Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 7. јануари 2023

Божјата реч до човечкиот род денес

„Така вели Господ: проклет да е човекот кој се надева на човек и кој телото го смета за своја крепост и чие срце се одвраќа од Господ“ (Еремија 17:5).

„Во Својата милост и верност, Бог често дозволува оние во кои се надеваме да нѐ изневерат, за да научиме дека е неразумно да се надеваме на човек и да се потпираме на тело“. – Здравје и среќа, 486.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Counsels to Parexs, Teachers and Stud., 
  pp. 460–463; Fundamentals of Christian Education, pp. 129–137. 

Недела 1. јануари

1. КАКО НИ Е ДАДЕНА БИБЛИЈАТА?

а. На кој начин ни се дадени Светите списи? 2 Тимотеј 3:16; 2 Петрово 1:21; Броеви 12:6.

„Не се вдахновени зборовите од Библијата, туку луѓето кои ги пишувале. Вдахновението не делува на човечките зборови или на начинот на изразување, туку на самиот човек, кој под влијание на Светиот Дух е проткаен со мисли. Сепак, зборовите и мислите го носат отпечатокот на индивидуалниот ум. Божествениот ум проникнува во човечкиот ум. Божествениот ум и волја се соединуваат со човечкиот ум и волја; на овој начин, исказите на човекот стануваат слово Божјо“. – Selected Messages, bk. 1, p. 21.

б. При барање на Божјото водство, што треба да разбереме за соништата и визиите? Второзаконие 13:1-5; Еремија 29:8.

в. Кои се некои од другите причини за сонување сонови? Проповедник 5:3,7.

г. Како треба да ги проверуваме пророците? 1 Коринтјаните 14:32; Исаија 8:19,20.


Понеделник 2. јануари

2. ДАЛИ СВЕТИТЕ СПИСИ СЕ НЕПОГРЕШЛИВИ?

а. До кој степен можеме да имаме доверба во чистотата на Божјата Реч? Псалм 12:6,7.

„Библијата е полна со драгоцени вистини, таа ги содржи алфа и омегата на знаењето“. – Gospel Workers, p. 309.

„Во Библијата имаме непогрешливо дадени Божји совети. Нејзините учења, практично применети во животот, ги оспособуваат луѓето за секоја одговорна задача. Тоа е Божјиот глас кој секој ден ѝ зборува на душата. Колку тогаш внимателно младите треба да ја проучуваат Божјата реч, чувајќи ги во своето срце како најдрагоцено богатство нејзините поуки според кои треба да се управуваат во сите животни прилики“. – 4 Сведоштво, 441.

„Во Своето Слово, Бог им го дал на луѓето знаењето неопходно за спасение. Светото писмо треба да се прифати како авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Тоа е стандард на карактерот, откровение на доктрината и средство за проверка на искуството“. – The Faith I Live By, p. 13.

„(На младите) им треба непогрешлив советник, непогрешлив водич. Тоа ќе го најдат во Божјото Слово. Ако вредно не го проучуваат Божјото Слово, тие ќе направат сериозни грешки кои ќе ја нарушат нивната среќа и среќата на другите, како за сегашноста, така и за иднината“. – Messages to Young People, p. 443.

б. Колку се трајни начелата наведени во Светите списи? Матеј 24:35; Псалм 119:160; Исаија 40:8.

„(Христос) поучувал дека Божјата реч треба да ја разберат сите. Тој го навел Писмото како неоспорен авторитет и ние треба да го сториме истото. Библијата треба да се претстави како Реч на бесконечниот Бог, како крај на сите полемики и темел на секоја вера“. – Христовите поуки, 39,40.

„Библијата, целосно примена и проучувана како глас Божји, му кажува на човечкото семејство како да стигне до живеалиштата на вечната среќа и да ги обезбеди небесните богатства“. – Fundamentals of Christian Education, p. 444.

„Зарем не треба образованието во нашите училишта да биде од таков карактер што ќе овозможи уште појасно познавање на Божјото Слово и што ќе ја доведе душата во животворна врска со Бога, чувајќи го Бога постојано во мислите и будејќи го секое благородно чувство во душата? Тоа е образование кое е трајно како вечноста“. – General Con¬ference Daily Bulletin, March 6, 1899.


Вторник 3. јануари

3. ПРИФАЌАЊЕ НА ЗАПИСИТЕ НА БОЖЕСТВЕНОТО ВДАХНОВЕНИЕ

а. Што треба да разбереме кога Бог зборува преку Своите пророци? Еремија 1:4-9; 1 Солунјаните 2:13.

„ Христос ги учел Своите ученици дека треба да го отворат умот за поука и да бидат подготвени да веруваат. Тој изрекол над нив благослов зашто гледале и слушале со очите и ушите на верата...

Само оној што го прифаќа Писмото како Божји глас, кој му зборува нему, е вистински ученик. Тој трепери од Речта, зашто за него таа е жива реалност“. – Христовите поуки, 59.

„Библијата укажува на Бога како нејзин автор; но сепак е напишана од човечка рака, а разновидниот стил на нејзините различни книги ги прикажува карактеристиките на различните писатели. Сите откриени вистини се вдахновени ‘од Бога’ (2 Тимотеј 3:16); сепак тие се изразени со човечки зборови. Бесконечниот, преку Својот Свет Дух, ги просветлил умовите и срцата на Своите слуги. Дал соништа и визии, симболи и слики; а оние на кои вистината им била откриена на овој начин, самите ја отелотвориле мислата на човечки јазик“. – Selected Messages, bk. 1, p. 25.

