Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 4. февруари 2023

Евангелието во Стариот Завет

„Навистина, сè што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата“ (Римјаните 15:4).

„Исус дојде на овој свет за да го спаси Својот народ од неговите гревови. Тој нема да нѐ спаси во нашите гревови затоа што не е слуга на гревот. Ние мораме да одговориме на Христовата привлечна сила, да се покаеме за нашите гревови и да се соединиме со Христа како што прачката е соединета со лозата“. ¬– The Signs of the Times, February 15, 1892.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 63-70. 

Недела 29. јануари

1. ПОУКИ ОД ИСТОРИЈАТА

а. Која е главната причина за проучување на историјата, особено на светата историја? Проповедник 3:15.

„Во сите векови Божјото дело на земјата во секоја голема реформација и во секое верско движење покажува голема сличност. Начелата на Божјото постапување со луѓето се секогаш исти. Важните движења во денешницава имаат сличности со оние од минатите векови, а искуствата на Црквата во изминатите векови содржат драгоцени поуки за нашето време“. ¬– Големата борба, 343.

б. Бидејќи проучувањето на историјата ни ја дава надежта на евангелието (Римјаните 15:4), што таа надеж ѝ нуди на душата погодена од гревот? Римјаните 1:16; Лука 19:10.

„Секој дел од Библијата настанал со божествено вдахновение и служи за полза. На Стариот Завет треба да му се посвети исто внимание како и на Новиот. Додека го проучуваме Стариот Завет, ќе пронајдеме живи извори кои избиваат онаму каде немарниот читател гледа само пустина“. ¬– Воспитување, 191.


Понеделник 30. јануари

2. СОВРШЕНСТВО НА СОЗДАВАЊЕТО

а. Каков карактер имале првиот човек и жена кога само што излегле од рацете на својот Творец? Создавање 1:31; Проповедник 7:29.

„На човекот му било доделено да биде Божја слика и според надворешниот изглед и според карактерот. Единствено Христос е ‘сјај на славата’ (Евреите 1:3) на битието на Отецот додека човекот е создаден според Божјиот лик. Неговата природа била во целосна хармонија со Божјата волја. Неговиот ум бил во состојба да го сфати она што е божествено. Склоностите му биле чисти; разумот владеел над неговите желби и страсти. Чувствувал среќа и светиња во тоа што на себе го носел Божјиот лик и што живеел во полна хармонија со неговата волја“. ¬– Патријарси и пророци, 45.

б. Што се барало за човечкиот род да остане во оваа совршена состојба и да живее вечно? Создавање 2:16,17.

„Христос не ги намалил барањата на законот. Со недвосмислен јазик, Тој ја претставил послушноста како услов за вечен живот - истиот услов кој се барал од Адама пред неговиот пад. Господ денес нè очекува од човекот ништо помалку отколку што очекувал од него во Едем - совршена послушност, беспрекорна праведност. Барањата на заветот на милоста се исто толку широки како и барањата во Едем, апсолутна хармонија со Божјиот закон, кој е свет, праведен и добар“. ¬– Христовите поуки, 391.

в. Бидејќи човекот не успеал/згрешил (Создавање 3), какви биле последиците не само за нашите прародители, туку и за целата раса? Римјаните 5:12; 6:23.

„Со послушноста кон Божјиот Закон, човекот е заграден како со некоја ограда која го чува од злото. Кој само во една точка ја руши оваа бариера која Бог ја подигнал, ја уништува нејзината моќ да го заштити, бидејќи тој го отворил патот по кој непријателот може да влезе да пустоши и уништува.

Со тоа што се осмелиле само во една точка да се оглушат на Божјата волја, нашите прародители ги отвориле браните преку кои злото го преплавило целиот свет. Секој кој ќе го следи нивниот пример, ќе пожнее слични резултати. Божјата љубов е темел на секој пропис на Неговиот Закон, а оној кој отстапува од заповедите, ја причинува сопствената несреќа и пропаст“. ¬– Мисли од гората, 52.


Вторник 31. јануари

3. ДЕФИНИЦИЈА НА ГРЕВОТ

а. Како знаеме дека престапот на Адам вклучувал и прекршување на Божјиот закон? Римјаните 7:7; спореди со Излез 20:17; 1 Јованово 3:4.

„Мнозина кои учат дека Божјиот закон не е задолжителен за човекот, упорно докажуваат дека човекот не е во состојба да ги исполни неговите прописи. Меѓутоа, ако тоа е точно, зошто тогаш Адам би морал да поднесе казна за својот прекршок? Гревот на нашите прародители го изложил на страдања и на неволји целиот свет; и кога Бог не би бил толку добар и милослив, човештвото одамна би пропаднало во безнадежен очај. Никој нека не се лаже: ‘Платата, што ја дава гревот, е смрт’ (Римјаните 6:23). Престапувањето на Божјиот закон денеска не е помалку казниво отколку што било тогаш кога е изречена казната над таткото на човечкиот род“. ¬– Патријарси и пророци, 61.

„Без Законот луѓето немаат вистинска претстава за Божјата светост и чистота, ниту за сопствената вина и нечистотија. Тие не ја сфаќаат својата грешност и не чувствуваат потреба од покајание. Бидејќи не согледуваат дека како престапници на Божјиот закон се изгубени, тие не ја сфаќаат ниту својата потреба дека им е потребна Христовата крв на помирување. Тие се надеваат во спасение без темелна промена на срцето и без реформа во животот. На тој начин се зголемува бројот на површни обратувања, и мнозина се приклучуваат кон црквата кои никогаш вистински не се соединиле со Христа“. ¬– Големата борба, 468.

