Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 4. март 2023

Ако ги исповедаме

„Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1 Јованово 1:9).

„Признајте му ги своите гревови на Бога, кој единствено може да ви прости, а своите грешки еден на друг“. – Патот кон Христа, 37.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патот кон Христа, 23-35, 37-41; 
  5 Сведоштво, 635-650. 

Недела 26. февруари

1. ИСТИОТ МЕТОД И ВО НОВИОТ И ВО СТАРИОТ ЗАВЕТ

а. Бидејќи Бог не се менува (Малахија 3:6; Евреите 13:8), што треба да разбереме за Неговата желба во врска со спасението на секоја душа што ја создал? Псалм 78:38; Езекиел 18:32; 2 Петрово 3:9.

„(Бог) не сака никој да загине, туку сите да дојдат до покајание... Мечот на правдата падна врз (Христос) за ние да се ослободиме. Тој умре за ние да живееме“. – God’s Amazing Grace, p. 326.

б. Цитиран при посветувањето на храмот изграден од Соломон, кој голем старозаветен пасус ја објавува Божјата подготвеност да прости? 2 Летописи 7:12-14. Како одекнува ова и во Новиот завет? 1 Јованово 1:9; 2:1.

„Гревот од приватен карактер треба да му се исповеда на Христос, единствениот посредник меѓу Бога и човекот... Секој грев е навреда против Бога и треба да Му се исповеда преку Христа. Секој отворен грев треба исто така јавно да се признае. Неправдата што му е направена на ближниот треба да се исправи со оној што бил навреден. Ако некој што бара здравје е виновен за клевета, ако посеал раздор во домот, соседството или црквата, предизвикувајќи отуѓеност и раздор, ако со некоја лоша постапка ги навел другите на грев, тогаш овие работи треба да се исповедаат пред Бога и пред оние што биле навредени“. – Gospel Workers, pp. 216, 217.


Понеделник 27. февруари

2. ПРВИОТ ЧЕКОР ВО ДОБИВАЊЕТО ПРОШКА

а. Бидејќи делото на Светиот Дух е да го осведочи срцето (Јован 16:8), кој треба да биде нашиот прв одговор? Псалм 86:5.

„Умот и срцето се осведочуваат. Грешникот станува свесен за Божјата праведност, и чувствува ужас да се појави под товарот на својата вина и расипаност, пред Оној кој ги испитува срцата. Тој ја гледа Божјата љубов, убавината на светоста, радоста на чистотата; копнее да биде исчистен и достоен за врска со Небото“. – Патот кон Христа, 24.

„Тоа покајание, како последица на влијанието на божествената милост врз срцето води кон признавање и отфрлање на гревот. Такви плодови, рекол апостолот, се родиле во животот на коринтските верници“. – Делата на апостолите, 324.

б. Што се случило на денот на Педесетница, кога осведочувањето за гревот ја разбудило свеста кај луѓето? Дела 2:36,37.

„Со исповедање и напуштање на гревот, со искрена молитва и со посветување на Бога, првите ученици се подготвиле за излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница. Истата работа, само во поголем обем, мора да се направи сега“. – Testimonies to Minis¬ters, p. 507.

в. Како можеме да го опишеме резултатот од осведочувањето што доведува до промена во животот? Дела 2:38.

„Пред да најдат вистински мир, (Израелците) морале да го увидат и да го признаат гревот што го сториле“. – Патријарси и пророци, 614.

„Вистинското признание секогаш е со одреден вид и секогаш се однесува на секој грев посебно. Тие можат да бидат такви, што треба да се изнесат само пред Бога; а можат да бидат неправда која треба да се признае на поединците кои страдале заради неа; или можат да бидат општи, а таквите треба да се изнесат пред црквата. Меѓутоа, ваквото признание треба да биде одредено и да се исповедат токму оние гревови што се направени“. – 5 Сведоштво, 639.


