Back to top

Sabbath Bible Lessons

Животот во денот на помирувањето

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 14. декември 2019

Духовна виталност

„Како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот.“ – Римјаните 6:4 (последен дел).

„Ние не можеме да се измениме себеси, но силата да бираме е во наши раце, и до нас стои да решиме што ќе бидеме.“ – Христовите очигледни поуки, 56.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патот кон Христа, 73–95. 

Недела 8. декември

1. СИМБОЛ НА БОЖЈИОТ КАРАКТЕР

а. Што му рекол Бог на Мојсеј да стави во ковчегот на заветот, пред садот со мана и Ароновата палка? Второзаконие 10:1-5.

б. Од каде доаѓа законот, и која е неговата цел? Исаија 51:4.

„Зборовите напишани со прст Божји на камени плочи толку совршено ја откриваат Неговата волја во врска со Неговиот народ така што никој не мора да погреши.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 225.

„Живиот Бог во својот свет закон го дал преписот на својот карактер. Најголемиот Учител кој некогаш го запознал светот е Исус Христос. А кој е стандардот кој сите кои веруваат во Него треба да го достигнат? ‘Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен’ (Матеј 5:48). Бидејќи Бог е совршен во својата висока сфера на дејствување, така и човекот може да биде совршен во својата човечка сфера. Идеалот на христијанскиот карактер е сличност со Христа. Тука пред нас се отвора пат на континуирано напредување. Имаме цел која треба да ја постигнеме, здобивање на сѐ она што подразбира добро и чисто, благородно и возвишено. Треба да постои постојан стремеж и постојан напредок ,што подалеку и што повисоко, кон совршенство на карактерот.“ – In Heavenly Places, 141.


Понеделник 9. декември

2. ДА ГО ПРИКАЖЕМЕ НЕГОВИОТ КАРАКТЕР

а. Освен на камените плочи и на небото (Евреите 9:3,4; 8:1,2), каде уште треба да бидат напишани Божјите заповеди? Кој треба да ги напише? Евреите 8:10; 2. Коринтјаните 3:3.

б. Какво ќе биде искуството на оние кои ќе го имаат Божјиот закон напишан во срцето? Псалм 37:31; 40:8. Како ќе биде променет нивниот говор?

„Во својата милост Бог настојува безбожниците да ги доведе до покајание. Послушните ќе уживаат во Божјиот закон. Тој ги става своите закони во нивните умови и ги запишува во нивните срца. Нивниот говор ќе биде сличен на говорот на Спасителот кој живее во нив. Тие имаат вера која работи со љубов и ја чисти душата од сите нечистотии и сугестии на сатаната. Нивното срце копнее по Бога. Во своето обраќање тие сакаат да се задржуваат на Неговата милост и добрина, зашто Тој за нив е целосно убав. Тие го учат јазикот на небото, место кое го избрале.“ – The Upward Look, 297.

в. Што значи да се живее под Божја милост? Римјаните 6:4,10-18; 8:1.

„Оние што ќе го прифатат (Христа) како свој личен Спасител ќе растат во милоста, и во Неговата сила ќе бидат оспособени да го почитуваат Божјиот закон.“ – The Signs of the Times, February 11, 1897.

„Секоја вистинска послушност Доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако Му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со Своите, а нашето срце и ум ќе ги усклади со Својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и нашата најголема радост се состои во тоа да Му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да Го познаваме, нашиот живот станува живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен.“ – Копнежот на вековите, 668.

„Бог е тој кој ни дава сила да победиме. Оние што го слушаат Неговиот глас и ги почитуваат Неговите заповеди, имаат можност да формираат праведен карактер.“ – Коментари на библиските стихови, 839,840.


Вторник 10. декември

3. ПЛОДОВИ НА НАШАТА ПОВРЗАНОСТ

а. На кој начин ние примаме божествена сила од Христа? Јован 15:1-4.

„Сите оние кои ќе застанат на Господовата страна, ќе бидат како гранки на вистинската Лоза, ќе примаат храна и ќе бидат поттикнати од Лозата да донесат род. Тие ќе соработуваат со Бога според нивните способности, развивајќи ја својата побожност одејќи во нов живот, што претставува секојдневно покајание пред Бога и вера во нивниот Господ Исус Христос.“ – The Review and Herald, February 23, 1897.

б. Какво искуство ќе стекнеме додека го посматраме Исуса во небесната светиња? Како тоа ги вклучува и односите во црквата? Ефесјаните 2:4-6,10; Евреите 10:23-25.

„Во животот кој е посветен на службата за Христа, врската со Црквата е еден од првите чекори. Предаденоста на Христа бара верно исполнување на должностите во Црквата.“ – Воспитување, 268,269.

„И покрај нашите различни типови на карактер, ние сме станале дел од црквата преку исповедање на нашата вера. Христос е глава на црквата; и ако оние чии имиња се наоѓаат запишани во црковните книги не му припаѓаат на Исуса, невидливата Глава, тие се како бесплодни гранки на лозата и ќе бидат отстранети. Ако некој е навистина плодна гранка, тој ќе го покаже тоа со донесување на родови, со давање на докази за својата целосна верност на Христа. Тој ќе има духовна врска со Бога. Верата и љубовта претставуваат злато на карактерот и тие секогаш ќе работат на страната на Господ, за обединување и слога на членовите на Христовото тело.

