Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 14. ноември 2020

Повик на целосна посветеност

„Угледајте се на мене, како и јас на Христос” (1 Коринтјаните 11:1).

„Христос најпрвин избрал неколку луѓе и ги повикал да го следат Него. Потоа тие отишле во потрага по своите роднини и познаници и ги довеле кај Христа. Ова е начинот на кој и ние треба да работиме. Неколку души на избрани и целосно утврдени во вистината треба, како и првите ученици, да работат да пронајдат други”. – Reflecting Christ, p. 245.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Gospel Workers (1915), pp. 111–116. 

Недела 8. ноември

1. ПРИФАЌАЊЕ НА ПОВИКОТ

а. Кои луѓе Исус најпрвин ги повикал да го следат Него, и каков бил нивниот одговор? Марко 1:16-18.

„Кога Исус го повикал Петар и неговите другари да го следат, тие веднаш ги оставиле своите чамци и мрежи. Некои од овие ученици имале свои сродници кои зависеле од нив и кои требало да ги издржуваат; но, кога им бил упатен Христовиот повик, тие не се двоумеле ниту се прашале како ќе живеам и како ќе го издржувам моето семејство? Тие едноставно го послушале повикот; и кога подоцна Исус ги прашал: ‘Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?’ Тие одговорија: ‘Ништо’ (Лука 22:35)”. – Gospel Workers, pp. 113, 114.

б. Кога Исус ги повикал Јаков и Јован, што работеле тие? Зошто треба да бидеме инспирирани од тоа како тие одговориле на Неговиот повик? Марко 1:19,20.

„Бог ќе повика луѓе да го остават плугот и лозјето и ќе ги прати во своја служба, како што Христос ги повикал рибарите да ја остават својата секојдневна работа... Овие посветени Христови слуги нема да бараат највисоки позиции, туку ќе го следат Христа на патот на самоодрекување и жртва и ќе придобиваат души за Спасителот”. – Manuscript Releas¬es, no. 760, p. 11.


Понеделник 9. ноември

2. ЦЕНА НА СЛУЖБАТА

а. Што се случило кога Христовите следбеници го ширеле евангелието? Марко 13:9,12. Како ќе се повтори историјата?

„Во историјата на пророците и апостолите се наоѓаат многу благородни примери на преданост кон Бога. Христовите сведоци радо прифаќале затвор, измачување, па и смрт, отколку да ги престапат Божјите заповеди. Извештајот што е даден за Петар и Јована покажува дека, според покажаната храброст, одвај може да им се најде рамен во Новиот завет. Во нивните зборови и во нивното држење, кога и по вторпат биле изведени пред луѓето кои ја барале нивната смрт, немале ниту малку страв и нерешителност”. – Делата на апостолите, 81.

„Ќе дојде време кога ќе бидеме доведени пред советите и пред илјадници поради Неговото име и секој од нив ќе мора да наведе докази за својата вера”. – Maranatha, p. 252.

б. Каква сигурност ќе имаме кога ќе бидеме изведени да сведочиме пред другите? Марко 13:11; Матеј 10:19.

„Христовите слуги не треба да подготвуваат никаков однапред напишан говор кога ќе бидат изведени пред суд за својата вера. Својата подготовка треба да ја извршуваат секојдневно, собирајќи ги во срцето драгоцените вистини на Божјото Слово, хранејќи се со Христовото учење, зајакнувајќи ја својата вера со молитва; тогаш, кога ќе бидат изведени пред суд, Светиот Дух ќе ги потсети на вистините кои ќе ги допрат срцата на оние што ќе дојдат да ги слушаат. Бог знаењето стекнато со вредно проучување на Светото Писмо ќе го врати во нивното сеќавање во моментот кога тоа ќе биде потребно”. – Our High Calling, p. 356.

в. Иако ќе бидеме омразени од сите луѓе заради Христа, какво ветување Тој им дал на сите свои следбеници? Марко 13:13.

„Делото на спасување не е детска играчка која по желба може да се земе или да се фрли. Конечната победа ќе биде издвојувана со постојано залагање за целта и неуморен труд. Ќе бидат спасени само оние кои ќе издржат до крај. Оние кои трпеливо ќе истрајат во правење на добро ќе добијат вечен живот и бесмртна награда”. – 2 Сведоштво, 101,102.


Вторник 10. ноември

3. НАЈГОЛЕМИОТ СЛУГА

а. Каква цена наскоро Исус требало да плати за гревовите на светот? Марко 9:31; 10:33,34.

„Патувајќи низ Галилеја, Христос повторно се обидел да го подготви умот на Своите ученици за настаните што ги очекуваат. Им рекол дека оди во Ерусалим за да биде осуден на смрт и повторно да воскресне. На тоа додал чудна и свечена изјава дека ќе биде предаден во рацете на Неговите непријатели”. – Копнежот на вековите, 432.

б. Каква била реакцијата на учениците кога Исус им зборувал за Неговите идни страдања? Марко 9:32; 10:32.

„Учениците дури и сега не ги разбрале Неговите зборови. Иако над Него се надвиснувала сенка на голема тага, во нивното срце се нашло место за духот на ривалство. Се расправале меѓу себе кој треба да биде најголем во царството”. – Копнежот на вековите, 432.

в. Како тие покажале дека сè уште не ја разбрале природата на Неговото царство? Марко 9:33-35.

„Иако толку јасно зборувал за она што го очекува, тоа што го споменал фактот дека набргу ќе оди во Ерусалим, повторно ја оживеало нивната надеж дека царството скоро ќе биде воспоставено. Затоа почнале да се прашуваат кој треба да ги заземе најголемите положби...