Вторник 28. февруари

3. ПРИМЕР ЗА ЛАЖНО ПОКАЈАНИЕ

а. Дали Јуда се покајал што го издал Христа кај првосвештениците (Матеј 26:14-16,47-49)? Зошто да или зошто не? Матеј 27:3,4.

„Тогаш Јуда се фрлил пред Исусовите нозе, признавајќи Го за Божји Син и преколнувајќи Го да се ослободи. Спасителот не го укорил Својот предавник. Тој знаел дека Јуда не се кае; само ужасното чувство на осуда и очекувањето на судот изнудиле вакво признание од неговата душа, но всушност тој не чувствувал никаква душевна болка, која го кине срцето, што Го предал безгрешниот Божји Син и што се одрекол од Израелевиот светец. Сепак, Исус не изговорил ниту еден збор на осуда. Гледајќи со сожалување кон Јуда, Тој рекол: ‘Заради овој час Јас дојдов на светот’“. – Копнежот на вековите, 722.

„Кога гревот ќе ја умртви моралната чувствителност, оној што прави зло не ги гледа недостатоците на својот карактер и не го разбира ужасот на злото кое го сторил; и ако не се потчини на силата на Светиот Дух, тој ќе остане делумно слеп за својот грев. Неговите признанија не се искрени ниту сериозни. На секое признание на својата вина тој додава оправдување како изговор за своето однесување, велејќи дека никогаш не би го сторил она за што е укорен ако на тоа не го поттикнале одредени околности“. – Патот кон Христа, 40.

„Со вера и со молитва сите можат да ги исполнат барањата на Библијата. Никој не може да биде присилен на престап. Прво мора да биде придобиена неговата согласност; душата копнее кон грешната постапка пред страста да завладее со разумот и пред беззаконието да ја победи совеста. Искушението, колку и да е силно, никогаш не е оправдување за гревот“. – 5 Сведоштво, 177.

б. Објаснете дали ова е вид на покајание што води до вечен живот или не. Матеј 27:5; 2 Коринтјаните 7:8-11.

„Многумина се залажуваат и се впуштаат во планови со кои Господ нема никаква врска. Но, единствениот безбеден пат што треба да се следи е послушноста на Господовото слово. Наместо да го прават ова, многумина предлагаат да прават извонредни работи. Полесно им е да планираат некоја голема работа за иднината, отколку да се одречат од своето ‘јас’, да му го предадат на Бога своето срце, ум и волја и да дозволат да бидат обликувани од таа сила која може да создава и уништува. Нека младите критички ги испитаат своите мотиви преку молитва и проучување на Светото писмо, и нека видат дали нивната волја и склоности се во согласност со Божјите барања или не“. – The Youth’s Instructor, March 23, 1893.


Среда 1. март

4. ПРИМЕР ЗА ВИСТИНСКО ПОКАЈАНИЕ (ПСАЛМ 51)

а. Што се случува кога не ги исповедаме нашите гревови на Бога, туку молчиме за нив? Псалм 32:3,4.

б. Откако пророкот Натан бил директен кога го разоткрил гревот на Давид (2 Самоилова 12:1-12), како реагирал тогаш царот? 2 Самоилова 12:13.

„Укорот на пророкот го допрел срцето на Давида и ја разбудил неговата совест; Давид го согледал својот грев во сета негова големина. Душата му се наведнала во покајание пред Бога“. – Патријарси и пророци, 722.

„Давидовото каење било искрено и длабоко; тој не се обидувал да го скрие својот престап. Во неговата молитва не се чувствува стремеж да ја одбегне осудата што му се заканувала. Напротив, тој ја сфатил тежината на својата непослушност кон Бога, увидувал дека душата му е извалкана и се гнасел над својот грев. Се молел не само за проштавање, туку и за чистота на срцето. Давид во својот очај не отстапил од борбата. Божјото ветување, наменето за грешниците што се каат, му служело како доказ дека и нему ќе му биде простено“. – Патријарси и пророци, 725.

