Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 25. февруари 2023

Прикован на Неговиот крст

„Извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот“ (Колосјаните 2:14).

„Законот на десетте заповеди е сè уште на сила и ќе остане во текот на целата вечност. Потребата за принесување на жртви и приноси престанала кога симболите се сретнале со реалноста во Христовата смрт. Во Него сенката ја достигнала суштината. Јагнето Божјо претставуваше целосна и совршена жртва“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1116.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 1, pp. 229–235. 

Недела 19. февруари

1. ДРУГ ЗАКОН

а. Како Библијата го опишува законот кој бил против нас и бил прикован на крстот? Колосјаните 2:14; Ефесјаните 2:15. Бидејќи начелата на десетте заповеди постоеле во совршенството на Едем, како знаеме дека овој опис не може да се однесува на тој закон? Создавање 1:31.

б. Што точно е содржано во овој закон на уредби? Колосјаните 2:16,21. Дали овие саботи и други закони се поврзани со првобитниот морален закон даден при создавањето или се сенка на некој настан што требало да се случи во иднина откако биле донесени тие уредби? Колосјаните 2:17.

„Благословувајќи го седмиот ден, Бог уште во Едем поставил спомен на своето дело на создавањето. Саботата му била предадена на Адама, на таткото и претставникот на целото човечко семејство. Со празнувањето на саботата, сите жители на земјата би требало да покажат благодарност кон Бога и да признаат дека Тој е нивни законит владетел, а тие дело на неговите раце и негови приврзаници. Оваа установа, како посебен празник на сеќавање и спомен, му е дадена на целото човештво. Во неа нема ништо што би претставувало сенка, ниту пак нешто што би се ограничувало само на еден народ“. – Патријарси и пророци, 48.


Понеделник 20. февруари

2. ЗАКОН НА УРЕДБИ (ПРОПИСИ)

а. Дали овие работи, кои биле сенка на некој подоцнежен настан, всушност се нарекуваат закон, и ако е така, каков закон? Евреите 10:1.

„Божјиот народ, кого Тој го нарекува Свое особено богатство, бил привилегиран со двоен систем на закони - морален и церемонијален. Едниот закон посочува назад кон создавањето за да се зачува споменот за живиот Бог, кој го создал светот, чии барања се обврзувачки за сите луѓе во сите векови и кој ќе трае во сите времиња на вечноста. Другиот, кој бил даден поради човековото престапување на моралниот закон, чија послушност се состоела во жртви и приноси кои укажувале на идното откупување. Помеѓу едниот и другиот постои јасна и одредена разлика“. – The SDA Bible Commentary, vol. 6, p. 1094.

б. Иако древните Евреи биле научени да жртвуваат животни, за да ја илустрираат (навестат) жртвата на Божјото Јагне кое требало да дојде, што требало да разберат? Евреите 10:2-4,6.

„Самиот Христос бил основач на еврејскиот систем на богослужба, во кој преку типови и симболи биле претставени духовните и небесните работи. Многумина го заборавиле вистинското значење на овие жртви, а големата вистина дека само преку Христа има простување на гревовите, се изгубила кај нив. Умножувањето на жртвите, крвта на биковите и козите, не можеше да го отстрани гревот“. – The SDA Bible Commentary, vol. 7, p. 933.

в. Што единствено има моќ да нѐ очисти од вината на гревот? 1 Јованово 1:7.

„Секоја жртва содржела поука која била втисната во секој ритуал... само преку Христовата крв се добивало простувањето на гревовите“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 933.

„Смртта на Исус Христос за откупување на човекот ја крева завесата и фрла плима од светлина стотици години наназад врз целиот систем на еврејската религија. Без Христовата смрт, целиот овој систем би бил бесмислен. Евреите го отфрлиле Христа и затоа целиот нивен религиозен систем за нив е недефиниран, необјаснив и нејасен. Тие на церемонијалниот систем од сенки и симболи, кој во Христа го наоѓа своето исполнување, му придавале иста важност како и на законот од десетте заповеди, кој не бил сенка, туку реалност, траен како Јеховиниот престол“. – The SDA Bible Commentary, vol. 6, p. 1097.


Вторник 21. февруари

3. ЦЕРЕМОНИЈАЛЕН СИСТЕМ

а. Кој бил меѓу првите што ги жртвувал животните на овој начин? Создавање 3:21,24; 4:2-4; Евреите 11:4.

„Принесувањето на жртви го пропишал Бог, со цел човекот постојано да го потсетува на неговиот грев и да го наведе на каење и на јавно покажување на вера во ветениот Спасител, и постојано и живо на паднатиот човечки род да му ја предочува свечената вистина дека гревот предизвикал смрт. За Адама принесувањето на првата жртва било исклучително болна и мачна церемонија. Морал да ја подигне својата рака за да одземе живот кој само Бог можел да го подари. Тогаш првпат видел смрт, а знаел дека ниту човекот ниту животното не би морале да умрат кога тој би му останал послушен на Бога. Кога го заклал невиното животно на жртва, затреперил при помислата дека поради неговиот грев мора да се пролее крвта на пречистото и невино Божјо Јагне. Таа сцена му помогнала подлабоко и поживо да ја сфати големината на својот престап што можел да биде отстранет само со страдањето и со смртта на саканиот Божји Син. И тој се восхитувал на неизмерната Добрина што можела да даде таков откуп за спасение на грешникот. Заблескотела ѕвезда на надеж којашто ја осветлила темната и страшна иднина и го спасила од целосен очај“. – Патријарси и пророци, 68.