б. Додека ги читаме овие текстови, како Библијата ни покажува дека Исус навистина дошол да нѐ спаси од престапот на законот? Матеј 1:21.

„Исус умре за да го спаси Својот народ од неговите гревови; а спасението во Христа значи да се престане да се крши Божјиот закон и ослободување од секаков грев. Ниту едно срце во кое владее непријателство кон Божјиот закон не е во хармонија со Христос, кој пострада на Голгота за да го оправда и воздигне законот пред вселената”. ¬– Faith and Works, p. 95.

„Имаме прекрасен Пријател во Исус, кој дојде да го спаси Својот народ од престапот на законот. Што е грев? Единствената дефиниција за гревот е дека тој е престап на законот. Потоа, тука е Исус Христос, кој се појавува веднаш и ни ја дарува Својата праведност; ние не можеме да победиме со нашите сопствени сили, туку со вера во Него. Ако верувате во Исус Христос, ќе Го имате денес. Мора да верувате дека Тој е вашиот Спасител и дека Тој ви ја припишува Својата праведност затоа што умрел и затоа што бил послушен на секое барање на прекршениот Божји закон. Ако го направите ова, ќе имате спасоносно знаење за Исус Христос. Адам и Ева го изгубиле Едем затоа што го прекршиле законот, но ако вие го прекршите, ќе го изгубите рајот”. ¬– The Ellen G. White 1888 Materials, p. 128.


Среда 1. февруари

4. ТАТКО НА ВЕРНИТЕ

а. Зошто старозаветниот патријарх Авраам е познат како татко на верните? Галатјаните 3:6-9.

„Тестот на Авраам бил најтешкиот со кој човек може да се соочи. Да не се одржал тогаш, тој никогаш немаше да биде запишан како татко на верните. Да отстапил од Божјата заповед, светот би изгубил инспиративен пример на безусловна вера и послушност. Поуката беше дадена да блеска низ вековите, за да научиме дека ништо не е толку драгоцено што не можеме да му го дадеме на Бога. Кога секој добиен дар го сметаме за Божја сопственост, кој треба да се користи во Неговата служба, тогаш го обезбедуваме Неговиот благослов. Вратете му ги на Бога вашите доверени имоти, и ќе ви биде доверено уште повеќе. Но, ако го задржите својот имот за себе, нема да добиете награда во овој живот и ќе ја изгубите наградата на идниот вечен живот”. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 1, p. 1094.

„Местото на кое што храмот бил изграден долго време се сметало за свето. На тоа место Авраам, таткото на верните, ја открил својата подготвеност да го жртвува својот единствен син покорувајќи и се на Божјата заповед. Тука Бог го обновил Својот завет на благослов со Авраам, завет кој го содржел славното месијанско ветување до човечкиот род за избавување преку жртвата на Синот на Севишниот”. ¬– Пророци и цареви, 37.

б. Како ветувањето за семето покажува дека Евангелието било проповедано уште во времето на Авраам? Создавање 22:15-18; Галатјаните 3:16.

„Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: ‘И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата’ (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност. Заветот склучен со Аврама исто така ја поддржувал важноста на авторитетот на Божјиот закон”. ¬– Патријарси и пророци, 370.

в. Зошто Авраам бил издвоен како оној кој го примил Евангелието, а многу други луѓе во неговото време не биле? Создавање 26:5; Јаков 2:19-24.

„’И Му поверува Аврам на Господ’. Како знаеме дека верувал? Неговите дела сведочеа за карактерот на неговата вера, а неговата вера му се сметаше за праведност. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Com¬ments], vol. 7, p. 936.


Четврток 2. февруари

5. ЗАКОНОТ ВО ОСТАТОКОТ ОД СТАРИОТ ЗАВЕТ

а. Кои други примери имаме дека законот постоел пред Бог буквално да го изговори на гората Синај (Второзаконие 5:22-26)? Излез 15:26; 16:28.

„Во текот на своето долго патување низ пустината Израелците секоја седмица биле очевидци на тројно чудо што требало во нивната душа да ја вреже свеста за значењето и за светоста на саботата. Шестиот ден паѓало двојно количество мана, а седмиот ден воопшто не паѓала. Освен тоа, само оној дел што бил наменет за сабота не се расипувал преку ноќта додека инаку маната оставена за утредента редовно се расипувала.

Околностите во врска со давањето на мана даваат убедливи и непобитни докази дека празнувањето на саботата не било воведено дури кога е даден законот на Синај, како мнозина што тврдат. За задолжителноста на празнувањето на саботата Израелците знаеле уште пред да стигнат на Синај. Светоста на денот за одмор постојано им била предочувана на тој начин што секој петок морале да соберат двојно количество мана за да имаат за сабота, кога таа воопшто не паѓала. А кога некои од народот и во сабота излегле да собираат мана, Господ поставил прашање: ‘До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?’“. ¬– Патријарси и пророци, 296,297.

б. Што сакал Бог Израелците да направат со изговорениот и пишаниот морален закон од Десетте заповеди? Второзаконие 6:1-9.

в. Како знаеме дека Господ ја задржал оваа позиција до крајот на Стариот завет? Малахија 4:4; 3:6.


Петок 3. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин начелата на библиската историја се применуваат во денешно време?

2. Кое барање, кое потекнува од Едем, покажува дека Бог не се менува?

3. Која е целта на Исусовото доаѓање на овој свет во однос на проблемот со гревот?

4. Како Авраам ја докажал својата вера со неговите дела?

5. Каков треба да биде нашиот однос кон Божјиот закон?

 <<    >>