Back to top

Sabbath Bible Lessons

Животот во денот на помирувањето

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 26. октомври 2019

Од вознесување до конечно помирување

„Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време.“ - Проповедник 3:1.

„Христовите чуда се доказ за Неговото божество; но најсилните докази дека Тој е Откупител на светот се наоѓаат во пророштвата на Стариот завет споредени со пророштвата на Новиот завет.“ ¬– The Spirit of Prophecy 3, 211.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 323–332,352. 

Недела 20. октомври

1. ПРВИ ПЛОДОВИ

а. Што симболично е прикажано со снопот од жито со кој е мавтано пред Господа на почетокот на жетвата (Левитска 23:9-11)? Матеј 27:50-53; 1. Коринтјаните 15:17-20.

„Христос воскреснал од мртвите како прв плод на оние кои заспале. Тој бил остварување на старозаветниот симбол за вртениот сноп и Неговото воскресение се случило токму оној ден, кога требало да се принесе тој сноп на Господа. Овој симболичен обред се вршел повеќе од илјада години. Од жетвените ниви биле собирани првите зрели класја и кога народот Доаѓал во Ерусалим на Пасха, мавтал со нив во знак на благодарност пред Господа. Додека овој обред не се извршил, српот не почнувал да жнее и житото да се собира во снопови. Снопот посветен на Бога ја претставувал жетвата. Така, Христос како првина ја претставувал големата духовна жетва, која ќе се собере за Божјото царство. Неговото воскресение е симбол и залог за воскресение на сите мртви праведници.“ ¬– Копнежот на вековите, 785,786.

„Тој, како лелеави снопови му ги претставува на Таткото оние што воскреснале заедно со Него како претставници на она силно мноштво што ќе воскресне од гробот при Неговото второ доаѓање.“ ¬– Копнежот на вековите, 834.


Понеделник 21. октомври

2. ПЕДЕСЕТНИЦА

а. Бидејќи во старозаветното време празникот на жетвата бил славен педесет дена по приносот на вртениот сноп, каква жетва на души е собрана на празникот Педесетница? Дела 2:1,4,7,8,41.

„Еврејските водачи претпоставувале дека со Христовата смрт ќе заврши Неговото дело. Наместо тоа, тие биле очевидци на чудесните сцени на Педесетница. Тие ги слушале апостолите, проникнати со дотогаш непозната сила, проповедајќи го Христа, а нивните зборови биле потврдувани со знаци и чудеса. Во Ерусалим, во тврдината на еврејството, илјадници луѓе отворено покажувале вера во Исуса Назареќанецот како Месија.

Учениците биле изненадени и пресреќни поради обилната жетва во обратувањето на души.“ – Делата на апостолите, 44.

„Каков бил резултатот од излевањето на Духот на денот Педесетница? Радосната вест за воскреснатиот Спасител е однесена до најоддалечените краишта на тогашниот настанет свет. Кога учениците ја објавувале пораката на спасението, срцата ѝ се покорувале на силата на пораката. Заедницата (црквата) ги примала обратените души што ѝ пристапувале од сите страни. Отпадниците се обратиле, а грешниците се соединиле со верниците да го бараат драгоцениот бисер на вистината. Некои, кои биле најогорчени противници на евангелието, станале негови поборници...

Со никакви закани не можеле да бидат спречени ниту заплашени. Господ проговорил преку нив и кога оделе од место до место им го проповедале евангелието на сиромасите, при што ги придружувале силни чуда на божествената милост.

Така силно може Бог да дејствува кога луѓето ќе се стават под контрола на Неговиот Свети Дух.“ – Делата на апостолите, 48,49.

б. Како ова може да нѐ инспирира и нас во денешно време? Дела 5:30-32.

„Ветувањето за дарот – за Светиот Дух – не е ограничено на ниту една епоха, ниту на еден народ. Христос рекол дека божествената сила на Светиот Дух ќе почива врз Неговите следбеници сѐ до крајот. Од денот Педесетница, па сѐ до денеска, Утешителот им е упатуван на сите кои целосно му се посветиле на Господа и на Неговата служба. Светиот Дух доаѓал како советник, просветител, водач и сведок на сите што го примиле Христа како личен Спасител. Живеејќи во подлабока тесна врска со Бога, верниците сѐ појасно и посилно сведочеле за љубовта и за спасоносната милост на својот Откупител.“ – Делата на апостолите, 49.


