Back to top

Sabbath Bible Lessons

Ризници на Вистината (I) - Да Расудуваме со нашиот Творец

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 18. февруари 2023

Тајната на евангелието

„На кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата“ (Колосјаните 1:27).

„Врз основа на Неговото постапување со нас, ние можеме да ги сфатиме побудите кои Го поттикнуваат на тоа и да согледаме дека безграничната љубов и милост се соединети со бескрајната сила. Ние можеме да ги сфатиме Неговите цели колку што е добро за нас да знаеме; но за сѐ што е над тоа мораме мирно да се довериме на силата на Семоќниот, на љубовта и милоста на Таткото на сите нас и Владетелот на сите“. – 5 Сведоштво, 699.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Воспитување, 169-172. 

Недела 12. февруари

1. СПИСИ КОИ СЕ ТЕШКИ ЗА РАЗБИРАЊЕ

а. Што забележува Петар за некои од списите на Павле? 2 Петрово 3:14-17. Што треба да разбереме за некои работи во Светите списи? Второзаконие 29:29.

„Луѓе со извонредни ментални и духовни способности го посветиле целиот свој живот на истражувањето на Светите списи во молитва, но сепак има многу делови од Библијата кои не се целосно истражени. Некои делови од Светото писмо никогаш нема да бидат целосно разбрани додека самиот Христос не ги објасни во идниот живот. Има тајни кои треба да се решат, изјави кои човечкиот ум не може да ги усогласи. Непријателот ќе се обиде да поттикне расправии за овие точки, за кои е подобро да не се дискутира“. – Gospel Workers, p. 312.

б. Со каков став треба да пристапиме кон Светите списи? Јован 7:17.

„Духот со кој пристапувате кон истражувањето на Писмото одредува кој ќе ви биде асистент во тоа проучување. Ангелите од светот на светлината ќе бидат покрај оние кои во понизност на срцето бараат божествено водство. Но, ако Библијата е отворена со непочитување, со чувство на самодоволност, ако срцето е исполнето со предрасуди, тогаш сатаната е покрај вас кој и тој ќе ги претстави јасните изјави на Божјата реч во изопачено светло“. – Testimonies to Ministers, p. 108.


Понеделник 13. февруари

2. ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ТАЈНИТЕ

а. Кои конкретни работи Бог му ги открил на Павле со цел да ги сподели со остатокот од светот? Римјаните 16:25,26; Колосјаните 1:27.

„Но за Павле крстот бил предмет на највозвишена почит. Откако бил запрен на својот пат како прогонувач на следбениците на распнатиот Назареќанец, Павле ниту за миг не престанал да ја воздига славата на крстот. Во тоа време му било дадено откровение за бесконечната Божја љубов како што се покажала во Христовата смрт; во неговиот живот настапила чудесна преобразба која сите негови планови и животни цели ги довела во хармонија со она што е небесно. Од тој миг Павле станал нов човек во Христа. Од лично искуство знаел дека грешникот, кога еднаш ќе ја сфати љубовта на Отецот, која се гледа во жртвата на неговиот Син, и кога ќе му се потчини на божественото влијание, се преобразува во срцето и од тој миг Христос за него станува сè во сè“. – Делата на апостолите, 245.

б. Ако нешто во Писмото е тешко да се разбере, зошто воопшто треба да се обидуваме да го истражиме значењето на тие записи? 2 Тимотеј 3:16,17.

„Христов крст е целосно покриен со прекор и срам, а сепак тој за човекот претставува надеж на живот и воздигнување. Никој не може да ја разбере тајната на побожноста сѐ додека се срами да го носи Христовиот крст. Никој нема да може да ги препознае и цени благословите што Христос ги обезбедил за човекот, плаќајќи неизмерна цена за тоа, освен ако тој не е подготвен со задоволство да ги жртвува земните богатства за да стане Негов следбеник. Секое самооткажување и жртва направени заради Христа го збогатува давателот, а секое страдање и прекор што се поднесува заради Неговото мило име ја зголемува конечната радост и бесмртната награда во царството на славата“. – Confrontation, p. 93.

в. Објаснете што ни е потребно за да дојдеме до правилни заклучоци. Јован 16:13.

„Ако не нѐ води Светиот Дух, постојано сме во опасност погрешно да го протолкуваме Светото Писмо. Мнозина го читаат Светото Писмо, но немаат никаква корист од тоа, а само штета. Ако Божјата реч ја отвораме без стравопочитување, ако мислите и љубовта не се насочени кон Бога и не се во согласност со Неговата волја, умот ќе им подлегне на сомневањата и таквото читање на Библијата уште повеќе ќе го засили скептицизмот. На тој начин непријателот стекнува власт над мислите и го наведува разумот на неисправно толкување“. – 5 Сведоштво, 704,705.


Вторник 14. февруари

3. ЦАРСКИОТ МОРАЛЕН ЗАКОН

а. Спротивно на вообичаеното верување, како знаеме дека законот на Десетте заповеди не бил укинат на крстот? Јаков 2:8,9.

„Многу верски учители тврдат дека Христос со Својата смрт го укинал Законот и дека оттогаш луѓето се ослободени од неговите барања. Има и такви кои го прикажуваат како тежок јарем, и наспроти робувањето на Законот, ја истакнуваат неограничената слобода што можат да ја уживаат под евангелието.

Меѓутоа пророците и апостолите не гледале така на светиот Божји закон. Давид рекол: ‘Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди’ (Псалм 119:45). Апостол Јаков, кој пишувал по Христовата смрт, Десетте заповеди ги нарекува ‘царски Закон’, ‘совршен Закон на слободата’ (Јаков 2:8; 1:25). А писателот на Откровението, повеќе од половина век по Христовото распнување, изговорил благослов над оние ‘што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите’ (Откровение 22:14)“. – Големата борба, 466.

