Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 21. јануари 2023

Огнени змии

„Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно“ (Матеј 11:28-30).

„Човечката природа на Божјиот Син е сè за нас. Таа е златната алка која ги поврзува нашите души со Христа, а преку Христа со Бога. Ова е тема која треба да ја проучуваме“. – Selected Messages, bk. 1, p. 244.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 48,49, 114-123. 

Недела 15. јануари

1. АВРАМОВО СЕМЕ

а. Опишете екстремно опасен став кој влијае на духовниот живот. Јован 8:33.

б. Што нè прави робови на гревот? Јован 8:34,39-44.

„ Фарисеите тврделе дека се Авраамови деца. Исус им рекол дека тоа тврдење можат да го докажат само ако ги творат Авраамовите дела. Вистинските Авраамови потомци би живееле онака како што живеел тој, живот на послушност кон Бога. Тие не би се обидувале да го убијат Оној, Кој ја зборувал вистината што му ја дал Бог. Ковајќи заговор против Христа, рабините не правеле Авраамови дела. Фактот дека потекнуваат од Авраама сам по себе нема никаква вредност. Без духовната поврзаност со него, која се манифестира во тоа што би го имале истиот дух и би ги вршеле истите дела, тие не биле негови деца“. – Копнежот на вековите, 466,467.

в. На кој начин е можно да се ослободиме од тиранијата на суровиот господар? Јован 8:32,36; Галатјаните 3:29.


Понеделник 16. јануари

2. ШТО ЗНАЧИ ДА „ЗНАЕТЕ“?

а. Кое важно прашање го поставил Пилат во судницата? Јован 18:38 (прв дел). Каков одговор би добил доколку застанел за момент за да го слушне одговорот на Спасителот? Јован 14:6.

„Пилат посакал да ја дознае вистината. Неговиот ум бил збунет. Жедно ги прифатил зборовите на Спасителот, а неговото срце било поттикнато со голем копнеж да дознае што е всушност вистината и како може да се дојде до неа. ‘Што е вистина?’; прашал, но не го дочекал одговорот. Викотницата која доаѓала однадвор го потсетила за обврските во тој час, бидејќи свештениците бучно барале брзо делување. Излегувајќи повторно пред Евреите, Пилат енергично објавил: ‘Јас не наоѓам никаква вина во Него’“. – Копнежот на вековите, 727.

б. Објасни што може да се случи кога некој ја проучува Речта, а не го познава Бога. Марко 12:24; 2 Тимотеј 3:7.

„Садукеите си ласкале себеси дека од сите луѓе најстрого се придржувале за Светото Писмо. Меѓутоа, Исус покажал дека тие не ја сфатиле неговата вистинска смисла“. – Копнежот на вековите, 605.

в. Како е можно да бидеме привлечени од Оној кој е непожелен за нашата падната природа? Јован 12:32; 8:28; Матеј 11:28-30.

„Секогаш кога законот ќе се претстави пред народот, учителот на вистината нека покаже кон престолот заоблен со виножитото на ветувањето, Христовата праведност. Славата на законот е Христос; Тој дошол да го направи законот голем и славен. Наведете јасно дека милоста и вистината се сретнале во Христа, и дека праведноста и мирот се прегрнале. Кога ќе погледнете кон Неговиот престол и ќе го принесете своето покајание, пофалба и благодарност на Бога, го усовршувате христијанскиот карактер и го претставувате Христа пред светот. Вие останувате во Христа, а Христос пребива во вас; го имате мирот што го надминува секое разбирање. Треба постојано да размислуваме за Христа и Неговата привлечна убавина. Ние мора да ги свртиме нашите мисли кон Исус, да ги прицврстиме за Него. Во секој разговори мораме да се задржиме на божествените особини“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 730.

„Внимателно проучувајте го Божествено - човечкиот карактер и постојано прашувајте се ‘што би направил Исус на мое место?’“. – Здравје и среќа, 491.