б. Што Бог често открива преку Своите пророци за да ни помогне да ја разбереме сезнајната и вечната природа на Божеството? Амос 3:7; Исаија 46:9,10.

„Историјата и пророштвото сведочат дека Богот на целата земја, преку Своите избрани светлоносци, открива тајни на целиот свет. Скептичен свет, кој зборува и пишува за високото образование, дискутира за работи што не ги разбира. Тој не гледа дека вистинското, високо образование вклучува посовршено спознание за Бога и Исуса Христа, кого Тој го испратил. Малкумина се оние кои разбираат дека целата вистинска човечка наука доаѓа од Богот на науката и дека Бог му покажува на светот дека Тој е Цар над сите“. – Bible Training School, December 1, 1912.

„Во анализите на човечката историја изгледа како среќата на народот и славата и падот на царевите да зависат од волјата и способностите на човекот, и се чини дека неговата сила, славољубие и моќта на големите дела влијаат врз настаните. Меѓутоа, во Божјата Реч е подигната завеса така што низ целата оваа игра на човечки интереси, моќ и страсти можеме да го согледаме делувањето на силата на Семожниот, и речиси нечујното остварување на Неговата волја“. – Пророци и цареви, 499,500.


Среда 4. јануари

4. ШТО Е ПОТРЕБНО ОД НАША СТРАНА?

а. Каков став треба да имаме додека ја проучуваме Библијата? Исаија 66:1,2; Јован 7:17; Дела 17:10,11.

„Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили никогаш не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува еден натприроден елемент во човечката природа. Душата што му се предава на Христа станува Негова тврдина, која Тој ја држи во еден бунтовен свет и Тој не сака во неа да се признае некоја друга власт освен Неговата. Душата која се држи така во поседот на небесните сили, е несовладлива за нападите на сатаната. Но ако не се предадеме под контрола на Христа, над нас ќе владее злиот“. – Копнежот на вековите, 324.

„Да оспоруваат, да доведуваат во прашање, да критикуваат, исмејуваат - тоа е образованието што многумина го добиле и плодовите кои тие ги донесуваат. Тие одбиваат да ги признаат доказите. Природното срце е во конфликт со светлината, вистината и знаењето. Исус Христос бил во секоја соба каде што сте се забавувале. Колку молитви биле испратени кон небото од овие простории?“ – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 140.

„Не можеме да бидеме сигурни дека нашето учење е исправно и ослободено од секаква плева и грешки, освен ако секојдневно не ја вршиме Божјата волја. Ако ја вршиме Неговата волја, ќе го знаеме и учењето. Ќе ја видиме вистината во нејзината света убавина. Ќе го прифатиме со почит и побожен страв, а потоа ќе можеме да им го пренесеме на другите она што знаеме дека е вистина. Во ова свечено дело не треба да има чувство на супериорност или самовозвишување“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 46.

б. Кој дел од Библијата е поважен од преостанатиот дел? Римјаните 15:4; Лука 24:27; Исаија 28:10.

„Секој дел од Библијата е вдахновен од Бога и е корисен. На проучувањето и на Стариот и на Новиот завет треба да им се посвети подеднакво внимание. Додека го проучуваме Стариот завет, ќе најдеме живи извори кои клокотат каде што невнимателниот читател гледа само пустина.

Стариот Завет фрла светлина на Новиот, а Новиот на Стариот. И едниот и другиот претставуваат откровение на славата Божја во Христа“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 462.


Четврток 5. јануари

5. НЕ Е ДОВОЛНО САМО ЧИТАЊЕ И ПРОУЧУВАЊЕ

а. Што треба да правиме со она што ќе го научиме додека ги проучуваме Светите списи? Изреки 2:1-5; Псалм 119:11,16.

„Светиот Дух сака да им се обраќа на младите и да им ги открива богатствата и убавините на Божјата реч. Ветувањата изговорени од големиот Учител ги пленат чувствата и ја оживуваат душата со духовната сила што потекнува од Бога. Плодоносниот ум на младите сè повеќе се запознава со духовните вредности кои како планина се испречуваат пред искушенијата.

Зборовите на вистината ќе ни стануваат се поважни, ќе добиваат широчина и целосно значење за кое пред тоа никогаш не сме сонувале. Убавината и богатството на Речта ќе имаат преобразувачко влијание врз умот и карактерот. Светлината на небесната љубов ќе го осветли срцето со силата на вдахновението“. – Христовите поуки, 132.

б. Со што се споредуваме ако ги примиме овие работи во срцето? Лука 6:46-49.

„Срцето коешто се збогатува со познавање на драгоцените вистини на Божјото слово е вооружено за борба против сатанските искушенија, против нечистите мисли и несветите постапки“. – Мојот живот денес, 28.

в. Што треба да бараме од Господа да направи за нас - и зошто? Псалм 119:133.

„Божествената мудрост ги насочува чекорите на оние кои се надеваат на Господ. Божествената љубов ќе ги обвитка и тие ќе станат свесни за присуството на Утешителот, Светиот Дух“. – Our High Calling, p. 324.


Петок 6. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин божествената инспирација му била дадена на човечкиот род?

2. До кој степен можеме да и веруваме на Библијата и зошто?

3. Која е целта на пророчки списи, и каков авторитет носат сите инспирирани списи?

4. Како ставот влијае врз проучувањето на Библијата?

5. Како можеме да го изградиме нашиот живот на сигурна основа?

 <<    >>