Вторник 22. октомври

3. ОГЛАСУВАЊЕ НА ТРУБИТЕ

а. Во еврејскиот празничен систем трубите го обележувале свечениот ден на конечното чистење. Каква паралела со ова можеме да пронајдеме во учењето на Вилијам Милер? Левитска 23:23-25; Матеј 24:32,33.

„(Бог) ги испратил Своите избрани гласници да го објават на светот приближувањето на последниот суд.“ ¬– Големата борба, 339.

„Речиси во секој град по неговите проповеди се обраќале по дваесетина, а во некои места и по стотици од нив. Во многу места ширум му ги отворале вратите речиси во сите протестански цркви; поканите обично му ги упатувале проповедници од разни верски заедници. Негово установено правило било да не зборува ниту во едно место каде што не е повикан; меѓутоа, наскоро не бил во состојба да одговори ниту на половина од поканите кои му биле упатувани од сите страни. Многумина што не го прифатиле неговото мислење во врска со точното време на второто Христово доаѓање, сепак биле осведочени во сигурноста и близината на Неговото доаѓање, и во неопходноста од подготовката за тој настан. Во некои од големите градови неговото дело оставило видлив впечаток. Продавачите на алкохолните пијалаци ја напуштале својата работа и своите продавници ги претворале во сали за состаноци, коцкарските дувла исчезнувале, безверниците, деистите, универзалистите, па дури и најнапуштените развратници што со години не присуствувале на никакво богослужение, се поправале. Во сите делови на градот различни цркви вовеле молитвени состаноци речиси во секое време на денот, така што деловните луѓе напладне се собирале на молитва и Му оддавале благодарност на Бога. Тоа не било некое неприродно возбудување, туку израз на сеопштите чувства на свеченост разбудени во срцата на луѓето. Во својата работа Милер, како и поранешните реформатори, повеќе настојувал да ја разбуди совеста и да го осведочи разумот, отколку да предизвика емоции.

Во 1833 година Милер од баптистичката црква, на чиешто членство и припаѓал, добил дозвола да проповеда. Мнозина од проповедниците на неговата црква биле осведочени дека тоа што тој го работи е добро, и со нивното формално одобрување тој го продолжил своето дело.“ ¬– Големата борба, 331,332.

„Учењето за Христовото доаѓање ги разбудило оние што го прифатиле, и тие ја увиделе неопходноста од покајание и понизноста пред Бога. Многумина долго се колебале помеѓу Христа и светот, но сега почувствувале дека е време да заземат решителен став. ‘Она што е вечно и непоминливо во нивните очи добило невообичаена реалност. Небото им се приближило, а тие се чувствувале виновни пред Бога’ - Блис, стр. 146. Христијаните се разбудиле во нов духовен живот. Тие чувствувале дека времето е кратко и дека она што мора да го направат за своите ближни мораат да го направат брзо. Земјата и сѐ што е на неа за нив изгубило секакво значење, а вечноста како веќе да беше отворена пред нив и спасението на душите со сето она што се однесува на вечното блаженство или вечната смрт, го потиснало сето она што е поминливо и овоземно.“ ¬– Големата борба, 340.


Среда 23. октомври

4. ВРЕМЕ И ПОРАКА

а. Како знаеме дека Бог сигурно работи според посебен временски план? Проповедник 3:1; Марко 1:14,15.

„Евангелската порака што ја објавил Спасителот се засновала на пророштвата. ‘Времето’ за кое Тој рекол дека се исполнило, бил периодот што ангелот Гаврил му го објавил на Даниел.“ ¬– Копнежот на вековите, 232.

б. Која историја го потврдува пророчкото истражување на Вилијам Милер? Даниел 9;24-27.