в. Како се случило тоа и во срцето на Симон од Витанија? Лука 7:40-48. Кој е единствениот начин да се постигне мир и помирување? Псалм 32:5; Еремија 3:13; 1 Јованово 1:9.

„Како што постапил Натан со Давид, така Христос ја дал Својата силна поука во облик на парабола. Тој го префрлил врз Својот домаќин товарот на изговарање пресуда врз себеси. Симон ја навел на грев жената која сега ја презирал. Тој и сторил длабока неправда. Двајцата должници во параболата ги претставувале Симон и жената. Исус немал намера да каже дека обврските на двајцата споменати должници биле различни според степенот, бидејќи секој од нив должел благодарност која никогаш не може да се врати. Меѓутоа Симон сметал дека е поправеден од Марија, а Исус сакал тој да увиди колкава е всушност голема неговата вина. Тој сакал да му покаже колку неговиот грев е поголем од нејзиниот, како што долгот од петстотини денарии е поголем од долгот од педесет денарии...

Симон почнал да се гледа себеси во нова светлина... Тој се засрамил и сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној, Кој е неспоредливо повозвишен од него... Симон бил трогнат од Исусовата љубезност, бидејќи не го укорил јавно пред гостите... трпеливиот совет го навел да ја увиди својата грешка. Видел колку многу му должи на својот Господ. Неговата горделивост била понижена, тој се покајал и горделивиот фарисеј станал понизен, самопожртвуван ученик“. – Копнежот на вековите, 566-568.


Четврток 2. март

5. ДАРОТ НА ПРОСТУВАЊЕТО

а. Ако длабоко сме паднале во престапот, како можеме да бидеме доведени до длабоко, вистинско покајание за нашите гревови? Дела 5:30,31; Исаија 55:6,7; Евреите 4:16.

„Покајанието, како што е ова, ги надминува нашите сили и ние не можеме да го постигнеме, туку можеме да го добиеме само од Христа, кој се издигнал во височините и им дал дарови на луѓето“. – Патот кон Христа, 25.

„Кога ќе ја увидите својата грешност, не чекајте да се поправите. Колку има такви кои мислат дека не се доволно добри да дојдат кај Христа! Очекувате ли да се поправите со свои сопствени напори? ‘Може ли Етиопјанецот да ја промени својата кожа или рисот шарките? Можете ли вие да правите добро кога сте научиле да правите зло?’ (Еремија 13:23). Нам може да ни помогне само Бог. Ние не треба да чекаме поцврсто осведочување, подобри прилики, посвет карактер. Ние сами не можеме ништо да сториме. Мораме да дојдеме кај Христа токму онакви какви што сме“. – Патот кон Христа, 31.

б. Колку темелно можеме да очекуваме дека ова Божјо дело ќе биде направено за нас и во нас? Евреите 12:12; Филипјаните 1:6.

„Покајанието, како и простувањето е дар од Бога даден преку Христа. Преку влијанието на Светиот Дух ние сме осудени за грев и ја чувствуваме нашата потреба за простување. Само на покајниците им се простува; но Божјата благодат е таа што го тера срцето да се кае. Тој добро ги познава сите наши слабости и немоќи и Тој ќе ни помогне во тоа“. – Selected Messages, bk. 1, p. 353.

в. Каков ќе биде резултатот од ваквото вистинско покајание? Римјаните 8:1.


Петок 3. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што можеме лично да научиме од молитвата на Соломон при посветувањето на храмот?

2. Кои чекори треба сериозно да ги преземеме ако сакаме да учествуваме во завршувањето на Божјото дело во силата на доцниот дожд?

3. Зошто постои таква потреба да ги исповедаме нашите гревови пред Бога? Колку сме навистина одговорни кога грешиме?

4. Колку треба да бидеме внимателни кога укажеме на нечија вина?

5. Како е можно грешникот да се покае?

 <<    >>