Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 11. март 2023

„Посвети ги со Својата вистина“

„Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден“ (Изреки 4:18).

„Кога целосно се предаваме на Бога и целосно веруваме, Христовата крв нè чисти од сите гревови. Совеста може да се ослободи од осудата. Преку верата во Неговата крв, сите можат да бидат совршени во Христа Исуса. Му благодариме на Бога што немаме работа со невозможни работи. Можеме да бараме посветување. Можеме да уживаме во Божјата милост. Нашата грижа не е што мислат Христос и Бог за нас, туку што мисли Бог за Христа, нашиот Заменик”. – Selected Messages, bk. 2, pp. 32,33.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 557-567. 

Недела 5. март

1. ОПРАВДУВАЊЕ

а. Што добиваме од Бога кога вистински ги исповедаме своите гревови и ги предаваме нашите животи на Исус – било на почетокот на нашето христијанско искуство или на секој чекор од патот? Римјаните 3:24-26.

„Пред падот, Адам можел со послушност на Божјиот закон да оформи праведен карактер. Но тој тоа не го сторил, па поради неговиот грев и нашата природа станала грешна, и ние не сме во состојба себеси да се направиме праведни. Затоа што сме грешни, несвети, ние не можеме да му бидеме совршено послушни на светиот Закон. Ние немаме некоја своја предност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа Христос ни овозможи решавање на проблемот. Тој живеел на Земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел навистина безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови а нам да ни ја даде својата праведност. Ако Му се предадете Нему и ако Го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле“. – Патот кон Христа, 62.

б. Колку долго ќе трае ова патување? Изреки 4:18; Марко 13:13.


Понеделник 6. март

2. РАЗВИВАЊЕ НА ХРИСТИЈАНСКИТЕ БЛАГОДАТИ

а. Освен простување/оправдување, што друго сака Бог да ни даде? 2 Коринтјаните 7:1; Евреите 6:1; Филипјаните 3:12-14.

„Преобразбата на карактерот, каква што се гледа во животот на Јована, секогаш е резултат на постојаната поврзаност со Христа. Во карактерот на луѓето можат да постојат забележливи недостатоци, но оној што станува вистински Христов ученик, силата на божествената милост може да го преобрази и да го посвети. Посматрајќи ја како на огледало славата Господова, тој човек се менува од слава во слава сè додека не стане сличен на Оној, кого толку предано го љуби и го обожава“. – Делата на апостолите, 559.

„Без Христовата благодат, грешникот е во безизлезна состојба - ништо не може да се направи за него - но со божествената благодат на човекот му се дава натприродна сила која делува во умот, срцето и карактерот. Со посредство на Христовата благодат се препознава грозоморната природа на гревот и конечно се протерува од храмот на душата“. – Selected Messages, bk. 1, p. 366.

„Ништо освен божествената сила не може да го обнови човечкото срце и да ја исполни душата со Христовата љубов, која секогаш ќе се манифестира во љубов кон оние за кои Тој умрел. Плодовите на Духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, добрина, вера, кротост и воздржаност. Кога човек ќе се сврти кон Бога, тој добива нов морален вкус, му се дава нова движечка сила и тој ги сака работите што Бог ги сака; зашто неговиот живот е врзан за златниот синџир на Исусовите непроменливи ветувања. Љубовта, радоста, мирот и неискажливата благодарност целосно ќе ја исполнат душата, а јазикот на блажените ќе биде: ‘Твојата благост ме возвеличува’ (Псалм 18:35)“. – Selected Messages, bk. 1, p. 336.

б. Кои се некои од чекорите за подобрување на христијанските благодати кои ни се потребни на патот за небесното царство? 2 Петрово 1:5-11.

„Скалите го претставуваат Христа, кој ја спојува земјата со небото. Подножјето на тие скали, преку Неговата човечка природа, е цврсто всадено во земјата, додека највисокото скалило, преку Неговото божество, допира до Божјиот престол. Со Својата човечка природа Христос го прегрнал паднатото човештво, додека со Своето божество се држи за Божјиот престол. Ние се спасуваме искачувајќи се скалило по скалило по тие скали, угледувајќи се на Христа, држејќи се цврсто за Него, качувајќи се чекор по чекор до Неговата висина, така што Тој ќе ни стане мудрост, праведност, посветување и откупување“. – 6 Сведоштво, 147.


Вторник 7. март

3. СИЛА ПРЕКУ БОЖЈОТО СЛОВО

а. Како Бог ги просветлува нашите умови за да може христијанскиот раст постојано да напредува? 2 Коринтјаните 4:4-6; Псалм 119:105; Левитска 20:7,8.

„Кога човечката волја соработува со Божјата волја, таа станува семоќна. Сè што треба да се направи по Негова заповед, може да се оствари во Негова сила. За сè што бара од човекот, Бог овозможува и извршување“. – Христовите поуки, 333.

„Совршенството на карактерот се заснова на тоа што е Христос за нас. Ако постојано зависиме од заслугите на нашиот Спасител и одиме по Неговите стапки, ние ќе бидеме како Него, чисти и неизвалкани.

Нашиот Спасител од никого не бара ништо што е невозможно. Тој не очекува ништо од Своите ученици за чие извршување не е подготвен да им даде благодат и сила. Тој не би ги повикал да бидат совршени ако не го поседувал сето совршенство на благодатта што го излева врз оние на кои им додели толку висока и света привилегија. Тој нè уверува дека е поподготвен да им даде Свети Дух на оние што бараат од Него, отколку што родителите се подготвени да им дадат добри дарови на своите деца“. – That I May Know Him, p. 130.

б. Како го нарекуваме овој процес на христијански раст во вистината преку силата на Словото? Јован 1:14; 17:17.