„Ангелот Гаврил му го открил на Даниел времето на првото доаѓање како и некои од главните случувања врзани со животното дело на Спасителот. ‘Седумдесет седмици,’ рекол ангелот, ‘му се одредени на твојот народ и на твојот свет град за да се сврши престапот и да исчезне гревот и да се исчисти беззаконието и да сѐ доведе вечна праведност, и да се запечати видението и да се помаза светиот над светиите’. (Даниел 9:24). Во пророштвото еден ден претставува една година. (Види Броеви 14:34). Седумдесет седмици или четиристотини и деведесет дена значи четиристотини и деведесет години. Даден е и почетокот на овој период: ‘Затоа знај и разбери: откако излезе заповедта Ерусалим повторно да се изгради до помазаникот и водачот ќе има седум седмици, и шеесет и две седмици’ шеесет и девет седмици или четиристотини осумдесет и три години. Наредбата Ерусалим ‘повторно да се изгради’ ја исполнил Артарксеркс Лонгиманус (види Ездра 6:14; 7:1,9) и таа стапила на сила во есента 457 година пред Христа. Сметајќи од таа дата, 483 година достигнува до есента 27 година по Христовото раѓање. Според пророштвото тој период требал да достигне до Месијата, Помазаникот. Исус во 27-та година со крштевањето го примил помазувањето на Светиот Дух и наскоро после тоа ја започнал својата служба. Тогаш била упатена веста: ‘Времето се исполни’. (Марко 1:15).

Ангелот потоа рекол: ‘И ќе го утврди заветот со мнозина за една седмица (седум години)’. Евангелието требало да им се проповеда посебно на Евреите во текот на седум години од почетокот на службата на Спасителот; Самиот Христос требал да проповеда три и пол години, а после Него апостолите. ‘А во половината од седмицата ќе ги укине жртвата и приносот’. (Данило 9:27). Во пролетта 31-та година по Христа, Христос, вистинската жртва, била принесена на Голгота...

Една седмица седум години завршила во 34-тата година. Тогаш Евреите го каменувале Стефан и засекогаш ја запечатиле својата судбина со отфрлање на Евангелието “ ¬– Пророци и цареви, 698,699.


Четврток 24. октомври

5. СИГУРЕН ПРОРОЧКИ ТЕМЕЛ

а. Иако Вилијам Милер не ги разбирал во целост сите фази на Христовата посредничка служба, која тема била основа на неговиот повик на покајание? Даниел 8:14. Кој повик ни е упатен нам денес? 1. Петрово 1:15,16.

„Откако седумдесетте седмици - 490 дена - ќе се одземат од 2300 денови, остануваат уште 1810 дена. По истекот на 490. дена, односно години, дадени на Евреите треба да се навршат уште 1810 години. Сметајќи од 34 години по Христа, преостанатите 1810 години достигаат до 1844 - та година. Според тоа 2300 денови од книгата на пророкот Даниел 8:14 се завршуваат во 1844 година. По истекувањето на големиот временски период, требало да настапи она што го рекол ангелот во споменатото видение: ‘тогаш светињата ќе се исчисти’.“ ¬– Големата борба, 328.

„Милер, како што веќе беше споменато, го прифатил тогаш распространетото мислење дека Земјата е светиња и веруваше дека чистењето на светињата значи чистење на Земјата со оган за време на Христовото доаѓање. Затоа кога пронашол дека крајот на 2300 денови е точно проречен, заклучил дека на тој начин е откриено времето на второто Христово доаѓање. Неговата заблуда потекнува оттаму што го прифатил општо - распространетото мислење за тоа што е светиња.“ ¬– Големата борба, 352.

„Големиот ден се приближил и народот по Божјото Провидение бил ставен на проба во поглед на одреденото време, за да се открие што му било во срцето на секој од нив. Целта на објавувањето на оваа порака била црквата да се испита и исчисти. Нејзините припадници морале да бидат наведени самите да увидат дали нивните чувства се врзани за овој свет или за Христа и небото. Тврделе дека Го љубат Господа, а сега требало таа своја љубов и да ја докажат.“ ¬– Големата борба, 353.


Петок 25. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како симболично е прикажано Христовото воскресение и на оние кои станале со Него?

2. Кој евангелски настан ја открива највредната жетва која можеме да ја пожнееме?

3. Која била карактеристиката на состаноците на Вилијам Милер?

4. Зошто за нас е пресудно да ги разбереме библиските пророштва засновани на времето?

5. До кое откритие дошол Вилијам Милер во своите истражувања, и на кој начин тоа претставувало тест за ставот на црквата?

 <<    >>