Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 11. февруари 2023

Божјиот вечен закон

„Зашто ова е љубовта Божја: да ги исполнуваме Неговите заповеди; а Неговите заповеди не се тешки“ (1 Јованово 5:3).

„(Исус) бара од нас да се љубиме еден со друг така како што Тој нè љуби нас. Вистинската вера се заснова на љубов кон Бога, љубов која нè наведува да се љубиме еден со друг. Таквата љубов е полна со благодарност, понизност, трпение, самопожртвување, воздржување, милост и простување. Таа го посветува сиот живот и своето благотворно влијание постојано го пренесува и на другите“. – 4 Сведоштво, 223.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 303-314. 

Недела 5. февруари

1. НЕПРОМЕНЛИВИОТ ТВОРЕЦ

а. Што треба да разбереме за Христовиот однос кон Божјиот морален закон додека живеел овде на оваа земја како Син Човечки? Матеј 5:17,18.

б. Колку биле посебни еврејските водачи во поглед на надворешното почитување на законот? Матеј 23:23; Филипјаните 3:4.

„(Еврејските водачи) ревно се труделе да одржат само надворешен изглед на светост, но истовремено ја запоставиле светоста на срцето. Држејќи се за словото на законот, постојано го кршеле неговиот дух. Ним им била неопходна онаа промена што Христос му ја објаснил на Никодим ново морално раѓање, очистување од гревот и обновување на знаењето и на светоста”. – Копнежот на вековите, 173.

в. Што можеме да забележиме во врска со судењето на Исус, што јасно покажува дека Тој не го прекршил законот? Матеј 26:59,60.

„Ниту Спасителот, ниту Неговите следбеници не ја престапиле четвртата заповед. Христос бил жив претставник на законот. Во Неговиот живот не можел да се најде ниту еден прекршок на Неговите свети прописи. Фрлајќи поглед на едно мноштво сведоци, кои барале можност да го осудат, Тој можел неоспорно да каже: ‘Кој од вас ме обвинува за грев?’ (Јован 8:46)”. – Копнежот на вековите, 287.


Понеделник 6. февруари

2. ЗАКОН ВО ИСУСОВОТО СРЦЕ

а. Што било подготвено за Исус кога дошол на земјата? Евреите 10:5-10.

„Не била случајност, туку божествен план, што Спасителот на светот ја оставил настрана Својата круна, ја соблекол Својата царска облека и дошол во нашиот свет како човек. Тој ја облекол Својата божественост со човечка природа, за да може да застане на чело на човечкото семејство, Неговата човечка природа била соединета со човечката природа на расата падната поради непослушноста на Адам“. – The Southern Work, p. 85.

б. Кога го читаме истиот пасус во Стариот завет за Христос, што било проречено дека ќе има во Неговото срце? Псалм 40:6-8.

„Прекршувањето на законот резултирало со грев, тага и смрт. Сатаната изјавил дека ќе им докаже на световите што Бог ги создал и на небесните суштества дека е невозможно да се запази Божјиот закон. Кога Адам попуштил на искушението на непријателот и паднал од својата возвишена и света положба, сатаната и неговите ангели се радувале. Но, од Божјиот престол се слушнал глас, изговарајќи зборови со мистериозна смисла. (Псалм 40:6-8). Кога човекот паднал, Христос ја објавил Својата намера да стане негова замена и гаранција“. – The Review and Herald, September 3, 1901.

в. Кога го прифаќаме Христа во срцето, што друго прифаќаме заедно со Него? Псалм 119:70,72,77,174.

„Јаремот што не впрегнува во служба е Божјиот закон. Големиот закон на љубовта, откриен во Едем, објавен на Синај и во Новиот Завет запишан во срцето е она што го врзува работникот за Божјата волја. Кога би биле препуштени да се поведуваме по своите склоности, да одиме таму, каде што не води нашата волја, би паднале во сатанските редови и би ги поседувале неговите особини. Затоа Бог не ограничува со Својата волја, која е возвишена, благородна и воздигнувачка. Тој сака трпеливо и мудро да ги земеме должностите на служба. Христос во човечкиот облик го понел јаремот на служба”. – Копнежот на вековите, 329.

„Правдата е светост, сличност со Бога, а ‘Бог е љубов’ (1 Јованово 4:16). Таа е во согласност со Божјиот Закон ‘зашто сите Твои заповеди се праведни’ (Псалм 119:172), а ‘љубовта е исполнување на Законот’ (Римјаните 13:10). Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата правда е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата”. – Мисли од гората, 18.


Вторник 7. февруари

3. СПОРЕД ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ

а. Кога Исус им објаснувал на учениците дека Неговиот живот е жив доказ дека Тој е Месијата, кои текстови ги користел? Лука 24:27,44.

„Сакал да го просветли нивниот ум и да ја утврди нивната вера во ‘најсигурното пророчко слово’. Сакал вистината да фати поцврст корен во нивното срце не само затоа што била потпрена со Неговото лично сведоштво, туку и поради сигурниот доказ што се наоѓал во симболите и во сенките на обредниот закон, како и во пророштвата на Стариот завет. На Христовите следбеници им било потребно да имаат разумна вера не само заради самите нив, туку и на светот да можат да му ја пренесат вистинската претстава за Христа. Како прв чекор во пренесувањето на ова знаење Исус учениците ги упатил на „Мојсеј и на сите пророци“. Такво било сведочењето на воскреснатиот Спасител за вредноста и значењето на Старозаветните списи“. – Големата борба, 349.

б. Како учениците, додека ја проповедале евангелската порака, докажале дека Исус е Ветениот? Дела 28:23.