„Кога некој се предава на Христа, неговиот ум се доведува под контрола на законот; но тоа е царски закон што секој заробеник го прогласува за слободен. Со тоа што станува едно со Христа, човекот се ослободува. Потчинувањето на Христовата волја, значи повторно воспоставување на првичното човечко совршенство“. – Здравје и среќа, 131.

б. Кој закон дефинира дека треба да го љубиме ближниот како себеси? Римјаните 13:9; спореди со Излез 20:1-17.

„Првите четири од Десетте заповеди се сумирани во таа единствена голема заповед: ‘Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце’. Последните шест се опфатени со другата заповед: ‘Љуби го својот ближен како самиот себеси’. Двете заповеди се израз на начелата на љубовта. Невозможно е да се држи првата, а втората да се престапува, ниту да се држи втората, а првата да се престапува. Ако Бог се наоѓа на местото што му припаѓа, ако се наоѓа на престолот на срцето, тогаш и нашиот ближен го добива местото што му припаѓа. Тогаш го љубиме како самите себеси. Само ако Го љубиме Бога над сѐ, можеме непристрасно да ги љубиме своите ближни...

На тој начин Христос ги поучил Своите слушатели дека Божјиот закон не претставува збир на посебни одредби, од кои некои се од големо значење, додека други се помалку важни и можат неказнето да се запостават. Нашиот Господ ги прикажува првите четири и последните шест заповеди како една божествена целина и не поучува дека љубовта кон Бога се покажува со тоа што се покоруваме на сите Негови заповеди“. – Копнежот на вековите, 607.


Среда 15. февруари

4. СУДЕНИ СПОРЕД ЗАКОНОТ

а. Објасни го далекосежниот опсег на Божјиот суд врз човештвото. Проповедник 11:9; Римјаните 14:10; 2 Коринтјаните 5:10; Евреите 9:27.

„Секому ќе му биде судено според светлината што му била дадена. Господ ги праќа своите претставници со порака на спасението и сите што ја чуле таа порака ги смета за одговорни за ставот што го зазеле кон зборовите на неговите слуги. Оние што искрено се стремат кон вистината, ќе се потрудат во светлината на Божјата реч внимателно да го проверат учењето што им е изнесено“. – Делата на апостолите, 232.

б. Кој стандард ќе се користи при донесувањето на пресудата? Јаков 2:12.

в. За каков закон зборуваме? Јаков 2:11; спореди со Излез 20.

„Во своето учење Христос покажал колку се далекусежни начелата на законот изговорени на Синај. Тој бил жива примена на тој закон, чии принципи засекогаш ќе останат големото мерило на праведноста - мерило според кое сите ќе бидат судени во големиот ден кога ќе заседава судот и ќе се отворат книгите“. – Selected Messages, bk. 1, p. 211.

„Божјиот закон е мерило според кое на судот ќе се мери животот и карактерот на секој човек. Проповедникот кажува: ‘А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо’ (Проповедник 12:13,14). Апостол Јаков ги предупредува своите браќа: ‘Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според законот на слободата’ (Јаков 2:12)“. – Големата борба, 482.

„Кога ќе почне да заседава судот и ќе се отворат книгите, а секој човек ќе биде суден според она што е запишано во книгите, тогаш на камените плочи, кои Бог ги сокрил до тој ден, пред светот ќе бидат прикажани мерилата на праведноста. Тогаш мажите и жените ќе видат дека условот за нивното спасение е послушноста на совршениот Божји закон. Никој нема да најде изговор за гревот. Со помош на праведните начела на законот, луѓето ќе ја добијат својата казна за живот или смрт“. – Selected Messages, bk. 1, p. 225.


Четврток 16. февруари

5. ЗАКОНОТ КАКО УЧИТЕЛ

а. Која е целта да се разбере законот или да се знае вистината? Јован 3:18-21; Римјаните 7:7.

„Првиот чекор кон помирување со Бога е осведочувањето за гревот. ‘Гревот е беззаконие’. ‘Бидејќи преку Законот се познава гревот’ (1 Јованово 3:4; Римјаните 3:20). За да ја увиди својата вина, грешникот мора својот карактер да го испитува според големото Божјо мерило на правдата. Законот е огледало што го покажува совршенството на еден исправен карактер и го оспособува човекот да ги открие сопствените недостатоци“. – Големата борба, 467.

б. Откривајќи ја нашата вистинска состојба, што прави законот со ова откровение? Галатјаните 3:24.

„Ме прашуваат за законот во Галатјаните. Кој закон е учителот да нè доведе до Христос. Јас одговарам: И церемонијалниот и моралниот кодекс од десетте заповеди.

Христос бил темел на целата еврејска организација. Смртта на Авел била последица на одбивањето на Каин да го прифати Божјиот план во школата на послушноста, да биде спасен со крвта на Исус Христос, симболично најавена со принесувањето жртви кои укажувале на Христа. Каин одбил да пролее крв, симбол на Христовата крв што требаше да се пролее за гревовите на светот. Сите овие церемонии биле пропишани од Бога, а Христос станал темел на целиот систем. Така, од самиот почеток, законот дејствувал во својство на учител, наведувајќи ги грешните човечки суштества да размислуваат за Христа“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1109.


Петок 17. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку е важна личната подготовка на срцето при проучувањето на Библијата?

2. Како е можно правилно да се разбере нешто толку мистериозно како што е евангелието на спасението?

3. Кои се причините за разбирање дека и по крстот Божјиот закон е сѐ уште на сила?

4. Кој е големиот стандард на карактерот како предуслов за вечен живот?

5. Зошто е потребно законот, нашиот чувар, да нѐ доведе кај Христа?

 <<    >>