Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 19. декември 2020

Напуштени од пријателите и непријателите

„И откако Го оставија, сите се разбегаа” (Марко 14:50).

„(Божјиот Син) бил мачен, презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања. Величеството небесно мораше да го напушти местото на своето делување одново и одново бидејќи сатаната ја ранувал Неговата пета. Злобата на сатаната конечно го достигнала својот врв кога успеал да ги инспирира и контролира умовите на злите луѓе да Го распнат”. – Christ Triumphant, p. 248.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 698-715. 

Недела 13. декември

1. ПРЕДАДЕН ОД СТРАНА НА ПРИЈАТЕЛИТЕ

а. Како Јуда го предал Исуса? Марко 14:10,11,43-46.

„Случајот со Јуда ми беше прикажан како поука за сите. Јуда бил со Христа во текот на целиот период на Негова јавна служба. Тој имал сè што Христос можел да му даде. Доколку ги искористил своите можности со искрена посветеност, можел примените таленти да ги умножи. Доколку, наместо себичното сомневање и критикување се стремел за благослов, Христос би го употребил за да го унапреди царството. Но Јуда бил шпекулант. Тој мислел дека може да управува со финансиите на црквата, а со својата остроумност во работата да стекне профит. Тој бил дволичен во срцето. Тој ги сакал пофалбите на светот. Одбил да се откаже од светот заради Христа. Никогаш не ги посветил своите вечни интереси на Христа. Неговата вера била површна па затоа шпекулирал на сметка на својот Учител и го предал на свештениците, бидејќи бил целосно убеден дека Христос нема да дозволи да го фатат”. – Коментари на Библиските текстови, 479.

б. Како ова било проречено? Псалм 41:9.


Понеделник 14. декември

2. НАПУШТЕН ОД БЛИЗОК ПРИЈАТЕЛ

а. Кога Исус им кажал на учениците дека сите ќе се соблазнат заради Него, што Петар упорно тврдел? Што уште Исус им открил? Марко 14:27-31.

б. На кој начин се исполниле зборовите на Исус? Марко 14:66-72.

„По предавството откако Исус бил одведен на сослушување, Петар одел зад него. Бил многу загрижен и сакал да види што ќе се случува со Исуса. Меѓутоа, кога го обвиниле дека и тој е еден од Христовите ученици, се исплашил за својата безбедност и изјавил дека не Го познава тој Човек. Учениците биле лесно препознатливи по чистотата на нивното зборување; и Петар, со цел да ги убеди своите обвинители дека тој не е еден од Христовите ученици, се одрекол од Него три пати со клетва и преколнување”. – Рани списи, 169.

„Кога кукуригањето на петелот го потсетило на Христовите зборови, изненаден и вчудовиден со она што тукушто го сторил, се свртел и го погледнал својот Учител. Во тој миг и Исус го погледнал Петра, и тој жалосен поглед, во кој се мешало сочувство и љубов, му помогнал на Петар да се сфати себеси. Излегол и леел горчливи солзи. Тој Христов поглед му го скршил срцето. Се нашол на пресвртница и длабоко се покајал за својот грев... Христовиот поглед му обезбедил простување”. – Христовите очигледни поуки, 152,154.

в. Како старозаветните писатели го изразиле ова чувство на напуштеност? Псалм 88:8 (прв дел); 69:8, Јов 19:13,14. Зошто Исус го дозволил ова?

„Заради спасението на грешниците Исус го оставил Својот небесен дом и дошол на Земјата да страда и да умре. Тој се мачел и молел во агонија, додека не му препукнало срцето, бивајќи напуштен од оние кои дошол да ги спасува, пролевајќи ја својата крв на Голгота”. – Посветен живот, 82.

„Само вечната љубов, која секогаш ќе остане тајна, можела да го одведе Христа да ја напушти небесната слава и почести и да дојде во овој грешен свет, каде ќе биде презрен и отфрлен од страна на оние кои дошол да ги спаси”. – 2 Сведоштво, 207.


Вторник 15. декември

3. ПРЕЗРЕН И ОТФРЛЕН ОД ЛУЃЕТО

а. Што се случило со сведоците донесени од првосвештениците за да сведочат против Христа? Марко 14:55-59.

„Биле поткупени лажни сведоци за да Го обвинат Исуса за поттикнување на бунт и за обид за основање на посебно владеење. Меѓутоа, нивното сведочење се покажало несигурно и контрадикторно. При истрагата ги побивале сопствените тврдења...

На тој начин биле извртени Христовите зборови. Кога тие зборови би биле изнесени онака како што Тој ги изговорил, не би можел да го осуди ниту Синедрионот”. – Копнежот на вековите, 705.

б. Кога го прашале дали Тој е Христос, Синот Божји, каков бил одговорот на Исус? Како првосвештеникот ги примил овие зборови? Марко 14:61-64.

„Уверувањето измешано со гнев го навело Кајафа да постапи онака како што постапил. Бил бесен на самиот себе што верува на Христовите зборови, но наместо да го раскине своето срце во длабоко чувство за вистината и да признае дека Исус е Месија, тој ја искинал својата првосвештеничка облека во знак на решително противење. Таа постапка имала длабоко значење. Меѓутоа, Кајафа не ја сфаќал нејзината смисла. Со таа постапка, направена за да влијае на судиите да Му изречат смртна пресуда на Христа, првосвештеникот се осудил себеси. Според Божјиот закон, тој се дисквалификувал за свештеничкиот повик. Тој сам на себе си изрекол смртна пресуда”. – Копнежот на вековите, 708.