б. Кој систем понатаму бил развиен откако луѓето не го разбрале планот на спасението на гората Синај? Излез 25:8.

в. Зошто било потребно да се пролее крв? Евреите 9:22. Што симболизирало жртвеното јагне? 1 Коринтјаните 5:7; 1 Петрово 1:19; Јован 1:29.

„Тој ги води своите слушатели, со помош на сенките и симболите на церемонијалниот закон до Христос – до Неговото распнување, Неговото свештенство и светилиштето на Неговата служба – големата цел што ја фрла својата сенка назад во еврејската ера. Тој, како Месија, бил антитип на сите жртвени приноси. Апостолот покажал дека, според пророштвата и општото очекување на Евреите, Месијата ќе биде од лозата на Авраам и Давид. Потоа го следел Неговото потекло од големиот патријарх Авраам преку царскиот псалмист. Тој докажал од Светите списи каков ќе биде карактерот и делата на ветениот Месија, а исто така и каков бил приемот и односот кон Него на земјата, како што сведочат светите пророци. Тој потоа покажал дека овие пророштва исто така се исполниле во животот, службата и смртта на Исус, и дека Тој навистина бил Откупителот на светот“. – Sketches From the Life of Paul, pp. 103, 104.


Среда 22. февруари

4. ЗОШТО Е УКИНАТ?

а. Додека церемониите редовно се извршувале во храмот, во што верувале Израелците како во своја надеж на спасение? Евреите 1:10-15.

„Божјиот Син е средиште на големиот план на спасението што ги опфаќа сите времиња. Тој е ‘Јагнето заклано, од создавањето на светот’. Тој е Откупителот на паднатите синови и ќерки на Адам во сите векови на човечки искушенија... Христос е суштината или сржта што ја фрла својата сенка врз претходните епохи. Кога Христос умрел, сенката заврши. Со Христовата смрт типскиот систем бил укинат, но Божјиот закон, чијшто престап го направил планот на спасението неопходен, станал голем и славен. Евангелието им беше радосна вест на Адам, Ное, Авраам и Мојсеј; бидејќи им го претставил Спасителот што доаѓа“. – The Signs of the Times, February 20, 1893.

„Ерусалим бил метропола на Евреите и таму се манифестирала најголемата исклучивост и фанатизам. Еврејските христијани кои живееле во непосредна близина на храмот природно дозволиле нивните умови да се вратат на посебните привилегии на Евреите како нација. Гледајќи дека христијанството отстапува од церемониите и традициите на јудаизмот и сфаќајќи дека во светлината на новата вера набрзо ќе биде заборавена посебната светост со која биле обдарени обичаите на Евреите, многумина беа огорчени против Павле, како оној кој во голема мера ја предизвикал оваа промена... Некои ревнуваа за церемонијалниот закон“. – Sketches From the Life of Paul, p. 71.

б. Наместо сите овие жртви, што барал Бог? Исаија 1:16-18; Псалм 51:17-19.

в. Што постигнува планот на спасението преку Христовата крв, што жртвениот систем не можел да го направи? Дела 4:12; Евреите 7:28,19.

„Сега христијанинот е осветлен со појасна и пославна светлина. Оние кои живееле пред Христовото доаѓање со вера го очекувале Неговото доаѓање, но она што требало да го сфатат со вера, за нас е сигурност; бидејќи ние знаеме дека Христос дојде, како што претскажаа пророците. За нас, верата во нашиот Откупител, кој дојде на земјата и умре за нас, е исто толку важна како што беше важно за нашите предци верувањето во идниот Откупител, претставен преку нивните приноси и жртви“. – The Signs of the Times, February 20, 1893.


Четврток 23. февруари

5. ДАЛИ ДЕНЕС НИ Е ПОТРЕБЕН ЦЕРЕМОНИЈАЛЕН ЗАКОН?

а. Зошто церемонијалниот закон е запишан во Библијата? 2 Тимотеј 3:16.

б. Што прави Исус денес на небото? Евреите 8:1-5; 3:1.

в. Што ние треба да правиме бидејќи овој нов систем е активно на сила на небото? Евреите 4:14-16.

„Христос сакал да им остави на Своите ученици уредба што ќе го направи за нив токму она што им е потребно – што ќе послужи да ги одвои од обредите и церемониите кои тие досега ги сметаа за важни, а кои, со прифаќањето на Евангелието изгубија секаква сила... Да се продолжи со овие обреди би било навреда за Јехова“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, pp. 1139, 1140.

„Весниците на крстот мора да се вооружат со будност и со молитва, да одат храбро напред со вера, работејќи секогаш во Христово име. Тие мора да го издигнуваат Христа како посредник меѓу човекот и небото во небесното светилиште како единствен кон кого се сосредоточени сите жртви од Стариот завет и со чијашто откупителна жртва престапниците на Божјиот закон повторно можат да добијат мир и проштавање“. – Делата на апостолите, 230.


Петок 24. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како знаеме дека седмиот ден сабота, не е вклучен во сенките на Стариот завет?

2. Кои се карактеристичните обележја на двата закони - моралниот и церемонијалниот?

3. Заради големиот број на смртни случаи, каков став изгубивме кога ќе умре животно?

4. Што им отежнувало на Евреите кои живееле во близина на храмот да разберат дека церемонијалниот систем завршил?

5. Каква корист имаме денес од проучувањето на службата во светилиштето?

 <<    >>