Божја помош, зошто треба да ги победиме недостатоците на карактерот?

2. Зошто Исус им заповедал на четирите моќни ангели да ги задржуваат ветровите?

3. Што погрешно сфаќаат многу луѓе за позниот дожд или освежувањето?

4. Ако нашите гревови се избришани, која благословена задача Бог може да ни ја довери?

5. Што можам да направам денес како би бил сигурен дека сум еден од конечните победници?

 <<    >>