Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 28. ноември 2020

Кој го прифаќа Исуса

„Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати” (Јован 13:20).

„Срцата на оние коишто го примаат Христа, набљудувајќи ја Неговата љубов, Неговото понижување, патила и смрт заради нив, се растопуваат во нежно сочувство и во потполност му се потчинуваат Нему”. – Мојот живот денес, 77.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   2 Сведоштво, 679-681. 

Недела 22. ноември

1. ОБИЧНИ ЛУЃЕ ГО ПРИМААТ СПАСИТЕЛОТ

а. Опишете го ставот на многу луѓе кон Исус и Неговите чуда. Марко 7:37; 5:42 (втор дел).

„Никогаш порано не зборувал некој кој би имал таква сила да ги поттикне мислите, да го запали копнежот и да ја придвижи секоја способност на телото, умот и душата”. – Воспитување, 81.

б. Како обичните луѓе реагирале на Исуса и Неговата служба? Марко 12:37 (последен дел). Зошто?

„Уште од самото детство, Тој (Исус) на ненаметлив начин им сведочел на другите и поради тоа, многумина со задоволство Го слушале”. – Здравје и среќа, 350.

„Исусовиот начин на поучување бил прекрасен и привлечен, и секогаш се одликувал со едноставност. Тој ги откривал тајните на небесното царство со посредство на илустрации и симболи со кои Неговите слушатели биле запознаени, а обичните луѓе го слушале со задоволство; бидејќи лесно можеле да ги сфатат Неговите зборови”. – Christian Education, p. 126.


Понеделник 23. ноември

2. ПРИМАЊЕ НА ЗБОРОТ

а. Што е претставено со семето во параболата за сејачот? Марко 4:14,15. Каде е посеано семето?

„Семето е словото Божјо, а душата која го прима бива наново родена, не од распадливо семе, туку од нераспадливо, кое живее и останува засекогаш...

Доброто семе на зборот паѓа на срцето, и веднаш се покажува првиот развој на христијанското искуство. Ова искуство се споредува со нежниот лист и со малото дете. Листот е убав, а детето е привлечно, но ако нема понатамошен развој, растението би го сметале за свенато, а детето како џуџе. Младиот обратеник треба да напредува во знаењето, да расте во благодатта. Христос ги посматра своите деца и не го занемарува развојот на семето”. – The Signs of the Times, March 27, 1893.

б. Кои три докази јасно покажуваат дека семето е посеано во приемливо срце? Марко 4:20; Лука 8:15.

„Слушателите споредени со добра земја ја примаат Речта ‘не како човечка реч, туку како Реч Божја, што всушност и е’ (1. Солунјаните 2:13). Само оној што го прифаќа Писмото како Божји глас е вистински ученик. Тој се тресе од Речта, зашто за него таа е жива стварност; го отвора својот ум и своето срце за да ја прими”. – Христовите очигледни поуки, 59.

„Божјата реч често се судрува со човековите наследени и усвоени карактерни црти или животни навики. Но слушателите споредени со добра земја, кога ја примаат Речта, ги прифаќаат и сите нејзини услови и барања. Своите навики, обичаи и постапки тие и ги подложуваат на Божјата реч”. – Христовите очигледни поуки, 60.

в. Што покажуваме со тоа дали ги почитуваме или не ги почитуваме Христовите зборови? Што вели Христос за своите зборови? Јован 14:23,24.

„Нашиот побожен живот ќе се сообрази со желбите на Исуса Христа. Го нема веќе вообичаениот себичен живот, туку во нас ќе живее Христос. Во нашата природа ќе се обнови неговиот карактер. И така кај нас ќе се множат плодови на Светиот Дух ‘едно сто, а друго шеесет, а трето триесет’”. – Христовите очигледни поуки, 61.


Вторник 24. ноември

3. СТРАВ ОД ХРИСТА

а. Каква била реакцијата на учениците кога се наоѓале во опасност на море? Како после тоа гледале на Исуса? Марко 4:38-41.

„Учениците молчеле. Дури и Петар не се обидувал да ја изрази страхопочитта која ја исполнувала неговото срце”. – Копнежот на вековите, 335.

б. Што чувствувале првосвештениците кон Исуса откако Тој го очистил храмот по втор пат? Што тие потоа сакале да направат? Марко 11:18.

„Три години порано, поглаварите на храмот биле засрамени од тоа што бегале пред Неговата заповед. Подоцна се чуделе на својот страв и на своето безусловно покорување на еден понизен Човек. Сметале дека нивното недостоинствено покорување не можело да се повтори. Меѓутоа, Сепак биле исплашени повеќе од првиот пат, па брзо се покориле на Неговата заповед. Немало човек што би се осмелил да го доведе во прашање Неговиот авторитет. Свештениците и трговците побегнале од Неговото присуство, гонејќи го пред себе својот добиток...

По извесно време свештениците и поглаварите се осмелиле повторно да влезат во храмот. Кога стравот исчезнал, биле желни да дознаат кој ќе биде Следниот Исусов потфат”. – Копнежот на вековите, 591,592.

