Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 14. јануари 2023

Моќната Божја реч

„Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене“ (Псалм 51:10).

„Искушенијата често се чинат неодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и тогаш оној што се искушува не може веднаш да се сети на Божјите ветувања и на сатаната да му се спротивстави со библиско оружје“. – Големата борба, 599.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Fundamentals of Christian Education, pp. 123–128. 

Недела 8. јануари

1. ВОЈНИЦИ НА КРСТОТ

а. За што треба постојано да бидеме свесни додека сме на оваа земја? 1 Петрово 5:8. Значи, како Павле го опишува животот на еден христијанин? 2 Тимотеј 2:3.

„Ништо не може да биде побеспомошно, ништо не може да биде позависно од душата што ја чувствува својата ништожност и целосно се потпира на заслугите на крвта на распнатиот и воскреснат Спасител. Христијанскиот живот е живот на војна, на постојана борба. Тоа е битка и напредување. Но, секој чин на послушност кон Христа, секој чин на самопожртвување заради Него, секое совладано искушение, секоја победа над искушението е чекор во напредокот кон славата на конечната победа“. – That I May Know Him, p. 253.

б. На кој начин единствено можеме да бидеме победници на крајот? Ефесјаните 6:11-17.

„Оние што сакаат да го земат Божјото оружје и секој ден да посветат извесно време на размислување, молитва и проучување на Светото Писмо ќе стапат во врска со небото и ќе шират спасоносно и благотворно влијание околу себе. Тие ќе имаат возвишени мисли, благородни цели, јасно сознание за вистината и своите должности кон Бога... Таквите ќе имаат посветена храброст да му се приближат на Бесконечниот. Ќе чувствуваат дека небесната светлина и слава се со нив и ќе станат возвишени и благородни преку тесната врска со Бога. Ова е предноста на вистинските христијани“. – 5 Сведоштво, 112,113.


Понеделник 9. јануари

2. СИЛА ВО СЛОВОТО

а. Колку е продорно Словото кога навистина го примаме во душата? Евреите 4:12.

„Зборовите на вдахновението, длабоко всадени во срцето ќе бидат како потоци што течат од реката на водата на животот. Нашиот Спасител се молел умовите на учениците да бидат отворени за да го разберат Писмото. И секогаш кога ја проучуваме Библијата со молитва, Светиот Дух е таму за да ни го открие значењето на зборовите што ги читаме“. – Our High Call¬ing, p. 205.

„Практичната вистина мора да се внесе во животот, а Словото, како остар меч со две острици, мора да ги отсече последните остатоци од себичноста и сопственото ‘јас’ кои сè уште се наоѓаат во нашиот карактер.

Словото ги прави гордите понизни, изопачените кротки и скрушени, непослушните - послушни. Грешните навики кои се природни за човекот се испреплетени со секојдневната пракса. Но, Словото ги отсекува телесните похоти. Тоа ги проценува мислите и намерите на срцето; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, отсекувајќи ги телесните похоти, правејќи ги луѓето подготвени да страдаат за својот Господ“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 928.

б. Со која брзина Словото ги создало небото и земјата во почетокот? Создавање 1:1; Псалм 33:6,9.

в. Од кој материјал Бог ги создал световите користејќи го Својот збор? Евреите 11:3. Откако ги создал световите, дали Бог ги оставил созданијата сами да се грижат за себе?

„Истата создавачка енергија што го создала светот сè уште работи за да го одржи универзумот и да ја одржува природата. Божјата рака ги води планетите по нивните одредени патишта низ небесата. Земјата не продолжува од година во година да се движи околу Сонцето под влијание на вродена сила, ниту пак дава изобилство од своите производи по своја волја. Дури и елементите на природата се под контрола на Словото Божјо. Тој го покрива небото со облаци и подготвува дожд за земјата. Тој ги прави долините плодни и ‘прави да расте трева по горите’ (Псалм 147:8). Со Неговата сила расте вегетацијата, се појавуваат лисја и цветаат цвеќињата“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, pp. 185, 186.


Вторник 10. јануари

3. ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ГРЕВОТ

а. Која била Давидовата желба откако згрешил против Бога и против Витсавеја? Псалм 51:1-4.

б. Додека ги читаме Давидовите изрази на покајание сочувани во божествените записи, која била неговата најголема грижа — последиците со кои ќе се соочи или обновувањето на неговиот однос со Бога? Псалм 51:5-10.

„Цела година по својот пад Давид живеел во привидна сигурност; не можел да се види никаков надворешен знак на Божјо негодување. Но врз него почивала Божја осуда. Бргу и сигурно се приближувал судниот ден и одмаздата што не можело да ја спречи никакво каење; кај него настапувале душевни страдања и чувство на срам, што ќе го затемнат целиот негов живот на земјата. Сите што укажуваат на Давидовиот пример за да ја намалат кривицата на сопствените гревови би требало од овој библиски запис да научат колку е мачен патот по кој поминува престапникот. Дури и ако се вратат од својот зол пат, како Давид, ќе увидат колку се горчливи и тешко подносливи последиците на гревот уште во овој живот“. – Патријарси и пророци, 723,724.