Вторник 17. јануари

3. ЗМИИ ВО ПУСТИНАТА

а. Каков лек им обезбедил Бог на оние што претрпеле каснувања од отровните змии во пустината? Што се барало од нив за да се излечат? Броеви 21:6-9.

„Бидејќи живееле под закрила на Божјата сила, тие и не ги забележувале безбројните опасности што постојано ги опкружувале. Во својата неблагодарност и неверство постојано ја споменувале смртта, и сега Господ дозволил смртта да дојде. Змиите отровници, што претставувале вистинска напаст за пустината, се нарекувани огнени змии поради страшното дејство на нивниот отров кој веднаш предизвикувал воспаление и брза смрт. Бидејќи врз Израелците не почивала веќе Божјата заштитничка рака, мнозина од народот биле нападнати од овие отровни созданија...

Бог му наредил на Мојсеја да направи змија од бронза која ќе личи на жива змија и да ја подигне на мотка високо среде народот. Секого што би го каснала змија, требало само да погледне во оваа змија од бронза и веднаш да оздрави. Тој тоа го сторил и низ логорот набргу се пронела радосна вест дека сите што биле каснати од овие отровници ќе останат живи само ако погледнат во змијата од бронза. Мнозина веќе изумреле, и кога Мојсеј ја подигнал змијата на мотка, некои не верувале дека само еден поглед на металната фигура ќе може да ги исцели. Тие изумреле поради своето неверство. Меѓутоа, мнозина верувале во моќта на од Бога даденото средство. Татковците, мајките, браќата и сестрите со страв и копнеж настојувале малаксаниот поглед на своите роднини, често и на оние на претсмртна постела, да го насочат кон подигнатата змија. Иако целосно исцрпени и на претсмртна постела, требало само еднаш да погледнат па веднаш потполно да оздрават.

Народот добро знаел дека силата што може да предизвика таква промена не се наоѓа во змијата од бронза. Моќта на исцелување можела да дојде само од Бога. Тој во својата мудрост одбрал токму таков начин за да ја покаже својата сила. Благодарение на тоа едноставно средство, народот бил наведен да сфати дека токму со својот сопствен грев упаднал во тоа зло. Истовремено добиле ветување дека нема причина да се плашат сè додека му се послушни на Бога, зашто Тој ќе ги сочува“. – Патријарси и пророци, 429,430.

б. Како ова искуство наликува на искуството на оние кои страдаат од каснувањето на старата змија (Откровение 12:9) и бараат исцелување? Јован 3:14,15; 1:29.

„Грешникот што се кае треба да го насочи својот поглед ‘кон Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’ (Јован 1:29) и гледајќи во Него, тој се преобразува. Неговиот страв се претвора во радост, а неговите сомнежи во надеж. Се појавува благодарност. Каменото срце се крши. Плима на љубовта го исполнува срцето. Во него Христос е извор на вода што тече во вечен живот“. – Копнежот на вековите, 439.


Среда 18. јануари

4. КОЈ Е ИСУС?

а. Христос живеел совршен живот на земјата (1 Петрово 2:21,22), но сепак, наместо да бидат привлечени кон Него и Неговите верни следбеници, каков е одговорот на повеќето луѓе? 2 Тимотеј 3:12; Јован 3:19,20.

„Првите христијани навистина биле посебен народ. Нивното беспрекорно однесување и нивната непоколеблива вера претставувале постојан укор кој го нарушувал мирот на грешниците. Иако малубројни, без богатство, положба и почесни титули, тие насекаде, за оние што правеле зло биле страв и трепет, насекаде каде што нивниот карактер и нивното учење биле познати. Затоа безбожниците ги мразеле, исто така како што безбожниот Каин го мразел Авела. Оние што сакале да се ослободат од секакво ограничување од страна на Светиот Дух, го убивале Божјиот народ од истата причина со која се раководел Каин кога ја подигнал раката на својот роден брат. Од иста причина Евреите го отфрлиле и го распнале Спасителот, затоа што чистотата и светоста на Неговиот карактер биле јавен укор за нивната себичност и расипаност. Од Христовите денови па сѐ до ден-денес, Неговите верни ученици предизвикувале омраза и противење кај оние кои го сакаат патот на гревот и одат по него“. – Големата борба, 46.