„Божјиот Дух ги насочувал изговорените зборови и срцата на присутните биле трогнати. Повикувајќи се на пророштвата од Стариот завет, апостолот изјавил дека тие буквално се исполниле во службата на Исуса Назареќанецот и тоа осведочило многу души кои копнежливо го очекувале доаѓањето на ветениот Месија. Со полна сигурност изговорените зборови на говорникот дека „ветувањето” на спасението дадено еднакво и на Евреите и на незнабошците, им дале надеж и радост на оние кои по потекло не се вбројувале меѓу Аврамовите синови“. – Делата на апостолите, 172,173.

„Проповедајќи им на Солунјаните, Павле се повикува на старозаветните пророштва кои укажувале на Месија. Во текот на својата мисија Христос го приготвил духот на учениците да ги сфатат овие пророштва: ‘Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо’ (Лука 24:27). Проповедајќи го Христа, Петар се повикал на доказите од Стариот завет. На ист начин постапил Стефан. И Павле во својата служба се повикувал на цитати од светите списи во кои е преткажано не само раѓањето, туку и страдањето, смртта, воскресението и вознесението на Христа. Инспириран со сведоштвата на Мојсеја и пророците, тој Исуса од Назарет јасно и неспорно го идентификувал со претскажаниот Месија и покажал дека гласот кој зборувал преку патријарсите и пророците всушност бил Христов глас“. – Делата на апостолите, 221,222.


Среда 8. февруари

4. ЗАКОНОТ И ВЕРАТА

а. Дали верата во Исус како наш личен Спасител го укинува законот? Зошто да или зошто не? Римјаните 3:31.

б. Каков благослов им е изречен на оние што ги држат заповедите? Откровение 22:14.

„Откако ги прекршиле Божјите заповеди, Адам и Ева биле проколнати и го изгубиле правото на дрвото на животот. Христос умрел за да го спаси човекот, а сепак да ја зачува честа на Божјиот закон. Тој вели: ‘Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите’. Божјиот Син овде го претставува извршувањето на Божјите заповеди како услов да имаме право на дрвото на животот. Прекршувањето на Божјите заповеди го лишило човекот од секое право на дрвото на животот. Христос умрел за благодарение на Својата крв, послушноста на Божјиот закон да го удостои човекот за небесен благослов и повторно да му даде право на дрвото на животот“. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 88.

„Ангелите беа насекаде околу нас додека преку Стакленото море чекоревме кон вратите на Градот. Исус ја подигна Својата моќна, славна рака, се прифати до бисерните порти и ја отвори наназад на нејзините блескави шарки велејќи ни: ‘Вие ги оправте своите облеки во Мојата крв и цврсто стоевте заради Мојата вистина; влезете внатре’. И сите влеговме внатре чувствувајќи дека имаме целосно право на Градот“. – Рани списи, 17.

в. Како ова докажува дека Бог никогаш не се менува? Евреите 13:8.

„Исус ќе направи големи работи за нас ако верно ги извршуваме нашите должности. Ние мора да ја предадеме нашата волја на Божјата волја. Мораме да Му оддадеме чест на Господа со послушност на сите Негови заповеди, дури и во работите што го нарекуваме ситници. Вистината, како и нејзиниот божествен Автор, е непроменлива во своите барања, иста вчера, денес и засекогаш. Не е во согласност со човечките традиции, не се прилагодува на нивните мислења. Вистината отсекогаш предизвикувала поделба меѓу Божјиот народ и светот. Но, ако нашата позиција како посебен народ во поранешните години била одобрена од Бога, како Тој гледа на нашата сегашна положба? Дали сме напредувале во духовноста откако отстапивме од нашата првобитна едноставност?“ – The Signs of the Times, May 25, 1882.


Четврток 9. февруари

5. НАПИШАН ВО СРЦЕТО

а. Како можеме да го имаме Божјиот закон во нашиот живот на ист начин на кој го имал и Исус? Евреите 10:16; 8:10.

„Бог ни ги дал Своите свети прописи зашто го љуби човештвото. За да не заштити од последиците на престапот, Тој ни ги открива начелата на праведноста. Законот е израз на Божјата мисла; кога е примен во Христа, тој станува наша мисла. Законот нѐ издигнува над силата на вродените желби и склоности, над искушенијата што водат кон грев“. – Копнежот на вековите, 308.

б. Што Бог ни открива уште пред да го започнеме ова небесно патување? 1 Јованово 4:19,8.

„Земјата била обвиена со темнина, бидејќи Бог бил погрешно сфатен. За да се растераат мрачните сенки, за светот да може да се врати кај Бога, сатанската измамничка сила морала да биде скршена. Тоа не можело да се направи насилно. Применувањето сила е во спротивност со начелата на Божјото владеење. Бог посакува служење, кое е поттикнато од љубов; љубовта не може да се изнуди; не може да се придобие преку сила или авторитет. Љубовта може да се разбуди само преку љубов. Да се познава Бог, значи да се љуби Бог. Неговиот карактер мора да се истакне како спротивност на карактерот на сатаната. Ова дело може да го оствари само едно Суштество во целата вселена. Само Оној, Кој ја познава длабочината и широчината на Божјата љубов, може да го објави истото“. – Копнежот на вековите, 22.

в. Што ќе биде можно само ако оваа Божја љубов е во нашите срца? Јован 14:15-17.


Петок 10. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Исус го задржал Божјиот карактер додека живеел во човечко тело?

2. Како се манифестира истиот Христов карактер кај вистинските верници?

3. Со кои пророштва треба темелно да се запознаеме за вистински да веруваме дека Исус е Месијата?

4. Како е можно грешните човечки суштества да имаат право на дрвото на животот што им било ускратено токму поради гревот?

5. Кој е единствениот начин на кој можеме да искусиме вистинска послушност?

 <<    >>