„На Давид му бил простен престапот затоа што го понизил своето срце пред Бога во покајание и скрушеност на душата и верувал дека ќе се исполни Божјото ветување за простување. Тој го признал својот грев, се покајал и повторно се обратил. Во занесот на уверувањето за простување, тој извикал: ‘Блажени се оние, чии престапи им се простени, и чии гревови се покриени! Блажен е оној човек, кого Господ не го смета за виновен, и во чиј дух нема измама’ (Псалм 32:1,2). Благословот доаѓа поради простувањето; простувањето доаѓа преку верата дека гревот, признаен и покаен, го зел на Себе големиот Носител на гревот. Така, од Христа доаѓаат сите наши благослови. Неговата смрт е помирувачка жртва за нашите гревови. Тој е големиот Посредник преку кого ја примаме Божјата милост и благодат“. – Our High Calling, p. 83.


Среда 11. јануари

4. СИЛА КОЈА ГО МЕНУВА ЧОВЕКОВОТО СРЦЕ

а. Што дава надеж за можноста валканиот, грешен живот да се преобрази во чист живот? Јов 14:4; Еремија 13:23; Езекиел 36:26,27.

„Вистина е дека луѓето можат наизглед беспрекорно да се однесуваат и без Христовата обновувачка сила. Желбата за влијателност во општеството и за почит од другите може да го поттикне некого да живее уреден живот. Самопочитувањето може да нè натера привидно да се чуваме од злото. И себичното срце може да прави великодушни дела. На кој начин тогаш можеме да заклучиме на чија страна сме?“. – Патот кон Христа, 58.

„За борбата против злото што го преплавува светот, Бог ни ставил на располагање обилни средства. Библијата претставува вистинска ризница на духовно оружје со кое можеме да се вооружиме и да се приготвиме за борбата“. – Делата на апостолите, 502.

б. Кој е единствениот начин расипано човечко срце да се промени во срце што се радува на праведноста? Јован 3:3.

„Она што некогаш го мразеле, сега го сакаат, а она што некогаш го сакале сега го мразат. Горделивите и наметливите сега стануваат кротки и понизни. Суетните и дрските сега стануваат сериозни и скромни. Пијаниот станува трезен, а разузданиот чист“. – Патот кон Христа, 58.

в. Кои се доказите за таа промена? Галатјаните 5:22,23.

„Старата природа, родена од крв и телесна волја, не може да го наследи Божјото царство. Старите начини, наследените склоности и поранешните навики мора да се отфрлат; зашто благодатта не се наследува. Новото раѓање се состои во тоа да имате нови побуди, нови вкусови и нови склоности. Оние кои се родени во нов живот од Светиот Дух, станале соучесници на божествената природа и во сите свои навики и практики ќе дадат доказ за нивната жива поврзаност со Христа. Кога луѓето кои тврдат дека се христијани ги задржуваат сите свои природни мани и склоности на карактерот, во што тогаш се разликуваат од светот? Тие не ја прифатиле вистината како нешто што ја посветува и облагородува душата. Тие не се наново родени“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1101.


Четврток 12. јануари

5. РОДЕНИ ПРЕКУ СЛОВОТО БОЖЈО

а. Што е тоа што има сила да направи таква радикална промена во срцето на расипаниот, зол човек? Римјаните 1:16; Јован 1:1; 15:3; 1 Петрово 1:23.

„Библијата е најпрекрасната од сите истории, затоа што е дело на Бога, а не на ограничен ум. Таа нè враќа низ вековите до почетокот на сите нешта и ни ја прикажува историјата на времињата и сцените за кои инаку никогаш не би знаеле. Таа ја открива славата Божја пројавена во делувањето на Неговата промисла за спасение на паднатиот свет. Таа на наједноставен јазик ја прикажува моќната сила на евангелието, кое, доколку се прифати, ќе ги пресече синџирите што ги врзуваат луѓето за сатанската кочија“. – Fundamentals of Christian Education, p. 377.

б. Што Божјото Слово поттикнува во нас и зошто е тоа толку неопходно за победнички живот? Римјаните 10:17; 1 Јованово 5:4. Како можеме да ја одржиме таквата победа до крајот на нашиот живот? Колосјаните 2:6.

„Кога верата така ги прима и присвојува начелата на вистината, тие стануваат составен дел на битието и движечка сила во животот. Примена во душата, Божјата Реч ги обликува мислите и влијае на развојот на карактерот.

Гледајќи постојано на Исуса со окото на верата ние стануваме посилни. Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија на Својот гладен и жеден народ. Таквиот ќе увиди дека Христос е личен Спасител. Кога се хранат со Неговата Реч, луѓето увидуваат дека таа е дух и живот. Речта ја уништува вродената земна природа и дава нов живот во Исуса Христа. Светиот Дух Доаѓа како Утешител на душата. Со помош на Неговата благодат што преобразува, во ученикот се репродуцира Божјиот лик и тој станува ново создание. Љубовта Доаѓа на местото на омразата, а срцето станува слично на Бога“. – Копнежот на вековите, 391.


Петок 13. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку е сериозна борбата на христијанинот со злото?

2. Какво важно место зазема Словото во оваа борба?

3. Како може да се разбере длабочината на деструктивната природа на гревот?

4. Како доаѓа до преобразба на душата?

5. Како да ја одржиме нашата врска со Христа?

 <<    >>