„Кога вистината ќе стане непоколебливо животно начело, луѓето стануваат ‘новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливата жива и вечна Божја реч’. Таа преродба настапува ако Христос се прими како Божја реч. Кога божествените вистини ќе се втиснат во срцето со помош на Светиот Дух, тие создаваат нови сфаќања, а силите, до тогаш успиени, се будат и соработуваат со Бога“. – Делата на апостолите, 520.

„Светоста на припадниците на црквата од секогаш била Божја цел за неговиот народ на оваа земја. Бог уште од искон ги одбрал да бидат свети - посветени само нему. Го дал својот Син да умре за нив за да се посветат со послушност кон вистината, лишени од сите дреболии на себичноста. Бог од секого меѓу нив бара лично залагање и лична преданост. Бог ќе се слави преку оние кои тврдат дека веруваат во него само тогаш ако тие го одразуваат неговиот лик и ако бидат под контрола на неговиот Дух. Тогаш, како сведоци за Спасителот, можат да разгласуваат што сè сторила божествената милост за нив“. – Делата на апостолите, 559.


Среда 8. март

4. ЛАЖНИ ТВРДЕЊА

а. Имајќи ги во предвид светите луѓе во библиските времиња, што треба да разбереме во врска со тврдењето за конечна победа? 1 Јованово 1:8,10; Римјаните 7:18; Галатјаните 6:14.

„Почестите укажани на Даниел предизвикале завист кај водечките луѓе од царството. Кнезовите и управителите се стремеле да пронајдат згодна прилика за обвинение против Даниел. ‘Но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и немаше никаква грешка ни вина’ (Даниел 6:4).

Каква поука се изнесува тука за сите христијани. Острите очи на зависта беа вперени во него од ден на ден; нивната будност беше изострена од омразата; но сепак ниту еден збор или постапка во неговиот живот не оддавале ниту трошка зло, туку уште повеќе, тој живеел со еден живот на потполна верност и посветување“. – Посветен живот, 42.

„Лажното посветување ги одвлекува луѓето директно од Библијата. Религијата е сведена на бајки. Чувствата и впечатоците стануваат критериум. Додека тие тврдат дека се безгрешни и се фалат со својата праведност, претендентите за посветување учат дека луѓето имаат слобода да го прекршат Божјиот закон и дека оние што ги почитуваат Неговите заповеди отпаднале од благодатта. Изнесувањето на барањата на законот предизвикува нивно противење, гнев и презир. На тој начин се покажува нивниот карактер, ‘зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може’ (Римјаните 8:7)“. – Faith and Works, p. 53.

б. Дали верувањето во потребата од посветување значи дека мора да го зслужиме нашето спасение? Јован 14:15; 1 Јованово 3:5,6.

„Коренот на праведноста лежи во побожноста. Секое човечко суштество е праведно само ако има вера во Бога и ако одржува жива врска со Него. Како што цветот во поле има корен во почвата, како што тој мора да добива воздух, роса, дожд и сончеви зраци, така ние мораме да го добиваме од Бога она што е потребно за животот на душата. Дури кога ќе станеме учесници во Неговата природа, можеме да стекнеме сила да се покориме на Неговите заповеди. Ниту еден човек, моќен или непознат, искусен или неискусен, не може да води меѓу своите ближни чист, силен живот ако тој живот не е со крин со Христа во Бога. Ако е поголема активноста меѓу луѓето, тогаш поблиска треба да биде комуникацијата на срцето со Бога“. – 7 Сведоштво, 194.


Четврток 9. март

5. ШТО Е СО ПОСВЕТУВАЊЕТО?

а. Дали посветувањето - развој на христијанскиот карактер - по правило е видливо за личноста кај која се случува? Марко 4:26-29. Што е со другите?

„Природното и спонтаното влијание на светиот живот, за кое често не сме ни свесни, претставува најубедлива проповед во корист на христијанството. Аргументите, дури и кога наполно се непобитни, можат да предизвикаат само противење, но побожниот пример има сила на која никој не може во целост да ѝ се противстави“. – Делата на апостолите, 510.

б. Што покажува дека овој раст е континуиран и дека никогаш не можеме да бидеме задоволни со нашиот напредок и постигнувања? 1 Коринтјаните 15:31; Матеј 10:22; Филипјаните 3:12-16.

„Господ сака сите негови синови и ќерки да бидат среќни, спокојни и послушни... Со вера може да се надомести секој недостаток на карактерот, да се исчисти од секоја нечистотија, да се исправи секоја грешка и да се развие секоја добра особина“. – Делата на апостолите, 564.

„Посветеноста не е задача за еден миг, за еден час или ден, туку дело за цел живот. Таа не се стекнува со непостојан налет на чувствата, туку со постојано отфрлање на гревот и со доследно живеење за Христа. Злото не може да се отстрани ниту пак карактерот може да се преобрази со слаби, повремени напори. Можеме да победиме само со долги, истрајни напори, со строга дисциплина и со сериозна борба. Ние денеска не можеме да знаеме колку остра ќе биде нашата утрешна борба. Сè додека живее и владее сатаната, ние мораме да се бориме против сопственото ‘јас’ и против гревот кој постојано нè опседнува. Сè додека живееме, нема здивнување ниту застој во борбата, нема место до кое, кога ќе стигнеме, можеме да кажеме: ‘Постигнав сè!’ Посветеноста е дело на доживотна послушност“. – Делата на апостолите, 560,561.


Петок 10. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Бог постапува со нас во секој момент од оправдувањето?

2. Како Бог покажува дека Неговата желба за нас е повеќе од само простување?

3. Која е тајната на трансформацијата?

4. Од што нѐ оддалечува лажното посветување?

5. Како знаеме дека посветувањето вклучува цел живот на континуиран раст?

 <<    >>