„Фарисеите биле целосно збунети и вознемирени. Власта ја имал Оној, Кого не можеле да го исплашат. Исус зазел положба на чувар на храмот. Никогаш порано не присвојувал таква царска власт. Никогаш порано Неговите зборови и Неговите дела немале таква голема сила. Тој правел чудесни дела во Ерусалим, но никогаш на толку свечен и впечатлив начин. Свештениците и поглаварите не се осмелувале да го покажат своето отворено непријателство кон Него во присуство на луѓето кои биле сведоци на Неговите чудесни дела. Иако лути и збунети од Неговиот одговор, тој ден не можеле да сторат ништо”. – Копнежот на вековите, 593.

в. Опишете го начинот на кој Бог сака да се плашиме од Него. Евреите 12:28.

„Во нашиот говор, нашето пеење или во нашето работење кое на било кој начин е поврзано со нашата духовна пракса, треба да ја откриваме онаа смиреност, достоинство и побожен страв кои го водат секое вистинско Божјо дете”. – Selected Messages, bk. 3, p. 373.


Среда 25. ноември

4. ОТФРЛАЊЕ НА ИСУСА, РЕЧТА

а. Каков бил ставот на Исус кон богатиот млад владетел? Каков бил одговорот на владетелот? Марко 10:17-22.

„Христос го набљудувал лицето на момчето како да го чита неговиот живот и да го испитува неговиот карактер. Тој го засакал и копнеел да му даде мир, благодат и радост, што битно ќе го измени неговиот карактер.

Копнеел кај него да види понизно и скршено срце свесно за возвишената љубов што треба да му ја подари на Бога, срце кое својот недостаток ќе го покрие со Христовото совршенство”. – Копнежот на вековите, 519.

„Тој (Исус) оставил сè поради човековото спасение и побарал од момчето да дојде и да се угледа на Неговиот пример, уверувајќи го дека тогаш ќе има богатство на небото. Дали срцето на момчето затреперило од радост на тоа уверување дека навистина ќе наследи богатство на небото? О, не! Неговото земско богатство било негов идол; тоа ја засенило вредноста на вечното наследство”. – 2 Сведоштво, 679.

б. Наведи честа причина зошто луѓето ја отфрлаат Божјата Реч. Јован 8:47; 6:60.

„(Некои) не се способни да поднесат укор заради Христа. Кога Божјата реч ќе им укаже на некој омилен грев и кога од нив бара самооткажување или жртва, тие се чувствуваат навредени, и се чини дека треба да вложат премногу големи напори за да создадат коренита промена во својот живот. Гледаат на сегашните неугодности и неволји и ги забораваат вечните стварности. Слично на учениците што го напуштиле Исуса, и тие се подготвени да кажат: ‘Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?’ (Јован 6:60)”. – Христовите очигледни поуки, 47,48.

в. Што може да го отежне прифаќањето на Речта? Матеј 6:24.

„Единството со Христа... нè чини нешто... Мора да дојде до болно одвојување како и спојување... Гордоста, себичноста, суетата и световноста – гревот во сите свои форми – мора да биде победен ако сакаме да се соединиме со Христа. Причината зошто многумина го сметаат христијанскиот живот толку тежок, зошто се толку непостојани, толку променливи, е таа што тие се обидуваат да се соединат со Христа, без да се одвојат од овие негувани идоли”. – The Faith I Live By, p. 221.


Четврток 26. ноември

5. ЌЕ ГО ПРИФАТИТЕ ЛИ ИСУСА?

а. Кој повик е упатен до секој од нас денес? Исус Навин 25:15.

„Христос прво нè избрал нас, плаќајќи бескрајна цена за нашето откупување; а потоа вистинскиот верник го избира Христа како прв и последен и најдобар во сè. Но ова единство нè чини нешто. Во ова единство на целосна зависност, не може да влезе ниедно гордо битие. Сите што го воспоставуваат ова единство мораат да почувствуваат потреба за Христовата крв која ги чисти гревовите. Тие мораат да доживеат промена на срцето. Тие мора својата волја да ја потчинат на Божјата волја“. – Messages to Young People, p. 118.

б. Каде настанува одлуката да го следиме Бога, и што следи по оваа одлука? Изреки 23:26.

„Бог од вас бара да Му го дадете целото свое срце. Вашите сили, вашите таленти, вашите чувства, сѐ треба да биде посветено Нему, за Тој да може да делува во вас, да сакате и да постапувате според Неговата волја, и да се удостоите со вечен живот.

Кога Христос живее во срцето, душата толку многу ќе биде исполнета со љубов кон Него, и со радост поради непрекинатото одржување на врската со Него, што потполно ќе се прилепи кон Него; и во постојаното размислување за Него, сопственото „јас“ ќе биде потполно заборавено. Љубовта кон Христа ќе биде извор на секоја постапка. Оние коишто чувствуваат дека ги води љубовта кон Христа нема да настојуваат во покорувањето на Божјите барања што помалку да се жртвуваат, ниту ќе бараат мерилото на должноста да се спушти што пониско, туку ќе тежнеат кон совршено покорување на волјата на својот Искупител“. – Мојот живот денес. 7.


Петок 27. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто луѓето со задоволство го слушале Исуса во Неговата јавна служба?

2. Опишете ги вистинските ученици. Што управува со сите нивни постапки?

3. Какви биле чувствата на свештениците и управителите откако Исус по втор пат го исчистил храмот?

4. Кои се некои од причините зошто луѓето го отфрлаат Исуса и Неговата Реч?

5. Опишете колку целосно треба да биде нашето само-предавање?

 <<    >>