Спасителот ги собрал своите ученици околу Себе и им рекол: ‘Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите’. Во тие зборови имало нешто свечено и впечатливо, кое било далеку од разбирањето на учениците. Тие не можеле да го видат она што Христос го видел. Тие не ја сфатиле природата на Христовото царство и тоа несфаќање било причина за нивната расправа. Меѓутоа, вистинската причина лежела многу подлабоко. Објаснувајќи ја природата на Своето царство, Христос можеби привремено ја стивнал нивната расправа, но со тоа не ја допреле основната причина. Дури и откако примиле целосно објаснување, секое прашање за првенство, повторно би можело да предизвика расправа. Поради тоа, по Христовото заминување црквата би ја снашла катастрофа. Расправата околу првенството била последица на делувањето на истиот оној дух, кој претставува почеток на големата борба во вселената, поради што Христос морал да се симне од Небото и да умре”. – Копнежот на вековите, 435.


Среда 11. ноември

4. БЛАГОСЛОВИТЕ НА СЛУЖБАТА

а. Кој коментар на Петар ја покажал природата на посветеноста на учениците? Марко 10:28.

„Меѓутоа, сега Исус ги повикал да го напуштат својот поранешен живот и да ги соединат своите интереси со Неговите. Петар го прифатил повикот. Стигнувајќи до брегот, Исус ги повикал тројцата други ученици: ‘Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе’. Тие веднаш оставиле сѐ и тргнале по Него”. – Копнежот на вековите, 246.

б. Што им обезбедува Бог на оние што се жртвуваат за Него? Марко 10:29,30.

„Пред да ги повика да ги остават своите мрежи и рибарските чамци, Исус им дал уверување дека Бог ќе се грижи за нивните потреби. Користењето на чамецот на Петар за делото на евангелието било богато наградено. Оној, Кој е ‘богат за сите кои го повикуваат’, рекол: ‘Дајте, па ќе ви се даде: Добра мерка, набиена, натресена и преполнета’. (Римјаните 10:12; Лука 6:38) Со таа мерка ја наградил службата на учениците. Секоја жртва направена во Неговата служба ќе биде наградена според ‘преголемото богатство на Неговата благодат’ (Ефесјаните 3:20; 2:7)”. – Копнежот на вековите, 249.

„Ако живееме на другите да им правиме добро и да го славиме Бога, нема да обрнеме внимание на себе, туку ќе настојуваме да бидеме од корист во светот, благослов на човечкиот род, и ќе примиме благослов ‘Убаво, добар и верен слуго’ од устите на Учителот...

Видов дека оние што живеат со одредена цел, кои се трудат да бидат на корист и благослов на своите ближни и да го почитуваат и прослават својот Откупител, се навистина среќни луѓе на оваа земја, додека човекот кој е неспокоен, незадоволен, кој постојано нешто се обидува надевајќи се дека ќе пронајде среќа, секогаш е разочаран и полн со забелешки. Нему постојано нешто му недостига и никогаш не е задоволен затоа што живее само за себе. Нека вашата цел биде да правите добро, верно да ја исполните вашата улога во животот.“ – This Day with God, 280.

„Бог во Својата служба не ни ветува леснотија, чест или богатство; меѓутоа Тој нѐ уверува дека сите потребни благослови ќе бидат наши, ‘со прогонства’, а во идниот свет - ‘живот вечен’. Христос нема да прифати ништо помалку од потполна посветеност на Неговата служба. Тоа е поука што секој од нас мора да ја научи”. – 5 Сведоштво, 42.


Четврток 12. ноември

5. ПОВИК УПАТЕН ЗА НАС ДЕНЕС

а. Што треба да биде првиот приоритет во нашиот живот денес, без оглед на животниот повик? Матеј 6:33.

„Ние не треба да се впуштаме во работи кои би го попречувале извршувањето на Неговата правда преку нашиот карактер и живот, ниту пак смееме да се занимаваме со таква работа и копнееме по такви задоволства. Што и да правиме, треба да биде направено од срце, како за Господа”. – Мисли од гората, 99.

б. Што треба да нè мотивира? На кој начин? 2 Коринтјаните 5:14,15.

„Кога нашето ‘јас’ ќе исчезне во Христа, вистинската љубов извира спонтано. Тоа не е емоција или импулс, туку одлука на посветената волја која не се состои во излив на чувства, туку во целосна промена на срцето, душата и карактерот на христијанинот кој умрел за себе, а живее за Бога. Нашиот Господ и Спасител бара од нас целосно да му се предадеме, за да може да нè употреби онака како Тој смета дека е соодветно. Сè додека не дојдеме до оваа точка на предавање, нема да работиме среќно, корисно или успешно било каде”. – Коментари на библиските текстови, 699,700.


Петок 13. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како реагирале учениците кога биле повикани да работат за Учителот? Како Бог се грижи денес за своите работници?

2. Што можеме да правиме секој ден за да се подготвиме да станеме сведоци за Бога? Како Тој ќе ни помогне во нашето време на потреба?

3. Додека Исус се обидувал да ги подготви учениците за сцените на Неговото страдање, што се случувало меѓу нив? Зошто?

4. Пред Исус да побара од учениците да ги напуштат своите професии, каква сигурност им дал? На кој начин? Што можеме да научиме од ова?

5. Кои треба да бидат нашите критериуми кога одлучуваме која кариера да ја избереме или со каква дејност да се занимаваме?

 <<    >>