в. Како се исполнило пророштвото на Исаија во судењето на Исус? Исаија 53:3,7.

„Посматрајте го Оној кој со еден збор можел да повика легии на ангели да му помогнат, кој бил предмет на шега и потсмевање, навреди и омраза. Тој себе се дал како жртва за грев. Кога го навредувале, Тој не се заканувал; кога лажно го обвинувале, Тој не ги отворал устата. Тој се молел на крстот за своите убијци. Тој умрел за нив; Тој платил неизмерна цена за секој од нив. Ја носел казната за гревовите на човекот без мрморење. А оваа несфатлива жртва бил Божјиот Син”. – Lift Him Up, p. 233.


Среда 16. декември

4. НАПУШТЕН ОД ОНОЈ КОЈ МУ УДОВОЛУВА НА НАРОДОТ

а. Каков бил односот на Пилат кон Исусовото молчење? Марко 15:2-5.

„Тој (Пилат) не поверувал дека затвореникот ковал заговор против власта. Неговата кротка и понизна појава била во целосна нехармонија со тие обвинувања. Пилат бил уверен дека бил скован голем заговор за да се уништи еден невин човек, кој стоел на патот на еврејските достоинственици. Обраќајќи Му се на Исуса, Пилат прашал: „Дали си Ти цар јудејски?“ Спасителот одговорил: ‘Ти велиш’. И додека зборувал, Неговото лице блескало, како да Го осветлиле сноп од сончеви зраци”. – Копнежот на вековите, 726.

б. Како се обидел Пилат да го спаси Христа? Марко 15:6-11.

„Пилат...се сетил на еден обичај што би можел да го искористи за да го ослободи Христа. Било вообичаено на празникот Пасха да ослободи еден затвореник, кого ќе го избере народот. Овој обичај бил од паганско потекло; во него немало ниту сенка од праведност, но бил многу ценет од страна на Евреите. Во тоа време во рацете на римската власт се наоѓал еден затвореник по име Варнава, кој бил осуден на смрт... Прикривајќи се под наметката на верско воодушевување, тој всушност бил закоравен и безнадежен злосторник, склон на бунт и суровост. Давајќи им на Евреите можност да изберат дали ќе го спасат тој човек или пак невиниот Спасител, Пилат се надевал дека кај нив ќе се разбуди чувството на правда. Се надевал дека за разлика од свештениците и поглаварите, кај народот ќе ја задобие нивната наклонетост и сочувство кон Исуса”. – Копнежот на вековите, 733.

в. Иако Пилат бил убеден дека Христос е невин, што направил тој? Зошто? Марко 15:12-15; Матеј 27:24.

„Пилат копнеел да го ослободи Исуса. Но тој увидел дека не може да го стори тоа, а сепак да ја задржи својата позиција и чест. Наместо да ја изгуби својата световна моќ, тој избрал да жртвува еден невин живот. Колкумина, за да избегнат загуба или страдање, на сличен начин го жртвуваат начелото. Совеста и должноста укажуваат на еден пат, а личниот интерес на друг”. – Conflict and Courage, p. 324.


Четврток 17. декември

5. БОГ НИКОГАШ НЕ НÈ ЗАБОРАВА

а. Како Христовата човечка природа се манифестирала во часот на Неговата смрт? Марко 15:34. Како Христос успеал да ја добие победата над ова чувство на напуштеност?

„Среде страшната темнина, привидно напуштен од Бога, Христос ги испил последните капки од чашата на човечката болка. Во тие ужасни часови Тој се потпирал на доказите кои Таткото дотогаш му ги дал за тоа дека Го прифаќа. Тој го познавал карактерот на Својот Татко. Ја разбирал Неговата правда, милост и Неговата голема љубов. Со вера се потпирал на Бога, Кого секогаш со радост го слушал. Кога покорно се предал на Бога, исчезнало она чувство дека ја изгубил наклонетоста на Таткото. Со вера, Христос бил победник”. – Копнежот на вековите, 756.

б. Иако можеби ќе нè напуштат најблиските и најмилите, што ни ветува Бог? Евреите 13:5 (втор дел); Исаија 49:16.

„Имајте доверба во Господ Исус за да ве води чекор по чекор кон вистинскиот пат. На секој следен чекор вашата храброст и сила можат да произлезат од сигурноста дека вашата рака е во Неговата рака. Можете да ‘трчате и да не постанувате’, можете да ‘одите и да не се уморите’, зашто со вера можете да сфатите дека вашата рака е во Христовата рака. Нема да потонете под обесхрабрување, бидејќи додека напредувате во познавањето на Господ, имајќи доверба во Него, ќе добивате и уверување дека Оној кој никогаш не ги остава оние што целосно му веруваат е вашиот постојан Помошник”. – The Upward Look, p. 320.


Петок 18. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои особини на Јуда се покажале како причина за неговата пропаст?

2. Зошто Петар бил наведен да се откаже од Христа?

3. Зошто лажните сведоци погрешно ги пренеле Христовите зборови?

4. Зошто Пилат дозволил еден невин човек да умре? Како и ние можеме да дојдеме во опасност да постапуваме на сличен начин?

5. Како Исус пронашол мир кога се чувствувал напуштен од Бога?

 <<    >>