Името, позицијата или богатството нема да имаат никакво влијание врз Божјите мерила. Во црквата се зачленети мажи и жени кои не и служат на чест. Но, колку и да се сиромашни, без оглед на чинот, племето или националноста, сите треба срдечно да бидат примани на нивното исповедање на верата, ако има докази дека Божјата милост, која донесува спасение, делувала на срцето...

Оваа вера во Христа се демонстрира со дела; таа доведува до трансформација на карактерот со помош на успешното делување на Божјиот Свет Дух... Покајанието на душата ќе го обележи искуството на секој кој ја примил Христовата благодат.“ – The Review and Herald, February 23, 1897.


Среда 11. декември

4. ДОВЕДЕНИ ВО РЕД

а. Објасни која е Христовата намера за Неговата црква. Ефесјаните 5:1,2,27; Тит 2:13,14.

„Никој од нас нема да го прими Божјиот печат сѐ додека на својот карактер има барем и една дамка. Ние треба да ги исправиме недостатоците на нашиот карактер, да го очистиме храмот на нашата душа од секоја нечистотија.“ – 5. Сведоштво, 214.

б. Што ги обединува членовите на црквата? 1. Петрово 4:8-11; 1. Јованово 1:7.

„Христос повикува на единство. Но, Тој не повикува да се обединиме на темелот на погрешните навики. Небесниот Бог повлекува јасна црта на разграничување помеѓу чистата, облагородувачка вистина и лажните, погрешни науки. Тој го нарекува гревот и непокајанието со нивните вистински имиња.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 175.

в. Опишете некои од начините на кои Бог нѐ чисти. Изреки 27:17; Исаија 58:6-10.

„Додека на светот му се потребни сочувство, молитви и помош од страна на Божјиот народ, додека му е потребно да го види Христа во животот на Неговите следбеници на Божјиот народ му се исто така потребни прилики кои ги предизвикува нивното сочувство, им даваат делотоворност на нивните молитви и во нив изградуваат карактер сличен на божествениот пример.

За да ни се пружат тие прилики, Бог меѓу нас поставил сиромашни, несреќни, болни и страдалници. Тие се Христов аманет на Неговата црква и за нив треба да водиме грижа така како што Тој би правел. На тој начин Бог го отстранува плевелот и го прочистува златото...

Ставајќи нè меѓу сиромашните и напатените, Господ нè искушува за да ни открие што се наоѓа во нашите срца.“ – 6. Сведоштво, 261.

„Добрите дела чинат жртви, но токму со тие жртви се стекнува дисциплина. Тие обврски нè доведуваат во судир со природните чувства и склоности и ако ги исполнуваме, ние добиваме победа зад победа над непожелните црти на нашиот карактер.“ – 6. Сведоштво, 262,263.


Четврток 12. декември

5. ТЕСТ НА НАШАТА ПОБОЖНОСТ

а. Што покажува дали навистина го сакаме Бога? 1. Јованово 3:14,15,18; 4:20,21.

„Светиот Дух ја всадува Христовата природа во човечката душа со што таа се посветува. Евангелската Христова религија е живот живо, активно начело. Таа ја претставува Христовата милост откриена во карактерот и покажана со добри дела.

Љубовта е темел на побожноста. Независно од тоа што зборува, никој нема чиста и вистинска љубов кон Бога ако не покажува несебична љубов кон својот брат. Меѓутоа, љубов не се стекнува само со обид да ги љубиме другите. Неопходно е Христовата љубов да се всели во нашето срце. Кога нашето ‘јас’ наполно ќе се загуби во Христа, љубовта ќе се појави спонтано, без ние да бидеме свесни за тоа. Тогаш, кога во нашето срце постојано ќе се јавува желба да им помогнеме на ближните, и кога на нашето лице ќе се покаже небесната светлина што ја исполнува нашата душа, ние постигнуваме совршенство на христијанскиот карактер.

Не е можно срцето во кое живее Христос да биде скудно со љубов. Ако го љубиме Бога затоа што Тој прв нѐ љубел нас, ние ќе ги љубиме и сите за кои Христос умрел.“ – Христовите очигледни поуки, 384.

„Здрав христијанин е оној во кого се обликувал Христос, надеж на славата. Тој ја сака вистината, чистотата и светоста и ќе покажува духовна виталност, љубејќи ја Божјата Реч, со цел да го прими секој зрак на светлината што Бог им ја пратил, која го открива Христа и Го прави поскапоцен за душата. Оној кој има здрава вера знае дека Христос е живот на душата, дека Тој во него е сличен на изворот на вода која тече кон вечен живот, и се радува што може да ја сообрази секоја моќ на душата во послушност на својот Господ.“ – The Review and Herald, December 11, 1894.


Петок 13. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто десетте заповеди требало да се чуваат во ковчегот?

2. Опиши ја послушноста која Бог копнее да ја види во нас?

3. На кои сѐ начини покажуваме дека сме Христови ученици?

4. Зошто за нас е важно да бидеме чисти, и поединечно и како група?

5. Како можам да развијам подлабока љубов кон Христа и ближните?

 <<    >>