б. Која е врховната сила, способна да го привлече човечкиот род, манифестирана во Христа? 1 Тимотеј 3:16; Јован 1:1-3; Евреите 1:8.

„Ако Христос создал сè, Тој постоел пред сѐ. Зборовите кажани во врска со ова прашање се толку децидни што никој не треба да се сомнева. Христос беше Бог во суштина и во највисока смисла. Тој беше со Бога од сета вечност, Бог над сите, благословен засекогаш“. – Selected Messages, bk. 1, p. 247.

„Бог со густа темнина ја обвиткал последната човечка агонија на Својот Син. Сите оние, кои го виделе Христовото страдање, биле уверени во Неговото божество. Тоа лице, кога еднаш ќе Го здогледаат човечките очи, никогаш не може да биде заборавено. Како што лицето на Каин ја изразувало неговата вина за убиство, така Христовото лице изразувало невиност, спокојство и добрина – Божјиот лик. Меѓутоа, Неговите тужители не обрнувале внимание на тој небесен печат. Мноштво подбивачи со часови ја набљудувале Христовата агонија. Сега Божјата наметка милостиво Го сокрила од нивните погледи“. – Копнежот на вековите, 754.

„Размислувајте за Христовото понижување. Тој зеде на Себе падната и напатена човечка природа, понижена и извалкана од гревот. Тој го зеде мачното бреме на нашите таги, ја понесе нашата болка и срам. Тој ги издржа сите искушенија на кои е изложен човекот. Во Него се соединија човечкото и божественото; божествениот Дух престојувал во храмот на човечкото тело“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1147.


Четврток 19. јануари

5. БОГ СТАНА ТЕЛО

а. Што станало ова божествено Битие за да го спаси човечкиот род од страшно страдање и состојба на безнадежност? Јован 1:14; Евреите 2:9.

б. Опишете што презел Христос во својата безгрешна божествена природа. Евреите 2:10,11,14,17.

в. Колку Исус морал да се понизи за да може крстот на Голгота да има привлечна сила?

„Имајќи го ова на ум, можат ли луѓето и најмалку да се возвишат? Следејќи го животот, страдањата и понижувањата Христови, дали можат да ги кренат гордите глави ако не поднеле никакво искушение, срам и понижување? Им велам на Христовите следбеници: Гледајте на Голгота и поцрвенете од срам поради вашите самоправедни мисли. Сето ова понижување на Небесното Величество беше поради вината на осудениот човек. Во Своето понижување Тој се спуштал сè подлабоко и подлабоко сѐ додека не се спуштил до најголемите длабочини до кои воопшто можел да допре, за да го подигне човекот од неговата морална изопаченост“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, pp. 1127, 1128.

„А од што се откажуваме ние кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце, за Христос да го очисти, да го испере со Својата крв и да го спаси со Својата ненадмината љубов. Но сепак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè! Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа.

Бог не бара да се откажеме од нешто што би можеле за свое добро да го задржиме. Во сè што прави Тој пред очите го има доброто на Своите деца. Кога барем сите оние што не го избрале Христа би можеле да сфатат дека Тој им нуди нешто многу подобро од она што самите го посакуваат“. – Патот кон Христа, 46.


Петок 20. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Какви поуки можеме да научиме од Евреите кои биле деца на Авраам?

2. Како, додека ја проучуваме Библијата, можеме целосно да ја промашиме нејзината суштина?

3. Кои поуки можам да ги научам од смртоносните змии во пустината?

4. Што ни овозможува да бидеме привлечени кон Човекот од Голгота?

5. Зошто Исус ја примил грешната човечка природа?

 <<    >>